Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст Господов – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Кирил и Методиј“ во Ресен

На 27.09.2021 г., кога го празнуваме Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст Господов, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Сотир Гочевски, протоѓаконот Драган  Ѓоргиевски и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Кирил и Методиј“, во Ресен.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Денес, браќа и сестри, го празнуваме Вознесувањето на Чесниот и Животворен  Крст на Спасителот наш Господа Исуса Христа, на кој беше распнат и напоен со оцет и жолчка.

Имено, на денешен ден бил најден Крстот Христов од Светата царица Елена, мајката на царот Константин, кој и дал слобода на христијанската вера, откако го победил својот непријател. Нему Господ му кажал дека ќе победи со силата на Чесниот и Животворен Крст, кој се покажал на сред пладне при јасно сонце на небото, украсен со ѕвезди.

Ете, токму заради овој Крст, на кој бил распнат Спасителот наш Господ Исус Христос, Светата царица Елена отишла во Светата Земја Палестина, за да го побара, бидејќи Крстот Христов, бил длабоко закопан во едно многубожечко светилиште на богињата Венара. Според  преданието, местото го знаел само некој евреин по име Јуда, кој откако го открил, биле откопани три крста. Царицата Елена, наоѓајќи се во недоумие како да го распознае Чесниот и Животворен Крст Христов, во меѓувреме покрај тоа место поминувала некоја поворка со мртов човек, па патријархот Макариј рекол крстовите да се положат врз покојниот. Кога ги положиле првиот и вториот крст, ништо не се случило, но кога го положиле третиот Крст, умрениот воскреснал, и со тоа се потврдило дека тој е Крстот на Христа нашиот Бог и Спасител.

Па така, народот посакал Крстот да биде поставен на возвишено место за сите да му се поклонат на Чесниот и Животворен Крст.

Подоцна, кога царот Хозрој го освоил Ерусалим и го победил Јудејсиот народ, во пленство т.е. во Персија го однел Чесниот Крст, а за времето на царот Ираклиј, Чесниот Крст повторно бил вратен во Ерусалим, а тоа е 627 година.

Од тогаш наваму, се празнува овој спомен на Чесниот и Животворен Крст, или Воздвижувањето (Подигнувањето) на Чесниот Крст на Христа нашиот Спасител.

Ние денес, браќа и сестри, исто така го Воздигнуваме Чесниот и Животворен Крст и го полагаме на средината на храмот, за да се потсетиме на сето она што се случило со Чесниот и Животворен Крст.

Имено, нашите празници, браќа и сестри, не се празници за да се сетиме дека имало некакви настани. Не, ние нашите празници ги доживуваме како да се случуваат во истиот момент кога ги празнуваме. Тоа е суштината на православното празнување на празниците, не како спомен или сеќавање на нештото, туку како пресно доживување на нештата во моментот.

Браќа и сестри, ние не можеме да избегаме од фактот дека на Христовото распнување на Чесниот и Животворен Крст, му претходело доаѓањето во тело на Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, како што било претскажано уште со Протоевангелието дека Спасителот ќе биде распнат на Крст од страна на сатаната, односно луѓето што прифатиле под дејство на сатаната да извршат невидено злосторство врз Оној, Кој од преголемата љубов, посакал да излезе од прегратките на Отецот, да дојде на земјата и да стане човек, во сè изедначувајќи се со нас луѓето, освен во гревот, и доброволно да пострада.

Ете, во денешното Свето Евангелие беше кажано дека во она време старешините еврејски и првосвештениците, одлучиле да Го осудат на смрт Спасителот наш Господа Исуса Христа, Кој доброволно дојде да го спаси човечкиот род т.е. да го подигне од гревот и смртта, и да го врати во единство со Бога.

Ете, Спасителот, Господ Исус Христос, бил предаден на Пилат, за да биде убиен со најстрашната смрт во тоа време т.е. да биде распнат на Крст, со која во тоа време ги казнувале најголемите злосторниците.

Христос беше распнат меѓу двајца разбојници. Пред Своето распнување, Спасителот, Господ Исус Христос, Својата Мајка, ја предадена чување на Својот ученик Јована, кому му рече: „Синко, еве ти мајка“, а нејзе: „Мајко, еве ти син“ (сп. Јован 19, 26-27), која до крајот на нејзиниот земен живот, беше на чување кај Свети Јован Богослов, ученикот кого го љубеше. Пред Христовото распнување, Пилат не сакаше да Го осуди Христа, бидејќи виде дека тоа се прави заради злобата на Еврејскиот народ. Исто така, и неговата жена му соопшти дека многу пострадала на сон за Тој Праведник. Но откако еврејските старешини, заедно со првосвештениците, бараа по секоја цена нашиот Спасител да биде распнат на Крст, тогаш Пилат плашејќи се дека ќе биде виновен пред Императорот за тоа што не ја стишува буната на народот, кој за Христа велел дека се прави цар, Кој за три дена може ако го урнат храмот, да го подигне, но Он мислел на Неговото Свето Тело дека по три дена ќе Го воскресне, ете затоа Пилат бил исплашен, кој кога влегол во судницата Христа Го прашал: „Знаеш ти дека имам власт да Те осудам и власт да Те пуштам на слобода“ (сп. Јован 19, 9), на што Христос му рекол: „Ти не би имал никаква власт над Мене, ако не ти беше дадено одозгора“ (сп. Јован 19, 11).

Пилат, браќа и сестри, видел дека не се работи за обичен човек, па од таму не сакал да го убие, но на барање на Евреите, кои повеќе сакале да биде ослободен разбојникот Варава, отколку Христос, пресудил Христос да биде распнат на Крст. Па така, откако Спасителот  бил измачуван, бил распнат на Крст, надвор од Ерусалим т.е. на Голгота, а над Крстот стоел натпис: „Овој е цар Јудејски“ (сп. Јован 19, 19).

Тогаш Неговите Ученици се разбегале, како што и Самиот Христос претскажал: „Ќе Го поразам пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат“ (Мат. 26, 31). Со Христа останал само Неговиот возљубен ученик Свети Јован Богослов, заедно со Мајката Божја и Жените Мироносици.

По Христовото распнување на Крстот, Христос требало да биде погребан. Но кој да Го погребе, Оној што е распнат меѓу злосторници? Го погребал, браќа и сестри, Јосиф од Ариматеја, кој бил челн на Синендрионот, кој од Пилата Го испросил телото Христово, а потоа заедно со Никодима, кој исто така бил таен Христов ученик, го симнал од Крстот.

Па така, единиот го испросил од Пилата за да Го погребе Телото на Христа Спасителот, а вториот купил мириси т.е. алој и смирна, за да Го помажат и завиткаат во плаштаница, која била купена од Јосифа, за чесно да Го погребат Христа нашиот Бог и Спасител.

На погребенето Христово, не биле присутни, ни Апостлите, ни Мајката Божја, Пресвета Богородица, затоа што при погребението таа Го оплакувала и ронела солзи за Својот Син и наш Бог.

Веднаш по погребението, Жените Мироносици усрдно се подготвувале да Го помажат Телото Христово, но кога рано наутро отишле да Го помажат, Христа не Го нашле, затоа што бил Воскреснат од мртвите.

Сега кога го празнуваме овој празник, Подигнувањето на Чесниот и Животворен Крст на Христа нашиот Бог и Спасител, ние не можеме да речеме дека во нас не навираат чувствата за тоа што се случило. Црковниот песнопеец во оние познати антифони на Велики Четврток, преку устата на Христа нашиот Бог и Спасител вели: „Луѓе Божји што ви направив!? Зар за тоа што во пустината ве хранев со мана, вие Ми давате да пијам оцет и жолчка на Крстот? Луѓе Мои, што ви направив, зар за тоа што од преголема љубов слегов од небесата и станав човек, еднаков на вас за да ве спасам, вие на Крст Ме распнавте! Луѓе Мои што ви направив!?“.

Ете, токму затоа на друго место Спасителот вели: Ќе ги повикам многубошците, и тие ќе ме прослават.

Свети Епифаниј Кипарски, кој како црковен песнописец длабоко навлегол во суштината на Страдањето на Христа нашиот Бог и Спасител, вели дека образот Христов при Неговото распнување бил накажан од тепањето и шамарењето, за Он, нашиот паднат образ, да го подигне и да го напави чист. На друго место Свети Епифаниј вели: „Ете, и рамењата на Христа Спасителот, се во рани од товарот на гревовите што ги правиме ние и целиот род човечки, зашто Он ги понесе сите гревови на целиот човечки род врз Себе, за да го спаси човекот од гревот и смртта“.

Свети Епифаниј, исто така преку устата на Христа вели дека Он ги рашири рацете на Крстот, кои со клинци беа прободени, за со љубов да го опфати човечкиот род. Исто така и Неговите нозе беа прободени, затоа што нашите нозе одат по нечесни и недостојни работи. Христовото срце и сега е прободено и крвари заради нашите гревови, браќа и сестри.

Понатаму Светиот Епифаниј вели дека Христос нашиот Бог и Спасител на Крстот страда заради нас и заради нашето спасение. Па така, не само Евреите што Го распнале, за кои Христос се молел со зборовите: „Прости им Отче зашто незнаат што прават“, туку тоа се однесува и на сите генереции и поколенија од постанокот, па сè до крајот на светот и векот, зашто ние со нашиот живот, Го распнуваме Христа со нашите гревови, Го биеме по лицето со нашите гревови, Го шамараме Оној, Кој нè ослободи од нашите гревови, за повторно да нè  воведе во Царството Небесно.

И сега кога ние сето тоа го знаеме дека денешниот празник Воздвижение или Подигнување на Чесниот и Животворен Крст на Христа нашиот Бог и Спасител, и поклонувањето во подножјето на Неговите нозе, не е всушност ништо друго, освен покајание на човечкиот род. Па од нас денеска што се бара? Ветување и аманет дека ние нема да Го распнеме Христа, како што Го распнале Јудеите, а тоа значи нема да грешиме, нема Неговата глава да ја правиме со рани, примајќи во својот ум грешни мисли, помисли и фантазии. Ние нема, браќа и сестри, да дозволуваме во нашето срце да се вселуваат грешни желби, грешни чувства, грешни похоти и страсти, со кои Го прободуваме срцето Христово. Ние исто така, браќа и сестри, нема да дозволиме да одиме по грешни патишта, и со тоа повторно да ги прободуваме Неговите нозе и раце.

Нема да Го целиваме Неговото лице со нашите грешни усти, како што Јуда Го целивал, кога Го предал Христа. А и ние денеска кога Го предаваме Христа, со тоа што не живееме во согласност со Неговото Свето Евангелие, со Неговите Свети Закони, со Неговите Заповеди, со учењето на Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци, тогаш ние, браќа и сестри, тој аманет го испраќаме до Христа.

Што бара од нас Христос? Христос од нас го бара, она што го рекол преку устата на Светиот пророк Давид: „Дај ми го сине твоето срце“. А Давид одговорил: „Еве Боже, подготвено е моето срце за Тебе“.

И ние, браќа и сестри, да речеме: Подготвени се нашите срца, за да ги исполниме Божјите Заповеди, да Го возљубиме Бога, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум, со сите свои помисли, и ближниот како себеси.

Па така, да застанеме пред Чесниот и Животворен Крст, кој што се наоѓа на средината на храмот и да се поклониме пред него, пеејќи ја црковната песна: „Се поклонуваме пред Твојот Чесен Крст Христе Боже и го славиме Твоето Воскресение“. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар