Дваесет и осма недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во митрополитскиот храм „Свети Великомаченик Георгиј“, во Битола

На 20.12.2020 г., во Дваесет и осмата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Свети Амвросиј, епископ Медиолански (Милански)Преподобен Нил Столбенски и споменот на Преподобен Григориј Молчалник, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во митрополитскиот храм „Свети Великомаченик Георгиј“, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Дојдете и јадете сè е подготвено!“ (сп. Лука 14, 17).

Денес возљубени, во оваа дваесет и осмата недела по Педесетница, од Светото Евангелие, ја слушнавме параболата за Големата вечера, која ја кажал Спасителот Господ Исус Христос. Светиот апостол и евангелист Матеј во оваа парабола вели: „Царството Небесно ќе се оприличи“, како вечера.

Светиот апостол Лука, пак,  ја започнува оваа парабола со зборовите: „Еден човек домаќин, приготви голема вечера и покани мнозина“ (сп. Лука 14, 16). Домаќинот, е всушност Небесниот Отец, Кој приготви голема трпеза, а потоа Го испрати својот слуга да отиде да ги покани званиците со зборовите: „Дојдете, оти сè е готово!“ (сп. Лука 14, 17). Тогаш поканетите, се вели во Светото Евангелие, почнале како договорени да откажуваат. Првиот од поканетите, сакајќи да се оправда, му рекол на слугата: „Купив голема нива и ќе одам да ја видам, па затоа не можам да дојдам“ (сп. Лука 14, 18). Истото го направил и вториот велејќи: „Купив пет чивта волови и одам да ги пробам, па затоа не можам да дојдам“ (сп. Лука 14, 19), а на ист начин постапил и третиот, велејќи: „Се оженив, па затоа не можам да дојдам“ (сп. Лука 14, 20).

Кога слугата се вратил и му кажал на Господарот дека званиците одбиле да дојдат на поканата на Големата вечера, тогаш Домаќинот се налутил и рекол: „Многумина се повикани, ама малцина се избрани“ (сп. Лука 14, 24), па затоа му рекол на слугата: „Оди бргу по улиците и раскрсниците и покани ги бедните, слабите, куците и слепите“ (сп. Лука 14, 21). Во Светото Евангелие се вели дека слугата отиде и ги покани сите, велејќи Му на Господарот: „Господару, направив како што ми заповеда и уште има место“ (сп. Лука 14, 22), а Домаќинот му рече: „Оди сега по патиштата и оградите и убеди ги да дојдат сите слаби и немоќни, за да се наполни Мојот дом“ (сп. Лука 14, 23), односно трпезата за голема вечера.

Сите Христови параболи имаат свое преносно значење, па така и оваа парабола има свое преносно значење. Во ова парабола станува збор за Домаќинот, Кој го претставува Самиот Бог Отец, но исто така, станува збор и за слугата, кој Домаќинот го испраќа. Кој е тој слуга? Слугата е Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој предвечно се раѓа од Отецот, Кој по благоволението на Отецот, дојде на земјата и прими човечко тело, во сè уподобувајќи се со нас луѓето освен во гревот, за да го спаси човечкиот род од гревот и смртта. Па така, првично се мисли дека слугата е Самиот Син Божји, Кој зеде образ (лик) на слуга, за да го спаси човекот од гревот и смртта.

Под слуги, уште се подразбираат и пророците, кои проповедале меѓу Еврејскиот народ за доаѓањето во тело на Спасителот наш Господ Исус Христос, но нивната проповед не била прифатена и примена, туку биле биени, претепувнани, со пили пребичувани, завршувајќи го својот живот маченички, страдајќи за Месијата, Спасителот.

Исто така, под слуга, кој оди да ги повика поканетите, е и Свети Јован Крстител, кој доаѓа од Јорданската пустина и вика со силен глас кон старешините и првосвештениците еврејски, и кон сиот еврејски народ: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 3, 2).

Со истите овиде зборови: „Покајте се зашто се приближи Царството Небесно!“ (сп. Мат. 4, 17), Својата проповед ја започнува и Спасителот наш Господ Исус Христос. Покрај овие слуги, слуги Божји се и Светите Апостоли, кои Господ Исус Христос ги испрати на проповед во светот по двајца, со зборовите: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал“ (сп. Мат. 28,19), а овие зборови се однесуваат и на епископите, како на нивни последователи, наследници и преемници на Светиот Дух.

Ете, кога зборуваме за поканетите, треба да појасниме што треба да подразбереме под нивните изговори т.е. под изговорот на првиот поканет, кој рекол дека купил нива, па ќе оди да ја види. Тука всушност станува збор за погрешен и лажен мотив, бидејќи кога се купува нешто, прво се оди и се гледа тоа, а не прво да се купи, па да се види. Што значи мотивот бил сосема погрешен, и е еден вид начин на оправдување. И ние денес кога грешиме т.е. кога ќе направиме било каков грев со тоа што сакаме нешто да присвоиме, земеме или купиме, ние прво гледаме како тоа да го придобиеме, а не дали праведно ќе го заслужиме.

Во однос на вториот поканет, кој рекол дека купил пет чивта волови, па отишол да ги проба, и тука станува збор за лажен мотив, бидејќи и воловите кога се купуваат, прво се гледаат, па дури потоа се купуваат. Не може прво да ги купи, па да ги проба, туку прво ќе види како тие влечат и изгледаат, па дури потоа ќе ги купи. Вториот поканет, всушност ги претставува луѓето, кои се горделиви и надуени, кои мислат дека се најпаметни, најспособни и најзаслужни, и сите други ги потценуваат и понижуваат, без оглед на нивната социјална состојба, и без оглед и на нивното образование т.е. дали се најучени, средно учени или прости. А оној, пак, третиот, кој што рекол: „Се оженив, па затоа не можам да дојдам“ (сп. Лука 14, 20), и неговиот мотив е неоправдан, зашто ако тој веќе се оженил, значи свадбата е веќе направена и тој почнал да живее брачен живот, па не може да се оправдува. Може да се оправдува ако се жени, па заради женидбата не може да дојде.

Па така, оваа парабола меѓу другото говори и за мотивите на овие луѓе. Со други зборови кажано, првиот човек говори за тоа дека е среброљубец, бидејќи мисли само на имотот т.е. на материјалното, земното и преодното. Среброљубецот е секогаш обземен со чувствата да прибира само земни, материјални и преодни работи, а Господ ни вели да не собираме богатства на земјата, каде што молецот ги гризе и рѓата ги разјадува, туку да собираме богатства на небесата, кои се вечни, трајни и спасоносни.

За оној, пак, другиот, кој се вели дека купил волови, тука рековме дека станува збор за горделивите луѓе, кои честопати заради гордост, повеќе внимание обрнуваат како да се претстават пред другите луѓе т.е. дека се големи домаќини, дека имаат големи куќи, убави возила и.т.н., само за да се покажеме пред другите, заборавајќи дека истото тоа ни е дадено од Бога, бидејќи кога сме се родиле на овој свет, ништо не сме донеле, како што вели праведниот Јов: „Гол сум се родил и гол ќе се вратам во утробата на мајката земја“ (сп. Јов. 1, 21).

Оној, пак, што се оженил, всушност ги претставува луѓето, кои во овој свет живеат само за сладострастие, за телесни уживања и наслади, заборавајќи дека во овој свет се должни да се подготвуваат за Царството Небесно.

Ете, токму заради тоа, возљубени во Господа, ние треба да поведеме строго сметка за тоа дека сме гости на овој свет и дека кога сме се родиле, ништо не сме донеле на овој свет, ниту кога ќе заминеме од овој свет, нешто ќе однесеме, зашто голи се раѓаме и голи ќе заминеме од овој свет. До гробот, обично имаме сè, ама кога ќе дојде смртниот час, тогаш полека сите нè напуштаат, па дури и најблиските и најсаканите сакаат што побргу да се ослободат од телото на покојниот, не сакајќи да го држат дома, зашто ќе се смириса, па жалоста за него ќе биде уште поголема,  а тој сиромавиот (покојниот), како што пееме во погребалните стихири, нема кој да ја утеши неговата душа, бидејќи пријателите уште пред роднините го напуштаат, зашто од него немаат повеќе никаква корист. Со него, возљубени во Господа, единствено остануваат добрите дела, кои тој ги направил во овој свет, како што вели Светото Евангелие дека на сите нам ќе ни се суди според делата во часот кога ќе го напуштиме овој свет, во кој ние повеќе страдаме, отколку што се радуваме.

Во таа смисла, и поканата на оваа голема вечера, треба да се разбере како повик за спасение, бидејќи Господ Исус Христос, Кој зел облик на слуга и дошол во светото заради нас и заради нашето спасение, вели:  „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (сп. Мат. 11, 28).

Христос нас нè повикува на големата вечера и со зборовите: „Земете, јадете, ова е Моето Тело, кое се прекршува за вас за прошка на гревовите!“.„Пијте од неа сите, зашто ова е Мојата Крв на Новиот Завет, која за вас и за мнозина се пролева, за простување на гревовите“ (сп. Мат. 26, 26-28). Таа трпеза, на која нè повикува Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, е Црквата Христова, која Господ Исус Христос ја спечалил со Својата спасоносна Крв. Црквата Христова, се всушност верниците, заедно со свештенството и монаштвото, собрани околу својот епископ. Агнецот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, се коле на секоја Божествена Литургија, и ние примајќи Го Едниот, сите стануваме едно во Христа нашиот Бог и Спасител, и на тој начин стануваме една Црква, која е Света и Соборна.

Па така, Големата вечера, на која нè повикува Господ, е Света Тајна Евхаристија, Причесната, на која ние треба да доаѓаме подготвени со пост и покајание, сметајќи се себеси како најгрешни од сите луѓе, како што и Свети апостол Павле вели дека е најгрешниот од сите луѓе на светот.

Оваа парабола, исто така, говори и за Царството Божјо тука на земјата, а тоа е Божествената Литургија на земјата, која ги надминува земните, материјалните и преодни простори, зашто Божествена Литургија, е всушност предвкусот на Царството Небесно, па затоа Господ вели: „Она што око не виде, уво не слушна, ниту на човека на ум му падна, тоа Господ го приготви за оние, кои ги исполнуваат Неговите Свети Заповеди“ (сп. Кор. 2, 9).

За ова говори и Светиот апостол Јован Богослов во неговото Откровение, кога вели: „Потоа видов еден ангел како стои на сонцето, кој извика  со силен глас и им рече на сите птици, што летаа среде небото:  Долетејте и соберете се на големата вечера Божја“ (сп. Откр. 19, 17), а тоа е Царството Небесно, каде што ако ние се удостоиме, ќе бидеме во заедница со Светата Троица т.е. со Отецот, и Синот, и Светиот Дух, Мајката Божја, Светите Ангели и Сите Свети. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар