Свети Нектариј Битолски – Светa Божествена Литургија во митрополитскиот храм „Свети Великомаченик Георгиј“, во Битола

На 18.12.2020 г., кога го празнуваме споменот на Свети Сава Осветен и споменот на Свети Нектариј Битолски, заштитникот на градот Битола, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на  протоереј ставрофорот Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Георгиевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во митрополитскиот храм „Свети Великомаченик Георгиј“, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Оние што се Христови, ги распнаа своите тела со страстите и похотите!“ (сп. Гал. 5, 24).

Денес возљубени, ги славиме Светиот Нектариј Битолска, патронот на градот Битола, и Светиот Сава Освештен, кои се големи светители на Црквата Христова и  обрасци на монашкиот живот.

Светиот Нектариј, е роден во Битола, во времето кога Битола била нападната и опколена од сите страни од Отоманците (Турците), кои откако на реката Марица ги победиле царевите на Македонија, Волкашин и Углеша, и продолжиле да ги освојуваат и останатите простори на Македонија, и некаде во 1385 година, стигнале и до Битола, град кој бил со многу цркви и манастири, па затоа и го добил името Битола т.е. обител, што значи манастир, кој откако го опколиле, зашто имало силен отпор од страна на Битолчани, па по неколку месеци, конечно успеале да влезат и да го освојат градот.

Во житието на Свети Нектариј, се вели дека пред тоа на неговата мајка и се јавила Мајката Божја, Пресвета Богородица, која и кажала каде треба да се засолни со семејството, за да не пострадаат од насилствата што ги правеле Отоманците (Турците), кои според шеријатското право, вршеле големи злосторства т.е. ги палеле и уривале црквите и населбите, силувале, и го убивале невино население.

Ете, откако по закрилата на Мајката Божја, успеале да го преживеат ова страшно искушение, подоцна Свети Нектариј заедно со својот татко, отишле да се подвизуваат во еден манастир посветен на Свети бесребреници Кузман и Дамјан, кој бил во непосредна близина на Битола, каде се случило и едно чудо т.е. бочвите биле наполнети со вино, кога во манастирот немало доволно вино.

Светиот Нектариј, кој имал световно име Никола, бидејќи целосно копнеел да му се посвети на Бога, одлучил да замине на Света Гора, а неговиот татко, со монашко име Пахомиј, останал во Битола.

Кога отишол во Света Гора, Свети Нектариј се населил во Кареја при неговите духовни отци Филотеј и Дионисиј, каде се подвизувал. Неговиот подвиг, бил рамен на многу пред тоа големи подвижници на Црквата, бидејќи со големо послушание успеал да го просветли својот ум, да го очисти своето срце, и како што му било претскажано од неговите духовници, станал голем духовник и светилник на нашата Света Православна Црква.

Свети Нектариј живеел живот во постојан пост, молитва и подвизи, и на тој начин го завршил својот живот, целосно предавајќи Му се на Христа нашиот Бог и Спасител.

Па така, преподобниот Нектариј Битолски, не останал непознат и не заминал од нас за секогаш, зашто тој е секогаш со нас преку неговото Свето тело, како што вели Светиот апостол Павле: „Не знаете ли дека вашите тела се храмови на Светиот Дух“ (сп. 1. Кор. 6, 19). И токму неговото Свето тело станало храм на Светиот Дух, со тоа што било осветено и прославено од Бога, па и ден денес се наоѓа на Света Гора, каде што точи миро за спасение на душите наши.

Свети Нектариј, не ја оставил и Битола, туку постојано ја чува и се грижи за неа. Чувањето на Битола и на нас битолчаните, не е нешто безусловно, со други зборови кажано, доколку сакаме Бог да нè чува, ние треба да ги исполнуваме Неговиот Свети Заповеди, зашто Христос рекол: „Моја мајка, Мои браќа, Мои сестри, се оние што ги исполнуваат Моите Заповеди“ (сп. Мат. 12, 47-48).

Па така, ние за да бидеме духовно, душевно и телесно здрави, сето тоа зависи од тоа, колку ги исполнуваме Светите Божји Заповеди, колку се угледуваме на оние кои живееле достоен и свет живот, кои ни оставиле прекрасен пример како треба да живееме.

Свети браќа Кирил и Методиј велеле: „И ние сме обични луѓе како вас, но ние многу повеќе се трудиме, многу повеќе постиме, многу повеќе се подвизуваме, многу повеќе сме на молитва“. Што значи, ние треба да го следиме примерот на светителите, особено на нашиот заштитник на градот Битола, Свети Нектариј. Само така ние ќе бидеме негови деца, негови ученици  и негови последователи, ако го следиме неговиот светол и прекрасен пример на подвижник на нашата Света Православна Црква.

Затоа Свети Нектариј и се нарекува дека е сожител на Ангелите, зашто неговиот живот е рамен на ангелски живиот, кој ги победил не само демоните, туку и самиот сатана, и на тој начин се прославил. Свети Нектариј, е нактар на Христа нашиот Бог и Спасител, од Кој ние треба да пиеме.

Светиот Нектари Битолски и денес се грижи за нас, но ние не го следиме неговиот живот и не живееме според аманетот што ни го оставил.

Денес возљубени, исто така го славиме и Светиот Сава Освештен, кој е еден прекрасен светител на нашата Света Црква, кој во осмата година го напуштил семејството и Му се предал на Бога.

После многу искушенија и страданија, тој бил издигнат на висок степен на духовно живеење во пустината, каде се предал на Бога, подвизувајќи се во една пештера.

Светата Православна Црква, во овој светител навистина има образец на монашкиот живот. Кога тој со големи подвизи се усовршил во духовниот живот, тогаш околу него почнале да се собираат многу монаси и направил голема монашка заедница, па се вели дека во неговиот манастир, набрзо се насобраа толкав број на монаши, што Свети Сава морал да гради многубројни келии за сите да ги собере. По смртта на неговиот татко Јован, во близина на манастирот дошла да се подвизува и неговата Света мајка Софија.

Па така, овие свети подвижници, се обрасци на нашата Света Православна Црква т.е. едниот е образец на монаштвото во палестинската пустина, а другиот е образец на Светата монашка република, позната како Света Гора, која ја организирала Мајката Божја, Пресвета Богородица.

Овие светители на Црквата Христова, се сожители на Ангелите и маченици на Црквата, зашто како што кажавме на почетокот, тие во своите тела ги победија похотите и страстите, очистувајќи ги своите срца и просветлувајќи ги своите умови, од секакви душевни, духовни и телесни нечистотии.

Па така, тие живеејќи Свет живот, станаа вистински храмови на Светиот Дух, па затоа нивните Свети тела, остануваат и понатаму свети, нераспадливи и мироточиви.

По нивните молитви, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

 

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар