Триесет и прва недела по Педесетница (Недела по Раѓањето Христво) – Света Архиерејска Литургија во храмот „Света Великомаченик Димитриј“ во Битола

На 10.01.2021 г., во Триесет и првата недела по Педесетница (Недела по Раѓањето Христово), кога го празнуваме споменот на Свети праведен Јосиф ОбручникСветиот цар Давид, Свети Јаков, брат Господов, Светите Дваесет илјади никомидиски маченициПреподобен Симеон Мироточив и споменот на Светата маченичка Домна, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение протоерејот  Душан Талевски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Од литургиското Евангелие од денешната недела по Христовото раѓање, слушнавме дека за Богомладенецот, односно за Спасителот наш Господ Исус Христос се говори дека бил гонет уште од денот на Неговото раѓање. Мечот е веќе изваден од ножницата, и како што слушнавме од денешното Свето литургиско Евангелие, Ирод штом дознал од мудреците од Исток дека е роден царот јудејски, и мислејќи дека тој ќе биде земен цар, политички цар, и дека ќе му го земе неговиот престол, токму од тоа побуден, ги испратил мудреците да Му се поклонат на новородениот Богомладенец, и да се вратат кај Ирода и да му кажат каде е Тој за и тој божем да Му се поклони односно намерата негова била да го убие Богомладенецот плашејќи се дека ќе му го земе царството. Но откако констатирал тој дека бил измамен од мудреците кои си заминале по друг пат за својата земја според јавувањето на ангелот, тогаш се озлоби Ирод и ја побара душата на Богомладенецот да ја погуби. Затоа испрати војници во Витлеем и околината да ги убијат сите деца помали од две години, сметајќи дека меѓу нив сигурно ќе биде убиен и Христос нашиот Спасител. Но не како ние луѓето што мислиме туку како што Господ сака така се случуваат работите. И ете иако биле убиени четиринаесет илјади младенци во Витлеем и околината меѓу нив не бил меѓу убиените Христос нашиот Спасител, зашто во сон му се јавил ангелот Божји на Јосифа и му рекол: земи Го Младенецот и мајка му и бегај во Египет, зашто Ирод ја бара душата на Богомладенецот да ја погуби. Па така Јосиф Праведниот со Пресвета Богородица тргнале на пат во Мисир како што веќе свтиот пророк Осиј претскажал дека од Мисир Го повика својот Син да се врати. Ете браќа и сестри, кога веќе слушаме за овој страшен настан за оваа погибел на четиринаесет илјади деца во Витлеем и околијата  за ретко таков скоро во историјата на човештвото невидено злосторство на убиство на четиринаесет илјади невини деца ние мораме да размислиме кој бил овој човек царот Ирод? Царот Ирод бил многу злобен човек. Тој никого не штедел за да го задржи царството. Тој мислел како што многумина и денеска мислат дека животот на земјата е вечен тука а не дека ние сме смртни поради прародителскиот грев како што вели светиот апостол Павле: Адам згреши и умреа, преку Адама и ние згрешивме и умревме, туку тие мислат дека вечно тука на земјата ќе живеат па затоа плашејќи се дека ќе му биде земен престолот тој превзел такви и уште други лоши дејствија. Тој го убил Хиркан неговиот тест, ги убил неговите двајца синови Аристовул и Александар, ја убил својата прекрасна и паметна жена, го убил и свбојот брат. Замислете човек што ги убива и своите најблиски и децата и породот свој. Што човек може да биде тој освен ѕвер, ништо друго помалку, браќа и сестри. Ете таков бил Ирод и не само тој, сите оние што слично како него постапувале и во Стариот и во Новиот Завет иста нивна судбина се случувало, односно нив ги снајдувало истиот начин на трагедија онака како што тие правеле гревови така завршувал и нивниот живот. Да си спомнеме за Саула кој сакаше да го убие Давида дека се самоуби. Да си спомнеме и за Ахава царот кој сакаше на Навутеј односно му го зеде по наговор на Езавела неговата жена лозјето од неговиот татко па двајцата завршија така како што завршија, беа убиени, овој од Јуи царот кој што подоцна стана и го уби а исто така и неговата жена Езавела беше фрлена од куќата царска и кучињата како што беше пророкувал светиот пророк Илија ја изедоа и ја лижеа нејзината крв. Така завршија и некои во Новиот Завет како што заврши овој Ирод  се разбира беше нападнат прво од тешка болест , му се распаѓаше телото и црви на животот го јадеа.  Така загинаа и други во Новиот Завет, браќа и сестри, и во подоцнежната свештена христијанска историја како што биле царот Нерон, потоа Диоклецијан па отпадникот од нашата вера православна кој бил негуван од Црквата Јулијан Апостатата и други цареви и други луѓе кои правеле големи злосторства.

Но ние од денешното свето евангелие треба да извлечеме наравоучение. Имено, најнапред зошто се случи убиството на четиринаесет илјади младенци во Витлеем и околијата? Затоа што тие се првите маченици  за верата наша света православна. Имено не може никој да го посведочи Бога поинаку освен со збор со дело и особено со својот живот. Се вели дека нашата света црква почива врз мачениците , врз крвта на мачениците. Првите маченици за верата наша света православна се токму овие четиринаесет илјади деца што пострадаа во Витлеем и околијата. На нивната крв се темели, браќа и сестри, нашата православна вера и ете плачот и писокот на мајките толку беше силен што ја пробуди таму некаде во Витлеем починатата многу одамна Рахил која се вели дека воскреснала во тој ден времено за и таа да плаче заедно со мајките кои ги загубиле своите деца. Затоа и на почетокот рековме како што пророкувал пророкот еремија: Рахил плаче за своите деца и нема да се утеши зашто ги нема. Рахил е онаа која беше жената на Јакова која имаше два сина, првиот Јосиф, кој како што си спомнуваме се прослави во мисирската земја кој беше продаден од неговите браќа пострада но сепак го спаси семејството и својот народ, а вториот е Венијамин со кого практично на своето пораѓање умрела Рахил. И ете токму таа Рахил сега плаче заедно со мајките кои ги загубија тие четиринаесет илјади деца.

Денеска, браќа и сестри, ако ние се прашуваме дали ние сме нешто подобри од Ирода и од сите оние убиците или богоубиците не можеме да речеме иако сме христијани иако сме крстени дека многу подалеку сме отишле во позитивна смисла на зборот, зашто ете од нашето сознание од статистиката што ја имаме ние денеска за она што се случува во денешно време а тоа се чедоморството или абортусите на децата кои се неродени. Во Македонија се над триесет илјади годишно. Нашата војска на почетокот беше пет илјади денеска ако направиме споредба значи почетните шест наши војски се убиваат во утробите на мајките. Поголемо злосторство е ова од она што го направил Ирод зашто тие биле веќе родени деца а овие се неродени уште во утробите на свопите мајки. Ирод беше оној злосторникот што ги убиваше а овие што ги убиваат се мајките во договор со нивните мајки, односно бабите, честопати татковците со дедовците и со најблиските . Иако ние тоа го знаеме и сметаме дека тоа не е никаков грев уште поголем грев правиме и прошка нема да има се додека не отидеме кај свештеникот, нашиот духовник, и го молиме да му кажеме се што сме направиле и да побараме прошка за нашите гревови, односно од Бога прошка зашто Бог простува преку свештеникот кој, на кој му е дадена власта да простува во името на Бога. И не само тоа браќа и сестри, следува и епитимија или поправителна мерка за оние што направиле таков грев или што учествувале во таков грев. Тоа се страшни гревови. Ќе ви кажам еден случај од едно искуство од една исповед без да се говори за име  и презиме. Имено станува збор за една жена која барала лек за својата болест за чедоморството откако родила пет деца а шестото го убила во својата утроба, но мир и спокојство немала зашто била навистина христијанка која знаела каков голем грев направила,побарала секаде лек, не можела да најде и конечно на исповедта го вели следното,  дека таа бара од својот духовник да и се објасни како може да го окае својот грев. А откако веќе духовникот ја сослушал и откако разбрал за што се работи,  духовникот и рекол дека треба да бара лек во смисла ако веќе едно дете убила едно дете да посини и да го одгледа да го воспита во нашата света православна вера и Црква најверојатно преку пролеани многу солзи за својот грев ќе и биде простен гревот. А таа одговара дека веќе посвоила дете, нашла до еден контејнер фрлено дете живо што некоја млада го родила и го фрлила таму и ете го одгледала лично, го познавам и детето и таа мајка што го посвои и го израсна и го ожени и на на прашањето како се чувствува и колку го сака, зборот беше, повеќе од тие пет што ги родила, зашто во него гледа она убиеното. Ете браќа и сестри, ова само нека биде само еден поттик за сите нас кои сме направиле или сме учествувале во ваков грев. А денеска ако се знае дека има триесет илјади убиени младенци во утробите на мајките, статистички, сигурно бројот на оние што не се знае можеби е уште толку.

Ние се прашуваме како православните македонци ќе опстојат во нашата татковина Македонија. Тешко, браќа и сестри, тешко зашто немаме никаква гаранција дека нашиот род се продолжува, напротив ние исчезнуваме во нашата татковина Македонија и утре таа не ќе биде на македонците, на другите ќе биде што раѓаат по десет деца. Некои се правдаат: па немаме услови! Верувајте ние постарите, и јас се ставам во нив, но оние што се уште постари од мене, што имаат по осумдесет па и повеќе години, знаат дека едвај леб успеваа да обезбедат нивните татковци и мајки за нив ама раѓаа по десет, ако не по десет,  шест – седум сигурно. Ние лебот го фрламе по контејнерите и велиме дека нема средства, нема услови, нема начин да се одгледаат деца. Има браќа и сестри, и тоа уште како ако имаме добра волја, ако сакаме да го продолжиме нашиот род. Тоа е првата Божја заповед: раѓајте се и множете се и наполнете ја земјата! А ние напротив стануваме каиновци, како Каин што го уби својот брат, така и ние ги убиваме или браќата или сестрите и што е најлошо, како што рековме чедата во утробите на мајките. Знаете ли пак од друга страна колку има брачни другари кои се ожениле или се омажиле и сакаат да имаат деца, но Господ ете не дава. Ете тие се страдни за деца, како народната: оф за деца, оф од деца. Овдека офкаат овие за деца а нема деца, се убиваат децата во утробите на мајките. Ако некоја девојка или жена која навистина зачнала во утробата своја и не сака тоа дете таа да го гледа, нека се потруди нека го роди зашто преку раѓањето нема да и биде ризикот толку голем и опасен колку што е ризикот со абортусот и нека го однесе во денешните заводи за доенчиња и мали деца за сираци, и оттаму ќе го земат. Знајте нема таму, луѓе има илјадници што чекаат а нема деца да се израдуваат. Па ете тие што не сакаат да ги родат односно да ги гледаат нека ги родат и нека ги дадат да усреќат некој друг и тогаш пак можеби побргу сигурно сто пати побргу ќе им биде простен гревот отколку ако го убијат. Ете читавме по весниците и на телевизијата за еден нашинец таму како своите две свои дечиња родени ги убил ги задавил а наместо да ги однесол таму во еден таков завод кај што ќе се радуваат многумина и дури ако сака да каже дека е тој биолошкиот родител тогаш верувајте овие ќе го имаат за свој брат, за свој близок, за свој најблизок, за вистински родител на она дете што тие ќе го подигнат. Ете во таа смисла браќа и сестри ние да размислиме, дали не сме и ние на истото место на истиот пат на истата линија со Ирода кога или учествуваме во таквите недела во убиствата на децата па и на возрасните или не сме можеби и директни убијци. Да се помолиме на Христа нашиот Спасител Богомладенецот, заради кого пострадаа оние четиринаесет илјади деца, да внуши во нашите души и срца дух на мудрост, дух на разум, дух на добрина за да можеме да ги разбереме Неговите свети зборови, за да можеме и ние по примерот на оние кои ги жртвуваат и своите животи за другите како што вели Господ Исус Христос кој ја положи душата своја за својот ближен тој ќе ја спаси. Амин! Нека е честит денот, за многу години, браќа и сестри!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар