Свети Нектариј Битолски – Светa Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола

На 18.12.2021 г., кога го празнуваме споменот на Свети Сава Осветен и споменот на Свети Нектариј Битолски, заштитникот на градот Битола, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на  протоереј ставрофорот Никола Грамбозов, протоереите Златко Костовски и Кирил Трајковски, протоѓаконот Драган Георгиевски, ѓаконите Ѓорѓи Делев и Златко Крстевски, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

После Божествената Литургијата, беше одржана свечена Литија низ градот Битола, со чесните мошти на Свети Агатангел Битолски.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Како ѕвезда зороносна си изгреал на Атос, си го осветил карејскиот скит, те воспита градот Битола, отче наш Нектарие. Просбетли ги сите што со љубов те чествуваат и непрестајно моли се за сите нас. Слава Му на Христа, Кој те прославил, слава Му што те облагодатил, слава Му на Оној што преку тебе ни даде исцеление“. (Тропар на Свети Нектариј Битолски)

Велик е овој светител, браќа и сестри, на нашата Света Православна Црква, преподобниот отец наш Нектариј, кој е од нашиот Македонски род, од Битола.

Свети Нектариј уште како момче од својата рана младост, заминал да се подвизува заедно со својот татко Пахомиј, кој откако претходно се договорил со неговата сопруга да се разделат, како што повелаат каноните на нашата Света Црква, во манастирот посветен на Светите безребреници Козма и Дамјан во Битола.

Ете, монахот Пахомиј со себе го зел својот син Никола, кој толку многу на Бога Му се посветил, што и својот роден град Битола го оставил, за да се оддели од народт и вревата, и отишол во Света Гора. Таму во таа монашка држава, Му се посветил целосно на Бога, не заборавајќи го својот град Битола, кој го воспитал како што слушнавме од неговиот тропар, т.е. од кратката песна која нему му е посветена, во која се изразени најбитните нешта од неговиот живот.

Свети Нектариј, на Света Гора, бил под закрила на големите духовници Дионисиј, Филотеј и Лука. Во неговото житие се вели дека на Света гора претрпел големи искушенија, бидејќи еден монах му позавидел и сакал да го убие. Токму затоа му било речено на извесно време да се отстрани од заедница со духовниците, за подоцна повторно да може да биде со нив. Но сатаната, браќа и сестри, се обидувал на различни начини да го раздели од неговите духовници. Кога неговиот духовник починал, Свети Нектариј многу се ожалостил, па токму затоа, колку што е можно ги удвоил молитвите и подвизите, и се молел на Бога за целиот свет, но секако најмногу за Битола, градот што го воспитал.

Светиот Нектариј, кон крајот на својот живот, тешко се разболел и ја предал својата Света душа на Бога.

Ние православните христијани, пред крајот на својот живот треба да го молиме Господ да ни даде и страдања, маки, искушенија и болести, или со други зборови, да го завршиме својот живот, како што и Христос нашиот Бог и Спасител го завршил Својот живот, со најголеми страдања, заради нас и нашето спасение, односно да биде распнат на Крст, да ја пролее Својата Света Крв на Крстот, преку кого ние грешните и недостојните се спасуваме. Преку Крстот, Спасителот Христос нас нè избави од гревот и смртта, зашто преку Крстот Христов дојде и воскресението Христово, кое е гаранција и за нашето воскресение и животот вечен во Царството Небесно.

Господ, браќа и сестри, Светиот Нектариј, не го заборавил, туку му подготвил вечен венец на небесата во Царството Свое. Ете, на тој начин, не само што ја осветил неговата душа и го просветлил неговиот ум, туку го очистил и неговото срце, а исто така не дозволил неговото тело да се распадне, туку да биде свето и исполнето со благоухание.

Пет години по неговото погребение, кога монасите го отвориле неговиот гроб, виделе дека неговото тело е нераспадливо, кое е потврда на она  што го говори Светиот апостол Павле, кој вели: „Зар не знаете ли, дека телата ваши се создадени да бидат храмови на Светиот Дух“ (1. Кор. 3, 16).

Браќа и сестри, токму затоа Господ ги создал нашите глинени тела, да бидат храмови на Светиот Дух, зашто во нив, возљубени во Господа, браќа и сестри, е душата човечка.

Душата човечка е од Бога создадена за во неа да има: ум, разум и волја, кои одговараат или упатуваат на Светата Троица, на Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Па така, браќа и сестри, затоа што Адам не успеал да ги обедини спротивностите во светот и да ги победи сите лукавства на нечестивиот, односно да се избори со сите искушенија, туку згрешил, прекршувајќи ја единствената Божја заповед, да не јаде од забранетиот плод. Ете, затоа му се помрачи прво умот, а потоа секако и разумот, т.е. себеси се издигнал и се поставил над Бога, зашто неговиот разум сакаше да стигне до Бога, без Бога, па така тој си се обожи, како да е бог, но откако виде дека не е бог, почна да бара божества во природата, па за бог ги прогласи: сонцето, ѕвездите, планетите, па продолжи да Го бара Бога и меѓу животните и предметите, зашто бидејќи се оддели од Бога, нашиот Спасител, од Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

И ете, браќа и сестри, како што слушнавме од денешниот Свет Апостол и од Светото Евангелие дека оние што се Христови, ги распнуваат своите тела со похотите и страстите, а тоа значи дека Христовите луѓе ги распнуваат телата со тоа што не им дозволуваат на своите тела задоволства, т.е. не им дозволуваат на своите телата да уживаат во телесните наслади и уживања. Оние кои се Христови, не сакаат да ги покорат телата на нечистите духови, туку сакаат во себе да го имаат Светиот Дух, Кој се вселува во нас преку Божјата благодат, која се божествени несоздадени енергии од Бога. Ете, преку тие Божествени енергии ние се поросветлуваме.

Оној што го очистил своето срце од секаква нечистотија и го просветлил умот, може да стане храм на Светиот Дух. Тоа, всушност, е нашата цел на земјата, да станеме храмови на Светиот Дух.

Најголема жалосна соостојба за човекот е тоа што човекот е создаден како најразумно суштество на земјата, т.е. да биде цар на созданијата, а ете паѓа толку ниско, а честопати и подолу од животните, кои се раководат според инстиктот и нивната анимална душа и не грешат, а ако згрешат, тоа е поради нас луѓето, кои честопати се изживуваме со животните, биејќи ги, тепајќи ги или насочувајќи ги да се борат едни против други, и.т.н.

Ете, во тој дух, Светиот апостол Павле вели: „Падне ли некој во грев, вие мудрите поправајте го него со кротост, милост и љубов, не заборавајќи дека и вие можете да паднете во исти или поголеми искушенија“, од секој што паднал во такви искушенија.

А Господ наш Исус Христос во денешното Свето Евангелие вели: „ Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Мат. 11, 28-30) Има ли денес, браќа и сестри, некој, кој што не е оптоварен со нешто? Нема. Има ли некој што може да рече дека е потполно здрав? Верувајте, тој што денеска ќе рече дека е потполно здрав,  мислам на телесно здрав, но има проблеми со умот. Штом ќе речеме дека сме здрави и праведни во сè, влегла веќе гордоста во нас, која е мајката на сите гревови.

Ете, гледате како погрешно ги учиме децата,  да имале самодоверба во себе, а забораваме дека секој од нас е подложен на влијание, или на ангелот чувар, кој што ни шепоти од нашата десната страна и ни внушува во умот и срце добри мисли, помисли, желби и чувства, а од левата страна е сатаната, кој ни внушува ложи желби, мисли, чувства, похоти и страсти што стануваат дела.

Ете, токму кога човекот смета дека со неговите можности, со неговите сили може да постигне сè, паѓа во најголемо искушение, т.е. станува жртва на сатаната, и во него се вселува гордоста, која како што рековме е мајка на сите гревови. Понатаму следуваа останатите гревови, меѓу кои е среброљубието, кое денеска е премногу присутно меѓу нас. Зашто за среброљубието (парите), луѓето денеска сè предаваат, и татко и мајка, и браќа и сестри, и жени и деца, сè ќе предадат за пари. Факт е дека дури и оние што се поставени во државата да делат правда, според истражувањата најподложни се на среброљубието, на поткупот, на корупцијата и.т.н.

Од друга страна, пак, ќе се постави прашањето, како, браќа и сестри, да се избавиме од овие гревовни состојби? Некои ќе речат, преку воспитување на децата, на идната генерција. Но кој ги воспитува децата, браќа и сестри? Со исклучок на добрите педагози, наставници и професори, мнозинството за жал, сосема погрешно ги учи децата. Прво ги учат со својот пример да лажат и да крадат, не сите, ама еден добар дел на тоа ги учи. Ние денеска на што сме жртва? На лагата, а татко на лагата е ѓаволот. Значи жртва сме на ѓаволот. Затоа, секој што лаже, бидете сигурни дека е син на ѓаволот, почнувајќи од мене ако лажам, па до последниот човек.

Човекот никогаш не треба да лаже, па дури ни кога некој е болен или на умирање,  ако го излажете дека е здрав, грев сте направиле, бидејќи на тој начин, не му давате можност да се покае за гревовите и да се причести, т.е. да се соедини со Христа преку Причесната.

Затоа никој да не се осмелува да лаже, браќа и сестри, било по кој основ или причина. Кажано е дека тие што лажат, крадат.

Има една народна досетка во која се вели како таткото го учел синот да краде, но му велел да пази да не го фатат, бидејќи ако го фатат, тогаш ќе заврши во затвор. Па така, кога го фатиле и фрлиле во затвор, таткото го посетил синот во затворот, а синот му рекол: „Ти ме донесе во затворот“. Таткото му одговорил: „Не, јас не те донесов, туку ти заборави дека ти реков: внимавај да не те фатат“. Секој што се служи со лага и измама, завршува така.

Значи правилно треба да се воспитуваат децата, браќа и сестри. Исто така, ние денеска сме сведоци за тоа дека нема никаква почит кон светителите. Јас почесто на тоа укажувам и сношти укажав, не дека сакам некого да навредам, туку целта е сите да се поттикнеме, прво јас, а после и вие дека вака како што досега одат работите, не одат на добро, туку сè на полошо и полошо. Токму затоа од некаде треба да почнеме да ги поправаме тие состојби, а тоа ќе го направиме ако почнеме од семејството. Во семејството таткото и мајката треба да не ги лажат децата, туку да ги учат и правилно да ги воспитуваат. Децата треба да имаат љубов помеѓу себе и да ги почитуваат родителите. Семејството е домашната црква, браќа и сестри. Сè надвор може да се прикрие, но во семејството не може ништо да се прикрие и никој не може да се претстави поинаку, отколку онаков, каков што è, зашто сите го знаат каков е дома. Затоа основата на воспитанието, основата на чесниот и достоинствен живот, е семејството, па токму затоа од таму треба да почнеме.

Во семејството не треба да има поделби, во смисла овој повеќе го сакам, а овој помалку, туку ист однос и љубов да покажуваме кон сите. Истото (тоа) треба да биде и во работните организации, во политиката, општеството и Црквата.

Мораме да отпочнеме војна, браќа и сестри? Со кого војна? Со ѓаволот и со неговите ангели (демоните). А војната треба да почне на овој начин, сè што не е чесно и достојно да го презреме и да почнеме едни со други да се корегираме, зашто во Светото Писмо е кажано: „Ако твојот брат ти згреши, повикај го насамо и поучи го, а ако те послуша, си го придобил за Христа, а ако не те послуша, викни двајца или тројца сведоци и пред нив кажи (за тие да пресудат дали си во право), а ако и тогаш не те послуша, кажи го на Црквата, т.е. на судот црковен, а ако и Црквата – судот не го послуша, нека ти биде како незнабожец и  неверник“. Ете, таков треба да биде нашиот однос кон сите.

Секое попуштање, значи дека не сме на правиот пат, кој води во Царството Небесно.

Патот е навистина прав, но патот е прав и за рајот, ама е прав и за пеколот, па дури за пеколот бил послан со многу убави ветувања и.т.н. Затоа да се вразумиме и да го имаме за пример денешниот славеник, Светиот Нектариј Битолски, кој го презрел градот Битола со земните и материјални уживања и наслади, но не го презрел за она што го воспитал да биде вистински подвижник на нашата Света Православна Црква. Него Господ го удостоил да биде свет, за да се моли за нас грешните и недостојните.

По неговите Свети молитви, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар