Седумнаесетта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Никола“ – Боримечка

На 17.10.2021 г., кога го празнувавме споменот на Светиот свештеномаченик Еротеј, Светиот Стефан ШтиљановиќПреподобниот Амон и споменот на Преподобниот Павле Препрости, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, ерејот Николче Неделковски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Никола“, во Боримечка.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

После Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, изврши осветување на новиот фрескоживопис во храмот.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„О, жено, голема е твојата вера“ (сп. Мат. 15, 28), и рекол Господ наш Исус Христос на жената Хананејка.

Откако многу народ тргнал по Господа Исуса Христа во Јудеја, Господ одлучил да отиде и во земјата Тирска и Сидонска, која била незнабожечка земја. Луѓето в оваа земја, живееле во темнина и мрак, и токму затоа Господ Исус Христос отишол таму.

Тогаш кон него пристапила оваа жена Хананејка, и почнала да вика со силен глас: „Исусе, сине Давидов, помилуј ме грешната! Мојата ќерка, жестоко се мачи од бес“ (сп. Мат. 15, 22).

Спасителот Христос, не обрнал веднаш внимание, на овие зборови на жената Хананејка, па токму затоа, таа не престанала да го моли уште повеќе, поупорно и поистрајно со повисок глас. Господ, на второто нејзино молење, за да ја излекува нејзината болна ќерка од бес и рекол, согласно поговорката каj Евреите за понижените народи, кои не биле како избраниот Еврејски народ, кој во Стариот Завет, го запазил учењето и верата во Единиот Бог. И ете, Господ ја употребил познатаа еврејската поговорка „не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата“ (сп. Мат. 15, 26).

Жената Хананејка, прифатила, таа, нејзината ќерка и нејзиниот незнабожечки народ, да бидат  вброени меѓу кучињата, само со една цел, Господ да и ја исполни нејзината молба, односно да ја излекува нејзината ќерка.

Господ ова го кажал, со цел, тоа да го слушнат и Неговите ученици, Апостолите, кои добро го знаеле односот на Еврејскиот народ, кон другите народи, кои не знаеле за вистинскиот Бог, дека и тие се деца Божји и синови на небесниот Отец. Токму затоа, Господ ги повикал апостолите, со цел да им укаже, да не ги потценуваат другите народи, кога ќе го проповедаат Словото Божјо, бидејќи истото е дадено за сите подеднакво, како за Евреите, така и за Грците, Римјаните, и за сите народи.

Откако Господ ги кажал овие зборови, жената Хананејка, не престанувала да го моли Христа да ја излекува нејзината ќерка, велејќи  Му: „Да Господи, и ние незнабошците сме кучиња, во однос на оние луѓе, кои се избрани од Бога, но и кучињата јадат од трошките, што паѓаат од трпезата на нивните господари“ (сп. Мат. 15, 27). Со други зборови, жената Хананејка сакала да му каже на Господа, дека таа ќе биде задоволна, ако нејзе и се укаже најмала љубов, односно да се излекува нејзината болна ќерка, која била обземена од бес.

Откако цел народ ја видел нејзината силна вера, нејзината упорност во верата, нејзиното смирение и трпение, нејзината покорност и пониженост, тогаш Господ и рекол: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!” (сп. Мат. 15, 28). И во тој час, според зборовите на Светото Евангелие, била излекувана нејзината ќерка, којa страдала од бес, односно од нечисти духови.

Веднаш се поставува прашањето, браќа и сестри, во врска со ова чудо, дали и ние имаме таква силна вера, како жената Хананејка, која длабоко верувала дека Господ може да ја излекува нејзината од бес, болна ќерка?

Нејзината вера била беспрекорна. Дали и нашата вера, е беспрекорна? Дали ние веруваме, онака како што нас нè учи Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци, на нашата Света Православна Црква? Не, браќа и сестри, бидејќи ние многу често попуштаме во верата, а исто така, не ги знаеме дури и основните вистини за верата. Ние не го знаеме напамет Символот на Верата. Секој ден, односно, наутро, напладне и навечер, не ја читаме молитвата „Отче наш“, не ја кажуваме молитвата кон Пресвета Богородица, „Богородице Дево, радувај се благодатна Марие“, не ги читаме вечерните и утринските молитви, не ги читаме молитвите пред и по Света Причест. Ние, браќа и сестри, не ги исполнуваме и не ги извршуваме основните работи, кои ни се нам наложени во верата, по две илјади години проповедање на Евангелието, во оваа наша библиска земја Македонија.

Ете, кога правиме споредба, помеѓу нас и жената Хананејка, од неа да се поучиме, на силната вера, која таа ја покажала, иако пред тоа не била правоверна, бидејќи припаѓала на народот од земјата Нефталимова и Завулонова. Оваа жена, браќа и сестри, покажала и истрајност во молитвата, и трпение во верата.

Кој од нас, браќа и сестри, кога имаме големи страдања и болки, или кога боледува некој наш близок, татко, мајка, брат, сестра или деца, е упорен во молитвата како што била упорна жената Хананејка, која и покрај тоа што Господ не и обрнал никакво внимание на првата нејзина прозба и молба, таа не престанала да го моли и да вика со уште посилен глас: „Смилувај се на мене, Исусе, Сине Давидов“ (сп. Мат. 15, 22).

Ете, како што кажавме и претходно, Господ и ја кажал на оваа  жена, и познатата Еврејска поговорка, дека „не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата“ (сп. Мат. 15, 26), односно, дека Спасителот Господ Исус Христос, нејнапред бил испратен „при загубените овци Израилеви“ (сп. Мат. 15, 24), односно при Еврејскиот народ.

Но, жената Хананејка, не паднала во очај, туку била истрајна до крај, сè додека Господ не и ја исполнил молитвата, односно не ја излекувал нејзината од бес, болна ќерка.

Каде сме ние, браќа и сестри? Дали ние се молиме до крај, кога сме во несреќа и мака, за Господ да ни помогне и да ни ја исполни молитвата. Ние, браќа и сестри, не треба да се молиме само тогаш,  кога имаме мака, туку треба да се молиме, и тогаш кога Господ ни дава сè во изобилство, бидејќи молитвата не ја упатуваме кон Господа само кога страдаме, туку и тогаш кога му благодариме на Бога.

Всушност и Божествената Литургија, е благодарствена служба кон Бога, за сè она што Господ ни дал, а ние, сè додека имаме во изобилство многу работи, забораваме да му благодариме на Бога, за тоа што го имаме, за здравјето, животот, за тоа што сеуште сме во ова тело, и за тоа што ни дал време и можност да се покаеме за нашите гревови.

Ете така, браќа и сестри,  ние треба да постапувме, според примерот на жената Хананејка. Нејзиното трпение било големо, а каде е нашето трпение? Ние, кога нешто ќе побараме од Бога, и Бог нема да ни го исполни, веднаш почнуваме да зборуваме против Бога, дека Господ не нè сака, дека не ни ги исполнува желбите и.т.н.

Светиот апостол Јаков вели: „Барате и не добивате, оти зло барате, за да го трошите во вашите похоти и страсти“ (сп. Јак. 4, 3). Зарем ние, браќа и сестри, не бараме честопати, материјални и недостојни работи, а не она што е најбитно и неопходно. Господ рекол: „Најнапред барајте го Царството Небесно и Неговата правда, и сѐ друго ќе ви се додаде“ (сп. Лука 12, 31).

Дали ние, во нашите молитви се обрнуваме кон Бога и велиме: „Господи, дај ни го Царството Небесно и Твојата правда!“ Не, браќа и сестри, ние бараме, леб, храна, уживање, односно сè што е земно, материјално и преодно, и токму затоа Господ не ни дава, оти не бараме она што е добро за спасение на нашите души, туку бараме зло.

Па така, во тој дух, сакам да укажам дека, денешната молитва на жената Хананејка, ни е дадена нам како пример.

Во нашата свештена историја, ние имаме безброј примери, од кои можеме да се поучиме. Имено, кога молитвата е силна, тогаш Господ веднаш ги исполнува нашите молби.

Кога Светиот апостол Петар бил ставен во затвор, тогаш целата Црква, се молела за него, а Црквата се верните со свештенството и монаштвото, собрани околу својот Епископ (Владиката). Ако Црквата се моли, тогаш нема молитва, која неможе да биде исполнета. Затоа Господ Исус Христос рекол: „Ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете ли на оваа планина: Премести се одовде таму? и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно“ (сп. Мат. 17, 20). Но ние немаме таква вера, и затоа не ни се исполнуваат молитвите.

Но ете, Црквата Божја упорно се молела, кога Свети апостол Петар бил во затвор, и Господ нашол начин, односно испратил ангел Божји да му ги одврзе прангите и синџирите на рацете и нозете, и да го извади од затворот.

Најсилната молитва, е молитвата на Црквата, односно молитвата на верните. Сите други молитви се богоугодни, но тие молитви се приватни. Вистинската и најсилна молитва, е молитвата на Божествената Литургија. Зошто? Затоа што на  Божествена Литургија, почнувајќи од Проскомидијата, свештеникот се моли за сите луѓе, односно, и за живите и за покојните. Потоа, понатаму продолжува, Литургијата на Огласените, кога на верните  им се проповеда Словото Божјо, а исто така, и на оние кои сеуште не се крстени. Ние денес, проповедта ја извршуваме подоцна, бидејќи поголемиот дел од верниците, доаѓаат подоцна во храмот. Правилото налага, веднаш после прочитувањето на Светото Евангелие, да се говори проповедта, односно да се појасни, она што ќе биде прочитано во апостолот и Евангелието.

И така, доаѓаме до третиот дел од Божествената Литургија, кој се нарекува Литургија на верните, кога на овој Свет Престол, се случува Чудото над сите чуда, односно слегувањето на Светиот Дух врз предложените дарови на Светиот Престол. Под дејство на Светиот Дух, овие Дарови се претвораат во Тело и Крв Христови.

Ние сите кои се подготвуваме, со пост, молитва и исповед, а исто така, земаме активно учество на Божествената Литургија, треба да пристапиме и да го примиме Телото и Крвта, на Спасителот наш Господ Исус Христос. Ете, тоа е онаа вистинската молитва, која ние треба да ја следиме, браќа и сестри. Ако ние така подготвено пристапуваме на Божествените Литургии, односно ако така се молиме, како што се молела жената Хананејка, ако имаме силна вера како нејзината, ако покажуваме смирение како нејзиното, кога прифатила да биде споредена со кучињата, само за да се излекува нејзината ќерка, тогаш ние ќе можеме да се надеваме на Божјата помош и милост.

Затоа ние, да не престануваме да се молиме на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар