Триесет и прва недела по Педесетница (Недела по Богојавление)– Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Кирил и Методиј“ во Прилеп

На 23.01.2022 г., во Триесет и првата недела по Педесетница (Недела по Богојавление), кога го празнуваме споменот на Свети Григориј, епископ НискиСвети Теофан Затворник, Преподобен Амон и споменот на Свети Маркијан, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение протоерејот Живко Деспотоски, ереите Јове Тренчевски, Душко Делов, протоѓаконите Драган Ѓоргиевски, Васил Ристовски и ѓаконот Златко Гјоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Кирил и Методиј“ (Параклис) во Прилеп. 

На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, благоволи во ѓаконски чин да го ракоположи дипломираниот богослов Златко Гјоргиевски.
Од името на Епархијата, на новоракоположениот ѓакон Знатко Гјоргиевски, му го честитаме ѓаконскиот чин и се молиме достојно да Му служи на Бога и на верниот народ, принесувајќи многубројни плодови.

Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Земјата Завулонова и Нефталимова, на патот кон морето, отаде Јордан, е незнабожечка Галилеја. На луѓето што седеа во темнина и смртна сенка, им изгреа голема светлина“ (сп. Мат. 4, 15-16).

Овие зборови, браќа и сестри, од денешното литургиско Свето Евангелие, Светиот апостол и евангелист Матеј, ги говори осврнувајќи се на Светиот пророк Исаија, за тоа како тој ги гледал овие две земји т.е. Завулоновата и Нефталимовата, кои пропаѓале во морална расипаност, неморал и немање вера во Бога.

Токму во времето кога Синот Божји, Спасителот Христос, доаѓа во светот за да го просветли човечкиот род и доброволно да пострада за нас на Крстот, земајќи ги гревовите на целиот човеки род, од постанокот, па сè до крајот на светот.

Ете, кога веќе си спомнуваме за овој настан, за кој говори Светиот апостол и евангелист Матеј, да си спомнеме и за останатите настани во Светото Писмо, како во Стариот, така и во Новиот Завет, па и во денешно време, кои се однесуваат на темнината во која луѓето живееле, бидејќи ја немале Светлината над светлините, Христа нашиот Бог и Спасител и Неговото Свето учење, кое Он го започнал со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесни“ (сп. Мат. 4, 17).

Исто така, возљубени браќа и сестри, да си спомнеме и за големите празници што одминаа т.е. за Раѓањето Христово (Божик), во кое Го славиме како Богомладенец Христа нашиот Бог и Спасител, Логосот Божји, Кој постојано од Отецот се раѓа, а заради нас грешните и недостојните, благоволи да се роди од Пресвета Богородица, а потоа да пострада на Крст и во третиот ден според Писмото, да Воскресне од мртвите и да се Вознесе на небесата, прославувајќи ја нашата падната природа, со седнувањето од десно на Бога Отецот.

Ако погледнеме во историјата на човештвото, како во Стариот, така и во Новиот Завет, ќе видиме дека луѓето постојано се соочувале со различни болести и епидемии, како што е и оваа заразна болест  Kovid-19, со која ние денес се соочуваме, кога малкумина од нас обрнуваме внимание на нашата духовна состојба и се каеме за гревовите.

Возљубени браќа и сестри, да си спомнеме за луѓето кои живееле во времето на Ное, кој сто и дваесет години им укажувал да се поправат, за да не ги снајде сеопштиот потоп, но тие тоа не го направиле, туку продолжиле да живеат во гревови, иако со своите очи го гледале бродот кој Ное го подготвувал за потопот. Па така, кога настапил сеопштиот потоп, во него загинале сите луѓе од целиот свет, освен Ное со неговото семејство, кои се сместиле во бродот, за одново да отпочне нов живот по потопот. Ете, тоа, браќа и сестри, се повторува и понатаму.

Да си споменуваме и за Светиот пророк Јона, кој беше испратен од Бога при Нинивјаните, за да им проповеда да се вратат од грешниот и блуден живот, во кој тие живееја. Па така, како што читаме во Светото Писмо, тие луѓе се вразумија и побараа прошка за своите гревови, а изразот на нивното покајание беше пропратен со телесен и духовен пост, каде со струнени вреќи ги стружеа своите тела и со пепел се посипуваа, но не постеа само тие, туку ја принудија и стоката да пости. Па така, Господ се смилува на овој четириесет илјаден град и го спаси.

Потоа да си спомнеме и за градовите Содома и Гомора, кои Бог ги уништи, затоа што во нив немаше ни десетмина праведни, а денеска на нивното место се наоѓа Мртвото море, во кое нема никаков живот.

Ете, откако ќе погледнеме на сите овие настани, истите нека ни бидат пример, за да не ги повторуваме тие гревовни состојби на нашите предци.

Токму затоа, Спасителот Христос, откако од Јована беше крстен на реката Јордан и беше искушан од сатаната, Својата проповед ја започнува со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 4, 17), зашто без покајание, нема спасение.

Првото искушение, со кое сатата Го искушуваше Христа, беше сластољубието. Во Светото Евангелие читаме дека кога Спасителот Христос огладне, сатаната Му рече: „Ако си Син Божји, кажи овие камења да станат лебови“ (сп. Мат. 4, 3), но Он го одби со зборовите: „Не живее човекот само од лебот, туку и од секој збор што излегува од устата Господова“, бидејќи не сакаше преку храната т.е. преку сластољубието да биде искушан. Потоа сатаната сакаше да Го воздигне над храмот, за Христос, Синот Божји, да покаже гордост, како Создател на светот, па зато му рече да скокне од храмот, со изговор дека Ангелите ќе Го задржат со своите клилја, да не ја сопне својата нога од камен, но и тоа Господ го одби, со зборовите: „Не искушувај Го твојот Бог“, за најпосле да Го искушува преку среброљубието, велејќи Му: „Сето ова ќе ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш“ (сп. Мат. 4, 9), а Господ му рече: „Бегај од Мене сатано!“ (сп. Мат. 4, 10).

Ете, со истите тие три нешта и ден денес Господ допушта и ние да бидеме искушувани од сатаната, но ни дал Свој личен пример, за да научиме  дека можеме и ние да ги отклониме и да се бориме против тие искушенија, но не со нашата силна волја и духовна способност, туку исклучуво со Божјата помош.

Па така, ако ние ги следиме овие Христови зборови, тогаш сме на правиот и вистинскиот пат.

Да си спомнеме, исто така, и за тоа дека Бог дојде во светот во понижена состојба. Неговиот кенозис т.е. понижувањето на Синот Божји, не беше поради нешто друго, туку поради преголемата љубов кон човекот, кој отпадна од Бога, затоа што не ја исполни единствената заповед, да не јаде од забранетиот плод. Ете, Синот Божји, по благоволението на Отецот, посака доброволно да слезе од небесата и да стане човек, еднаков во сè на нас луѓето, освен во гревот, да се роди најпонизно, не во палата, туку во пештера, која се затоплуваше од здивот на животните.

Возљубени, во такво понижување дојде и ни се јави Синот Божји, за да ни покаже нам недостојните и грешните, дека ако ние сакаме да се спасиме, треба да го следиме Неговиот пример, зашто Христос немаше потреба од тоа, но од преголемата љубов кон нас луѓето дојде во светот и ни се јави, прво како Богомладенец, кога Ангелите ја пееја Ангелската песна: „Слава на Бога во висините, а земјата мир и меѓу луѓето добра волја“ (сп. Лука 2, 14), кога мудреците од Исток, Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна, во знак на Неговата царска, првосвештеничка и пророчка служба, а на празникот Богојавление, кога Христос се Крштеваше на реката Јорда, се јавува целата Света Троица, кога од Отецот се слушна глас од небесата: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ (сп. Мат. 3, 17), а Светиот Дух во вид на гулаб, слегуваше над Него.

Никаде во историјата на човештвото немаме подобар пример за Божјото јавување. Бог се јави, браќа и сестри, за ние да немаме никаков сомнеж дека Бог постои.

Христос доаѓа, за да за да ја подигне нашата падната човечка природа и повторно да ја врати во единство со Бога. Ете, сето тоа Христос го направил исклучиво од преголема љубов кон нас луѓето.

Зошто Христос дошол во понижена состојба? Христовото понижување било за да покаже дека Он е смирен и дека не ја бара Својата волја како човек, туку волјата на Отецот. А што правиме ние во денешно време, браќа и сестри? Дали ние Му возвраќаме на Бога, на Христа нашиот Бог и Спасител, со онаа љубов, со која Он дошол и пострадал заради нас грешните  и недостојните, а потоа Воскреснал и се Вознел на небесата. Не, браќа и сестри, ние тоа не го правиме.

Ние денеска сме вистински сведоци дека живееме во страшна морална криза, која  не е помала од моралната криза во времето кога Христос дошол и проповедал. Ете, тогаш луѓето, како што слушнавме од денешното Свето Евангелие, седеле во темнина и во смртна сенка. Зар денеска ние не седиме во темнина и смртна сенка? Ајде да погледнеме на нас православните христијани, кои сме крстени, миропомазани и венчани, дали доаѓаме во храмот Божји со силна вера и земаме ли учество во Божествената Литургија, каде Христос ни се дава преку Светата Тајна Евхаристија т.е. Причесната, а ние треба подготвени да Го примиме.

Ете, во тоа е суштината на денешното Свето Евангелие, возљубени браќа и сестри.

Еве после оваа страшна епидемија, дали ние извлековме наравоучение (поука)? Не, браќа и сестри, бидејќи додека едни страдаат и се борат со оваа болест, за да опстојат телесно и духовно и додека нивните најблиски жалат и бараат помош, другите уживаат. Слушаме какви сè нечесни работи, односно журки, веселби, прослави за избори, се случуваат токму во време на оваа епидемија. Ете, кој ни кажува како да се однесуваме. Оние што ги носат законите, тие први ги прекршуваат и газат. А ние сè додека молчиме, вака ќе биде.

Исто, како што Христос повикувал на покајание со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 4, 17), така и ние повикуваме на сеопшто покајание, за да се покаеме за сите наши гревови, направени со мисла, помисла, фантазии, со грешни чувства, грешни желби, похоти, страсти и грешни дела. Само на таков начин можеме да се преобразиме и повторно да се вратиме во единство со Бога, ако искрено погледнеме на нашиот недостоен живот и посакаме да се промениме и покаеме т.е. да го промениме умот, од лошо на добро, од недостојно на достојно и од нечесно на чесно. Ако ние тоа го сториме, тогаш секако дека ќе успееме да се просветлиме т.е. за ја задобиеме благодатта Божја, преку Светите Тајни, подвизи, пост, молитва и преку многу пролеани солзи за нашите гревови. Само така можеме да Го задобиеме Светиот Дух, благодатта Божја, која нам ни се дава не по наша заслуга, туку по милоста Божја.

Светиот цар и пророк Давид, во педесетиот псалм вели: „Боже, не одземај Го од мене Твојот Свет Дух“ (сп. Пасл. 50, 11), односно Божјата благодат поради моите гревови. Така и ние да се помолиме, преку застапништвото и молитвите на денешните славеници, Светиот Теодосиј Велики, кој прв го организирал општежитејното монаштво, каде имало монаси од повеќе јазици т.е. народи, како Јудејци, Грци, Ерменци, Грузијци, за кои направил посебни манастири, а во недела ги повикувал сите на заедничка богослужба, зашто сите треба да бидеме едно во Господа.

Затоа и Христос ги испратил Апостолите по двајца, за да го проповедаат Словото Божјо на сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Честит нека е празникот и за многу години.

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар