Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст Господов – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Кирил и Методиј“ во Ресен

На 27.09.2020 г., во Шеснаесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст Господов, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, игуменот Спиридон (Поповски), протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Кирил и Методиј“, во Ресен.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„На Твојот Крст се поклонуваме Христе, и Твоето Свето Воскресение Го славиме!“

Денес, браќа и сестри, го празнуваме подигнување или воздвижението на Чесниот и Животворен Крст, на Христа нашиот Бог и Спасител. Си споменуваме дека ние се нарекуваме христијани, но без Крстот, брз страдањето на Крстот на Спасителот наш Господа Исуса Христа, и без Неговото Воскресение од мртвите, нема ни Христос, нема ни христијанство, нема ни православие, нема ни православни христијани. Христос нашиот Бог и Спасител, Синот Божји, од преголема љубов кон човекот и човечкиот род, по благоволението на Отецот, посакал да излезе од прегратките на Отецот и да стане човек. Ете, за тоа било кажано уште при создавањето на Адама, односно при неговото правење на првородниот грев, кога Господ му ја кажал казната на сатаната, (змијата) со воспоставувањето на непријателството меѓу него и жената, дека нему, на змијата, Еден од потомците на Ева, т.е. Спасителот наш Господ Исус Христос, Синот на Втората Ева, на Пресвета Богородица, ќе му застане на главата, а тој ќе го касне за петицата. Всушност, сатаната на Крст ќе Го распне Христа, нашиот Спасител, преку злогласните Евреи, од кој род и потекнува, по Тело, Спасителот наш Исус Христос.

Браќа и сестри, Спасителот Христос, се родил од Пресвета Богородица, растел и напредувал како и сите други деца, поживеал меѓу луѓето, а потоа заради нас и заради нашето спасение, бил понижуван, тепан, биен по плеќите, шамаран, плукан,  на главата Му ставиле трнов венец, Крстот Му го дадат да го носи на Голгота, и на крај неправедно Го осудиле да биде распнат на Крст меѓу двајца разбојници.

Христос од Крстот изговорил пет збора или пет реченици, кои се многу важни за спасението на човечкиот род. Имено, првите зборови кои ги изговорил Спасителот, Господ Исус Христос се: „Боже мој, Боже мој, зошто си ме оставил?“ (сп. Марко 15, 34). Овие зборови се однесуваат на тоа дека е позволено Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос да биде понижен и да биде распнат на Крст. Потоа, како што пророкувал старозаветниот пророк, кога Христос нашиот Бог и Спасител ожеднел, при Него доаѓаат луѓе, кои  на копје ставаат натопен сунѓер во оцет и му даваат да пие, но Он само ќе вкуси од оцетот, но нема да сака да пие, зашто чашата е исполнета и Христос Спасителот наш е на Крстот. Христос и од Крстот, во Неговите најтешки страдања и болки, не заборавил на човечкиот род, па затоа и од Крстот се моли за оние што го распнале со зборовите: „Прости им Отче, зашто не знаат што прават“ (сп. Лука 23, 34).

Потоа Спасителот Христос се обраќа кон Својата Мајка, која ја предава на Неговиот возљубен ученик Јован, и ѝ вели: „Мајко, еве ти син“, а нему му вели: „Синко, еве ти мајка“ (сп. Јован 19, 26-27), во смисла Свети Јован да се грижи за Пресвета Богородица, до крајот на нејзиниот живот.

Спасителот Христос од Крстот исто така ќе рече: „се сврши!“ (сп. Јован 19, 30). Што се сврши? Се сврши мисијата на Спасителот наш Господа Исуса Христа на земјата т.е. Христос е веќе распнат на Крст заради нас и заради нашето спасение.

Синот Божји, Кој е Бог по природа, еднаков со Отецот и со Светиот Дух, заради човекот, кој паданал со својата човечка природа толку ниско, станува човек, претрпува распнување и крстна смрт, за повторно да ја подигне и оживее човечката пророда, и да ја врати во единство со Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

За сето ова, браќа и сестри, е претскажано во Стариот Завет, каде читаме дека познатиот праотец Авраам, кој беше избран од Бога, дека токму од неговоиот род ќе се размножи човечкиот род на земјата, кој ќе биде поброен од песокот морски, иако неговата жена Сара беше неплодна, ете, тоа Божјо ветување се исполни, но пред тоа требаше да се провери верата на славниот патријарх Авраам, на кого Господ му беше рекол дека треба да го жртвува својот син Исак, т.е. да го однесе на планината Морија и таму да го убие. Авраам, браќа и сестри, имајќи силна вера во Бога и во воскресението на мртвите, го натовари со дрва својот син Исак, кој всушност го прасликува носењето на Крстот на Голгота од страна на Господа Исуса Христа, и се упатија на местото каде што требаше да биде жртвуван неговиот син Исак.

Ете, Семилостивиот Господ, Кој промислува и бара да ја види нашата вера, како што побара да ја види и верата на Авраама, кој не се сомневаше дека ако го жртвува својот син Исак, дека Господ ќе го воскресне. И така, во последен миг, кога Авраам го извади мечот за да го погуби својот син, се јави ангелот Божји, кој му ја задржа раката, и наместо Исака, како жртва беше принесен еден овен, кој по Божја промисла се најде во непосредна близина. И така се заврши оваа праслика за Христа нашиот Бог и Спасител, како Син Божји, Кој дојде во светот, за да го спаси човечккиот род. Па така, браќа и сестри, ние во Стариот Завет имаме многу примери и праслики, кои укажуваат на Крстот Христов.

Во Светото Писмо на Стариот Завет, ние читаме дека кога Мојсеј го минувал Црвеното Море, со својата патерица направил Крст и морето се разделило на два дела, и Евреите поминале низ морето како по суво. Потоа, кога евреите четириесет години оделе низ пустината до ветената земја, Мојсеј на дрво во форма на Крст, постваил бакарна змија, која Го прасликува Христовото распнување на Крст, па така, секој што ќе бил каснат од змија и ќе погледнел на таа бакарна змија, која е праслика на Христос нашиот Бог и Спасител, оздравувал од каснувањето на змијата и не умирал, како што секој од нас, кој ќе погледне со вера на Христовиот  Крст, се спасува, браќа и сестри. Понатаму, Евреите пред да влезат во Ветената Земја, Мојсеј ги раширил рацете и направил Крст. Исто така, во Светото Писмо читаме дека кога Јаков ги благословувал синовите, ги благословувал крстообразно, укажувајќи на Крстот Христов и.т.н.

Еве, доаѓа времето, браќа и сестри, кога Христос нашиот Бог и Спасител, како што слушнавме од денешното Свето Божествено Евангелие, ќе биде осуден на смрт од еврејските старешини и од првосвештениците. Христос по распнувањето на Крстот, од Јосифа и Никодима е погребан во гобот, а после три дена, гробот останува празен, зашто Христос воскреснува од мртвите.

Никој од Светите Евангелисти не објаснил како се случило Христовото Воскресение од мртвите, т.е. како Христос нашиот Бог и Спасител, Кој лежел во гробот, по три дена Воскреснал, како што и Самиот прорекол: „Урнете го овој храм и за три дена ќе го подигнам“ (сп. Јован 2, 19), мислејќи на Неговото Свето Тело, односно дека по три дена откако ќе Го убијат, ќе воскресне од мртвите.

Откако се случило тоа, Христос потоа според Светото Предание, најнапред се јавува на Мајката Божја, Пресвета Богородица, потоа на Марија Магдалина, на Жените Мироносици, на Светите Апостоли, на Светите Апостоли без Тома, и со Тома, на петстотини браќа во Галилеја, на двајцата патници кои оделе за селото Емаус и.т.н., со кои јавувања, Спасителот наш Господ Исус Христос, потврдува дека дошол во светот за да го спаси човекот од гревот и смртта.

Зошто во светот требало да дојде Спасителот наш Господ Исус Христос?

Спасителот Христос дошол во светот, бидејќи со првородниот грев на нашите прародители Адама и Ева, кои сè имале во рајот и ништо не им недостасувало, се случила голема трагедија. Нашиот прататко Адам и нашата прамајка Ева, заради слободата што им била дадена, имале можност да бидат со Бога, но и без Бога, како што и денеска истото тоа се случува со луѓето. Ние денес имаме верници, кои сакаат да бидат со Бога и сè со Бога, т.е. доаѓаат во храмовите, се молат и живеат според Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци, на нашата Света Православна Црква, но имаме и  крстени луѓе, браќа и сестри, кои не стапнуваат во Црква, мислејќи дека можат да живеат така, задоволувајќи ги своите телесни потреби и уживања. Сите кои така живеат и немарно се однесуваат, забораваат дека после смртта постои уште еден живот, а тоа е вечниот живот, кој ние или ќе го спечалиме овде на земјата, или наполно ќе го загубиме, кога на Страшниот Христов Суд, грешниците ќе бидат одделени од праведниците, како овците што се делат од козите, т.е. едните (праведниците) ќе бидат со Христа Бога, Отецот и Светиот Дух, а другите (грешниците), со сатаната и со неговите ангели (демоните).

Ете, браќа и сестри, на денешен ден, од преголема љубов кон Крстот Христов, Света царица Елена, посака да го побара Чесниот Крст Христов, а Светиот цар Константин, имал видение на небото, т.е. му се јавил Крст на сред пладне, и слушнал глас, кој му рекол дека со тој знак ќе ја победи војската на неговиот непријател Тибериј.

Eте, Светиот цар Константин, после војната што ја имал со својот непријатал Тибериј, успеал да го победи и на Црквата да и даде слобода, а Света царица Елена тргнала во Палестина да го бара Крстот Христов. Се вели дека единствен кој го знаел местото каде што се наоѓал Крстот Христов, бил некој си старец Евреин, по име Јуда, кој принуден од царицата, изјавил дека Крстот е закопан под храмот на Венера, којшто на Голгота го подигнал царот Адријан. Света Елена потоа наредила да го разурнат овој идолски храм, и копајќи во длабочината под темелите, биле откопале трите Крста. Тогаш царицата, патријархот и народот, се нашле во недоумение како да го распознаат Христовиот Крст. Тогаш, по Божја промисла, покрај тоа местото, поминувала поворка со мртовец, а патријархот Макариј рекол врз мртовецот еден по еден да се положат трите Крста, па така кога врз мртовецот го ставиле третиот крст, тој воскреснал, и станало јасно дека станува збор за Христовиот Крст. Бидејќи насобраниот народ сакал да го целива Крстот Христов, тогаш патријархот Макариј се искачил на едно возвишено место, го подигнал Крстот, како што и ние денес го подигнавме на утрената богослужба, кога направивме петстотини (коленичења) таканаречени поклони (стотници), односно 500 кажувања Господа помилуј, а потоа сите заедно го целивавме Чесниот и Животворен Крст Господов.

„На Твојот Крст се поклонуваме Христе, и Твоето Свето Воскресение Го славиме“. Така пееле и така се молеле, браќа и сестри, луѓето од длабочините на нивните души и срца, барајќи прошка за своите гревови. Нема спасение без Крстот Христов, нема спасение без љубовта Христова, која е покажана преку Неговото распнување на Крстот. Затоа, должноста на нас православните христијани, е да покажуваме вистинска почит кон Христовиот Крст, за кој се знае дека уште од раната Христова Црква, се изобразувал насекаде, а луѓето не станувале и не легнувале, без претходно да се осенат со Крстот Христов, па затоа и се вели, како што слушнавме во денешниот Свети Апостол, дека Крстот е соблазна за евреите, лудост е за Грците, односно Елините, кои не верувале во Него, а за нас православните е сила Божја. Толку многу е силен Крстот, браќа и сестри, што ете, преку Него станало и Воскресението од мртвите, на Христа нашиот Бог и Спасител.

Па така, откако ние денес го изнесовме и се поклонивме пред Чесниот и Животворен Крст, да се помолиме преку силата на Чесниот и Животворен Крст, Господ да ни даде сили, за да можеме да се покаеме за сите наши гревови што сме ги направиле во текот на нашиот живот, откако знаеме за себе до сега,  за Христос нашиот Бог и Спасител, да ни ги прости и да нè помилува.

Христос не дошол во светот заради праведниците, туку поради грешниците, т.е. дошол за човекот, кој што паднал од небесните височини, пак да го подигне и да го врати во небесните височини. Човекот, сакајќи да стане бог без Бога, отпаднал од Бога, по совет од  сатаната, кој и самиот поради тоа паднал, па затоа Христос доаѓа во светот, станува човек и на Крст се распнува, за повторно да нè оживее и да нè врати во задница со Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Амин!

Честит нека е празникот и за многу години!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар