Дваесет и трета недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик

На 15.11.2020 г., во Дваесет и третата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Преподобниот Маркијан Кирски, Светиот свештеномаченик Викторин, епископ Патавски, и споменот на  Светите маченици Акиндин, Пигасиј, Анемподист, Автониј, Елпидифор и другите со нив, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Благој Стефановски и ѓаконот Златко Крстевски, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„И се уплашија многу и Го молеа Исуса да се отиде од нив“ (сп. Лука 8, 37).

Од денешното Светото Евангелие, браќа и сестри, слушнавме како постапиле Гадаринците кон Господа Исуса Христа, Кој дошол во Гадаринскиот крај, со желба да им помогне, бидејќи тие живееле во тешки гревови и смртна сенка. Имено, на Евреите им било забрането да одгледуваат свињи и да јадат свински месо, но тие заради трговијата и богатењето по секоја цена, не се придржувале до таа забрана.

Ете, оној човек, за кого од Светото Евангелие слушнавме дека бил бесомачен, излегол од гробиштата, кога Спасителот Господ Исус Христос доаѓал во Гадаринскиот крај. Овој бесомачен човек, бил врзуван со синџири на рацете и нозете, но и тоа не помагало, бидејќи ги кинел, не тој лично, со силата човечка, туку со силата на демоните,  кои биле во него, кои можат синџири да кинат, па и куќи да уриваат. И токму заради тоа, поради неговиот претходен лош, неморален, недостоен и нечесен живот, самиот тој дозволил еден по еден да влезат во него тие илјадници демони.

На прашање на Христа Спасителот, како ти е името, не одговорил бесомачниот, туку одговориле демоните што биле во него. Тие рекле: „Името ни е легион“ (сп. Лука 8, 30), а тоа значи илјадници. Замислете во еден човек влегле илјадници ѓаволи со негова дозвола. Да се запрашаме колку големи маки му создавале тие  на тој човек, кој страдал во гробиштата необлечен целиот и во рани? Ете, само да си спомнеме како реагирале демоните Христос кога пристапил, бидејќи тие не можеле да ја поднесат близината на Христа Спасителот, па затоа Му велат: „Зошто си дошол предвреме да не мачиш? (сп. Лука 8, 28). Затоа што присуството на Христа е мачење за ѓаволот. Демоните знаејќи дека Христос е Син Божји, бараат во истиот момент, ако е можно, да ги поштеди т.е. да им дозволи да влезат барем во свињите кои, тука на стрмнината паселе и Он им дозволил. Свињите, не можејќи да ги поднесат демоните во себе, се стрчале по стрмнината и се издавиле. Кога свињарите го виделе тоа, како што слушнавме од Светото Евангелие, отишле во блиските места и градот, и им соопштиле на луѓето што се случило, т.е. дека оној бесомачен човек сега седи при нозете на Христа нашиот Бог и Спасител, потполно здрав. Кога го виделе тоа, тие што дошле, многу се уплашиле, па затоа раскажале на сите, а овие, браќа и сестри, кога сфатиле и разбрале дека ќе им пропадне трговијата со свињите, и дека ќе мора да започнат друг поинаков, чесен и достоинствен живот, веднаш побарале од Христа нашиот Бог и Спасител, да си оди од нив.

Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, односно Отецот и Синот и Светиот Дух, не обитаваат во луѓето без нивна дозвола. Бог никогаш насилно не влијае врз луѓето да биде нивни Господар. Бог, Света Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, се вселува во нас, ако ние дозволиме, преку Светата благодат, преку Светите Тајни, што ние ги примаме, преку подвизите и молитвите. Ете, токму заради тоа, браќа и сестри, се случило тоа што се случило.

Имено, не можело поинаку да се случи, освен Христос да си замине од нив, но сепак им оставил порака, им го оставил токму тој човек што го излекувал, кој посакал да оди со Христа, а Господ Исус Христос му рекол: „Не, ти остани тука, оди во својот дом и проповедај, кажувајќи им на луѓето што се случи со тебе“.

Ете, иако Гадаринците Го избркале Господа, Он не ги отфрлил, туку им оставил проповедник, кој ја будел нивната совест, бидејќи го гледале излекуваниот секој ден. Овој бесомачен човек, од кого се плашеа луѓето, сега е потполно здрав, и им служи за пример на луѓето како можат да се излекуваат, од нивната гревовна состојба, т.е. да ги изгонат од себе демоните (ѓаволите).

Браќа и сестри, овде имаме еден интересен случај, како Гадаринците го бркаат Христа, нашиот Бог и Спасител, бидејќи се уплашиле. Зошто го прават тоа? Слушнавме дека нивниот страв е заради загубата на материјалното богатството, кое го губат поради науката на Христа нашиот Бог и Спасител. Ете, две илјади години се проповеда словото Божјо, преку проповедта на Христа нашиот Бог и Спасител, на Светите Апостолите, на Апостолските мажи и на Светите Отци, па кога се мислеше дека Црквата Христова веќе го напушта грешниот живот и во светот ќе почне да владее свет и достоен живот, во согласност со учењето на Светото Писмо, Светото Предание и Светите Отци, еве и по две илјади години,  сеуште имаме луѓе кои се борат против Бога, бидејќи се жртва на сатаната, кој е богоборец и човекоубиец од искони, од почетокот. Сатаната од почетокот е борец против Бога и убиец на луѓето. И токму затоа и се случуваат сите незгоди по целиот свет. А зошто е тоа? Затоа што луѓето немаат страв Божји. Стравот Божји е свет страв, и сè додека родителите, бабите и дедовците, не се потрудат на децата уште од мали нозе да им вдахнат страв Божји во нивната душа и срце, нема да има напредок во нашето општество и во нашата Света Македонска Православна Црква. Само оние родители кои се чесни, достојни, трудољубив, кои имаат страв Божји, тие можат со својот пример, живот и дела, да ги поттикнуваат децата уште од малечки да имаат во себе страв Божји.

Стравот Божји, не е страв во кој нема љубов, туку тоа е страв со почит. Како што децата знаат дека, кога нивните родители ги караат, не ги караат оти не ги сакаат, или ги мразат, туку напротив, затоа што ги сакаат, затоа ги караат, поучуваат и советуваат, сакајќи да им покажат како треба да се однесуваат и да живеат. Ако луѓето знаат дека постои Бога, а еве слушнавме од Светото Евангелие дека и сатаната и тие илјадници ѓаволи, не само што знаат дека постои Бог, туку и се плашат од Него, и треперат пред Него.

Ете, сатаната, кој е богоборец и човекоубиец, се бои од Бога, а ние луѓето не се плашиме од Бога. Зошто? Затоа што не веруваме во Него. Само луѓето, кои што веруваат во Бога, имаат длабока вера во Него и се плашат од Него. А тие што не веруваат дека постои Бог, тие и не се плашат. Зошто? Ѓаволот така ги учи. Ѓаволот се плаши од Бога, но ги учи луѓето да не се плашат од Него. Ѓаволот постои, ама ги учи луѓето дека тој (ѓаволот) не постои. Ете, така погрешно учејќи ги, како што ги поучи и нашите прародители Адама и Ева, да ја прекршат единствената Божја заповед, да не јадат од забранетиот плод, тие јадеа, затоа што сакаа да станат богови без Бога, без благодатта Божја, иако таа беше пред тоа во нив. Ете, така пострадаа нашите прародители Адама и Ева, и гревот наследно се всели во сите нас до крајот на светот. Првородниот грев е наследство од нашите прародители, а другите гревови се плод на нашата слаба човечка природа. Но преку Светите Тајни: Крштението, Миропомазанието и другите Свети Тајни, ние се очистуваме од гревовите и ја примаме Божјата благодат.

Кога доаѓа покајанието кај луѓето? Кога ќе разберат и сфатат дека направиле тешки гревови.. Како децата, кога ќе направат некој пакост, веднаш знаат дека тоа е грешно и доаѓаат пред родителите и плачат, да им биде простено. Ако детето вистински се кае за направената грешка, или грев и им вети на родителите дека повеќе нема да прави такви грешки, дека нема да прави штета во домот, кога родителите ќе ги видат неговите солзи дека тие се искрени, му простуваат, но ако детето го прави формално, само за да му биде простено, а потоа, пак, си тера по свое, нема да му биде простено. И затоа само оние кои имаат вистински страв Божји во себе, било да се возрасни или деца, само тие вистински се каат. Нема покајание кај оние, каде што нема страв Божји.

Веднаш се поставува прашањето ние како можеме да го стекнеме стравот Божји? Стравот Божји се стекнува од младоста. Стравот Божји се стекнува од детството. Ќе приведеме неколку примери како стравот Божји бил присутен кај луѓето, како во Стариот, така и во Новиот Завет. Да си спомнеме за праведниот Јов, кој бил најбогатиот човек во земјата Уз, кој имал страв Божји и силна вера во Бога и во воскресението на мртвите, па затоа рекол: „Ако и оваа моја кожа се распадне, пак во неа ќе го видам Бога“ (Јов 19, 25-26). Ете, кога изгубил сè, односно целото богатство и здравјето, но тој не изговорил лош збор против Бога, иако на тоа го убедувале неговите четворица пријатели и неговата сопруга, тој сепак не рекол ниту еден збор против Бога. Имајќи страв Божји, Светиот праведен Јов, никогаш не згрешил, туку велел: „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово“ (Јов. 1, 21).

Така и ние, браќа и сестри, ако така постапуваме и велиме дека сè ни е од Бога дадено, тогаш спокојно ќе речеме:„ Господ даде, Господ зеде“, и тогаш сме правиот пат да го наследиме Царството небесно. Но ако повеќе го сакаме богатството, телесни и материјални уживање, тогаш нема спасение за човечкиот род.

Стравот Божји, браќа и сестри, се покажал не само кај праведниот Јов, туку и кај Светиот Јосиф, кој кога бил кај фараоните, од фараоновата жена бил наведуван блудно да живее со нејзе. Тој кога бил наведуван на грев, наеднаш истрчал надвор необлечен, не срамејќи се гол да бега меѓу луѓето, зашто знаел дека гревот е полоша работа од телесната голотијата и.т.н. Имаме и друг пример со Јудита, која била наведувана на нечесен и неморален живот, но таа тоа не го дозволила, па затоа го убила Олофер, и ја спасила својата душа, и Еврејскиот народ.

Си споменуваме и за луѓето во Нинивија, кои беа во тешки гревови, па кога меѓу нив дојде пророкот Јона, кој беше со искинати алишта и разбушавена коса, по улиците викаше и ги молеше луѓето да се покаја за нивните гревови, зашто ќе настапи голема и страшна напаст на нив и сите тие ќе загинат. Тие го послушаа пророкот Јона, се покајаа за гревовите, и се спасија. Исто така, и безброј други Свети луѓе во Стариот и  Новиот Завет се спасиле, имајќи страв Божји во себе. Ако нам, ни биде наредено од државните власти да ја почитуваме одлуката дека ноќе не смееме да одиме по улиците, затоа што ќе има вонредна состојба во државата, или ако биде забрането да се оди по кафаните и кафулињата, за да се пие, опива и.т.н., или ако се донесат такви закони, како што еден српски кнез, кој бил еден од најпростите, ама донесол строги закони, така што за еден украден кибрит, се сечел малиот прст, а оние што вршеле насилство врз жените и девојките, биле скопувани. Овој кнез, исто така наредил оној што ќе убие поради одмазда, да биде ставен во мртовечки ковчег, а врз него убиениот, и четириесет дена војската или полицијата да го чува гробот, додека не умре под убиениот, па така ги искоренил тие лоши навики преку тој лош закон што го донесол во државата.

Ете, значи државните закони ги почитуваме, не за нешто друго, туку заради страв од телесната осуда и граѓанските судови, за да не загубиме нешто материјално, но Божјите заповеди и Божјиот закон ништо не ни значат.

Така нè учи ѓаволот. Немојте да се секирате за вечниот живот, тој демек не постои. И сè додека не веруваме во постоењето на вечниот живот, во Царството Небесно и.т.н., ќе ни се случува ова што ни се случува. Затоа, браќа и сестри, да извлечеме од сето ова поука дека не треба да ги жалиме материјалните богатства, кога е во прашање нашето спасение и Царството небесно. Треба да знаеме дека Господ допушта страдања и секакви  искушенија, за ние да се исчеличиме  и да станеме вистински христијани, како што доликува, живеејќи во согласност со Светото Писмо, Светото Предание, и учењето на Светите Отци.  Исто така, знаеме дека таму каде што душата е нечиста, тука се вселуваат демоните. Се разбира, најбитно од сè е ние да имаме страв Божји, а ако имаме стравот Божји, тогаш сигурно ќе се спасиме. На тоа учете ги децата уште од малечки да имаат страв Божји, зашто тие што имаат страв Божји не грешат, бидејќи таквите се подготвени да го дадат и својот живот на земјата, како што и Света Злата Мегленска го положила својот живот на земјата, за да го задобие небесниот живот во Царството небесно.

По молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светите Ангели и на Сите Свети, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар