Седма недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола

На 26.07.2020 г., во Седмата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот Архангел ГавриилСвети Јулијан, епископ Кеномански во Галија, Преподобен Стефан Саваит и споменот на Преподобна Сара Мисирска, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Кирил Трајковски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Нека ви биде според верата ваша!“ (сп. Мат. 9, 29).

Вака им рекол Спасителот Господ Исус Христос, браќа и сестри, на двајцата слепи луѓе што го следеле, откако Он излегол од домот на Јаира, каде што ја излекувал неговата ќерка.

Од Светото Евангелие знаеме дека Господ Исус Христос пред даги излекува овие двајца слепи луѓе, направил и други чуда.

Имено, си споменуваме како Спасителот Господ Исус Христос пред тоа го излекувал слугата на оној стотник, кој под своја управа имал сто војници, а исто така ја излекувал и жената, која дванаесет години страдала од крвотечение, а и многу други чуда.

Во сите случаеви Господ прашувал: „Веруваш ли дека можам тоа да го направам?“ (сп. Мат. 9, 28). Па така и на овие двајца слепи луѓе, кои на цел глас викале по Господа Исуса Христа, „Исусе Сине Давидов смилувај се на нас“ (види Мат. 9, 27), односно, излекувај нè од нашето слепило, зашто сакаме да прогледаме, Господ веднаш не им ја исполнил нивната желба, зашто сакал тие прво да прогледаат духовно, односно, длабоко да поверуваат дека Спасителот Господ Исус Христос не е само Син Давидов, само Син човечки, туку дека истовремено е и Син Божји, Кој дошол во светот да ги спаси луѓето од гревот и смртта.

Кога Спасителот по подолго време влегол во еден дом, ги прашал: „Дали верувате дека можам тоа да го направам?“ (види Мат. 9, 28), тие одговориле: „Да Господи!“, а тоа значи дека тие длабоко ја исповедале верата во Господа Исуса Христа, како во Спасител, Месија и Син Божји, но истовремено и како Син Давидов.

Па ете, откако се случило ова чудо, (прогледувањето на слепите) одеднаш имаме силно негодување од страна на книжниците и фарисеите, кои кога го виделе ова чудо со слепите луѓе на кои Господ им рекол: „Нека ви биде според верата ваша“ (види Мат. 9, 29),  а книжниците и фарисеите веднаш почнале да зборуваат: „Овој ги истерува демоните (ѓаволите) со силата на сатаната“(сп. Мат. 12, 25-29).

Ете, наеднаш во ова денешно Свето Евангелие се поставуваат три прашања за кои ќе поговориме.

Имено, прво ќе поговориме за верата, но не за било каква и која вера, туку за вистинската Богооткриена вера, која Самиот Спасител Господ Исус Христос ни ја открил, а тоа е верата за Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и сè она што го проповедале Светите Апостоли, откако Христос ги испратил во целиот свет да го проповедаат Словото Божјо со зборовите: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (сп. Мат. 28, 19), односно научете ги сите народи да поверуваат, да се крстат и да пазат сè што сум ви заповедал. И ете, токму тоа и го правеле Светите Апостоли, браќа и сестри.

Па ете, кога зборуваме за верата, да се запрашаме што значи верата? Нашата Света Православна Вера, е вера во постоењето на Бога како совршено суштество, Кој сè гледа, сè знае, сè може и насекаде е присутен. Ете, таа вера ни ја дал нам Спасителот наш Господ Исус Христос, за Кого, во Стариот Завет пророкувале Светите пророци, а учењето на нашата вера е изложено во Светото Писмо, Светото Предание, во Светите Канони на Вселенските и Помесните Собори и во учењето на Светите Отци, на Светата Православна Црква.

Нашата вера, која ние ја исповедаме, накусо и најкратко е изложена во Символот на нашата Света Православна Црква. Ниту една друга вера нема толку убаво изложено учење за својата вера, како Православната Црква. Ете, таква е нашата вера, возљубени во Христа, браќа и сестри.

Ние, најнапред треба да знаеме дека без вера не може да му се угоди на Бога. Луѓето што не веруваат, што немаат вера во Бога Троичниот, тие се најнесреќните луѓе, бидејќи не можат никогаш да решат никаков проблем. Проблемите на луѓето се решаваат преку силната вера во Бога. Ете, кога Господ дошол на земјата, гледате како Он лекувал од секаква болест и воскреснувал мртви. Тоа Господ го правел само со силната вера на тие луѓе, па Господ вели во Светото Евангелие: „Ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете ли на оваа планина: Премести се одовде таму? и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно“ (сп. Мат. 17, 20). Верата, браќа и сестри, прави чуда. Сите чуда се всушност дело на верата, но условот за тоа е да се има искрена и чиста вера, која е во согласност со учењето на Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци на нашата Света Православна Црква.

Спасителот наш Господ Исус Христос ни укажал нам дека без вера нема спасение, со зборовите: „Кој поверува и се крсти во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, ќе се спаси“ (сп. Марко 16, 16). Оние што не поверувале и не веруваат во Бога Троичниот, како што учи Светата Православна Црква, и не се крстат правилно, т.е. не се крстат во Црквата, а тука не мислам само на крстењето со знакот на Крстот, туку на Крштевањето, односно на оние кои не се крстени во нашата Православна Вера и Црква, тие не можат да се спасат. Затоа, браќа и сестри, Господ Исус Христос укажува на тоа дека без вера луѓето не можат да се спасат, и обратно дека со вера луѓето се спасуваат, а за тоа имаме безброј примери, како во Стариот, така и во Новиот Завет, а ќе споменеме само неколку.

Знаеме во Стариот Завет дека Светиот славен патријарх Авраам, имајќи силна вера во Бога, на барањето на Бога да го жртвува својот син Исака, доброволно одлучил да го жртвува синот свој. Зошто? Затоа што имал силна вера дека неговиот син и да биде жртвуван ќе воскресне, бидејќи силна била верата на Светиот патријарх Авраам. Исто така, во Стариот Завет го имаме за пример и најбогатиот човек што постоел.

Имено, во земјата Уз, праведниот и многустрадален Јов, кој бил наговоруван од неговите пријатели и од неговата сопствена жена да каже некој збор против Бога, односно да похули на Бога и да умре, бидејќи изгубил сè што имал, а исто така, страдал и од најтешка болест во тоа време лепрата. Но праведниот Јов,  имајќи силна вера во Бога не сакал да каже ниту еден збор против Бога, туку напротив велел: „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името на Господа“ (сп. Јов 1, 21). Ете каква силна вера имал праведнот Јов, кој исто така верувал во воскресението на мртвите, па затоа и рекол: „Ако и оваа моја кожа се распадне, во истата таа кожа ќе Го видам јас Христа мојот Бог и Спасител, Месијата“(сп. Јов 19, 25-27). Ете таква била силната вера на праведниот Јов во воскресението на мртвите.

Но, браќа и сестри, покрај сите овие нешта треба да размислиме за она што се случило по ова чудо, имено како книжниците, фарисеите и садукеите, почнале да го клеветат Господа Исуса Христа.

Клеветата не е кажувањето на она што е вистинито, туку кажување на лажни работи. Клевета е кога ние ќе измислиме нешто за да му наштетиме на својот ближен или на било кој.

Ете, тие кои Го гледале Господа Исуса Христа постојано и кои ги гледале неговите чуда, поради зависта која длабоко ја имале во себе, почнале да Го клеветат и да велат дека Он демоните (ѓаволите) ги истерува од луѓето со силата на Велзевул, односно со силата на ѓаволот. На тоа Господ им одговорил вака: „Ако едно царство се подели и ако едните се кренат против другите, тоа царство ќе пропадне“ (сп. Мат.12, 25).

Ако некој ги изгонува демоните со силата на сатаната, тоа царство ќе пропадне. Така Спасителот Христос им кажал на фарисеите и садукеите дека не е точно дека Он ги изгонува демоните со силата на сатаната, туку дека Он е Син Божји и дека како таков имал власт над сè, и над сатаната, и над сите демони.

Понатаму, браќа и сестри, отворено се гледа зависта што ја имале книжниците и фарисеите кон Господа Исуса Христа, поради тоа што го правел Он.

Да си спомнеме за некои примери во врска со зависта, што се случило во Стариот и Новиот Завет.

Имено, во Стариот Завет, прв кои што ја пројавил својата силна завист против Бога, Кој ги создал ангелите, (втората светлина), луѓето и сè што постои, е сатаната. Сатаната, т.е. најблискиот ангел до Бога, кој се именува Луцифер, т.е. светлиот оној што светли, поради себељубие, поради завист зошто Бог е над него, сакал да го издигне својот престол горе на небесата, кај ѕвездите, и да се изедначи со Бога Создателот. Ете, тоа е таа глупост што ја направил сатаната од завист, кога посакал да биде еднаков или поголем од Бога.

Во Стариот Завет, од завист Каин го уби својот брат Авел, бидејќи Господ не ја прими неговата жртва, туку ја прими жртвата на Авела, која била принесена со силна вера во Бога (Троичниот).

Исто така, поради завист вели Свети Василиј Велики, го фрлија Светиот Јосиф неговите браќа во јама, а потоа го продадоа на египјаните (трговци) и.т.н.

Од завист, браќа и сестри, сè случува сè. Ете, и кај нас Македонците се случува многу голем проблем од зависта што е присутна меѓу нас. Брат на брата завидува, сестра на сестра завидува, татко на син, син на татко, мајка на ќерка, ќерка на мајка завидува и.т.н.

Еве, ќе кажеме само некои поговорки или шеги, кои произлегле од народот. Имено, кога зборуваме за нас Македонците, во народната поговорка за тоа што сака Македонецот се вели: „Да му пцојса козата на комшијата“, а овој прашува: „Што полза имаш ти од тоа брате, што ќе му пцојса козата на комшијата?“ Тој вели: „Јас немам полза, ама тој ќе има штета“. Тоа е завис(та), браќа и сестри. Има и една друга досетка или шега, која е кажана, пак, за нас македонците. Некој го прашувал Господа велејќи: „Господи дали ќе ми дадеш сè што ќе посакам?“, а Господ му рекол: „Точно, сè што ќе посакаш ќе ти дадам, но само под еден услов, тебе едно, а на братот твој две“. Овој рекол да размислам, па откако размислил рекол: „Мене истерај ми го едното око, а на братми двете, оти јас со едното пак ќе гледам, а тој воопшто нема да гледа“. Ете до таму оди зависта кај нас Македонците, браќа и сестри, што е страшно и ужасно.

Што е зависта? Зависта е рѓа, која самата себеси се јаде. Човек што завидува, тој не му прави штета и злоба само на оној што му завидува, туку најнапред си прави злоба на себеси, затоа што тој е несреќен човек. Тој постојано и секогаш е во едно бунило, во едно постојано нерасположение, односно постојано е жалостен, зошто другиот да има нешто повеќе од него. Наместо да се радува, тој завидува и.т.н.

Па затоа од клеветата и од зависта ние треба што побргу да се ослободиме.

Оној што завидува, да не очекува дека тој ќе се спаси, зашто Свети Василиј Велики вели дека зависта е страшна болест. Нема полоша болест од зависта.

Поради тоа, еве откако слушнавме од денешното Свето Евангелие како треба да се бориме  против она што е опасно и штетно, прво и основно што треба да разбереме е да имаме силна и чиста вера во Христа нашиот Бог и Спасител, а не вера како што имаат еретиците.

Денес за жал во нашата Света Православната Црква има христијани кои правилно не веруваат онака како што учи нашата Света Црква, а тоа се бајачите, гатачите, таканаречените видовите луѓе и.т.н., кои измешале баби и жаби и незнаат што е вистинска вера. Само вистинската вера може да ги спаси луѓето, како што рекол и Самиот Спасител Господ Исус Христос.

Во тој дух така треба да го разбереме денешното Свето Евангелие, од кое научивме дека е потребна силна вера ако сакаме да се спасиме и да ги решиме сите проблеми во животот.

Ние исто така не треба да келветиме, а уште помалку да завидуваме, зашто оној што завидува, не само тој што нема да се спаси, туку со своето однесување ги соблазнува и дава лош пример на другите.

Жалосно е и тоа дека со лаги доаѓаме на повисоки положби во општеството или претпријатието каде што работиме или во фирмата или бизнисот, или било каде. Тоа не треба тоа да го правиме, туку да се застапуваме за правдата, Христос како што рекол: „Најнапред барајте го Царството Небесно и неговата правда, а сè останато ќе ви се додаде“ (сп. Лука 12, 31). Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар