Четиринаесетта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свето Благовештение“, во Прилеп

На 18.09.2022 г., кога го празнувавме споменот на Светиот пророк Захарија и праведна Елисавета и споменот на Светите маченици Јувентин и Максимин, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Влатко Ристески, Илчо Смилевски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Браќа и сестри, го слушнавме денешното Свето литургиско Евангелие, во кое Домаќинот (Цар) кога вршел проверка на они што дошле на свадбата на синот на царот, на еден од присутните, кој не бил облечен во свадбена облека, му рекол: „Пријателе, како дојде ти тука на трпезата, на свадбата, необлечен во свадбена облека“ (сп. Мат. 22, 12).

Имено, од Светото Евангелие слушнавме како царот сакал да приреди свадбена трпеза за својот Син, па затоа испратил свои пратеници да отидат и да ги повикаат поканетите да дојдат на трпезата, а тие наместо да дојдат, почнале да се оправдуваат. Првите рекле дека имаат обврски на своите ниви, другите рекле дека се зафатени поради трговија, а некои рекле дека и тие имаат свадбени трпези, па затоа не доаѓаат. Во Светото Евангелие понатаму се вели дека тогаш царот испратил други слуги, кои требало да ги повикаат, не оние кои се званици, туку оние кои се по раскрсниците, т.е. сите оние што ќе ги најде, кои се болни, скитници, напатени и.т.н.

Браќа и сестри, овие откако дошле и се наполнила свадбената трпезата, тогаш дошол Царот да направи проверка на пристигнатите, и видел како има еден од присутните на свадбената трпеза, бил необлечен во свадбена облека, па затоа му рекол: „Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба, на оваа свадбена трпеза?“ (сп. Мат. 22, 12). Се вели дека тој молчел, па затоа Господарот му рекол: „Ајде фатете го и врзете го, врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби“ (сп. Мат. 22, 13).

Оваа парабола возљубени, како и многу други параболи на Спасителот наш Господа Исуса Христа, не можат да се разберат добро, ако не бидат објаснети, па затоа и Самиот Спасител, Господ Исус Христос, ги објаснувал параболите што им ги кажувал на верните, со примери од секојдневниот живот, за да биде полесно разбирливо тоа што е кажано во параболата.

Имено, во оваа парабола, под свадбена трпеза, Светите Отци, ја подразбираат Црквата Божја, односно подразбираат дека во Црквата Божја е благодатта Божја, а тоа се енергии Божји, сила или светлина Божја, која не е создадена. Тука се Светите Тајни, а како врв на Светите Тајни, е Тајната над Тајните, Светата Евхаристија – Причесната.

Под цар во оваа парабола, треба да Го подразбереме Самиот Бог Отец, а некои од Светите Отци, Го подразбираат и Самиот Син Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој го повикува народот и сите луѓе да дојдат на свадбената трпеза. Под подготвената трпеза, за која се вели: „Ете, телците Мои и сè што е угоено се заклани, и сè е готово, дојдете да се веселиме на трпезата“, се подразбира, браќа и сестри, не нешто друго, туку Самиот наш Спасител Господ Исус Христос, Кој се коле на секоја Божествена Литургија, како јагне Божјо или како угоено теле, кое се принесува за нас грешните и недостојните, та преку Неговото Тело и преку Неговата Света Крв, да се излекуваме и ослободиме од нашите гревови, потешкотии и прегрешенијата, и од сè што е грешно, бидејќи човек не може да се ослободи од гревовите само со тоа што ќе се покае и ќе се исповеда кај свештеникот, туку потребно е да направи и многу добри дела, спротивни на гревовите, за да се ослободи од гревовите конечно, со примањето на Светата Тајна Евхаристија, Причесната, Телото и Крвта на Спасителот.

Па така, понатаму на прашањето, поставено од Господа Исуса Христа, што ќе направи царот со оние што ги убиле пратениците, се вели дека ќе им го уништи и запали градот, а нив ќе ги истера од градот.

Имено, овде под пратеници, најнапред ги подразбираме Светите Пророци во Стариот Завет, кои биле испратени да го поучат еврејскиот народ, кој бил избраниот народ во Старозаветната Црква, затоа што само еврејскиот народ во Старозаветната Црква, бил оној што го сочувал учењето за Бога и за доаѓањето на Месијата, Спасителот наш Господа Исуса Христа, затоа што никој од старозаветните праведници и сите оние што биле избрани, не можеле да се спасат, ако не верувале во Месијата, во Синот Божји, Спасителот наш Господа Исуса Христа.

Возљубени, тие не само што не ја прифатиле поканата на оние што биле испратени да ги поканат на свадбената трпеза, туку некои од нив ги убиле, а ги убиле всушност пророците, кои ги изобличувале нив за нивните гревови, за нивните постапки и за нивното живеење спротивно на законот Мојсеев и Словото Божјо.

Вторите пратеници, браќа и сестри, се всушност Светите Апостоли, кои се грижеле за домостројот т.е. за спасението на луѓето во Новозаветната Црква, кои проповедале за Христа нашиот Бог и Спасител, Кој што дошол да ги спаси луѓето од гревот и смртта. Ете, еврејскиот народ не Го примил Христа, туку Го извеле надвор од градот и Го распнале, па затоа во оваа парабола се вели: „Што ќе направи Господарот или царот? Одговорот е: „Убијците ќе ги убие, градот ќе им го запали и уништи, а нив ќе ги протера“ (сп. Мат. 22, 7). Овие зборови, се однесуваат на евреите, на кои всушност им бил уништен и запален до темел нивниот град, Светиот град Ерусалим и храмот Божји. Тоа се случило за времето на царевите Тит и Веспасијан, така што ни камен на камен не останал од него. Надвор од градот била направена некоја населба или гратче, кое го добило името Елија Капитолина, според некој си Елиј, кој го изградил тој град.

Евреите, браќа и сестри, иако биле избран народ, сепак не Го примиле Месијата т.е. Христа нашиот Бог и Спасител, бидејќи тие во тоа време, не очекувале небесен цар, туку очекувале земен политички цар, кој што ќе формира политичка држава, која ќе биде светска Империја, која ќе управува со целиот свет и.т.н.

И ете, токму заради тоа, тие грижејќи се за земните, материјални и преодните работи, заборавиле на вечните нешта, па затоа Бог ги повика сите народи да дојдат и да земат учество во Царството Божјо, кое е на земјата, а тоа всушност Црквата Христова, која е основана на Педесетница, на Духовден, кога Светиот Дух слезе врз Светите Апостоли и врз сите што беа таму присутни. Ете, од тогаш Господ ги испраќа Своите Апостоли кај другите народи, а не само при еврејскиот народ, за кои порано велел: „По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте“ (сп. Мат. 10, 5). А сега Господ ги испраќа Апостолите и им вели: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал“ (сп. Мат. 28, 19-20).

Гледате, во Стариот Завет, евреите имале Закон, па затоа никако не можеле да се оправдаат, за тоа што не Го прифатиле Христа нашиот Бог и Спасител како Месија, а незнабошците, кои се повикани во Новиот Завет, кои немале закон, зашто Законот бил нивната совест, која е гласот Божји во човекот, која се наоѓа во нивниот ум и во нивните срца. Ете, оние што немале Закон, но имале совест, Го прифатиле Христа нашиот Бог и Спасител, преку проповедта на Светиот апостол Павле, кој е наречен апостолот на јазичниците или незнабошците. После сето ова знаеме дека спасението на човечкиот род не може да биде надвор од Црквата Божја. Само во Црквата е спасението, а не како што многумина мислат дека ќе се спасат, ако кажат дека се православни по традиција, т.е. ако кажат дека нивните татко и мајка, дедовци и прадедовци се православни и.т.н.

Затоа Господ, браќа и сестри, им вели на старозаветните евреи дека може и од овие камења да  издигне чеда на Авраама. Затоа да не се колнат во името на нивниот прататко Авраама, мислејќи дека само заради неговото име ќе се спасат. Така и ние православните христијани, кои само по име и традиција се декларираме дека сме христијани, а не сме ги промениле нашите умови, души и срца, односно не сме станале вистински христијани, по живот и по дела, не можеме да очекуваме дека ќе се спасиме

Така што и ние кои доаѓаме во Црквата, да не мислиме дека спасението ни е загарантирано само за тоа што доаѓаме во Црква. Ако ние целосно не се предадеме на Бога и текот на богослужбите, а особено на Божествената Литургија, не го пратиме со внимание, особено сето она што се случува на Божествената Литургија,  почнувајќи од првиот дел на Литургијата, кој се нарекува Проскомидија, која започнува со раѓањето на Спасителот наш Господа Исуса Христа, Агнецот Божји, па сè до Неговото Распнување, Неговото Погребение, Неговото Воскресение, Неговото Вознесение на небесата, и Неговото седнување оддесно на Отецот во Царството Небесно, каде што нè повикува нас да бидеме со Него.

Некои прашуваат каква е таа свадбена облека за која говори во Светото Евангелие?

Едни мислат дека се работи само за добри дела т.е. за добродетелите. Да, браќа и сестри, добродетелите се неопходни за спасението на нашите души, но најнеопходно е да ја стекнеме Божјата благодат, да ги стекнеме Божествените енергии, Божествената несоздадена светлина, за која се говори во Светото Писмо, а за нив особено говори и Свети Григориј Палама.

Божјата благодат или несоздадената Божја светлина, која на Светото Преобрежение, (на кој е посветен и овој Свет храм), ја почувстувале Светите апостоли Петар, Јаков и Јован, како што е тоа изобразено на оваа икона. Тие паѓаат ничкум, затоа што сеуште не можеле целосно да ја примат, како што ја примиле на Педесетница, на Духовден, туку примиле толку, колку што биле духовно усовршени, т.е. ја гледаа или ја созерцаваа Божјата благодат, светлината Божја, која зрачела од Господа Исуса Христа, чии што алишта биле бели како снег, но и од Светиот Дух, Кој во вид на облак се покажал над нив, а од зад облакот говорел Отецот: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ (сп. Мат. 17, 5).

Ете, токму таа светлина ја примил Светиот славен пророк Мојсеј, кога разговарал со Бога на Синај, ако се сеќавате, кога слегол од гората носејќи ги таблиците со Десетте Божји Заповеди. Кога луѓето го виделе, од неговото лице силно светела таа светлина, таа Божествена благодат што ја примил од Бога, која зрачела од неговото лице, па затоа морал да направи покривало на лицето, за да можат луѓето да го гледаат Мојсеја. Таа светлина го турнала од коњот Светиот апостол Павле, како Савле, кога тргнал за Дамаск да ги гони христијаните. И ете, просветлен од таа светлина, Светиот апостол Павле, не се обраќа и не говори за било каква светлина, туку во таа светлина Го препознава Самиот Бог, па затоа Му се обраќа и вели: „Кој си Ти Господи“, а Господ Исус Христос му вели: „Јас Сум Христос, Кого Го гониш ти“ (сп. Дела 9, 5). Светиот апостол Павле, гонејќи ги христијаните, практично Го гонел Самиот Спасител наш Господа Исуса Христа.

Браќа и сестри, кога царот дошол да прави проверка на гостите што биле дојдени на трпезата, а тоа важи и за нас православните христијани што сме дојдени на Божествената трпезата, Причесната, овде на Божествената Литургија, како што тоа било во раната Црква Христова, кога сите верни, што биле на Литургијата, по Канонот на Евхаристијата, се причестувале, а денес тоа не е така, односно не се причестуваме. Зашто? Од две причини. Едни велат дека ние не сме достојни да се причестиме, и претеруваат со тоа, кои и да се, почнувајќи и од мене. Ако така мислиме, тогаш ние се одвојуваме на подолго време од Христа и можеме да станеме плен на сатаната, како што читаме во една од молитвите пред Причесната, во која се вели „отстранувајќи се за подолго време до соединувањето со Тебе, да не бидам грабнат од духовниот ѕвер – сатаната“. Затоа е потребно ние да се причестуваме почесто, но тоа не значи неподготвени и нераскајани, туку треба да побараме прошка од оние на кои што сме им згрешиле и да им дадеме прошка на оние што нам ни згрешиле, а исто така, да ги читаме вечерните и утринските молитви, и молитвите пред причесна и по причесна. Потребно е исто така длабоко во душите и срцата да се покаеме, зашто без покајание, нема спасение, бидејќи и оној што бил пратен пред Христа да го приготви патот за Неговото доаѓање, Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител Господов, ја почнува својата проповед со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 3, 2). На друго место вели: „Eте, секирате е при коренот на дрвото, и секое дрво кое не дава добар плод, се сече и во оган се фрла“ (сп. Мат. 7, 19). И Спасителот Христос кога доаѓа, првите зборови од Неговата Света проповед се „покајте се!“ (види Мат. 4, 17).

Без покајание, нема спасение. Вистинско покајание, е да ги согледаме сите наши гревови, да побараме прошка за гревовите и да ги исповедаме пред свештеникот, да направиме добри дела, спротивни на гревовите што сме ги направиле, а потоа да пристапиме и да се причестиме. Го немаме ли тоа, тогаш нема спасение, браќа и сестри.

Па така, да се помолиме на Спасителот наш Господа Исуса Христа, преку застапништвото и молитвите на Пресвета Богородица, и на Светите праведни богоотци Јоаким и Ана, на кои денес споменот им го празнуваме, Господ по нивните молитви да ги просветли душите наши, за и ние да се најдеме во свадбената одаја, како што пееме во текот на велигденскиот пост: „Твојата свадбена одаја ја гледам украсена, Христе Спасителе мој, и немам чиста облека да влезам во неа. Просветли ја облеката на душата моја, Дарителу на светлина, и спаси ме“. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар