Рождество на Пресвета Богородица – Света Архиерејска Литургија во Битола

На 21.09.2022 г., кога го празнувавме раѓањето на Мајката Божја, Пресвета Богородица, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на Неговото Преосвештенство, Епископот Ремезијански г. Стефан, Епископот Хераклејски г. Климент, протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Златко Костовски, Драган Совљански, Кирил Трајковски и протоѓаконот Драган  Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

На Светата Божествена Литургија, Епископот г. Климент кон верниот народ се обрати со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Ваше Високопреосвештенство, Ваше Преосвештенство,

Чесни отци, браќа и сестри,

Голема и искрена е нашата радост и благодарност што, токму денес, сме собрани овде, во храмот кој празнува, пред олтарот посветен на рождеството на Пресвета Богородица, и молитвено сослужувајќи со нашиот домаќин, Митрополитот Преспанско–пелагониски и администратор Австралиско–новозеландски г. Петар, како и со Епископот Ремезијански г. Стефан, имаме можност евхаристиски да земеме учество во најбогатата и најслатка трпеза на љубовта, и во Бога да заедничариме со сите вас.

Светлината што извира од денешниот празник е нежна и мајчинска, таа одвнатре ја допира нашата душа и умилително ја успокојува. Нејзините несоздадени енергии ја изгонуваат замореноста од повторливите секојдневија, ја раствораат тагата на гревовноста и осаменоста, и ни ја откриваат несогледливата длабочина и свежина на заедницата меѓу Бога и човекот.

Нашите мисли, понесени од убавината на настанот што се открива пред нас, се одделуваат од сопствената минливост и, чувствувајќи ја слободата во Духот, немо се наситуваат, учествувајќи во Него.

Голем е овој празник за Црквата Божја, таква прослава и радост и му прилегаат. Денес ни се раѓа девојката со прекрасното име Марија, што значи измолена. Денес, Стариот Завет ги испишува своите последни страници, а пророците немо стојат пред исполнувањето на ова големо таинство скриено од вековите. Денес, во остарените прегратки на Јоаким и Ана се вселува Пролетта на Животот – најпрекрасната ќерка на Отецот наш Небесен, која во целост, слободно и доброволно ја исполни Неговата волја. Денес, мајчинството во целост ја добива својата смисла и полнота, зашто ни се раѓа втората Ева, која веќе не раѓа за смрт туку за Живот. Денес, монашкиот призив го добива своето оправдување пред лицето на постоењето, зашто послушанието, девственоста и целомудрието ненаметливо се вселуваат во срцето, душата и телото на единствената вистинска монахиња, заштитничка и покровителка на монашкиот род, нашата љубезна игуменија и герондиса, секогаш Дева Марија. Денес, возљубени, ни се раѓа онаа што најде „милост пред Бога“ (Лк 1:30), Богородица, најчудесната личност од човечкиот род, која после Господа чекорела на оваа наша ранлива и трошна земја.

Светоотечкото предание нѐ учи дека кога размислуваме за мајката Божја, нашите мисли треба да бидат накалемени на молитвата, а кога говориме за Богородица, нашите зборови треба да бидат молитвени.

Името Богородица не претставува само придавка и атрибут поврзан со пофално величање и давањето почит на мајката Божја. Тоа, пред сѐ, е онтолошка и догматска одредница, критериум за вистинитоста на нашата вера. Свети Григориј Богослов, размислувајќи за ова, ни соопштува: „Оној што не ја исповеда Марија како Богородица, се отуѓува од Бога,“ а свети Јован Дамаскин продолжува и вели: „во тоа име се содржи севкупната тајна на Воплотувањето“. Раѓањето, дури и она човечкото, не претставува само телесен, ниту, пак, само историски чин. Прекрасната девојка Марија не е безлично орудие и инструмент на Бога. Тој не ја искористува за механички да се воплоти и да стане човек. Нашиот Бог не е таков. За Него, нашите одлуки се значајни, Тој, апсолутно, би рекле дури и радикално, ја почитува нашата слобода и слободна волја.

Марија, од своите најрани години слободно ја градела својата единствена и неповторлива духовна, умствена и срдечна релација со предвечната Троица. Таа, личносно, искуствено и опитно го познава Светиот Дух, разговара и пријателствува со Него, како што разговара и го познава својот Отец небесен, затоа и не е зачудена од гласот на ангелот кој и вели, „Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени“. (Лк 1:35)

Нејзината приврзаност и целосна отвореност кон Логосот Божји ја прави достојна, не само да се нарекува, туку и да биде Негова мајка во полна смисла на зборот. Пред нас се откриваат огромни тајни за една човечка личност по име Марија. Таа е поврзана со Господа на особен и најприсен начин и за неа, Логосот Божји, Исус станува, не само Господ и Спасител, туку Тој станува и нејзин Син – а таа Негова Мајка.

Избраноста, издвоеноста и посебноста на ова новородено девојче е скриена во тајните на верата и нема ништо заедничко со денешната култура на спектаклот. Познавајќи ја и уважувајќи ја нејзината потполно смирена личност, дури и евангелистите не биле штедри, кога станува збор за она што го запишале за неа. Целиот нејзин живот е обвиткан во скапоцена едноставност, скромност и молитвено тихување.

Она што младата девојка Марија ја прави поинаква е нејзината присност и поврзаност со Бога, и нејзината безгранична љубов кон човекот. Нејзината истрајност, нејзината кроткост и смирението пред Бога и пред луѓето, во душата на Марија разбудуваат непрестајно молитвено созерцување во кое нема место за патетика или за осуда на човекот, или на било која твар. Таа е свесна и одвнатре ги знае нашите неспокојства, слабости и рани и мајчински ги зацелува. Богородица неуморно и постојано го излева елејот на својата милост врз нас. Таа е радост на вселената и наша Застапничка пред Бога, Брзопослушничка и Патеводителка, Душеспасителка и Многумилостива. Таа е храбра Војвотка и Утешителка, таа е радост во тагите и Царица на Ангелите. Единствено нејзината Утроба е поширока од Небесата, а нејзината личност е почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите. Нејзината утроба е блажена, а нејзините гради со млеко го хранат разиграниот Богомладенец. Таа немо и беспоговорно ги носи и болката што ѝ ја пара утробата и мечот што ѝ го пробива срцето, и стамено стои пред предавството и распетието на нејзиниот Син и Господ. Таа прва ја вкусува радосната вест на воскресението, затоа што најмногу и пострадува. Таа е предвесник на педесетницата и прва поткрепа на апостолите. Во неа, и низ неа, дури и пред воплотувањето, нашата човечка природа најде посебно место во Божествениот Домострој.

Да, возљубени, Христос е Нашиот Господ, наш Бог и Спасител, Тој пострада на крстот заради нас и заради нашите гревови, Тој со своето воскресение ја победи смртта, но, ова девојче што денес се раѓа, оваа Марија што лежи во прегратките на својата мајка Ана, е Неговата мајка. Да, Светиот Дух е тој што дојде на неа, и се изли врз нас, но без нејзината доброволна согласност Тој ќе останеше немоќен, и, да, Севишниот ја осени нејзината утроба, но, без нејзината потврда ништо од она што Бог го посака во својата предвечна промисла не ќе беше можно. Затоа нејзиното раѓање е предвесник на Евангелието, прва блага вест за светот, зачеток на сите празници, потврда на Божјата грижа и бескрајната, неусловена, беспричинска, екстатична, некои би рекле, необјаснива љубов Божја кон нас.

Богородица е отповик и одговор на човековата природа и слобода кон Бога. Таа, во својата личност го прегрнува и пред Бога го претставува севкупниот човечки род. Без неа, овој свет ќе станеше слика на адот, тоа ќе беше еден темен, конфликтен и плашлив свет, лишен од конкретно личносно присуство на Бога.

Па, сепак, нејзиниот внатрешен опит е скриен од нас. Евангелистот Лука, сведочејќи го тоа, запишал: „А Марија ги зачува сите тие зборови, сложувајќи ги во своето срце.“ (Лк 2:19) Нејзиното лично искуство како претпоставка, како своевидно ехо се открива во секој стих напишан за неа во теопоетиката на црковните отци.

Кога размислуваме за нејзината чудесна личност, потребно е да ги имаме предвид околностите при кои оваа богољубива девојка го прифаќа благословот за своето Богомајчинство. Потребно е да си дозволиме со нашите ум и срце да се сретнеме и благодатно да учествуваме во конкретните настани од нејзиниот живот: да бидеме присутни на средбата на Богородица со архангелот, да ги сфатиме ризиците кои таа доброволно, без размислување и без калкулација ги прифатила, да ја почувствуваме драмата што се одиграла за време на царот Ирод, да се обидеме да ја разбереме нејзината релација и комплексноста на брачниот сојуз, склучен според јудејските обичаи, со праведниот Јосиф, да бидеме со неа низ годините кога го одгледувала и го воспитувала богомладенецот, да минеме низ сѐ што носи едно сосема инакво и невообичаено мајчинство и семејство. Сето тоа е скриено во срцето на оваа љубезна, тивка и чудесна личност чиешто раѓање денес го празнуваме, сето е прекриено со плаштот на свештеното молчење пред несогледливата тајна на нејзината вера.

Затоа, кога ѝ се обраќаме на Мајката Божја со зборовите „Спаси нѐ“, според зборовите на митрополитот Антониј Блум, ние, всушност, ѝ велиме: „Владичице! Јас, заради својата гревовност сум одговорен и за воплотувањето и за распнувањето на Твојот Син. Ако Ти посредуваш, заземајќи се за мене, никаква сила ниту на земјата ниту на небото не ќе може да ме фрли во погибел. Ако ти простиш, никој нема да ме осуди…“

Имајќи таква Богоизбрана, Богонегувана, и Богољубива и човекољубива застапничка во личноста на Богородица и секогаш Дева Марија, радосно и спокојно да продолжиме на патот кон дома, кон Царството на нејзиниот Син, кого го прославуваме заедно со Отецот и Светиот Дух. Амин.

Епископ Хераклејски +Климент