Втор ден Духовден – Света Архиерејска Литургија во храмот „Света Троица“ во Крушево

На 21.06.2021 г., на Втор ден Духовден, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов, ереите Крсте Тасески, Тони Кузманоски и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Света Троица“, во Крушево.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на отецот и Синот и Светиот Дух!

„Таму каде што се собрани двајца или тројца во Мое име, таму меѓу нив Сум и Јас“ (сп. Мат. 18, 20), вели Господ во денешното Свето Евангелие, браќа и сестри.

Зборовите: „Таму каде што се собрани двајца или тројца во Мое име“, а тука се подразбира, и владиката, и свештеникот, кој ја служи службата Божја на верните, за да се укаже на тоа дека Црквата Христова е заедница на верните, а тоа значи дека ниту владиката може да биде владика, без верници, ниту свештеникот може да биде активен свештеник, без верници, а исто така ниту верниците можат да бидат верници без владиката и без свештеникот. За тоа ние имаме прекрасен пример во Светата Троица, на Која е посветен овој Свет храм и чии празник денес го празнуваме.

Имено, нашата Света Православна Вера, од другите вери се разликува по тоа што е вера во еден Бог по божество и суштина, а Троичен по испостаси (лица) т.е. Отец, и Син, и Дух Свет.

            Браќа и сестри, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, имаат живот, кој е посебен од животот на светот. Зошто? Затоа што Светата Троица, е несоздадена и вечна. Светата Троица, е совршена љубов. Светата Троица, е единство совршено. Светата Троица е општество или совршено општење и совршена заедница. Светата Троица, е полнота на животот, па затоа е кажано дека човек не може да Го види Бога, а жив да остане. Не може човекот да Го види Бога во Неговото Божество, во Неговата суштина и жив да остане. И веднаш се поставува прашањето, како ние луѓето да го разбереме сето ова? Нашиот Македонски и Сесловенски учител и просветител Свети Кирил, дал едно обаснување во природата, за да ни биде малку појасно т.е. за да ги разбереме овие догматски за нас грешните луѓето тешко разбирливи работи, а за совршените, односно за светите и обожените, тоа во голема мера е разбирливо.

Имено, не случајно Свети Кирил Солунски вели дека Господ ни постави на небото сонце, кое е символ на Сонцето на правдата, на Христа нашиот Бог и Спасител. И ете, што се случува внатре во тоа сонце, никој од нас не може да знае, зашто никој од нас внатре не може да влезе, оти ако влезе во сонцето, па дури да се приближи до сонцето во голема мера ќе изгори, а камо ли внатре да влезе. Така, ние не можеме да влеземе ни во суштината на нашата вера во Светата Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Но како што од сонцето постојано се раѓа светлината, вели Свети Кирил Солунски, така од Отецот постојано се раѓа Логосот, како совршен Логос и Дух, Спасителот наш Господ Исус Христос, уште пред да постане човек. Но продолжува и понатаму да се раѓа предвечно по суштина т.е. по Божество од Отецот, како што светлината од материјалното сонце, се раѓа и светли во овој свет, бидејќи без таа светлина нема живот на земјата. И како што од сонцето излегува топлината, така од Отецот излегува Светиот Дух, Кој нè грее и топли, бидејќи без Неговата топлина, без Неговото греење, без Неговото загревање на земјата, не ќе можеа да постанат сите животни на земјата, птиците небесни, морските риби и животни, не ќе можеа ни билките, ни растенијата, ни цвеќињата да постојат, без топлина на Светиот Дух, Кој ја загревал земјата, како кавачката што ги загрева јајцата, за од нив да излезе живот. Така, Свети Кирил Солунски, нам недостојните и грешните, ни дава пример за до некаде да разбереме како постои нашиот Бог, Кој е еден по суштина, но Троичен по лица. Отецот има својство на нероденост или татковство, Синот се раѓа, а Светиот Дух излегува. Но, тоа не се три бога, туку само еден Бог, зашто суштината е една и е заедничка, на Трите Лица.

И понатаму се објаснува дека Светата Троица е совршена во љубовта. Нема посовршена љубов, од Божјата љубов, бидејќи во Светото Писмо Господ Исус Христос вели: „Отецот Го љуби Синот и Светиот Дух, Синот Го љуби Отецот и Светиот Дух, а Светиот Дух Го љуби Отецот и Синот“, и тоа е совршена вечна љубов за нас на неразбирлив начин. Исто така да не заборавиме дека Синот Божји, е образ на Отецот или икона на Отецот, преку Кого е создаден човекот. Па токму затоа, човекот, кој е создаден од Бога преку Синот Божји, е икона Божја, Епископот, пак, во Црквата е икона на Христа нашиот Бог и Спасител.

Па така, како што Светата Троица е триедина, така и човечката душа е триедина т.е. има ум, кој кореспондира на Отецот, има разум, кој кореспондира на Синот, и има дух или волја, која кореспондира на Светиот Дух. Па така тие три сили на душата или три енергии на душата: умот, разумот и волјата, укажуваат дека човекот е создаден по Божјиот образ на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Браќа и сестри, токму заради тоа, ние кога веруваме во Светата Троица, покрај тоа што знаеме дека Бог е совршената љубов, Господ вели дека за човекот да се спаси, треба да ги исполни двете заповеди, кои се кажани во Стариот Завет, а се повторени во Новиот Завет. Па така, Спасителот Господ Исус Христос, на прашањето на еден учен млад човек, која заповед е најголема, Господ му ги кажал овие две заповеди: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум, со сета своја сила, со сите свои помисли, и ближниот како себеси’!“ (Мат. 22, 37-39).

Ако ние ги сакаме сите луѓе и не ги мразиме, туку го мразиме гревот во луѓето, почнувајќи од гревот во нас, како што лекарите не ги мразат болните, туку болеста од која страдаат, тогаш, браќа и сестри, сме на вистинскиот пат. Ние не треба да ги мразиме луѓето, кои прават многу пакости, бидејќи тие тоа не го прават по своја волја, туку по совет на ѓаволот, откако допуштиле ѓаволот да влезе во нив. Па затоа ние, не треба да ги мразиме луѓето, туку да ја мразиме во нив злобата, пакоста, омразата, зависта, љубомората, злопамтењето, среброљубието, гордоста, унинието, очајанието и сите смртни и други гревови; и на тој начин ние правилно ќе постапуваме мразејќи го гревот во човекот, почнувајќи од гревот во нас, па понатаму и гревот во сите, а не обратно. Зашто ако постапуваме поинаку, тогаш ние, како што вели Свети апостол Павле, нема само да се јадеме, туку ќе се изедеме и ќе се истребиме.

Од денешното Свето Евангелие, браќа и сестри, слушнавме како треба да постапуваме луѓето кога грешат. Господ вели: „Ти згреши ли братот твој, седни со него насамо, поучи го, искарај го, посоветувај го, и ако те послуша, си го придобил брата си свој, за Христа, за нашата Света Православна Вера; ако ли, пак, не те послуша, викни двајца или тројца сведоци, да посведочат и тие дека правилно си постапил кон него, со тоа што си укажал на неговите грешки, на неговите престапи, на неговите гревови, а ако пред нив не те послуша, тогаш кажи го на Црквата, а Цркавата значи, предај го на црковниот суд“ (види Мат, 18, 15-18). Ако Црквата, не ја послуша, тогаш да ти биде како многубожец, како што се за нас неверниците, кои не припаѓаат на православната вера и.т.н.

Ете, тоа е начинот како треба да се бориме со гревот во нас, но и со гревот на нашите, браќа и сестри. Затоа ние треба, браќа и сестри, да знаеме дека нашата борба, не е борба против крв и тело, како што вели Светото Писмо, туку нашата борба е против поднебесните сили на злобата, против сатаната и неговите ангели, кои ни внушуваат во нашите умови, грешни мисли и помисли, па ние си правиме фантазии со тоа, а штом примивме грешни мисли во нашите души, тогаш си правиме и помисли со слики, фантазираме, си разговараме со грешните мисли, а тие после не остануваат во умот, туку слегуваат во срцето и стануваат грешни желби, похоти, страст и.т.н.. Тие страсти, браќа и сестри, ние не треба да ги уништиме, туку треба да ги преобразиме, зашто Господ дал страст за да се продолжува родот човечки преку општењето на мажот и жената. Но откако нашите прародители Адам и Ева згрешиле, луѓето, таа страст за продолжување на родот човечки ја претворија во телесни уживања и наслади и во валкање на своите тела, заборавајќи на зборовите на Свети апостол Павле дека телата наши не се создадени за телесни уживања, туку се создадени да бидат храмови на Светиот Дух.

Па така, храмови на Светиот Дух, биле телата на сите христијани во првите векови, кои кога грешеле, јавно пред сите ги исповедале гревовите во храмовите, но кога Црквата увидела дека после тоа некои луѓе можат да речат дека овој иако се поправил и покајал, иако станал свет, можеби уште е со истиот ум, па да не бидат така тие унижувани од една страна, а од друга страна кажувајќи ги тешките гревови да не ги соблазнат другите, Светата Тајна Покајание и Исповед, преминала во тајност да се кажат греввите пред свештеникот или епископот, а откако им се даде совет како треба да се очистат од гревовите, тие можат да ги очистат гревоите со покајание, правејќи спротивни на гревовите добри дела, ако лажале, натаму постојано да ја говорат вистината, ако краделе, да го вратат украденото, како Закхеј и.т.н., па така, пролевајќи многу солзи за направените гревови, потоа со примањето на Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, да се очистат од секаква нечистотија.

Затоа, браќа и сестри, Духовден е голем празник, на кој Светиот Дух изобилно слегол на Апостолите, и токму преку Светиот Дух тие успеале да го освојат целиот свет, и не само тие, туку и нивните наследници Апостолските мажи и Светите Отци, кои се коректори на грешното учење на нашата Света Православна Вера, што го докажале на Вселенските и Помесните Собори, каде што е речено дека може да се верува само на Светиот Дух, Кој делува во заедницата преку заедничките Собори, зашто нашата Света Православна Црква е Света и Соборна.

Од таму е кажано дека дури и Ангел од небото ако ви каже поинаку, од она што ние на Вселенските и Помесните Собори кажавме, да биде проклетство, анатема, бидејќи таквото нешто не може да се прими, оти би било на некој начин човечко или ангелско мислење, а не од Бога дадено.

Затоа, браќа и сестри, на Духовден, ние кога се молиме,  во Црквата фрламе зелена трева, зелени растенија и цвеќиња, кои укажуваат дека Црквата Христова преку Светиот Дух е жива и постојана.

Па така, да не се занесуваме дека правилно кажуваме, како што за жал кога некогаш, како скоро еден од нас владиците ќе каже нешто што е непромислено, дека требало да се грижиме за живите, а не за мртвите. Црквата не знае за живи и мртви, бидејќи сите што умреле со надеж во воскресение и вечен живот, се вечно живи, иако преминале од овој свет. Исто така можат да бидат некои живи, а да се духовно мртви, како што бил телесно жив претстојателот или владиката на црквата во Сард, за кој во Светото Писмо, во Откровението Јованово, Господ преку Ангелот Божји, му вели: „Иако си жив, знам дека си мртов, оти ги знам твоите дела“ (сп. Откр. 3, 1). Што значи и владика да е, ако не живее достојно и чесно, духовно е мртов. Но исто така, и најпрост човекот да е, ако живее според Божјите Заповеди, тој, браќа и сестри, е жив, па и да е умрен, зашто знаеме дека живи се оние што се соединети Христа нашиот Бог и Спасител. Затоа, да бидеме во заедница со Бога, преку силата на Светиот Дух, преку благодатта Божја, кои се Божествени енергии, кои излегуваат од Бога, но не се суштината Божја.

По молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и на Сите Свети, како што рекол псалмопевецот Давид: „Господи Боже наш, дај ми чисто срце, дух праведен, отстранувајќи од мене секаква нечистотија“.

По молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и на Сите Свети, Господи Исусе Христе, Сине Божји, Душе Свети, и Отче безначален, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар