Недела на слепиот – Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Битола

На 29.05.2022 г., во Шестата недела по Воскресението Христово, посветена на слепиот, кога го празнуваме споменот на преподобниот Теодор Осветен и споменот на Свети Никола Мистик, патријарх Цариградски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Атанас Лажовски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Јас Сум светлина на светот!“ (сп. Јован 9, 5).

Вака, браќа и сестри, за Себе вели Христос нашиот Бог и Спасител.

Денес во оваа Шеста недела по Пасха (Велигден), која е посветена на слепиот од раѓање, кој што Господ Исус Христос кога минувал, го видел пред храмот како проси и го излекувал со двојно лекување т.е. прво ги излекувал неговите телесни очи, а потоа и неговите духовни очи. Кога Учениците Христови го виделе овој слеп човек од раѓање, кој што еден од Светите Евангелисти се именува по име Вартимеј, што значи син на Тимеј, Го прашале Христа Спасителот: „Господи, кој згрешил? – тој или родителите негови, та се родил слеп?” (сп. Јован 9, 2), на што Господ Исус Христос одговорил: „Ни  тој, ниту неговите родители згрешиле, туку за да се покажат делата Божји врз него т.е. да се покаже славата Божја врз него“ (сп. Јован 9, 3).Ете, затоа Господ го излекувал овој од раѓање слеп човек.

Браќа и сестри, ние знаеме дека без сонцето, кое Господ ни го дал, не може да има никаков живот за суштествата што се на земјата, но без Сонцето на правдата, Христос нашиот Бог, не може да се очекува да има духовен живот за човечките души, зашто како што сонцето ги осветлува и ги затоплува суштествата на земјата и тие добиваат живот, така и Христос нашиот Бог и Спасител, нашите човечки души ги осветлува и ги затоплува преку Светиот Дух, за тие да можат да живеат.

За тоа дека Господ е светлината на светот, говори и старозаветниот пророк Исаија, кој вели: „И во тој ден глувите ќе ги чујат зборовите од книгата, и очите на слепите ќе прогледаат од темнината и мракот“ (сп. Иса. 29, 18), а тоа се исполнило во Новиот Завет. Светиот Јован, Пророк, Претеча и Крстител на Господа наш Исуса Христа, кога испратил двајца ученици до Христа нашиот Бог и Спасител да Го прашаат: „Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?“ (сп. Мат. 11, 2-3), Господ Исус Христос им рекол: „Одете и кажете му на Јована што видовте и што чувте: слепи прогледуваат, хроми проодуваат; лепрозни се очистуваат, глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедни им се проповеда Евангелието“ (сп. Лука 7, 22).

Овие Христови зборови, се исполниле по Христовото Крштение на реката Јордан, кога според Еврејскиот Закон, Он добил право да проповеда и да го поучува народот. Тогаш Христос Спасителот почнал да прави чуда, со една и единствена цел, луѓето, кои биле во темнина и смртна сенка, поради гревот на нашите прародители Адам и Ева. Ете, затоа Христос нашиот Бог и Спасител, Кој се именува уште и Новиот Адам, дошол во светот, за да го избави човечкиот род од гревот и смртта и повторно да го приведе кон Небесниот Отец.

На ова чудо, кое го направил Спасителот Христос, браќа и сестри, врз овој слеп човек од раѓање, се спротивставиле фарисеите и книжниците затоа што Господ истото го направил во сабота, па затоа и му рекле: „Кој е човекот што те излекува и дали е тој е грешен“, а тој вели: „Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам.” (сп. Јован 9, 25).

Па така, кога тие упорно сакале да го натераат да проговори нешто против Христа, овој слеп човек од раѓање им рекол дека не знае дали е грешен, но знае дека го излекувал, а тие му рекле: „И самиот си во гревови“ (сп. Јован 9, 34). Па така, откако бил избркан од храмот, Христос го нашол и го прашал: „Дали веруваш во Христа“ (сп. Јован 9, 35). Ете, браќа и сестри, сега е веќе неговото духовно лекување т.е. прогледување на неговите духовни очи. Тој Го прашува Христа: „Кој е Тој (Христос) за да поверувам“ (сп. Јован 9, 36), а Христос му вели: „И си Го видел, и Кој зборува со тебе, Он е“ (сп. Јован 9,37). Па така, кога тој ги слушнал овие зборови на Христа нашиот Бог и Спасител, Му рекол на Христа: „Верувам Господи и Му се поклонил“ (сп. Јован 9, 38).

И сега се поставува прашањето, браќа и сестри, која е разликата измеѓу телесното и духовното слепило? Телесното слепило, е последица на повреда на телесните очи, а кај овој човек станувало збор за слепило уште од раѓањето. Кога ќе влезе некој покрупен предмет во човечкото око, ние тогаш не можеме да гледаме, затоа што тоа туѓо тело во окото, прави пречка ние да можеме да гледаме.

Исто така, ние знаеме дека не можеме да го гледаме сонцето кога има облаци, бидејќи тие облаци се пречката за да можеме да го видиме сонцето, небото, ѕвездите и.т.н. Така е и со духовниот живот. Ние во духовниот живот имаме пречка за да Го гледаме Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, да го гледаме Царството Небесно, да ги гледаме Ангелите и духовниот свет, затоа што има едно туѓо тело, кое се вселува во нашиот духовен живот, а тоа туѓо тело, тој облак или перде, е всушност гревот. Луѓе што грешат, особено со смртни гревови, тие не можат да Го гледаат Бога, бидејќи Бог едноставно може да се гледа само преку задрав, чист и просветлен ум. Без чист, просветлен и здрав ум, Бог не може да се гледа. Адам и Ева, нашите прародители, сè додека не згрешиле, сè додека ја исполнувале Божјата Заповед да не јадат од забранетиот плод, Го гледале Бога со својот ум, бидејќи човекот е создаден според Божјиот образ и подобие, а Божјиот лик или образ, се наоѓа во душата на човекот. Човечката душа, е живо, нематеријално, разумно и слободно суштество, кое му дава живот на телото и е носител на нашите чувства и волја.

Ете, токму таа душа, која е создадена според Божјиот образ, е создадена според Тиединиот Бог. Како што Бог е Триедин, односно Еден по природа или суштина, а Троичен по Лица, Отец, и Син, и Дух Свет, така и човечката душа има три дела т.е. ум, разум и волја. Умот е начелото (почетокот), зашто Отецот е безначален или беспочетен. Разумот се раѓа од умот, како што Синот се раѓа од Отецот, а како што Светиот Дух излегува од Отецот, така и волјата под дејство на умот и содејство на разумот, делува и го става во акција или движење на нашето тело.

Кога говориме за светлината, треба да знаеме дека постојат две врсти на светлина.

Едната светлина е создадена, како што е сонцето и сета друга иманентна ветлина што ја имаат материјалните тела и материјалните предмети. Дури и каменот има светлина, бидејќи кога се удираат камен со камен или камен со железо, тогаш се создаваат искри од кои излегува светлина. Што значи, таа светлина за која говориме, како што е сончевата светлина е создадена од Бога и истата има почеток и крај.

Но има една друга светлина, која не е создадена. Таа несоздадена светлина, уште се нарекува благодат Божја или несоздадени духовни Божествени енергии, кои излегуваат од Бога. Како што од сонцето се раѓа светлината и ние преку зраците ја примаме неа, така и духовната светлина т.е. благодатта Божја, доколку ние сме подготвени да ја примиме, а подготовката за да ја примиме е всушност ние да ги очистиме нашите срца од секаква нечистотија, а тоа значи да ги очистиме срцата од грешни желби, грешни чувства, грешни похоти и страсти. Тогаш ние преминуваме на вториот степен на нашето духовно совршенство, а тоа е просветлување на умот, кој бил потемнет, а потемнел токму заради тоа што човекот се огрешил, со тоа што ја прекршил единствената Божја Заповед да не јаде од забранетиот плод. Кога нашите прародители ја прекршиле Божјата Заповед, во тој момент умреле духовно т.е. престанале да бидат во заедница со Бога. Практично кога човекот духовно ќе умре, тој се одделува од Бога, а штом се оддели до Бога, Кој е изворот на нашиот живот, тогаш човекот духовно умира. Тоа е исто како кога од дрвото ќе ја пресечете гранката и се додека во неа има сок, таа има живот, лисје, цут и дава плодови, но откако ќе ја пресечете, таа уште извесно време вегетира, а потоа ќе се исуши. Така и човекот, кога ќе се оддели од Бога, полека престанува да биде во заедница со Бога и на тој начин ја прекинува врската со Бога.

Затоа, браќа и сестри, ние треба да знаеме дека Господ кажал дека Он е светлина на светот. И ние таа светлина т.е. Христа нашиот Бог и Спасител, ја примаме преку Светите Тајни. Кога ние се крштеваме, тогаш ние практично повторно се соединуваме со Бога, бидејќи преку Светата Тајна Крштение, се очистуваме од првородниот грев и од нашите гревови или наследените гревови од родителите, како што слушнавме од денешното Свето Евангелие на прашањето на Апостолите: „Кој згреши, тој или неговите родители?“ (сп. Јован 9, 2) Ние и од родителите, браќа и сестри, на некој начин ги наследуваме гревовите, како што го наследуваме и првородниот грев, од кој никој не бил ослободен, освен Самиот Христос нашиот Бог и Спасител, Кој е зачнат од Светиот Дух и Марија Деца, Пресвета Богородица.

Исто така, благодатта Божја нам ни се дава и по нашето покајание т.е. кога ги исповедаме нашите гревови пред нашиот духовник (свештеникот) и почнуваме да правиме спротивни на гревовите добри дела т.е. ако сме лажеле, секогаш да ја кажуваме вистината, ако сме краделе, да го вратиме украденото, ако сме биле недостојни и нечесни, да бидеме свети и.т.н.

За да ја примиме Божјата благодат, ние треба да го очистиме срцето и да го просветлиме умот, а тоа значи да не дозволуваме во нашиот ум да влегуваат никакви грешни мисли и помисли, бидејќи кога ние ќе почнеме да си разговараме со грешните мисли, кои не се наше дело, туку се дело на ѓаволот, тогаш ние, браќа и сестри, правиме грешни чувства, похоти, страсти и дела и тогаш грешиме.

Никој не направил грев, сè додека не почнал да се занимава со грешните мисли, а тој што ги отфрла грешните мисли, колку и да се тие грозни, нечесни, недостојни и опасни, знајте дека не згрешил. Колку и да се гнасни тие грешни мисли и помисли, ако не сте ги прифатиле, немате грев. Ете тука повеќето луѓе паѓаат во гревови, кога мислат дека кога ќе дојде грешната мисла, дека истата е нивна и ја негуваат т.е. си разговараат со неа, си фантазираат и ја симнува од умот во срцето и се насладуваат во срцето со неа,  а потоа истата се реализира во чувства, желби, похоти, страсти и во дела. Ете, тоа е опасноста за луѓето.

Затоа, браќа и сестри, ние имајќи го сето ова во предвид треба да знаеме дека од сите наши гревови, ние можеме да се очистиме преку Светата Тајна Исповед и Покајание, кога пред нашиот духовник (свештеникот) ги исповедаме нашите гревови. Никој да не размислува за тоа што ќе помисли свештеникот за нас, бидејќи и тој е грешен човек, и да не ги криеме гревовите, бидејќи тоа е ѓаволска идеја и намера тие да не ни бидат простени. Штом се кријат гревовите, со гревовите ќе си отидеме на Божјиот Суд и нема да се ослободиме од нив, туку ќе бидеме осудени и поставени од левата страна со грешните.

Ете, затоа реба да ги исповедаме гревовите. Секоја Света Тајна во нашата Света православна Црква, се осветува тогаш кога ќе ја примиме Тајната над Тајните, Светата Евхаристија – Причесната.

Имено, по Светата Тајна Крштение и Миропомазание, нам задолжително ни се дава Телото и Крвта Христови т.е. Причесната. Исто така, Причесната ни се дава и по Светата Тајна Покајание, Големиот Маслосвет, по Светата Тајна Вечание, како и кога ние свештените лица ги примаме Свештени чинови т.е. ѓаконски, свештенички и епископски. Што значи очистувањето од гревот, доаѓа преку Светата Тајна Евхаристија или Причесната.

Немојте да се одделувате или да ја одлагате Причесната, но исто така немојте да го правите тоа без предходно да се исповедате т.е. да ги очистите срцата и да ги просветлите вашите умови.

По молитвите на денешните Свети Отци, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Христос Воскресна! Навистина Воскресна!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар