Недела на слепиот – Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Битола

На 24.05.2020 г., во Шестата недела по Воскресението Христово, посветена на слепиот, кога го празнуваме споменот на  Светите Рамноапостолни Кирил и Методиј и Светиот свештеномаченик Мокиј, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Атанас Лажовски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Ако твоето око биде чисто, тогаш и целото тело твое ќе биде светло; ако пак твоето око биде темно, тогаш целото твое тело ќе биде темно!“ (сп. Мат. 6, 22-23).

Денес, браќа и сестри, е Недела на слепиот, во која оваа година го празнуваме и нашиот голем национален празник, посветен на Светите Сесловенски Учители и Просветители Кирил и Методиј.

Денес слушнавме две Свети Евангелија, од кои во првото се говореше за слепородениот, на кој Спасителот наш Господ Исус Христос му ги отворил очите и тој прогледал, а Второто Свето Евангелие беше прочитано за Светите браќа Кирил и Методиј, просветителите на сите словенски народи, кои се од нашиот македонски род, родени во Солун, кои го проповедале Словото Божјо на разбирлив мајчин јазик, кои ги привеле сите словенски народи од незнаењето, кон знаењето, од темнината, кон светлина и од незнабоштвото, кон богопознанието.

Кога зборуваме за телесното око, знаеме дека преку телесните очи, ние гледаме сè што постои т.е. го гледаме сонцето, ги гледаме небесните тела, месечината, планетите, ѕвездите, земјата со прекрасните планини, полињата, нивите, ливадите, цвеќињата, ги гледаме океаните, езерата, реките, потоците и сите убавини што Господ ги создал. Кога некој човек нема добар телесен вид, ние се чувствуваме непријатно, бидејќи знаеме дека тој човек не може да ги види овие прекрасни убавини што Господ ги создал. Да се запрашаме, браќа и сестри, како се чувствува тој човек што нема телесен вид, кој не може да се види самиот себеси, да ги види своите блиски, родителите, пријателите, децата и сè што го опкружува?

Која е причината за немањето на телесниот вид? Честопати тоа е поради повреда на очите, а исто така знаеме дека ако падне и најмала раска во окото, човекот не може убаво да гледа.

Браќа и сестри, ние треба да знаеме дека не постои само овој телесен и материјален свет, кој го гледаме и во кој ние живееме, туку постои уште еден многу позначаен свет, а тоа е духовниот свет, светот што ние тука на земјата можеме да го видиме само ако ни се отворат нашите духовни очи. Еве, човекот што бил слеп од раѓање, кој чекал пред храмот да му дадат милостиња, кога тука минувал Спасителот Господ Исус Христос со Своите Учениците, тие Го запрашале: „Рави, кој згрешил? – тој или неговите родители, та се роди слеп?“ (сп. Јован 9, 2) А Господ им рекол: „Ни тој, ниту неговите родители згрешиле, туку за да се покажат делата Божји врз него“ (сп. Јован 9, 3).

Знаеме, браќа и сестри, дека за секоја незгода во животот, за страдањата, за маките, тагите, жалостите и за сè што нас нè снајдува во животот и нè обеспокојува, истото е последица на нашето грешно живеење. Човекот не бил создаде да страда, туку да ужива во рајот, кој Господ го создал.

Христос е образецот на нашиот прататко Адама, кој го создал по Својот лик т.е. по својот образ и подобие. Што значи тоа? Тоа значи дека човекот е создаден како што е Бог во Својата совршеност, а човекот во својата релативност. Имено, Бог е Троичен, Отец, Син и Дух Свет, а човекот е психофизичко суштество, кое се состои од тело и од душа. Душата е живо, нематеријално, разумно и слободно суштество, кое му дава живот на телото и носител е на нашите чувства, на нашето знаење и на нашата волја.

Па така, ние сме создадени од Бога според Божјиот лик, а ликот Божји во човекот е човечката душа, која е триедина. Како што е Бог Света Троица т.е. Отец, Син и Дух Свети, така и душата има три енергии, три дела, а тоа се умот, разумот и волјата. Сè додека нашите прародители Адама и Ева во рајот имале чист и просветлен ум, имале чисти срца и ја исполнувале Божјата заповед да не јадат од забранетиот плод т.е. постојано мислеле на Бога, постојано Господ бил во нивните мисли, чувства, срца и души, а во моментот кога заборавиле на Божјата заповед: „Во кој ден ќе вкусите од забранетиот плод, ќе умрете“ (види 1. Мој. 2, 17), тогаш нашите прародители згрешиле и умреле, прво духовно, а тоа значи дека се одделиле од Бога и повеќе не мислеле на Бога и не Го чувстувале во своите души и срца.

Ете, токму заради тоа, Господ Исус Христос, Синот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, по благоволението на Отецот, благоволил и посакал заради нас грешните и недостојните, да слезе од небесата и да прими човечко тело т.е. да се всели во утробата на Мајката Божја, Пресвета Богородица и од неа да се роди заради нас и заради нашето спасение. И ете, како што во една молитва на омофорот, кој го носиме ние архиереите, се вели дека Господ ја зел нашата падната природа и ја вознесол на небесата на Спасовден, зашто Господ Исус Христос, токму затоа дошол, не за праведниците, туку за грешниците, да ги подигне од гревовната состојба и да ги врати во заедница со Бога, Спасителот наш Исуса Христа. Ете, токму заради тоа Господ дошол и го излекувал овој болен човек, кој од раѓање бил слеп, а кога Учениците Негови го прашале: „Рави, кој згрешил? – тој или неговите родители, та се роди слеп?“ (сп. Јован 9, 2)“, а Христос им вели: „Ни тој, ни родителите негови, туку да се покажат врз него делата Божји“ (сп. Јован 9, 3).

Браќа и сестри, токму е и суштината на денешното Свето Евангелие за слепиот дека враќање во заедница со Бога не може да се случи поинаку, освен онака како што и се случило паѓањето. Имено, прво за да се падне во грев, требало да се прекршат Божјите Заповеди т.е. едната и единствена Божја Заповед, а сега треба сите Божји Заповеди да ги исполниме, за да се вратиме во заедница со Бога, од кои најголеми се следниве две заповеди: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум, со сите свои сили, со сите мисли, и ближниот како себеси“ (сп. Мат. 22, 37-39). Во овие две заповеди се исполнети сите пророштва и сите закони.

Оној што има совршена љубов кон Бога и љубов кон ближниот, тој веќе тргнал на патот за да се врати во заедница со Бога. Но за тоа да се случи, најнапред треба да се очистат срцата од секакви грешни желби, мисли, помисли, грешни похоти, грешни страсти и секако и од грешните дела. И сè додека човекот не го очисти своето срце, не може да се спаси и да се врати при Бога, зашто Самиот Спасител рекол: „Блажени се чистите во срце, зашто тие ќе Го видат Бога!“ (сп. Мат. 5, 8). Средиштето на човечката душа, е срцето на човекот. Па токму затоа, кога нешто тешко ќе ни се случи велимe: „Mе боли душата и срцето“. Душата честопати се поистоветува со умот, одделни светители ја поитоветуваат и со срцето. Човекот, браќа и сестри, секогаш е со постојани мисли, кои доаѓаат од два извора т.е. од Бога и од сатаната (од ѓаволот), и тие мисли ако се од Бога, треба да ги примиме, а ако се од сатаната, треба да ги отфрлиме.

Човек, кој не примил во својот ум и во своето срце, грешни мисли и помисли, не ноже да згреши, колку и да ги има нив. Тука, браќа и сестри, е најголема трагедија на луѓето, кога мислат дека ако им дојдат грешни мисли во нивниот ум, дека тоа се нивни мисли. Тука е замката на ѓаволот, кој нас на лукав начин нè принудува да го прифатиме тоа што е негово т.е. страшните мисли и помисли, да помислиме и да веруваме дека се наши.

Од таму се самоубиствата, затоа што луѓето кои се самоубиваат мислат дека тоа што го смислиле е нивно дело. Не! Сетите Отци велат дека тоа е ѓаволско дело, па затоа треба сè што е грешно да се отфрли и да се отстрани од нашиот ум и од нашите души и срца. По чистувањето на срцето од грешните чувства, желби, похоти и страсти, ние, браќа и сестри, треба да ги просветлиме нашите умови, а просветлувањето на умовите следува на следниот начин.

Стражар треба да имаме на умот, а стражарот е нашата совест. Стражарот е совеста, која ги распознава мислите и веднаш кога тие влегуваат во умот ги одвојува т.е. грешните мисли ги става од левата страна, а добрите од десната, како што Господ во параболата за Страшниот Суд, ги одвоил козите од овците т.е. козите од Неговата лева страна, а овците од десната.

Ете, кога човекот нема да позволи да влегуваат во него грешни мисли и помисли, тогаш не може да згреши.

Денеска, браќа и сестри, се говори за знаењето дека тоа е сè она што човек може да научи од историјата. Но Светите Отци велат дека има два вида на знаење т.е. телесно и духовно. Телесно знаење, е кога ние знаеме сè за телото и за потребите на телото и се грижиме само за телото, и на таков начин телесно размислуваме, телесно живееме, телесно се однесуваме, а душевно се однесуваме кога по малку мислиме и за душата, па правиме некое добро дело. Духовно знаење, е кога ние постојано мислиме и Го чувствуваме Бога со мислите и срцата. Луѓето, кои ги очистиле срцата, што го заштитиле умот од грешни мисли и помисли, се на првиот степен од духовното напредување и растење, а тоа е просветлувањето на умот што го имале и Адама и Ева во рајот, но не го достигнале третиот степен – обожувањето, кога за човекот, освен Бога, се друго е споредна работа и второстепено, бидејќи само на Бога мисли и Господ е во Неговото срце, а тоа се светителите, браќа и сестри.

Единствен Свет на земјата, Светиот над Светите, е Самиот Господ Исус Христос, зашто ние и на Божествената Литургија така учиме и велиме дека Светињата е за Светите. Слушнавте на Божествената Литургија, кога Го подигнавме Агнецот, Кој Го претставува Христос нашиот Бог и Спасител, кога возгласивме: „Светињата е за светите“, вие верните заедно со псалтите, веднаш протестиравте пеејќи:: „Свет е Едниот Господ Исус Христос“. Нема ништо посвето од Бога. Ние сме свети преку само преку Бога.

Како што примаме светлина од Сонцето и преку таа светлина ние живееме, така и светоста доаѓа од Бога, бидејќи Бог е најсветиот, а после од Него се осветуваат и Мајката Божја, Пресвета Богородица, и Ангелите, и Сите Светители, а преку Бога и преку нив, таа светлина што се вика благодат Божја или несоздадена енергија, и ние се осветуваме, браќа и сестри.

Ете, со таква светлина, Светите браќа Кирил и Методиј, ги просветлиле сите словенски народи, од незнаење за Бога ги направиле да знаат за Бога т.е. од незнабошци, ги направиле христијани, од неверни, верни, од нечесни, чесни, од несвети, свети.

Овие Свети луѓе, браќа и сестри, се наречени рамноапостолни т.е. рамни на Апостолите, бидејќи го проповедале Евангелието низ целиот свет. Во една стихира на Светите браќа Кирил и Методиј, која сношти ја слушнавме на вечерната се вели дека тие ги просветлија сите незнабожечки народи со светлината на Евангелието. Нема поголема светлина, од светлината на Евангелието, браќа и сестри. А светлината на Евангелието, е Самиот Спасител наш Господ Исус Христос, Кого ние во Символот на нашата Света Православна Вера Го исповедаме дека Он е Светлина од Светлина, вистински Бог од Бога вистински, роден, нестворен, едносуштен на Отецот, преку Кого сè станало.

За сите луѓе и народите, секогаш имало по некоја пресвртница, кога мрачната состојба, излегувале на светлина. А словенските народи, сè до проповедањето на Евангелието на словенски разбирлив јазик, не знаеле доволно за Христа. Затоа овие Божји светила, Светите Кирил и Методиј, кои изгреаја како прекрасни светила, озарени од Сонцето на правдата, од Христа нашиот Бог и Спасител, ги просветлија сите словенски народи, но и нас Македонците, кои иако уште од времето на Свети апостол Павле, почнувајќи од Света Лидија, сме го примиле христијанството, но поради незнаењето за Бога, бидејќи Евангелието ни било проповедано на неразбирлив јазик, сме заборавивме на Бога и сме се изедначиле со незнабошците, а оние кои нè просветлија, беа Светите браќа Кирил и Методиј, заедно со нивните Свети ученици, Климен и Наум, Охридските Чудотворци, Сава, Горазд и Ангелариј, преку кои ние станавме вистински христијани, народ Божји, царско свештенство.

По молитвите на Светите браќа Кирил и Методиј, и на нивните Свети ученици, Климент и Наум, Охридските Чудотворци, Сава, Горазд и Ангелариј, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Христос Воскресна! Навистина Воскресна!

Честит нека е празникот и за многу години!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар