Сретение Господово – Света Архиерејска Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола

На 15.02.2022 г., кога го празнувавме празникот Сретение Господово, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски, ѓаконите Ѓорѓи Делев и Златко Гјоргиевски,  отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола. 

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот, и е знак против Кого ќе се говори“ (сп. Лука 2, 34).

Браќа и сестри, денес нашата Света Македонска Православна Црква, според стариот календар, го празнува овој празник, кој е посветен на среќавањето на праведниот Симеон со Богомладенецот Христа нашиот Бог и Спасител.

Праведниот Симеон, браќа и сестри, е еден од преведувачите на Светото Писмо од еврејски на грчки јазик, во времето на Птоломеј II, царот Македонски во Александрија. Свети Симеон, кога со преведувањето дошол до Книгата на пророк Исаија, таму прочитал: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди Син, и ќе му стават име Емануил“ (сп. Иса, 7, 14). Праведниот Симеон не можел да разбере како е можно, Оној, Кој што цел свет и целата вселена не може да Го опфати, да се всели во утроба, па затоа сакал да напише жена, место девојка. Тогаш му се јавил Ангел Божји и не му дозволил да напише жена ќе роди, па во истиот момент му соопштил дека нема да умре додека не го види Христа Господа.

Па така, според Мојсеевиот Закон, во четириесеттиот ден, секое машко дете, кое прво ја отворило утробата на својата мајка, се донесувало во Ерусалимскиот храм, да биде посветено на Бога и да се принесат жртви т.е. две еребици или гугутки или две гулапчиња. Едното гулапче претставувало крвна жртва, а другото жртва за очистување од гревовите. Па така, според Мојсеевиот Закон, тоа требало да се исполни.

Христос Богомладенецот, немал потреба од внесување во храмот Божји, бидејќи е Единороден Син на Отецот, од Кого предвечно се раѓа, а еве заради нас и заради нашето спасение, се родил од Пресвета Богородица. Всушност токму во тоа е исполнувањето на Законот Божји, за нам да ни биде покажан пример, како и ние треба да го почитуваме Законот Божји.

Светиот праведен Симеон, практично е границата каде завршува Стариот Закон или Стариот Завет и почнува Новиот Закон или Новиот Завет, зашто Стариот Завет, е Завет на буквата, на Словото, а Новиот Завет, е Завет на благодатта Божја, на Светиот Дух.

Христос Спасителот, како Богомладенец во четириесеттиот ден е донесен во храмот Божји, од Пресвета Богородица и неговиот очув праведниот Јосиф, па кога Него го видел праведниот Симеон, го зел во своите прегратки и рекол: „Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот, и е знак против Кого ќе се говори“ (сп. Лука 2, 34), а на Мајката Божја и рекол: „а на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата т.е. како ќе умре Христос, а тоа се однесува и на нас неговите последователи (христијаните), а потоа ја кажал онаа молитва: „Сега го отпушташ Твојот слуга со мир Владико, според зборовите твои, зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си го подготвил пред лицето на сите народи. Светлина за просвета на незнабошците, и слава на Твојот народ, Израилот!“. Ете, откако ја кажал оваа молитва, тој себеси се ослободил од она што му било кажано од Ангелот дека нема да умре додека не го види Христа Господов.

Возљубени, браќа и сестри, што значи тоа се ослободил? Тоа значи дека тој веќе примил слобода со тоа што станал праведен и го исполнил Божјиот Закон. Кога зборуваме за исполнувањето на Божјиот Закон, Самиот Христос Спасителот вели: „Мене Ме љуби Оној, кој што ги исполува Моите Заповеди“ (сп. Јован 14, 21).

На друго место Христос Спасителот вели: „Еве чукам на вратата на твоето срце и кој што ќе го чуе Мојот глас и ми ја отвори вратата, Јас ќе се вселам во него и ќе бидам со него и тој ќе биде со Мене“. Токму тоа и се случило. Сега да појасниме одредени работи во врска со овој голем празник Сретение Господово.

Што значат зборовите: „Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина“ (сп. Лука 2, 34). Тоа значи дека со Христовото раѓање во светот, практично требало да се покаже дека Он не дошол за друго, туку за да остане слуга. Оној, Кој што од преголема љубов кон човечкиот род го создал светот, ете, по благоволението на Неговиот Отец, благоволи доброволно да дојде во светот и да се воплоти од Светиот Дух и да прими човечко тело од Пресвета Богородица, да поживее меѓу луѓето, за да ги научи на вистинската вера во Света Троица, во Отецот, и Синот, и Светиот Дух, но и да ни покаже дека нема друго спасение за човечкиот род, освен Самиот Он.

Ете, токму заради тоа се родил Спасителот и бил донесен во храмот Божји за да биде посветен. Христос, браќа и сестри, немал потреба од тоа, туку било потребно да ни покаже нам какво смирение треба ние да покажеме. Зошто Христос бил донесен во храмот? За да биде посветен, иако Он е храмот на Божеството, па така Он е над храмот, бидејќи Он е Самиот храм на Божеството. По прашањето: како многумина треба подигне и многумина да турне, веднаш ќе кажеме дека сите оние во Стариот и Новиот Завет, кои себеси се возгордеале, еден добар дел од нив не Го примиле Христа како Месија, а Месија значи Спасител т.е, Оној, Кој што доаѓа да го спаси човечкиот род од гревот и смртта. Од друга страна, пак, наспроти нив има и луѓе, кои едвај Го чекале Утешението, како што го чекал и самиот Симеон. Кое е тоа утешение? Тоа утшение е Самиот Син Божји, Христос Спасителот, Кој треба да го спаси човечкиот род. Едни практично го очекуваат со голема љубов, како старозаветните пророци, кои пророкуваа за Него, како што е Свети Јован Претеча и Крстител, кој е најголемиот и последен пророк, за кого Христос, Спасителот, рекол: „Нема поголем роден од жена од Јована Крстител“ (сп. Мат. 11, 11).

Праведниот Симеон заради тоа што немал доволно претстава, како е можно Синот Божји да стане човек и да се роди од Пресвета Богородица, без маж, туку од Светиот Дух, било причината, за неговото неумирање, додека не Го види.

Таму во храмот била и пророчицата Ана, ќерката Фануилова, која само седум години поживеала со својот маж, а потоа откако останала вдовица, целиот свој живот го поминала во Ерусалимскиот храм, во пост, подвизи и молитви, покажувајќи им пример на сите вдовици, кои што ќе овдоват, како понатаму да го продолжат животот во смирение, пост, подвизи и во молитва. Ете, пример не само за мажите, со праведниот Симеон, туку и за жените, преку примерот со пророчицата Ана.

Веднаш се поставува прашањето: како ние денес кога го празнуваме овој голем и спасоносен празник на Црквата Христова, Сретението Господово? Дали ние се подготвуваме за средба со Христа нашиот Бог и Спасител, како што се подготвувал праведниот Симеон, кој во длабока старост од над сто години, со трпение, љубов и вера во Бога, Го дочекал Христа Господов, за да Го прими во своите раце и прегратки.

Што покажал праведниот Симеон? Прво покажал дека тој го исполнил Законот и станал праведен, а потоа покажал дека има голема љубов кон Христа нашиот Бог и Спасител. Што значи и ние треба да имаме љубов кон Христа и така да го исполниме Законот Божји. Христос вели: „Мене ме љуби оној, кој ги исполнува Моите Заповеди“ (сп. Јован 14, 21). Што значи ако ние Го сакаме Бога, треба да ги исполниме Неговите Заповеди. Ете, како што праведниот Симеон покажал силна вера, и ние да покажеме чиста, силна и животворна Вера, во Христа нашиот Бог и Спасител. Само на тој начин ќе се удостоиме за средба со Христа Бога, како што праведниот Симеон ја дочекал Утехата на Израилот, а тоа значи дека Он дочекал праведна смрт. Праведна смрт значи да се живее според Законот Божји, според Светото Евангелие, Светото Предание и учењето на Светите Отци на Црквата Христова.

Кога ние се среќаваме со Христа нашиот Бог и Спасител? Кога се крштеваме, браќа и сестри. Првата наша средба, е кога ние се откажуваме или во наше име нашиот кум се откажува од сатаната, од сите негови дела, од сета негова гордост и од сето негово служење, и Го примаме Христа како наш цар, Бог и Спасител.

Потоа исто така се среќаваме при извршувањето на Светата Тајна Миропомазание, преку која го примаме печатот на дарот на Светиот Дух, односно сите оние добородетели што ги примаме преку неа, зашто Новиот Закон, е всушност Завет или Закон на благодатта, а тој се прима преку Светите Тајни. Покрај Крштението и Миропомазанието, тука е и Светата Тајна Покајание и Исповед.

Покајанието е всушност признавање и плачење за нашите гревови и барање прошка за гревовите. Кое лице и кое срце е најчисто? Најчисто лице т.е. образ и срце, е она што е измиено со покајнички солзи. Ако со покајнички солзи ние го миеме нашето лице и срце, тогаш ќе можеме со чисто срце да Го видиме Бога.

Господ дал и други Свети Тајни, како што е Светата Тајна Венчание, каде што брачните другари преку оваа Света Тајна, се усовршуваат за да го наследат Царството Небесно, надополнувајќи се едниот со другиот. Исто така, оние што примаат свештени чинови, и тие во оваа Света Тајна, Го добиваат Светиот Дух. Преку Светата Тајна Маслосвет, болните, добиваат благодат од Бога. Понатаму преку Тајната на Сите Тани, Светата Тајна Евхаристија т.е. Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, Причесната, ако добро сме се подготвиле, како што кажавме со солзи и покајние сме го очистиле срцето и душата, и ако на сите што сме им згрешиле, сме им простиле и сме побарале прошка од оние кои нам ни згрешиле, тогаш секако дека сме се подготвиле да ја примиме не по заслуга, туку по милоста Божја, која во нас прави порив и нè очистува од секаква нечистотија, душевна, духовна и телесна и нè прави да да го почувствуваме предвкусот на Царството Небесно уште тука на земјата.

Па така, браќа и сестри, ние денес собрани во овој Свет храм, да го прославиме овој голем и спасоносен празник, среќавањето на Светиот праведен Симеон со Христа Богомладенецот. И ние по неговиот пример да се подготвиме со покајни солзи, да ги очистиме срцата и душите, за и ние да можеме да речеме: „Сега отпушти го својот слуга Владико според зборовите Твои“. Амин!

Честит нека е празникот и за многу години!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар