Недела на митарот и фарисејот – Светa Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола

На 05.02.2023 г., во Неделата на митарот и фарисејот, кога го празнуваме споменот на Светиот свештеномаченик Климент, епископ Анкирски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храмот Свети Великомаченик Димитриј, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Секој што ќе се возвиси, ќе биде понизен, а оној кој се смири и понизи ќе биде возвисен” (сп. Лука 18, 14).

Браќа и сестри, оваа Недела е наречена Недела на митарот и фарисејот. Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој е срцепознавач, Кој ги знае нашите срца, нашите чувства, мисли и помисли, ете, токму заради тоа ја кажал оваа парабола, која е една од најкратките параболи во Светото Писмо, со цел да ја опише и објасни состојбата на луѓето, од кои едни се превознесени, горделиви и надуени, а други се смирени и кои за себе не мислат високо, туку се сметаат за грешни и недостојни. Токму заради тоа, кога Господ ја кажал оваа парабола, рекол: „Два човека влегоа во храм Божји да се помолат; едниот фарисеј, а другиот митник“(Лука 18, 14). Кај еврејскиот народ, фарисеите, браќа и сестри, биле луѓе, кои секогаш барале да бидат на првите места во храмовите и на трпезите, а исто така, тие исклучиво го знаеле законот Божји и инсистирале на тоа дека тој треба да се исполнува.

Па така, Спасителот наш Господ Исус Христос, во евангелската парабола кажува дека еден фарисеј влегол во храмот и застанал напред за сите да го видат, ги подигнал очите високо кон небото и наглас почнал да се моли со зборовите: „Ти благодарам Боже што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој митник“ (Лука 18, 11-12), кој стоел во позадината на храмот и на колена се молел, немајќи смелост да ги подигне очите кон небото, туку свртен со очите кон земјата, силно со тупаници се удирал во градите и велел: „Прости ми Господи на мене грешниот!“ (сп. Лука 18, 13). На крајот од параболата Господ вели: „Вториот си отиде оправдан“ (сп. Лука 18, 14).

Денешното Свето Евангелие во оваа Недела на митарот и фарисејот, нè потсетува, браќа и сестри, на нашата состојба, односно нè потсетува да се преиспитаме каде се наоѓаме ние во споредба со овие двајца луѓе, од кои едниот е фарисеј, а другиот е цариник или митар.

Ете, гледате како фарисејот застанува горделиво и како се однесува кон другите луѓе. Сите луѓе ги смета за недостојни во споредба со него, ги смета за грешни, за прељубодејци и неправедни, а самиот за себеси вели дека постел два дена во седмицата и дека давал десеток на храмот од сета добивка што ја имал. Со тоа сака да каже дека тој ги исполнува сите наредби или заповеди од Законот.

Фарисејот, браќа и сестри, не бил осуден за тоа што формално ги извршувал Божјите Заповеди или го исполнувал Законот, туку заради тоа што тој не покажал смирение, бидејќи себеси се превознесол и ги понижил другите луѓе, заборавајќи на тоа дека Самиот наш Спасител Господ Исус Христос, колку Себеси се понижил, иако бил Син Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот.

Спасителот Христос, заради нас грешните и заради нашето спасение, благоволил толку многу да осиромаши, односно да излезе од прегратките на Отецот Небесен, од небесата да слезе на земјата, да се понижи Себеси, да прими човечко Тело, во сè еднакво на нашето освен во гревот, да поживее со луѓето, да страда, да ги лекува луѓето од секакви болести, мртви да воскреснува и конечно доброволно да биде, шамаран, тепан, биен, плукан, односно невино да биде осуден на смрт, да го носи Крстот на Своите плеќи, да биде распнат на Крстот, да ја пролее Својата Света Крв, со која нè ослободи нас од гревот и смртта, да биде погребан и конечно да воскресне како првенец од умрените, а потоа да се вознесе на небесата, за да ја вознесе и прослави нашата човечка падната природа на небесата при Отецот и да седне оддесно на Отецот.

Ете, токму во тоа е и суштината на денешното Свето Евангелие, за да им се укаже на луѓето дека тие не ќе можат да го наследат Царството Небесно, ако бидат горделиви и неправедни и ако се сметаат себеси за поголеми од сите и дека ним на луѓето треба ним да им служат, како Спасителот што дошол да послужи, а не да му служат.

Каде сме сега ние во оваа споредба? Дали ние сме таму каде што е овој фарисеј, кој себеси се превознесувал, кој се сметал за најисполнителен човек на Законот Божји, човек кој постел двапати во седмицата и го давал десетокот од својата добивка што ја имал. Дали и ние кога доаѓаме во храмот велиме во себеси, еве овој другиот покрај мене не знае ни правилно да се прекрсти и црковно да се однесува , а дошол во храмот на молитва. Ние наместо на таквиот да му пристапиме со внимание и да го поучиме како треба да се крсти и однесува, ние за жал го осудуваме.

Токму заради тоа и Светите Отци од Стариот и од Новиот Завет покажале смирение, како што покажал смирение и Самиот наш Спасител Господ Исус Христос.

Како што во задниот дел од храмот, цариникот влегол длабоко во својата душа и срце и почнал јавно да се кае за своите гревови, така и многумина старозаветни праведници, пророци, цареви и други учени и неучени луѓе, се каеле за своите гревови. Таков бил Светиот праведниот Јов, кој бил еден од најбогатите луѓе во земјата Уз, кому ѓаволот му позавидел, па затоа тој бил изложен на големи страдања, односно Господ му дозволил на ѓаволот да му одземе сè што има, само да не се допира до неговата душа.

На таков начин, Јова го загубил сето богатство, односно сиот крупен и ситен добиток. Се вели дека при една роденденска веселба, се случил силен земјотрес, кој ја срушил куќата околу која биле собрани и сите негови деца загинале. Потоа праведниот Јов се разболел од најтешка болест, но тој и покрај сето тоа не похулил на Бога, туку напротив велел: „Господ даде, Господ зеде! Нека е благословено името Господово!“ (сп. Јов 1, 21)“.

Светиот пророк и цар Давид, кој е еден од најпознатите цареви во Стариот Завет, се молел со зборовите: „Беззаконието мое го знам и мојот грев е секогаш пред мене“ (сп. Псал. 50, 3). „Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост“ (сп. Псал. 50, 1).

Тој, секоја вечер тој легнувал и со солзи ја натопувал својата перница. По неговиот пример постапувале и другите старозаветни праведници и пророци, а Светиот Јован Крстител, кога дошол при Господа Исуса Христа на реката Јордан за да го крсти, кажал и објаснил, колку е тој грешен, споредувајќи се со Господа, односно дека не е достоен да ги одврзе ремењата од обувките на Господа наш Исуса Христа.

Светиот апостол Петар, кој заради својата грешност што ја почувствувал кога почнал да тони во езерото, затоа што се посомневал, кога врз него наишол еден висок бран, повикал кон Господа: „Господи помагај ми“, а подоцна, сознавајќи ја својата грешност вели: „Оди си од мене Господи, оти јас сум многу грешен човек“ (сп. Лика 5, 8). А Светиот апостол Павле пак, кога зборува за грешниците вели дека: „меѓу нив првиот сум јас“ (сп. 1. Тим, 1, 15), што значи, толку се сметал за грешен, што себеси се става меѓу сите грешници за најголем грешник.

Ниту еден православен христијанин не може да се нарече христијанин и нека не пристапува да ја прими Причесната, ако не се почувствува дека е најгрешен од сите луѓе на светот. Некои од светителите, дури им давале предност на животните во грешноста, односно велеле дека животните се помалку грешни. Кога ние во себе ќе ја почувствуваме грешноста, тогаш сме на правиот пат.

Ние, браќа и сестри, треба да се молиме на Бога, но не со лажни молитви како што се молел фарисејот, кој во своите молитви практично себеси се фалел. Најлошата работа е кога сме самозадоволни, кога мислими дека ние сме исполнети со секаква доблест, со секакви добрини и со сè што е потребно. Тогаш човекот се вознесува и се надувува како балон, а тоа е празнина, па оттаму доаѓа суеверието, од зборот „суе“ кој значи празно, односно празен човек. Само празните луѓе се однесуваат горделиво и превозвишено, кои со својот ум себеси се замислуваат како многу големи, паметни или поточно речено, се ставаат себеси на местото од Бога. А оние, вистинските праведници, кои се чувствуваат себеси како најголеми грешници, се блажени, како што читаме во блаженствата: „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е Царството Небесно!“ (сп. Мат. 5, 3).

Бедни по дух, се оние  луѓе, кои не сметаат ништо за свое од она што го имаат, туку сè што имаат, сè што поседуваат, го сметаат за Божји дар. Ним богатството не им служи за да се гордеат, за тоа колку убави куќи, ниви и полиња имаат, или можеби некои други богатства. Оние кои се бедни по дух, богатството го користат за спасение на душата, бидејќи знаат дека човекот е прав и пепел и дека сме создадени од земја и во земја ќе се вратиме.

Затоа кога се молиме, треба да знаеме како треба да се молиме, а и што треба да побараме во молитвите . Имено, во молитвите, прво е прозбеното молитвено барање, кога од Бога молиме, прошка на нашите гревови, зашто само човек кој искрено се кае за гревовите и бара прошка за гревовите, тој ги минува деновите во каење за направените гревови, бара прошка за нив, прави добри дела спротивни на гревовите и.т.н.

Во молитвите ние треба и да му благодариме на Бога, а ние забораваме дека сè што имаме, сè е дар Божји, па наместо за тоа да му благодариме на Бога, ние мислиме дека тоа е наша заслуга, дека ние сме го спечалиле и дека сме заслужни за тоа. Исто така, треба да го славиме Бога, како што вели старозаветниот пророк: „Не Господи, не нам, не на нашето име, туку на Твоето Име нека биде слава“. Што значи, славата треба да му ја припишуваме на Бога. За тоа , дека сите ние сме грешни, Свети Јован Богослов ќе рече: „Ако кажеме дека грев  немаме, се лажеме сами себе, и вистината не е во нас“ (сп. 1. Јов. 1, 8). Колку пати ние себеси ќе се најдеме во таква состојба и кога ќе се отиде кај свештеникот на покајание и исповед, веднаш почнуваме да кажуваме како не сме убиле никого, како не сме истепале, односно почнуваме да се фалиме со себе, а тоа е најголемата штета што самите себеси си ја правиме, наместо секој од нас да се почувствува дека е погрешен од секој човек кој е на земјата.

Ете, токму затоа ние штом ќе почнеме да се правдаме за нешто што ќе ни биде укажано, односно дека сме направиле некаква грешка или некаков грев, тогаш верувајте дека тоа оправдување е знак дека ѓаволот веќе посегнал во нашата душа и сака да не искушува т.е. не поставува на високо место, како што тој се поставил кога се одделил од Бога, велејќи дека ќе го издигне својот престол горе над ѕвездите и таму ќе се зацари себеси и ќе се превознесе и ќе се постави на местото од Бога.

Затоа во врска со денешното Свето Евангелие, да завршиме, браќа и сестри, со тоа дека треба да ја признаеме нашата грешност, чувствувајќи се како  најгрешни од сите луѓе. Треба да влеземе во нашите души и срца, и да ја пробудиме совеста која што ја имаме, бидејќи таа е непоткуплив судија.

Нема луѓе кои немаат совест, но совеста различно делува кај тие што длабоко навлегле во гревовите, односно оние што се злосторници, убијци и.т.н. Совеста нивна е времено во едена состојба, која се вика спалена совест. Човекот кој што го прави тоа, мисли дека тоа е најдоброто, но на крајот од нашиот живот, кога ќе заминеме од овој во оној свет, совеста се враќа во првобитната состојба, се пробудува и таа нас нè суди. Таа е судијата, кој не е поткуплив.

Истата таа совест ќе ни суди и на Страшниот Суд. Ние прво самите ќе се осудиме за нашата гревовна состојба, бидејќи ќе се пробуди совеста и ќе разбереме што е лошо, а што е добро.

Па затоа, браќа и сестри, еве кога се приближува големиот и спасоносен Велигденски пост, кој е многу значаен за нас православните христијани, затоа што во текот на Велигденскиот пост, ние треба целосно да се преиспитаме за нашата духовна состојба. Во текот на постот ние треба да го прочитаме целото Свето Писмо, бидејќи во старата Црква, сите возрасни кои се крштевале, во текот на Велигденскиот пост го прочитувале целото Светото Писмо и живееле согласно со црковните закони, а на крајот на Велика Сабота се крштевале, за да можат на Велигден со радост да бидат присутни на Божествената Литургија  и да се причестат. Од Велигден, секој ден до Томина, а и секогаш кога се служи Света Божествена Литургија, тие пристапувале и се причестувале со Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител.

Ете во оваа недела на митарот и фарисејот и ние да пристапиме во храмот набожно, искрено и понизно како што митарот пристапил, биејќи се во градите т.е. срцето и барајќи прошка за гревовите, заедно со него да извикаме: „Боже биди милостив на мене грешниот и помилуј ме“. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар