Обрезание Господово и Свети Василиј Велики – Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола

На 14.01.2021 г., кога го празнувавме Обрезанието по тело на Спасителот наш Господ Исус Христос  и споменот  на Светиот Василиј Велики, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Атанас Лажовски и протоѓаконот Драган  Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола. 

После Божествената Литургијата, беше отслужен молебен за благослов на предстојната Нова Година, благодарејќи му на Бога за сите дарови, кои секојдневно ни ги дава.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Тебе Господa Те фалиме, Тебе Господa Те исповедаме, Тебе превечниот Бог и Отец целата земја Те велича!“

Денес, браќа и сестри, ние го славиме, исповедаме и величаме Троичниот Бог, благодарејќи Му за овој троен празник т.е. Неговото Обрезание по тело, празникот на Свети Василиј Велики, Архиепископот на Кесарија Кападокиска, на кого денес споменот му го празнуваме и чија Божествена Литургија ја служиме, како и прославувањето на Новата црковна година според нашиот древен јулиански календар.

Па така, за овие три празници ќе поговориме по нешто.

Имено, Свети Василиј Велики, Архиепископот на Кесарија Кападокиска, е светител и еден од столбовите на Црквата Христова, заедно со Свети Григориј Богослов, Свети Јован Златоуст, Свети Кирил Ерусалимски и Свети Кирил Александриски.

Свети Василиј Велики е роден во многучлено семејство во 330 година во Кесарија Кападокиска, денешна Мала Азија. Како дете одраснал кај неговата баба Макрина, која длабоко во неговата душа, ум и срце, ја проткала нашата Света Православна Вера, односно во него проникнала верата на оваа славна светителка Света Макрина, бабата на Свети Василиј, а исто така и верата на истоимената негова постара сестра Света Макрина…

(Аудио) «Празнична аудио проповед на Митрополитот г. Петар»