Триесет и втора недела по Педесетница (Недела по Богојавление) – Света Архиерејска Литургија во храмот „Света Недела“, во Битола

На 22.01.2023 г., во Триесет и втората недела по Педесетница (Недела по Богојавление), кога го празнуваме споменот на Светиот Филип, митрополит Московски и споменот на Светиот маченик Полиевкт, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на  протоереите Златко Костовски, Пенчо Пусовски, протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и ѓаконот Александар Маргулевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченица Недела, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Оние што седеа во темнина и смртна сенка, им изгреа голема светлина!“ (сп. Мат. 4, 16).

Денес во оваа недела по Богојавление или просветление (просвештение), браќа и сестри, го слушнавме Светото Литургиско Евангелие, во кое се говореше она што било претскажано од пророците, особено од Светиот пророк Исаија дека Спасителот наш Господ Исус Христос по Неговото крштение се настанил да живее во Капернаум, а Капернаум се наоѓа во земјата Тирска и Сидонска, во пределите Нефталимови и Завулонови, како што читаме во Светото Писмо. Во овие незнабожечки предели, се наоѓа и Назарет, како што се вели во Светото Писмо, во земјата Завулонова и Нефталимови, отаде Јордан, Галилеја незнабожечка е.

И токму во оваа незнабожечка земја, дошол Спасителот наш Исус Христос, Кој е светлина од светлина, како што читаме во нашиот Символ на Верата, за да ги просветли незнабошците, кои живееле во темнина и смртна сенка.

Во темнина и смртна сенка, се и сите оние кои ја немаат верата на нашиот Спасител Господ Исус Христос, зашто човекот е создаден од Бога, со назначување да биде цар на созданието на земјата, односно венец на сè создадено на земјата. Човекот е создаден да биде бог по благодат, но бидејќи нашиот прататко Адам и нашата прамајка Ева, беа измамени од сатаната, згрешија и умреа, најнапред духовно, а по многу години кога се исполни времето и телесно.

Светиот апостол Павле ќе рече: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме и умревме“(сп. Рим. 5, 12) , за да дојде новиот Адам, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој ќе нè подигне од смртната сенка, Кој ќе ја подигне нашата падната природа и ќе ја вознесе на небесата, седејќи оддесно на Отецот со Своето тело, кое по природа е исто со нашето човечко тело, т.е. во сè еднакво, освен во гревот.

Светиот пророк Исаија, знаел дека луѓето што не веруваат во Бога, живеат во голема измама, зашто не ја знаат вистинската вера во Троичниот Бог, Отецот и Синот, и Светиот Дух, не живеат согласно со учењето на нашата Света Црква, со науката Христова, според Светото Писмо, Светото Предание, и учењето на Светите Отци. Токму затоа Светиот пророк Исаија, говори за тоа каква е состојбата на оние кои незнаат за вистинскиот Бог. Истиот пророк ќе рече: „Волот го познава Својот Господар, и магарето јаслите на Господарот Свој,. а Израил народот Мој, не знае за Мене“(сп. Иса.1, 3).

Не дека Израилците не Го знаеле Бога, туку тргнале по лошите патишта и се откажале од Бога т.е. не живееле според Неговите Заповеди, кои Господ им ги дал преку Светиот славен пророк Мојсеј на Синајската Гора. Затоа оние кои го немале правиот и вистински пат за Царството Небесно, тргнале по многуте различни патишта, кои не водат во Царството Небесно, туку водат во пропаст, во адот, односно во пеколот. Токму затоа е кажано дека луѓето што не живеат во согласност со верата, која нам не ни е откриена и дадена од обичен човек, ниту од ангели соопштена, туку од Самиот Бог, Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој заради нас и заради нашето спасение, Себеси осиромаши, т.е. од совршен Дух благоволи да стане човек, еднаков во сè на нас луѓето, освен во гревот, да поживее со нас луѓето и да ни ја открие вистинската вера за Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и да нè научи како да живееме и да Го прославуваме Бога. Ете, заради нас и заради нашето спасение, Спасителот Христос, доброволно благоволи биде мачен, биен, плукан, шамаран, и трнов венец да Му стават на главата, Крстот да го носи на Голгота, под кој паѓал и на кој бил распнат, пролевајќи ја за нас Својата Света и спасоносна Крв. По распнувањето и погребението, Христос нашиот Бог и Спасител, на третиот ден воскреснал од мртвите, и се вознесе на небесата, со нашата човечка природа за да ја прослави, но им Го испрати Светиот Дух на Апостолите на Педесетница, Духот на вистината, Кој од Отецот исходи.

Ете, не некој друг, како што кажавме, туку Самиот Бог, Синот Божји, Логосот, Кој прими човечка природа, покрај Божествената што ја имаш. Ете, тој ни ја откри нашата Света Православна вера, браќа и сестри.

Но, луѓето не живееја според верата, туку како што вели Светиот апостол Павле, се изедначија со животните, т.е. почнаа да живеат живот, не според Божествената наука туку според страстите и похотите, според желбите за телесни наслади и уживања, правејќи лоши дела. Таквите луѓе, вели Свети апостол Павле, наместо да Го слават Бога, почнаа да ги слават созданијата, т.е. сонцето, месечината, ѕвездите и природните нешта, сами изедначувајќи се со Бога. Токму заради тој пад на човекот, Спасителот Господ Исус Христос дошол на земјата, а како што слушнавме и од денешното Свето Евангелие, дошол и во земјата Завулонова и Нефталимова, за да проповеда покајание со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 4, 17). Со овие зборови проповедал покајание и Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител Господов, кој дошол да го подготви патот за Христа нашиот Бог и Спасител, да ги израмни долините и патиштата, за доаѓањето на Христа Спасителот.

Ете, токму тоа е и целта на нашето создавање, за да го задобиеме Царството Небесно, поточно Божјата благодат, која всушност е Божествени несоздадени енергии или сила Божја, која нам ни се дава преку Светите Тајни и молитвословијата, преку подвизите, постот и молитвата. Должноста на секој од нас е да живееме во согласност со учењето на Светата Православна Црква и Вера, зашто Господ токму тоа и нам ни го посочува дека ние треба да ја исполнуваме Неговата волја, бидејќи рекол: „Моја мајка, Мои браќа и Мои сестри, се оние што ги исполнуваат Моите Заповеди“ (сп. Мат. 12, 47-48).

А за тоа дека ние можеме да ги исполниме Божјите заповеди, доволни се зборовите што ги кажал Господ Исус Христос, кој вели: „Кој не се одрече од себе и не го земе својот Крст, и не врви по Мене, нема да има живот вечен“ (сп. Лука 9, 23). Да се одречеме од себе, браќа и сестри, значи да се одречеме од нашата човечка волја за животни наслади, т.е. за угодување на телото повеќе отколку на душата.

Потребно е да се чува телото, бидејќи Господ за да се грижиме за телото, ни дал шест дена да работиме, а седмиот ден побарал Нему да Му го посветиме. Но ние православните христијани, кои сме крстени и миропомазани, во неделните денови сите не доаѓаме во храмот Божји, за да го прославуваме Бога, и по две илјади години од проповедањето на словото Божјо, во нашата библиска земја Македонија. Ако во Битола нè има некаде околу четириесет и пет до педесет илјади православни христијани, колку нè има во неделите? Ако се преброиме, ќе видиме дека ни еден насто не сме присутни во храмот Божји, а тоа значи дека не ја исполнуваме оваа заповед Божја, шест дена да работиме, а седмиот ден на Бога да Му го посветиме.

Исто така, Господ укажал и на тоа дека ние треба да го земеме својот крст, а тоа значи да ги земеме нашите страдања, потешкотии, маки, искушенија, неволји, болестите и сè што ќе нè снајде во животот, зашто Светиот апостол Павле вели дека Господ нема никогаш да ни даде поголеми искушенија, страдања, маки, потешкотии и жалости, отколку што можеме да поднесеме.

Спасителот Христос рекол: „Без Мене не можете ништо да правите“ (сп. Јован 15, 5), а пак, Свети апостол Павле вели: „Сè можам со Христа нашиот Бог, Кој ми дава сила“ (сп. Филип 4, 13). Што значи, искушенијата, страдањата, болестите и потешкотиите, можеме да ги совладаме и поднесеме со силата Божја, со силата која ни ја дава Спасителот наш Господ Исус Христос, благодатта Божја.

Па така, браќа и сестри, да не заборавиме дека ние имаме назначување да бидеме богови по благодат.

Благодатта Божја, браќа и сестри, е силата која нам ни се дава преку Светите Тајни, преку која можеме да правиме добри дела, а кога тие добри дела ќе ги направиме, истите ќе бидат показател дека ќе го наследиме Царството Небесно

Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој е Светлината која им изгреа на луѓето што седеа во темнина и во смртна сенка, дошол во светот за да ги просветли луѓето и да ги избави од гревот и смртта. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар