Дваесет и седма недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во митрополитскиот храм „Свети Великомаченик Георгиј“, во Битола

На 13.12.2020 г., во Дваесет и седмата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот апостол Андреј Првоповиканиот и споменот на Свети Фрументиј, просветител на Абисинија, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во митрополитскиот храм „Свети Великомаченик Георгиј“, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Ќерко, се ослободуваш од својата болест!“ (сп. Лука 13, 12).

Возљубени во Господа, го слушнавме денешното Свето Евангелие, во кое беше кажано дека кога Господ Исус Христос се наоѓал во градот Ефраин и влегол да проповеда во синагогата, забележал една жена, која скоро осумнаесет години била подгрбавена до земи, на која, кога пристапил кон неа и рекол: „Ќерко, се ослободуваш од својата болест!“ (сп. Лука 13, 12), а таа тогаш Го прославила Господа пред целиот народ.

Кога ова го видел старешината на синагогата, поради омраза, завист и гнев, рекол: „Има шест денови во текот на седмицата, во кои треба да се работи; тогаш доаѓајте и лекувајте се, а не во саботен ден!“ (сп. Лука 13, 15), сакајќи со тоа да го прекори Господа Исуса Христа, зошто Он лекувал во саботен ден, но Господ му одговорил: „Лицемере, не го одврзува ли секој од вас, волот или магарето, и ги води во саботен ден да ги напои? А оваа Авраамова ќерка, која ја беше врзал сатаната осумнаесет години, не требаше ли да биде одврзана, односно ослободена од нејзината болест во саботен ден?“ (сп. Лука 13, 15-16), зашто сатаната ја беше врзал осумнаесет години, па таа подгрбавена и наведната до земи, во таква состојба доаѓала во синагогата т.е. храмот Божји, да Му се моли на Бога.

И веднаш се поставува прашањето дали ние во овој случај треба да ја осудиме жената, која во таква здравствена состојба доаѓала во храмот Божји да се моли на Бога, за да биде излекувана од Господа Исуса Христа, и како да погледнеме на Христа, Кој токму во саботен дел нашол за потребно да ја излекува од нејзината немоќ т.е. од тоа што сатаната ја врзал и таа била наведната со главата скоро до земјата, или пак, да го оправдаме старешината на синагогата, кој наводно од ревност кажува дека треба да се празнува седмиот ден, онака како што е заповедано во Третата Божја Заповед,  во која се вели дека Господ во седмиот ден одмори од својата работа, односно од создавањето на светот.

Возљубени во Господа, можеме слободно да кажеме дека правилно постапил Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој како Бог, знаејќи ги срцата и душите на луѓето, го прекорил овој лицемерен старешина на синагогата, кој како и останатите јудејски старешини, книжници и фарисеи, формално пред народот ги почитувал и исполнувал Божјите Заповеди, а од друга страна ги осудувал и прекорувал дека не постапуваат правилно.

Имено, овде Господ најнапред укажува на тоа дека не сите луѓе се болни и страдаат од разни немоќи и болести заради нивните гревови, па затоа на оваа жена не и рекол: „Ќерко ти се простуваат твоите гревови“, како што тоа обично скоро секогаш го правел кога ги лекувал болните од разни болести, кои боледувале заради тоа што имале свои лични гревови или гревови наследени  од нивните родители. Ете, да си спомнеме како Господ Исус Христос го излекува оној слеп човек од раѓање, за кого Апостолите кога Го прашаа Хруста: „Кој згреши, тој или неговите родители?“, Христос им рече: „Ниту тој, ниту неговите родители, туку да се покаже славата Божја на него“ (сп. Јован 9, 2).

Да си спомнеме исто така и за многустрадалниот Јов, кој беше најбогат од сите луѓе во земјата Уз, кого Господ го обдари со секакави богатства и добра, кои ги имало на земјата во тоа време, а овој ништо од тоа не сметаше дека негово, туку дека сè е Божјо т.е. дар Божји, и така се однесуваше кон богатството. Светиот праведен и многустрадален Јова, не дозволуваше покрај неговиот дом да ппомине гладен, а да не го нахрани, жеден, а да не биде напоен, болен, а да не биде посетен и лекуван. Исто така, дури и тогаш кога Бог допушти сатаната да му направи секаква пакост т.е. да му го одземе сето богатство и врз него да испрати тешка болест (лепра), тој, знаејќи дека не страда заради своите гревови, туку дека тоа е поради зависта на станата, велеше: „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово!“ (сп. Јов 1, 21). И на крајот, возљубени во Господа, се покажа неговата силна вера во Бога и во воскресението од мртвите, зашто беше рекол: „И ако оваа моја кожа се распадне, пак во истата кожа ќе Го видам мојот Бог и Спасител“, тоа значи Јов длабоко верувал во воскресението на мртвите.

Така и најбогатиот патријарх во Стариот Завет Авраам, правеше сè за да Му угоди на Бога, а покажа и совршено гостопримство, па затоа е образец на луѓето, кои прават гостопримство, зашто во својот дом Ги прими Тројцата Патници, Кои Ги претставуваат Трите Лица на Света Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, Кои Ги пречека со голема љубов, и не им се обрати како на Троица, туку како на Еден, велејќи: „Господи, ако сум нашол милост пред Тебе, тогаш немој да го одминеш мојот дом“ (сп. 1. Мој. 18, 1-3). И така Авраам, беше благословен заедно со неговото потомство, кое беше побројно од морскиот песок, како што читаме во Светото Писмо.

Овде возљубени во Христа, гледаме дека се случува нешто необично. Имено, гледаме како Господ Исус Христос лекува од секаква болест, но истовремено ги осудува лицемерието, злобата, зависта, омразата и гневот.

Лицемерни се навистина сите оние луѓе, кои формално покажуваат љубов кон луѓето, а во своите души негуваат омраза и злоба. А оние што мразат, тоа се несреќни луѓе, бидејќи не живеат за да се радуваат во Господа, туку се радуваат кога луѓето страдаат, кога имаат потешкотии, кога боледуваат од разни болести и кога ќе им се случат и најнеубави работи. Господ Исус Христос, за оние кои се гневат, вели: „Секој што се гневи, е братоубиец и човекоубиец, зашто ниту еден грев не се случува ненадејно, туку истиот најнапред се случува во нашите души, срца, чувства и умови, а дури потоа се случува и на дело.

Па така, поуката од денешното Светото Евангелие е дека ние секогаш треба да Му благодариме на Бога, како што Му заблагодарила оваа подгрбавена (наведната) до земи жена, која практично го претставува старозаветното човештво, односно луѓето од Стариот Завет, кои што гледале само кон земните и материјални богатства, и кон сè што е преодно.

Исто така, ние треба да знаеме дена не треба да ги осудуваме луѓето за нивните постапки, туку најнапред треба да погледнеме на нас самите, на нашиот живот, на нашите постапки, и никогаш да не бараме виновник за сè што се случува во овој свет во другиот, туку во себе, сметајќи се себеси за најгрешни и најнедостојни, како што тоа го направил и Свети апостол Павел, кој вели дека е недостоен да се нарече Христов апостол, оти ја гонел Црквата Божја.

Да се помолиме на Светиот апостол Андреј првоповиканиот, на кој денеска споменот му го празнуваме, кој беше рибар, но со духовните мрежи улови многу христијани во целиот свет, бидејќи проповедаше на многу места во целиот свет. Според некои учени богослови, Светиот апостол Андреј проповедал во Македонија. Овој свет апостол е патрон на Романската Православна Црква, а го почитуваат и слават и Русите, бидејќи проповедал и во Русија.

По неговите Свети молитви, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар