Богословското значење на Благовештение (Лк. 1, 26-38)

Црквата ја формулира верата во Дева Марија како “Богородица” на Третиот Вселенски Собор во Ефес (431), со следната формулација: Ја исповедаме Дева Марија за Богородица, затоа што Бог Логосот се воплоти и вочовечи од самото зачнување (во неа), за да го соедини со себе од неа земениот храм (се мисли на човечката природа).

Св. отци на Ефескиот собор, формулирајќи ја христолошката догма, како последица од воплотувањето на Логосот Божји ја формулираа и верата на Црквата во Дева Марија како Богородица. Го развиваат нивното толкување за Дева Марија во органска врска со лицето и делото на нејзиниот Син. Следствено, православните отци на Соборот во ниту еден момент не ја одделија мајката од нејзиниот Син, и не ја откинаа личноста на Дева Марија од христолошката догма и од тајната на Божјата икономија, за да создадат некаква независна област наречена “Мариологија”. Таква поделба постои во римокатоличката теологија, којашто прибегнува кон создавање на независна област наречена “Мариологија”, на Вториот Ватикански Концил (1962 – 1965).

За првпат терминот “Богородица” се сретнува кај Ориген. Ориген го користи терминот “Богородица” за Дева Марија во неговото дело “Εἰς τὸ Δευτερονόμιον ἐκλογαί”, PG 12, 813C (зачувано во фрагменти), во коешто истиот дава кратки забелешки и коментари на избрани места од Петтата Книга Мојсеева. За тоа како Ориген го разбира терминот Богородица, ни сведочи неговото, за жал, исчезнато дело: “Толкување на Посланието до Римјаните на св. ап. Павле”, чие постоење го потврдува црковниот историчар Сократ (Ἐκκλησιαστικὴ Ἱστορία 8, 32 PG 67, 812B). Но, да се вратиме на Пресвета Богородица.

Дева Марија се нарекува Богородица затоа што таа го роди Воплотениот Бог, Логосот Божји, Господ Исус Христос. Името Богородица сведочи за реалноста на воплотувањето на Логосот Божји, и затоа Јован Антиохиски го поучува Несториј пред Ефескиот собор (431) да го прифати светоотечкиот термин “Богородица” (го поучува бидејќи и двајцата произлегуваат од антиохиското предание).

Дева Марија зазема “повисоко место” во животот на Црквата од сите создадени битија, бидејќи преку неа се осветува целото создание и таа е посредник (ὑπουργὸς) и соучесник во Божјата икономија. Богородица посредува Логосот да стане човек, заради обнова и спасение на човечкиот род. Дева Марија “даде” од нејзиното тело за да се воплоти “Новиот Адам”, Логосот Божји, Господ Исус Христос.

Нејзиното посредување не се ограничува само на моментот на Христовото зачнување и раѓање, бидејќи Богородица продолжува вечно да го застапува целиот свет пред Троичниот Бог. Големината на Пресвета Богородица се состои во тоа што таа ја прифати ангелската вест во состојба после падот, за разлика од Ева која погреши во рајска состојба.

Ева како “нераспадлива девица” по благодат (ἄφθορος παρθένος) соработуваше во падот на човештвото и човечката природа, додека Богородица како девица со нејзината доброволна соработка и послушание го отвори патот за спасението на човештвото и обновата на човечката природа во Христа. Затоа св. Јустин Маченик и св. Иринеј Лионски први од св. отци ја нарекуваат Дева Марија “новата Ева”. Послушанието и позитивниот одговор на Девата се плод на нејзината постојана вера во Бога.

Асс. мр. Докторанд Борче Грамбозов, Православен Богословски факултет, Скопје