Триесет и трета недела по Педесетница (Недела на Закхеј) – Света Архиерејска Литургија во храмот „Пресвета Богородица“, во Битола

На 29.01.2023 г., во Триесет и трета недела по Педесетница (Недела на Закхеј), кога го празнувавме споменот на Светите маченици Певсип, Елевсип, Малевсип и нивната баба Леонила, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, ерејот Игор Ризановски и протоѓаконот Драган  Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола. На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Денес дојде спасение на овој дом!“ (сп. Лука 19, 9).

Денес, браќа и сестри, е триесет и третата недела по Педесетница, која уште се именува како недела на Закхеј.

Нашиот Спасител Господ Исус Христос, дошол во светот да го побара и спаси загубеното, односно загубениот човечки род, кој заради својата гревовна состојба отпаднал од Бога. За тоа ни говори и старозаветниот пророк Исаија, кој за Господа Исуса Христа вели: „На мене е духот на мојот Бог, Кој ме испрати да им објавам слобода на луѓето кои се заробени во затворите, на болните лекување, на слепите прогледување“ (сп. Иса. 61,1). Понатаму Светиот пророк Исаија објаснува како Спасителот Христос, треба да дојде како Месија, како Спасител на човечкиот род, за да ги спаси луѓето од гревот и смртта.

Па еве во оваа недела, именувана недела на Закхеј, Господ Исус Христос бил во градот Ерихон и кога влегувал во градот Ерихон, имало еден слеп човек, од раѓање, по име Вартимеј, кој ниту тој згешил, ниту родителите негови, туку да се покаже славата Господова, го излекувал од неговата слепост.

Народот од сите страни се собирал и туркал околу Господа Исуса Христа, барајќи прошка за гревовите и лек за болестите, а таму меѓу таа толпа на народ, бил и цариникот Закхеј, кој бил голем грешник, т.е. бил началник на цариниците во Ерихон. Закхеј длабоко во душата и срцето посакувал барем да Го види Христа нашиот Бог и Спасител, и со Христовиот поглед да почувствува мир во својата душа, зашто се чувствувал како многу грешен, иако бил еден од најбогатите луѓе во градот Ерихон.

А кои биле цариниците, браќа и сестри? Тие биле најозогласените луѓе кај евреите, кои иако потекнувале од тој народ, сепак се сметале за непријатели на еврејскиот народ, бидејќи работеле за оној што ги поробил евреите, а тоа бил кесарот т.е. римски цар. Митарите собирале данок за римскиот цар, но во собирањето на данокот биле немилосрдни, бидејќи од сиромасите, сираците и вдовици, надземале повеќе отколку што требало според законот. На таков начин тие го полнеле буџетот на својот дом, па така станувале многу богати, како и денес меѓу нашиот народ, многумина богати луѓе, стануваат богати на сметка на сиромашните луѓе.  Денес, малкумина од богатите луѓето се како Закхеј, кои јавно ги признаваат своите гревови за нечесното стекнување на имотот.

Еве, Закхеј, кога сакал да Го види Господа, потскокнувал, бидејќи бил многу низок, па си рекол во себе: „Добро е да истрчам напред каде што Христос ќе помине или да се качам на една смоква, од каде Неговото Свето око, сигурно ќе ме види“.

Но Господ, Кој сè гледа, и ги знае нашите срца, мисли, чувства, желби, похоти, страсти и сè што е во нас, знаел однапред кој е Закхеј, односно дека Закхеј чувствувал грижа на совеста за неговиот нечесен живот и барал прошка за гревовите, па токму затоа се качил на смоквата, а Господ кога се приближил го здогледал и му рекол: „Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом“ (сп. Лука 19, 5), а овој кога ги слушнал овие зборови, дека Господ Исус Христос сака да влезе во неговиот дом, веднаш слегол и Го примил во својот дом Господа Исуса Христа.

Закхеј, возљубени браќа и сестри, бил многу богат човек, па кога дома ги пречекувал гостите, сите во неговото семејство, заедно со слугите служеле, а тој бил господарот што седел на челното место, но овој пат Закхеј, е оној што Му служи на Господа.

Закхеј, Му пристапил на Господа и умилно барал прошка за своите гревовни. Во тој момент неговото срце почнало да се чисти и неговиот ум да се просветлува (од гревовите), па затоа Му вели на Христа: „Господи, еве половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам“ (сп. Лука 19, 8).

Тогаш Господ, кога видел дека покајанието на Закхеј е искрено и дека тој сака да се спаси, му рекол на Заккхеј: „Денес дојде спасението на овој дом, зашто и тој е син Авраамов“ (сп. Лука 19, 9).

Возљубени, Закхеј навистина се спасил, заедно со неговото семејство, со жената, децата и се почувствувало дека сите тие заедно со Закхеј станале христијани, станале синови Божји, а народот што го видел тоа почнал да негодува и да вика за Христа Господа, дека отишол во куќата на грешен човек, заборавајќи дека доаѓањето на Синот Божји, на Спасителот наш Исус Христос, не било доаѓање поради некоја принуда, туку од преголемата љубов Божја, за да го спаси грешниот човек. Ете, затоа Синот Божји, Кој е совршен Дух, посакал да се понижи Себеси, да осиромаши, да се изедначи со нас луѓето во сè, освен во гревот, да стане човек, да поживее со луѓето, да страда доброволно, да биде биен, да биде шамаран, да биде плукан, да биде навредуван, трнов венец на главата да Му стават, Крстот да Му Го дадат да го носи, на кој потоа бил распнат и ја пролеал Својата Света Крв заради нас и нашето спасение.

Ете, причината за доаѓањето на Синот Божји на земјата, е од преголемата љубов на Отецот, Кој Го испраќа Својот Синот во светот за да го спаси човечкиот род. Па затоа, браќа и сестри, после сите овие нешта што ги слушнавме, должни сме да размислиме дека нашиот Бог и Спасител, дошол во светот да го побара и да го спаси загубеното, како што дошол да ја најде загубената овца, оставајќи ги деведесетте и деветте овци.

Спасителот не дошол во светот заради праведниците, туку дошол заради грешниците и покажал голема љубов кон грешниот човек. Исто така и ние треба да покажеме љубов кон грешните луѓе, затоа што и ние сме грешни, а можеби сме и погрешни од оние што ги именуваме за грешни, бидејќи ако Светиот апостол Павле, кој е првоапостол со Свети апостол Петар, вели за себе: „Не сум достоен да се наречам Христов апостол, оти ја гонев Црквата Божја“ (1. Кор. 15, 9-10), а потоа објаснува дека направил многу повеќе т.е. поголема ревност покажал за верата од другите апостоли, па додава: „Не јас, туку благодатта Божја што е во мене“ (1. Кор. 15. 10 ), таа сила, таа светлина божја, тие несоздадени енергии Божји, кои ние ги примаме преку Светите Тајни, а особено преку Светата Тајна Евхаристија, Причесната, можеме да се ослободиме од гревовите.

Замислете, ако Закхеј, кој бил началник на цариниците, јавно признал дека е грешен човек, тогаш да се запрашаме, дали меѓу нас има некој што јавно ќе ги признае своите гревови. Нема таков човек, бидејќи сите ние ги криеме своите гревовите.

Во раната Црква, луѓето јавно ги исповедале гревовите. Еве, како што сега стоиме во храмот, кога ќе дојдело времето за исповедта, секој јавно го кажувал својот грев што го направил, а денеска ние и тајно се плашиме да ги исповедаме нашите гревови пред свештеникот. Зошто? Оти ѓаволот нè учи да ги криеме гревовите и да умреме непокаени. Ако ги скриеме гревовите и умреме непокаени без да ги исповедаме, тогаш нема да ни бидат простени гревовите, а тоа е лукавство на лукавиот, на сатаната.

Затоа, возљубени браќа и сестри, ако Закхеј собрал снага јавно да ги исповеда своите гревови и јавно да каже дека земал данок од сиромаси и сираци за да се збогати, а потоа додал дека ако нешто зел несправедливо, четворно ќе го врати (види Лука 19, 8). Има ли меѓу нас такви, меѓу побогатите и најбогатите што денеска ќе речат дека половината од богатството ќе го дадат на сиромаси. Нема! Жалосно е, но факт е дека нема, а сме христијани: крстени, миропомазани, венчани во Црквата, се исповедаме, се причестуваме и.т.н., но сето тоа некако како формално да го правиме. Спасение ни нема, ако сето тоа формално го правиме, т.е. ако не е од длабочината на душата, како што е случајот со Закхеј, кого никој не го натерал да оди да се качува на смоквата за да Го види Господа, освен неговата желба да се покае за неговите гревови. Закхеј почувствувал дека е грешен и јавно ги исповедал своите гревови.

Затоа, браќа и сестри, овој прекрасен пример што ни го дава нашата Света Православна Црква, пред почетокот на Велигденскиот пост, нека ни биде образец како правилно треба да го започниме Велигденскиот пост.

Немојте формално да постите како што вели Свети Климент т.е. да не јадете месо, да не јадете мрсни јадења, а своите браќата  да ги изедувате. Што фајде од тие што постат, а дома се караат, се расправаат, ги понижуваат браќата и создаваат немир. Што фајде од тоа што некоја снаа ќе ја моли за прошка свекрвата, а таа ќе и рече: „Tи простувам, ама сега мавни ми се од пред очи, за да не те гледам“. Такви се кај нас проштевањата. Наместо свекрвата да потрча и да побара прошка од снаата, за таа да се засрами и да и поцрвенее лицето нејзино пред свекорот и пред момчето нејзино, очигледно е дека ние го правиме спротивното.

Денес ние не сакаме да се исповедаме пред свештеникот и да кажеме сè што сме направиле, бидејќи се плашиме дека свештеникот за нас ќе мисли многу поинаку т.е. дека сме никакви.

Не е битно свештеникот како ќе мисли, зашто и тој е грешен човек, но тој не смее било каков грев да каже од исповеданите гревови на верниците, зашто ако некој верник, кој се исповедал, дознае дека неговиот грев го кажал свештеникот, одма нека дојде кај мене како кај владика, а јас веднаш ќе го расчинам (распопам) тој свештеник. Тоа се црковните закони, т.е. ниеден свештеник не смее да каже ниту еден грев, но вие немојте, кога ќе се исповедате, да мислите дека пред човек се исповедате. Ние не се исповедаме пред луѓето, туку пред Бога (се исповедаме), а свештеникот е само сведок дека сме искрени во кажувањето на своите гревови пред Бога. Па така на тој начин заради нашата искреност, заради желбата да ни бидат простени гревовите, Господ ќе ни ги прости гревовите преку свештеникот, а ние потоа треба да направиме добри дела спротивни на гревовите, т.е. ако сме лажеле, секогаш понатаму да ја кажуваме вистината, ако сме краделе, да го вратиме украденото или ако не можеме да го вратиме украденото од оној што сме зеле, тогаш барем како Закхеј, половината од нашиот имот да го дадеме на сиромаси и на оние кои имаат потреба од тоа.  Слободно давајте милостина, зашто земните богатства се времени и никој не дошол со земни богатства на овој свет, ниту ќе однесе нешто од земните богатства на оној свет.

Да се помолиме, преку молитвите и застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и на Сите Свети, Господ да нè помилува и да нè спаси. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар