Дваесетта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола

На 07.11.2021 г., во Дваесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светите маченици Маркијан и Мартириј, Светиот маченик Анастасиј и споменот на Света Тавита, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Атанас Лажовски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Големо чудо се случи, Господ испрати голем Пророк, за да го посети народот Свој“ (сп. Лука 7, 16).

Браќа и сестри, Спасителот наш Господ Исус Христос, заедно со Своите Свети ученици тргнал кон градот Наин, и ете, кога се приближиле до градските порти, од спротива доаѓала поворка на покојник т.е. на младо момче, кој бил син единец на вдовица, која немала ништо друго. Сета нејзина надеж во староста ја полагала во својот син, кој требало да ја догледа. И ете одеднаш, овие две спротивставени поворки морале да се соочат, па една од нив морала да отстапи. Која поворка требало да отстапи, браќа и сестри? Дали живата поворка на чело со Христа нашиот Бог и Спасител, Кој е изворот на животот и бесмртноста, или онаа другата на покојникот?

И ете, се докажало и покажало дека живата поворка никогаш не отстапува пред мртвата поворка. Затоа Спасителот наш Господ Исус Христос пристапил кон ковчегот на покојниот и се допрел до покојниот, иако според еврејскиот обичај било забрането луѓето да се допираат до мртвиот, зашто тоа се сметало како осквернување и обесчестување.

Да се запрашаме, браќа и сестри, дали може да се оскверни и обесчести Светиот над Светите, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој му проговорил на момчето со зборовите: „Момче, тебе ти велам стани“ (сп. Лука 7, 14), а момчето кое било мртво, станало од мртовечката постела, од мртовечкиот ковчег и почнало да зборува, и Христос нашиот Бог и Спасител и го предал на неговата мајка. Тогаш народот рекол: „Големо чудо се случи, голем пророк се појави меѓу народот свој“ (сп. Лука 7, 16).

Браќа и сестри, ова големо чудо што се случило во градот Наин, ни говори за тоа дека ние луѓето сме смртни по тело, но не и по душа, односно и душата по својата природа е смртна, се мисли на тоа дека е создадена од Бога, но по благодат таа не е смртна, па поради тоа ќе проговориме токму за овие нешта.

Имено, знаеме дека смртта е неизбежна и дека таа дошла не како Бог да ја определил, туку напротив, Бог го создал човекот не за смрт и за умирање, туку за живот вечен. Кога ги создал Адама и Ева, и им рекол: „Раѓајте се и множете се и наполнете ја земјата и владејте со неа“ (сп. 1. Мој. 1, 28). Бог на нашите прародители Адам и Ева им дал  само една заповед, говорејќи им: „Eте, имате две дрва, едно на животот, од кое ако јадете од неговиот плод, вечно ќе бидете живи, и друго дрво „на познавањето на доброто и злото“, но од него не јадете, зашто во кој ден ќе вкусите, ќе умрете“ (види 1. Мој. 2. 16-17).

Нашите прародители Адам и Ева, кои биле богови по благодатта, зашто е кажано дека кога Господ ги создал, им дувнал во носот дух животен и  тие постанале душа жива. Сè додека тој дух животен, а тоа е Божјата благодат, која е сила Божја, енергии Божји, кои нам ни се даваат при примањето на Светите Тајни: Крштение, Миропомазание, Покајание со Исповедта, Венчание, Светата Тајната на свештенството, преку Големиот Маслосвет, и конечно преку Тајната над сите Тајни, – Причесната, односно Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, а исто така и преку други подвизи, како што се молитвите, постот и сите наши усилби кога се обраќаме кон Бога, значи преку благодатта сме живи.

На тој начин човекот станал душа жива, но бидејќи бил искушан од сатаната, кој од искони, од почетокот е татко на лагата, а отпаднал од Бога поради неговата убавина. Тој се опрелестил и возгордеал до тој степен, оти бил најубавиот од сите ангели што постоеле како Божји созданија, кои се втората светлина, па така сатаната посакал да биде еднаков со Бога својот Творец, па дури и посакал да биде погоре од него, т.е. да се издигне над ѕвездите и таму да го направи својот престол и да владее. Токму заради тоа сатаната паднал како молња од небесата и бил фрлен од небесата, во поднебесните воздушни пространства и во пустините, каде што најмногу владее, но и меѓу луѓето, но и во луѓето, кои  замижуваат пред своите гревовни состојби и се согласуваат да го примат и да станат сотрудници, соработници и содејствители на сатаната, и со неговите ангели (демоните).

Ете, браќа и сестри, заради тоа дојде казната. А која беше казната? Господ им рекол на нашите прародители: „Во оној ден кога ќе вкусите од забранетиот плод, ќе умрете“ (1. Мој. 2, 17). Па така, веднаш штом ја прекршиле заповедта умреле, прво духовно, а потоа (во догледно време) и телесно.

Што значи да се умре духовно? Извор на животот е Бог, Спасителот наш Господ Исус Христос,  т.е. Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Во оној момент кога ние со смртните гревови ќе се одалечиме и отстапиме од Бога, ние духовно умираме, зашто живот без Бога, не е живот, туку смрт. За тоа имаме пример во Откровението Јованово, кога Самиот Бог му упатува порака на еден претстојател (епископ или владика) на една Црква, кој не живеел достојно, за својот чин, па му вели: „Иако си жив, (се мили телесно), знам дека си мртов, зашто ги знам делата твои“ (Откр. 3, 1). Со тоа Господ укажува дека луѓето можат да бидат телесно живи, ама духовно да бидат мртви. Па така, кога Адама и Ева згрешиле, умреле прво духовно, а потоа и телесно т.е. умреле кога дошол денот.

Затоа, браќа и сестри, ние живеејќи во овој свет, треба да памтиме и размислуваме за тоа, дали сме пред сè духовно живи, дали живееме според Божјите заповеди, дали ги исполнуваме Божјите заповеди, зашто Господ рекол: „Моја мајка, Мои браќа и Мои сестри, се оние што ги исполнуваат Моите Заповеди“ (сп. Мат. 12, 47-48). Ете, духовно сме живи тогаш кога живееме според Светото Писмо, Светото Предание и според учењето на Светите Отци, кое всушност е објаснување на учењето на Христа нашиот Бог и Спасител. Па затоа, браќа и сестри, ние треба да се потрудиме и да знаеме дека нема друго време, нема друг простор, нема друг мегдан, каде што може да се спечали Царството Небесно т.е. животот во идниот век, како што читаме во Символот на Верата, освен тука на земјата, каде ние сме должни тоа да го спечалиме, ако живееме во согласност со учењето на нашата Светата Православна Црква.

Токму затоа, Господ  го направил ова чудо, за да ни укаже нам на  тоа дека ние треба да знаеме оти еднаш ќе умреме како што вели Свети апостол Павле: „потоа (веднаш) суд“. Што значи, сè додека не умреме, имаме можност да се покаеме и спасиме. Откако ќе умреме, можноста за спасение не постои, но постои можност за подобрување на состојбата на умрените, преку молитвите на живата Црква, кои ги вознесува на Божествените Литургии, како и со правење на добри дела, но тоа не значи дека Црквата оние што се во адот, кои подоцна ќе станат жители на пеколот, да ги пренесе во Царството Небесно.

Затоа, браќа и сестри, ние треба да бидеме разумни и да знаеме дека сите созданија, што се од Бога создадени, треба да го оправдаат своето назначување. Животните си ја извршуваат својата улога, како животни, билките, растенијата, птиците, рибите и сите други водни животни во реките, езерата, потоците и на секаде, си ја извршува својата улога за која се создадени, но само човекот, кој е создаден како венец или круна на сè создадено на земјата, е единствен кој има можност да биде со и против Бога, т.е. да се одрече од Бога, како што се одрекол сатаната, кој бил најблискиот ангел до Бога. Ангелите и луѓето се создадени според Божјата слика, а Божјата слика, браќа и сестри, е човечката душа, која е триедина, која има ум, разум и волја, и која кореспондира на Трите Лица на Света Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. И ете, ако луѓето како цареви и најразумни суштества што постојат на земјата, не успеваат да го оправдаат своето назначување на земјата, тогаш оправдување нема. За децата до седмата годишна возраст, одговорноста паѓа на родителите и старателите, но од седмата годишна возраст, тие одговараат сами за себе. И тука нема никаква забуна во тоа, па затоа ние треба да знаеме, дека сме создадени од Бога не за смрт и за умирање, туку за живот вечен. Затоа и Спасителот наш Господ Исус Христос со денешното чудо, т.е. со  воскресението на ова младо момче од мртвите, ни покажа дека ќе дојде време кога луѓето по смртта, пак ќе воскреснат и ќе оживеат.

Многумина велат, па како е тоа можно? Ако погледнеме во самата природа, имаме ќе видиме безброј докази за тоа. Прмер, ако зрното посеано во нивата не се разгради и изгние, тоа не може да изрти и и да донесе нов клас  и нов плод. Така и телото, ако не изгние во земјата или ако не се стопи или ако не го изедат животните или незнам што, тоа не може повторно да воскресне, затоа воскресението на мртвите е докажано од страна на Спасителот наш Господа Исуса Христа во многу случаеви и настани. Да си спомнеме како Спасителот наш Господ Исус Христос ја воскреснал дванаесет годишната ќерка на Јаир, која била умрена, да си спомнеме исто така како Господ Исус Христос го воскресна четиридневниот Лазара, чие тело во горбот се распаѓало и мирисало, па затоа неговите сестри не можеа да поверуваа дека Господ може да го воскресне, туку Му рекоа на Господа: „Да беше тука Господи, нашиот брат Лазар немаше да умре“ (Јован 11. 21), а Господ кога пристапи кон гробот извика: „Лазаре стани“ (сп. Јован 11, 43). Лазар стана и излезе од гробот, завиткан со сите оние погребни алишта, како што е обичај кај Евреите. И ете, Лазар поживеа и стана епископ на Кипар, и е патрон на Кипарската Црква.

Еве, овие неколку докази ни се доволни за воскресението на мртвите, преку чудото што го направил Господ Исус Христос. Некој ќе рече, како можам јас да верувам? По патот кога доаѓавме тука, дискутиравме со протоѓаконот, па меѓу другото беше кажано, односно тоа возачот го кажа, како гледајќи филм некој човек, дошол до заклучок дека луѓето што умреле, не мора да воскреснат, бидејќи за тоа нема никаков доказ. На овој човек, некој друг човек му вели: „Добро, јас тебе едноставно ќе те прашам имаш ли ти дедо?“ Тој одговорил: „Верувам дека имам, бидејќи мојот татко, ми кажуваше дека имал татко, а негов татко е дедо ми“. Потоа му вели: „А ти, си го видел дедо ти? Не. „А значи веруваш дека имаш дедо, и дека дедоти има татко, т.е. твојот прадедо и.т.н. Значи кога станува збор за нас и за нашето потекло, татко, дедо, прадедо, и.т.н., веруваме, ама кога треба да веруваме дали постои воскресение на мртвите, дали постоеле Адам и Ева и дали згрешиле и.т.н., за тоа не веруваме? Зошто? Оти ѓаволот така нè учи. Ѓаволот вели не верувајте во ништо, немојте да верувате дури ни дека ѓаволот постои, оти само тогаш, кога нема да верувате дека ѓаволот постои, кој што ни го мати умот, тогаш веќе сте жртва на ѓаволот.

Затоа, браќа и сестри, немаме потреба од други докази. Еве ги сите докази за постоењето на човекот, за постоењето на Адама, за првородниот грев, за телесната и духовната смрт.  Oд денешното Свето Евангелие, слушнавме како ова чудо што го направил Господ Исус Христос, било пеичина народот да извикува: „Големо чудо стана“, откако го виделе воскресението од мртвите на момчето, кое било син единец на мајка си. Народот исто така извикувал: „Голем пророк се појави меѓу нашиот народ“, а тоа е Спасителот наш Господ Исус Христос. Понатаму се вели дека сите се уплашиле, оти виделе дека има воскресение на мртвите, дека некој може да ги оживее луѓето, а тоа е доказ за воскресението на мртвите, за Страшниот Суд, кога Христос повторно ќе дојде да им суди на живите и на мртвите.

Ете, и старозаветниот пророк Мојсеј, токму за тоа пророкува, кога Господ му вели: „Ќе издигнам пророк меѓу народот твој, како што си ти, т.е. како што бил Мојсеј, и ќе му ставам зборови во устата Негова, (вели Отецот)“, односно говори за Христа нашиот Бог и Спасител, дека Он ќе зборува и ќе проповеда и сите што ќе поверуваат во Неговата проповед ќе се спасат, а тие што нема да поверуваат, ним ќе им биде близу одмаздата, односно за нив и за сите што правеле добро или лошо ќе има Страшен Суд, на Кој сите ќе воскреснат. Морето ќе ги врати оние што ги проголтало, пламенот, оние што ги изгорел и.т.н. Некој ќе рече како тоа е можно, кога нештото преминало од една во друга состојба? Тоа е исто како водата, која ја гледаме како вода, кога ќе ја ставиме на огнот и ќе испари и ќе ја снема, си велиме: „Готово нема вода, ама таа е горе на облаците, и повторно се создава, па во погодно време, имаме облаци, од кои подоцна ќе произлезе дожд, и ете водата не пропаднала. Еве ни доказ од природата, а ние се занесуваме дека исчезнуваат работите. Не исчезнуваат, туку умот нас ни се мати, под влијание на ѓаволот, браќа и сестри, па затоа и Господ вели дека треба да се слушне гласот Божји, а гласот Божји се слуша, како што читаме во Евангелието на покојните дека „ќе го чујат гласот на Синот Божји и ќе излезат. Оние што правеле добро, ќе воскреснат за живот вечен, а тие што правеле зло, ќе воскреснат за осуда“, за вечен суд, за вечно страдање во пеколот.

Ете, тоа е она што се случило на денешен ден, кога Господ Исус Христос му проговорил на момчето и тоа го слушнало гласот на Христа нашиот Бог и Спасител и веднаш станало од мртвите и почнало да говори и го предал на мајка му. Така и ние, браќа и сестри, сите од памтивек до крајот на светот ќе воскреснеме на Страшниот Суд, како ова момче што станало, и ние ќе станеме и ќе дадеме одговор за нашите добри и за нашите лоши дела.

Од друга страна, браќа и сестри, ние треба да знаеме дека конечно нашиот живот ќе заврши така. Ние умираме или живееме. Умираме ли живееме ли, вели Свети апостол Павле, Господови сме. Затоа треба да знаеме дали живееме духовно или умираме духовно? Живееме ли во гревовна состојба со големи смртни гревови, како што се: гордоста, убиството, мрзеливоста, среброљубието, унинието, односно немање желба за живот, како што е омразата, измамата, клеветата и.т.н., и на крај очајанието, кoe e  претсобје на она што e најлошо, а тоа е самоубиството, зашто за сите овие гревови што ги спомнавме како смртни, можеме да се покаеме, но ако се самоубиеме, нема покајание. Затоа Црквата не дозволува на самоубијците да им се прават опело и да се погребуваат на осветени гробишта, каде што се погребуваат христијаните. Ете, затоа да си спомнеме дека Христос нашиот Бог и Спасител рекол дека никогаш нема да нè остави сираци, туку дека со нас ќе биде до крајот на светот. Амин! Нека е честит празникот и за многу години.

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар