Дваесет и четврта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола

На 22.11.2020 г., во Дваесет и четвртата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светите маченици Онисифор и Порфириј, преподобниот Јован Коловпреподобната Матрона Цариградскапреподобниот Ефтимиј Дохијарски и неговиот ученик Неофит, преподобната Теоктиста ПароскаСветиот Симеон Метафраст и споменот на Свети Нектариј Егински, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Кирил Трајковски и ѓаконот Златко Крстевски, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Не бој се, туку верувај и ќе бидеш спасена“ (сп. Лука 8, 48).

Браќа и сестри, Спасителот наш Господ Исус Христос, откако бил во Гадаринскиот крај, каде им излекувал еден или двајца бесомачни луѓе, Гадаринците не Го примиле Христа, заради трговијата со свињите, која им била забранета, па Му рекле на Христа: „Оди си од нас Господи“ (Лука 8, 37). Тогаш Господ влегол во едно кајче, а од спротивната страна, на Генисаретското езеро, го пречекал мноштво народ, кој се туркал и Го притискал од сите страни, барајќи Христос да ги излекува од секакви болести.

Како што слушнавме од денешното Свето литургиско воскресно Евангелие, таму дошол еден благочестив човек по име Јаир, кој бил управник на синагогата, која е храмот на Евреите. Кога ќе поминел по улиците, сите кон него, и старите и младите,  се однесувале со голема почит. Овој човек имал една единствена дванаесет годишна ќерка, која тешко се разболела. Сите лекари што постоеле во тоа време, се обиделе да ја лекуваат, но не ја излекувале, па затоа тој си рекол во себе, а и на сопругата да отидат при Спасителот наш Господ Исус Христос, бидејќи само Он може да ја излекува. Па веднаш дошол при Исуса, паднал пред Неговите нозе и Го молел да дојде во неговиот дом и да ја излекува неговата ќерка. Господ тргнал во домот на Јаира, за да ја излекува неговата ќерката, а кога оделе по патот, многу луѓе почнале да се туркаат, па Господ рекол: „Кој се допре до Мене“ (Лука 8, 45), а Свети апостол Петар му вели: „Гледаш ли Учителу, дека народот Те опколил и Те притиска од сите страни, а Ти прашуваш, Кој се допре до Мене“ (Лука 8, 45). На ова Христос одговара: „Некој се допре до Мене, бидејќи почувствував дека сила излезе од Мене“ (сп. Лука 8, 46). Тогаш жената, која дванаесет години страдала од крвотечение, паднала со страв и трепет пред Неговите нозе, и му кажала сè што се случило т.е. дека сиот свој имот го раздала по лекари и ништо не помогнало, бидејќи не можела да се излекува од нејзината болест, од дванаесет годишното крвотечение. Затоа оваа жена си рекла во себе: „Само ако се допрам до Неговите алишта, ќе се излекувам“ (Мат. 9, 21), а Господ и рекол: „Не бој се ќерко, верувај само, простени ти се гревовите, оди си во мир“ (сп. Лука 8, 48). Кога Јаир го слушал тоа, бил малку нетрпелив, бидејќи сакал што побргу Христос да појде во неговиот дом и да ја излекува неговата ќерка, која била на умирање. Во меѓувреме стигнал еден од слугите негови и му рекол: „Не мачи го Учителот, бидејќи ќерка ти умре“ (сп. Лука 8, 48). Тогаш Господ му рекол на Јаира: „Не бој се, само верувај, таа не е умрена, ќе се спаси“ (сп. Лука 8, 50). И кога дошол во домот на Јаира, таму имало мноштво народ, меѓу кои имало и платени жени, кои плачеле и ределе за покојната девојка. Господ кога влегол во домот на Јаира, ги истерал сите, оставајќи ги само тројцата Свои ученици, Петра, Јакова и Јована, и родителите на девојката, па дошол до девојката, ја фатил за раката и ѝ рекол на Арамејски, „Талита, куми!“, што значи: „Девојко, ти велам стани“ (сп. Лука 8 54). Девојката станала од постелата, а Христос им рекол на родителите да и дадат да јаде, за да се потврди дека таа е навистина здрава.

Ете, кога народот ги видел овие две големи чуда, Го прославил Господа Исуса Христа. Внимавајте, на едната страна имаме стара жена, која дванаесет години страда од крвотечение, а на другата страна имаме дванаесет годишна млада девојка. Првата ги претставува многубошците т.е. многубожечките народи, кои не верувале во Троичниот Бог, во Отецот, и Синот, и Светиот Дух, а од другата страна ја имаме младата девојка, која е претставник на Јудејскиот народ. Токму, кога се родила девојката, тогаш почнало и крвотечението на старата жена, браќа и сестри, која била излекувана, а нејзиното име е Вероника. Таа е онаа жена, која Му дала крпа на Христа нашиот Бог и Спасител, кога одел да страда на Голгота, носејќи го Крстот на Своите плеќи. Кога Господ се избришал со таа крпа, на крпата се отсликало Неговото Лице.

Ете, браќа и сестри, претставник на многубоштвото, е дванаесетгодишната болна жена, која била излекувана, која е символ на многубошците, кои кога Господ им рекол да си одат по своите патишта, откако го избрал старозаветниот патријарх Авраам, кој всушност е претставник на јудејскиот народ, односно маладата девојка, која е претставничка на јудеите, која од мртвите ја воскреснал Спасителот наш Господ Исус Христос. И веднаш, браќа и сестри, се поставува прашањето, каде сме ние денес и каква е нашата врска, во однос на овие две големи чуда што се случиле? Нашата врска е следна т.е. што се однесува до болната жена, ние знаеме дека болеста секогаш доаѓа, во најголеми случаеви заради нашата гревовна состојба, заради многуте гревови што сме ги направиле, како што Господ им рекол на нашите прародители Адам Ева: „Во кој ден ќе вкусите, од забранетиот плод, ќе умрете“ (сп. 1. Мој. 2, 17).

Па така, браќа и сестри, причинителот на болестите и на смртта, е првородниот грев, а исто така и нашите лични гревови, од кои треба да се ослободиме, а не да го следиме примерот на некои наши, браќа и сестри, кои иако се христијани, крстени и миропомазани, и мислат дека живеат христијански живот, па ако некој од ближните им се разболи, веднаш трчаат кај бајачите и гатачите, кои поучени од ѓаволот ги лажат луѓето дека ќе им ги излекуваат нивните ближни. Но дури и да ги излекуваат секако, со помош на ѓаволот, тоа лекување нема да им биде за спасение, туку за смрт, бидејќи е од ѓаволот. Затоа, возљубени, кога некој ќе се разболи, треба да го следиме примерот на Јаир, кој веднаш потрчал кон Христа нашиот Бог и Спасител и Го молел да дојде во неговиот дом, за да ја излекува неговата дванаесет годишна болна ќерка, која била на умирање.

Секогаш кога имаме болен човек во нашиот дом, треба да викнеме свештеник за да направи маслосвет за болниот, иако не е тешко болен, бидејќи на тој начин Го повикуваме Христа да влезе во домот. Веднаш по Маслосветот, болниот треба да се исповеда, за да му бидат простени гревовите, а потоа да се причести т.е. да Го прими Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител.

Спасителот Христос со Телото и Крвта, влегува во домот на болните и ги лекува од болничките постели. Исто така, треба да знаеме дека доколку е Божјата волја некој тешко болен да умре, тој со Христа ќе умре, бидејќи Свети апостол Павле вели: „Живееме ли, умираме ли, Христови сме“ (сп. Рим, 14, 7-8). Што значи, очистен од гревовите и причестен, ќе отиде во рајот.

Возљубени, браќа и сестри, секој може да го посети болниот, но само свештеникот Го носи Спасителот Христос во домот болниот, Кој е во Причесната.

Што се случило со младата дванаесет годишната девојка? Умрела, браќа и сестри. Веднаш се поставува прашањето, што ќе биде со нас православните христијани по смртта? Ние, кои сме се крстиле, миропомазале и сме ги примиле сите достапни други Свети Тајни, веруваме дека постои задгробен живот, дека постои Царство Небесно. За жал, повеќето од луѓето мислат  дека со смртта на човекот, заврши сè. Не е така, браќа и сестри, бидејќи дури и најучените луѓе исповедале дека има воскресение на мртвите. Ќе го споменеме Њутон, кој ја измаслил земјината тежа, кој е еден од најголемите научници на светот, кој толку многу Го почитувал Бога, така што кога ќе се спомнело Божјото име, пред сите луѓе на јавни места, ја симнувал капата. На тоа некои му се смееле, а тој им велел: „Што, зарем не верувате дека постои живот после смртта, еве јас ќе ви покажам. Растурете железни струганици и дајте ми една магнетна прачка“. Кога поминал со прачката и ги собрал сите струганици од железото, рекол: „Ако јас како смртен човек ви покажав дека не е уништено железото, односни струганици, кои магнетот ги собра, тогаш Бог, Кој сè создал, зарем не може да ги собере изгниените и распаднати тела на луѓто?“

Ете, Спасителот Христос, како што и ја вратил душата на оваа дванаесет годишна девојка, која умрела, така при Второто Негово доаѓање, ќе ги воскресне сите мртви, т.е. ќе ги врати телата на луѓето во телесна состојба на триесет и три ипол годишна возраст, како што бил Христос, кога воскреснал од мртвите. Зашто Госпо Исус Христос и рекол на девојката: „Девојко тебе ти зборувам стани“ (Лука 8, 54), а на нејзиниот татко му рекол: „Не плаши се синко, таа не е умрена, туку спие“.

Нашето православно верување за смртта на луѓето, до Второто Христово доаѓање, е дека ние сме во еден длабок и долг сон, а оние кои ќе бидат живи во моментот кога ќе дојде Христос, ќе ги променат своите тела од телесни во духовни, и тогаш на Страшниот Суд, сите ќе треба да дадеме одговор за нашиот живот на земјата, за нашите постапки, пред целиот свет, пред Мајката Божја, пред Ангелите, пред сите Светители и пред сите луѓе од Адама и Ева.

Спасителот Христос, првиот пат дошол за да ги просвети и поучи во верата сите луѓе, а при Второто доаѓање ќе дојде како Судија, секому да му даде според неговите дела.

Браќа и сестри, тоа го знаеле и многу учени луѓе, како што бил Њутон, кој  пред малку го спомнавме, но во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, верувале и други врвни научници, како што бил Никола Тесла, кој ја измислил струјата, а исто така и Мухајло Пупин, кој е од нашиот род, од Вевчани, кој го измислил телефонот (Анштајн), и безброј други научници, кои имале силна вера во Бога. Многумина од тие научници, умреле како нејсиромашни и најбедни, бидејќи многу добро ги знаеле зборовите на првото блаженство: „Блажени се бедните по дух, зашто е нивно Царството Небесно“ (Мат. 5, 3). Ете, тие луѓе, ништо не смеетале за свое, туку сè што имале, го сметале за дар Божји, кој треба  да го искористат за да ги спасат душите свои.

Дека постои воскресение на мртвите, ни говори нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој вели: „Јас Сум Воскресение и Живот“ (Јован 11, 25). Затоа, по Христовото Воскресение, ние горбот не треба да го гледаме како темнина. Навистина, до Христовото Воскресение, гробот бил темнина, но по Христовото Воскресение од мртвите, гробот го гледал како да е една голема триумфална порта, преку која ние минуваме, за да влеземе во Царството Небесно. Ние преку утробите на нашите мајки, практично излегуваме за живот на земјата, а во гробот влегуваме, за преку него да влеземе во Царството Небесно.

Ние овде на земјата сме времено, а некои дури ни од утробата на мајката не излегле, заради убиствата (абортусите) на нивните мајки и татковици, кои ако не се покајат, нема да добијат прошка на гревовите. Затоа, секој што бил учесник или соученик во убиство на дете во утробата на мајката, веднаш да отиде кај свештеникот и да се покае за своите гревови, бидејќи на Страшниот Христов Суд, тешко дека ќе се оправда и дека ќе го наследи Царството Небесно.

Па така, браќа и сестри, да не заборавиме дека нашата душа, е исто како душата на онаа млада девојка, која Христос нашиот Бог и Спасител ја воскреснал.

Кога велиме дека некоја душа е умрена? Тогаш, кога се наоѓа во тешки и смртни гревови. Ако сме горделиви, ако лажеме, крадеме и келветиме, тогаш нашите души умираат, бидејќи правиме смртни гревови. Исто така, ако не работиме, како што вели Свети апостол Павле: „Ако некој не сака да работи, и нека не јаде“ (2. Сол. 3, 10), и тогаш умира нашата душа. Ако сме среброљубиви, т.е. мислиме само на парите, златото и богатството, и тоа е нашата цел, а не средство за спасение на нашите души, и тогаш умираат нашите души.

Душевно умираме, и тогаш кога немаме цел во животот, кога велиме дека  сме во депресија. Депресијата не е болест, туку е тежок грев. Луѓето кои се во депресија, на местото од Бога, си поставуваат свој бог, на кој му служат. Па така, тој нивни бог, тоа нивно идолопоклонство, кога не ќе можат да го постигнат, тогаш запаѓаат во депресија и апатија, во состојба на дилириум, во која немаат желба за живот. Па така, претсобје на очајанието и самоубиството е унинието, (безволноста за живот).

Кога луѓето ќе се разочараат и ќе паднат во очајание, а тоа се случува после депресијата, се самоубиваат. Зошто? Бидејќи си велат, нема за што повеќе да живеам, или со други зборови, ќе му ја предадам душата на ѓаволот, па така, таа што ќе му рече ѓаволот, тој, тоа прави. А ѓаволот, браќа и сестри, за да го уништи некого, прво го води човекот кон тоа да нема желба за живот, да не верува во Бога, да не верува дури и во ѓаволот, за самиот човек да рече: „Ете, нема смисла мојот живот, нема друго што да правам, освен да си ја ставам јамката или да се фрлам во река, езеро или морето и да се удавам“. Ете, тоа е целта на ѓаволот, па така, сите оние што ќе се самоубијат, не можат да го наследат Царството Божјо. Тие сигурни ќе отидат во пеколот. Зошто? Затоа што немаат можност да се покајат по смртта. А сите други грешници, колку и да направиле големи, страшни и опасни гревови, можат да се спасат. Зошто можат да се спасат? Затоа што имаат време да се покајат т.е. имаат можност да отидат кај свештеникот, да се исповедаат и покајат.

Ние во Православната Црква, имаме примери на луѓе, кои од големи грешници, станале Свети луѓе. Како пример ќе го спомнеме Свети Мојсеј Мурин, кој од разбојник, станал светител. Понатаму како пример го имаме и Свети апостол Павле, кој ја гонел Црквата, па затоа вели: „Не сум достоен да се наречам Христов апостол, оти ја гонев Црквата Божја“ ( 1. Кор. 15, 9), но откако Спасителот Христос му се јавило на патот кон Данаск, станал најревносен апостол, па затоа вели: „Не јас, тоа го направив, туку благодатта која Бог ми ја даде, која е во мене“ (1. Кор. 15, 10). Што значи, ние ништо сами не можеме да направиме, туку сè што правиме, правиме со Бога, Кој рекол: „Ништо (добро) не можете да направите без Мене“ (Јован 15, 5).

Само со Бога можеме да правиме добро и да се ослободиме од секакви гревови.

Па ете, да се помолиме, браќа и сестри, на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светите Ангели и на Сите Свети, преку нивните молитви Господ да ги просвети нашите умови, души и срца, и да ги очисти од секаква нечистотија душевна и телесна, да ги очисти нашите срца од секакви грешни желби, похоти, страсти и грешни дела, па така и ние, по примерот на Јаир, да Го повикаме Христа да влезе во нашиот дом, бидејќи Он секој ден и час чука на нашето срце и чека да Му отвориме. Тогаш, пак, кога ќе го примиме во нашите души и срца, ќе се спасиме. Амин.

По молитвите на Сите Свети, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар