Трет Акатист кон Мајката Божја, Пресвета Богородица

На 20.03.2020 г., во третиот петок од Великиот пост, Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар, отслужи Мало повечерие со читање на третата статија од Акатистот кон Пресвета Богородица, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Браќа и сестри, ја отслуживме третата статија од Акатистот на Мајката Божја, Пресвета Богородица, во која меѓу другото се говореше за нејзините добродетели, каде како прва и најзначајна добродетел, беше истакната нејзината целосна предаденост на Божјата волја. Имено, Мајката Божја, никогаш не се противела на Божјата волја, туку секогаш ја почитувала, како што бил и моментот кога нејзе и пристапил Архангел Гавриил, и ѝ соопштил дека е избрана од Бога да биде Мајка на Синот Божји, Логосот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот.

Ете, Синот Божји дојде во светот за да го спаси човечкиот род од гревот и смртта.

Па така, спасението на човечкиот род не можеше да дојде, ако Синот Божји не се воплотеше, примајќи Тело од Мајката Божја, Пресвета Богородица. Затоа, кога Ангелот Божји и ја соопштил радосната вест на Пресвета Богородица, таа не се спротивставила на тоа, туку рекла: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!“ (сп. Лука 1, 38).  Но, незнаејќи како ќе се случи тоа, Мајката Божја го прашува: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?” (сп. Лука 1, 34). Ангелот и вели: „Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји“ (сп. Лука 1, 35).

И ете, браќа и сестри, кога зборуваме за целосното потчинување на волјата Божја, од страна на Пресвета Богородица, да си спомнеме дека нејзиниот пример ни е даден, за и ние целосно да и се предадеме на волјата Божја, зашто без волјата Божја,  ништо не се случува во овој свет.

Спасителот Господ Исус Христос рекол: „Ниту едно влакно од нашата глава нема да падне без Божјата волја“ (сп. Мат. 10, 30). Што значи, сè што се случува во овој свет, сè е по Божја волја, па затоа ние треба целосно да ја почитуваме волјата Божја и никогаш нашата волја да не биде над Божјата волја.

Затоа, браќа и сестри, сите незгоди што ни се случуваат во светот т.е. непогодите, сушите, поплавите, земјотресите, болестите, како што е и оваа смртоносна болест именувана Kovid-19 или корона вирус, не се случајни, туку сè е по Божја волја.

Зошто, браќа и сестри, ни е допуштен од Бога овој смртоносен вирус?

Овој смртоносен вирус ни е допуштен, за да се види нашата вера. Отстапништовото од Бога, е огромно во целиот свет. Свети Јован Богослов вели: „Целиот свет во зло лежи“(сп. 1. Јов. 5, 19). Па токму затоа, од Бога е допуштена и оваа болест, именувана Kovid-19 или корона вирус, затоа што цел свет во зло лежи, како што вели Свети Јован Богослов.

Оваа болест именувана корона вурис, не е произлезена од кај нас, туку ни е донесена. Од каде почна знаеме, па дури знаеме и каде е жариштето. Жариштето е во Европа, таму каде што сите сакаме да заминеме и да ја напуштиме Македонија. Ете, од таму доаѓа овој смртоносен вирус, таму каде што отидоа нашите млади да работат, каде што мислеа дека е рајот Божји и сите задоволстава и убавини. Но кога видоа како таму се умира, побрзаа да се вратат, плашејќи се од смртта. Сето ова ни се случува, за Господ да ни го покаже патот и да ни даде размисла што треба да правиме. Многумина укажуваат дека треба да се почитуваат правилата што ги наложува општеството, државата и владата. Да точно е тоа, правилата треба да се почитуваат, но никој од големците во оваа држава, не слушнав и не видов да Го спомне името Христово во одбрана од оваа болест. Деновиве сите се наоѓаме во самоизолација, збунети во страв и паника, но никако да се свестиме дека од Бога ни е допуштена оваа болест.

Што треба да правиме во домашната самоизолација. Треба да се молиме на Бога. Повикувам, кандилата пред домашните икони во сите куќи да бидат постојано запалени, а со темјан, секој ден да се покадува домот. Исто така, благословувам со богојавленската вода, која се осветува на Богојавление, да се попрскува домот, и од неа нагладно, после утринското правило да се пие, а напладне и навечер да се пие од осветената вода, која вашите парохиските свештеници ви ја осветуваат во домовите. Пијте ја постојано осветената вода и со неа попрскувајте ги домовите каде што живее, како што вели Светиот патријарх на Грузиската Православна Црква Илија, дека најголем непријател на овој вирус, е осветената вода.

Во тој дух, браќа и сестри, сакам да запрашам, кој ни ја донесе болеста? Болеста ни ја донесоа нашите браќа, кои заминаа од тука, бегајќи од татковците, од мајките, од бабите, од дедовците, а овие тагуваа по нив, оти останаа без нив. Сега тие се враќаат, за да ги заразат за жал, своите постари роднини како мене. Ние сме најпогодената класа во општеството, кои од оваа болест заминуваат од овој свет. Младите се поотпорни, со мали исклучоци.

Секој треба да биде свесен и да се придржува до правилата од државата. Штом ќе дознаете дека некој се вратил од кризните места, веднаш пријавете го, за да биде ставен во изолација, не само домашна, туку и во болниците, оти е пренесувач на болеста. Сите треба да бидеме свесни дека тоа е опасна болест, но никако не треба да се плашиме дека ќе умреме, секако ако немаме вера, ќе умреме, ама ако имаме вера, нема од што да се плашиме, бидејќи  ако умреме, со Христа да умреме. Сега е времето да се покаеме, во деновите на Велигденскиот пост. Ајде да видиме колку покајници ќе имаме, колку ќе се исповедаат за своите гревови, почнувајќи од мене, па до сите вас. Колку причасници ќе имаме, кои ќе се причестат, за да им бидат простени гревовите. Сето тоа е битно да се наприви, а исто така и да ги почитуваме правила што ни ги дава општеството т.е. да ја одржуваме хигиената, да бидеме раздалечени едни од други и.т.н., но најважни се молитвата, постот и подвизите. Ете, токму затоа ги служиме и овие акатисти на Мајката Божја, Пресвета Богородица, за да се избавиме од ова од Бога допуштено искушение преку нејзините молитви, како што некогаш бил спасен Цариград, преку Светиот омофор и ризата на Мајката Божја.

Ете, преку молитвите на овие Акатисти и застапништвото на Мајката Божја, и ние можеме да се спасиме од оваа болест, ако сите заеднички се молиме и се покаеме за нашите гревови. Но најсилно оружје, браќа и сестри, е Причесната. Христос нашиот Бог и Спасител, е Оној што го победи светот. Па ете, ако го победи светот, тогаш уште повеќе и оваа болест ќе ја победи.

Мајката Божја, Пресвета Богородица, браќа и сестри, беше девствена, бидејќи не знаеше за маж, па затоа беше избрана од Светиот Дух да Го роди Христа. Девственоста е голема работа. Нека се поучат од неа сите девојки и мајки, како што таа станала мајка и останала Дева, и тие по раѓањето на децата нека останат девствени т.е. и мајките, и бабите, и татковците, и дедовците и сите, браќа и сестри.

Ете, Пресвета Богородица, кога била забележана од праведниот Јосиф дека не е празна, таа не се спротивставила на таа негова забелешка дека сака да ја отпушти, туку страдала премногу за тоа, ама не ја кажала тајната од Ангелот Божји, дека тоа што е зачнато во нејзината утроба, е од Светиот Дух, а тоа е Синот Божји, Кој ќе го спаси светот.

Замислете колку болки и страдања поднела со тој сомнеж, кој се јавил кај Светиот Јосиф, за потоа Ангелот да му соопшти дека тоа што е зачнато во неа, е од Светиот Дух.

И понатаму, браќа и сестри, во тој дух, Мајката Божја, Пресвета Богородица, мажествено се борела со сите искушенија, гледајќи Го нејзиниот Син и наш Спасител Господ Исус Христос, како Он страда заради нас, како е воден на суд, како е плукан, како е тепан, како трнов венец Му ставаат на главата, како Го осудуваат, за потоа на Крст да Го распнат на Голгота, заради нас и нашите гревови.

Ете, од таму е и Неговата порака дека Мајката Божја, станува Мајка на Свети Јован Богослов, а преку него и на сите нас. Преку Свети Јован Богослов, и ние стануваме синови на Мајката Божја, Пресвета Богородица.

Па ете, од сите овие нешта што ги слушнавме, да размислиме сериозно како треба да се бориме во овие тешки моменти.

Ова од Бога допуштено искушение, е казна Божја, но ние за жал истото го нарекуваме криза. Зборот криза, доаѓа од грчкиот збор кризис, кој ако го преведеме на македонски значи суд. Кој нè суди? Чиј е судот? Во Светото Писмо се вели: „Отецот Му Го даде судот на Синот“ (Јован 5, 22). Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој заради нас пострада, е Оној што ќе ни суди, ако не се покаеме.

Па токму затоа, браќа и сестри, во овие денови на Светата Четириесетница, со пост и подвизи, да ги зголемиме нашите молитви и да се покаеме за нашите гревови, за да го избегнеме праведниот Божји суд.

Да се помолиме, исто така и на Мајката Божја, Пресвета Богородица, преку нејзините молитви и застапништво, Господ да нè ослободи од оваа тешка болест, која ни е допуштена од Бога и да ги спаси нашите души. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар