Воскресение Христово – Архиерејска Пасхална Литургија во Битола

На 28.04.2019 г., во Светла ноќ на Воскресението Христово, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар,  во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и Рубин Бојчески и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи  Света Божествена Златоустова Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Возљубени во Христа Воскреснатиот, браќа и сестри!

Знаете ли на Велигден што се случува? Мислите ли дека тоа е некоја претстава што се преповторува, или можеби само сеќавање на последните мигови од Христовиот живот и Воскресение?

Не, Наши возљубени чеда во Христа Воскреснатиот. Ова не е претстава, ова не е невистинито претставување на Велигденските настани или симболизам. Ова е трогателна реалност. Христос е распнат, убиен и погребан, а во третиот ден, триумфално Воскреснува. Секоја година тоа се случува пред нашите очи, и најважно од сè, длабоко го доживуваме во нашите срца и души.

Он, Христос, секоја година, секоја Недела и на секоја Божествена Литургија, се  распнува, погребува и Воскреснува. Колку ние ќе заедничариме во Воскресенската радост, тоа зависи од нас самите. Нашата основна христијанска цел è, да се издигнеме „до мерата Христова“ и по нашата физичка смрт, да совоскреснеме заедно со нашиот Спасител, на патот кон вечниот живот.

Воскресението е библиска Тајна, која со векови е сокривана во Стариот Завет, а конечно е објавена на светот, во Новиот Завет – со Воскресението на Богочовекот Исус Христос од мртвите (Мат. 28, 6).

Вистината и реалноста на Христовото Воскресение, е проверена и утврдена од страна на самите очевидци, Мајката Божја, Жените Мироносици и верните. Христовите Апостоли не поверувале лесно во Христовото Воскресение, туку напротив, го провериле искуствено, претходно сомневајќи се. Тоа може да се потврди и со Христовите зборови: „Ќе Го удрам Пастирот и овците ќе се разбегаат“ (Мат. 26, 31). Апостолите се сомневале во Христовото Воскресение и не само за себе, туку и за сите луѓе од сите времиња, дури и за целата човечка природа воопшто.

чу   „Христос нашиот Бог, откако беше распнат на Крстот и на Него Го прикова гревот на целиот свет, умре, слезе во длабочините на адот; потоа, издигнувајќи се од адот, повторно (со душата) влезе во Своето пренепорочно Тело и во миг Воскресна од мртвите. На истиот тој начин и ние сега, оставајќи го овој свет и неговите суети, при исповедањето на страдањата Господови, влегуваме во гробот на покајанието и смирението. Ете и Самиот Он, слегува од небесата и влегува во нашето тело, како во гроб; се соединува и со нашите души, и ги воскреснува нив – душите, мртви по суштина, заради гревовите. И, воскреснувајќи ги, дарува благодат да се гледа славата на ова таинствено Воскресение“ (Свети Симеон Нов Богослов).

Мили наши духовни чеда!

Светлото Христово Воскресение, Велигден, се нарекува Празник над празниците,  Торжество над торжествата и Победа над победите. Зошто? Затоа што со него се победени двата најголеми непријатели на човекот: гревот и смртта. Во Христа Воскреснатиот, сега целото човештво може да ја совлада порано неотклонливата препрека на патот кон слободата, Рајот. Препрека која никој, никогаш претходно не успеал да ја совлада, ниту возвишената мудрост на научниците и философите, ниту префинетоста на уметниците и писателите, ниту моќта и дипломатските вештини на властодржците. Неа единствено ја совлада Христос. Он, го возвиши човештвото до Божествена слава, Он го уништи, сето она што нам ни го попречуваше патот да постанеме Христоносци, т.е. богови по благодат.

Непосредно пред крсните страдања, во последната беседа со учениците, Христос рече: „Нова заповед ви давам. Да се љубите едни со други“ (Јован 13, 34).  Во што е суштината на оваа заповед? Во тоа што од сега Бог, својот највисок суд не го врши според законите на формалната набожност, туку врз основа на тоа како човекот ќе се однесува кон своите ближни и што всушност им донесува: радост, мир, благосостојба или напротив: немир, омраза и непријателство. Бидејќи сега Воплотениот и Воскреснатиот од мртвите, Бог, не е само Судија, туку è и Спасител. Он е вистинскиот пат, живот и воскресение. Христос не само што суди, туку пред сè станува Спасител на секој грешник, кој му се обраќа со вера и живот според Неговите Заповеди. Најважниот услов на Новиот Завет е оваа меѓусебна љубов, без оглед на разликите. Недостатокот на љубов го уништува човекот, ги разделува семејствата, ги разорува државите. Затоа Христос преку устата на Свети апостол Павле вели: „Ништо освен љубов да не си должите“.

Возљубени во Христа Бога празникољупци!

Христос со Неговата смрт, ја урна препреката на гревот, но остана уште една огромна препрека: самата смрт. Оваа препрека, Христос ја урна со Неговото Воскресение. „И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат“ (1. Кор. 15, 22–23), но секој по својот ред: прв е Христос; потоа, при Неговото доаѓање, ќе воскреснат сите што се Христови.

Преку Христовото Воскресение, целото човештво е подложно на идно воскресение: физичко, телесно (вечно) воскресение. Оние кои ќе го примат Христовиот дар на спасението, ќе воскреснат за живот вечен, како што вели Он, додека оние кои ќе го одбијат, ќе воскреснат за вечно проклетство (Јован 5, 29). И повторно, ова е заради тоа што човечката природа е една. Свети апостол Павле тоа го потврдува со зборовите: „Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите стана преку човек“ (1. Кор. 15, 21).

Христовата смрт и погребение, никогаш не можат да се раздвојат од Неговото Воскресение. Неговото Воскресение беше неизбежна последица од Неговата смрт, бидејќи, како што се вели во Божествената Литургија на Свети Василиј Велики, „зашто не беше можно да биде држан од распадливоста Началникот на животот“. Со Христовата смрт и Неговото Воскресение, сите последици од Падот се надминати: како духовната (загубата на Божјата благодат) така и физичката смрт. Она што го пееме во Пасхалниот тропар, буквално и го мислиме и доживуваме: „Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи“.

Само во Христа има вистински живот. Он ни нуди вечен живот: пред сè вистински духовен живот преку примањето на Неговата животворна Благодат, Он да пребива во нас; а потоа, вечен духовен живот во Неговото Небесно Царство; а конечно, покрај духовниот  и вечен  физички живот во нашите воскреснати продуховени тела, во рајот.

Браќа и сестри, во Христа Воскреснатиот!

Кој е и каков е нашиот христијански идентитет? Кои сме ние? Ние сме мртовци што излегле од гробовите, воскреснале од гробовите и живеат во овој свет. Што ни дарувал Господ со Воскресението Свое? Што му дал Господ на родот човечки, победувајќи го нашиот најголем непријател, смртта, ѓаволот и гревот? Што ни дал Спасителот Христос? Он ни дал Бесмртен и Вечен Живот, кому смртта, ѓаволот и никаков грев не можат да му наштетат. Со тоа, Господ на секое човечко битие, му дал бесмртен живот. Ние христијаните, во овој свет живееме како воскреснати мртовци. Која е пак смислата на Светото Крштение? Светото Крштение не е ништо друго, туку, како што учи Светото Писмо, погребување со Господа Христа и воскреснување со Него (Рим. 6, 3-4). И ние преку крштението се погребуваме и воскреснуваме во Господа Исуса Христа, како што се вели во Воскресниот Канон: „Вчера со Тебе се погребав Христе, а денес со Тебе воскреснувам“. Да, воскреснувам со Тебе, Господи! Тоа е христијанинот.

Браќа и сестри, празникољупци во Христа воскреснатиот!

Сите ние по крштевањето и миропомазанието, сме потопени во полнотата на Божествениот живот. Во себе имаме Божествени основи. Но, прашањето е дали сме останале на тие основи, или сме продолжиле низ животот да се доизградуваме врз тие основи како личности и зрели христијани?

Мислам дека секој од нас, ако е искрен сам пред себе, мора да каже: Јас сум далеку од она што Бог го очекува од мене. Но доколку само останеме на таа изјава, а ништо не превземеме во врска со тоа, би било поразително.

Мораме да најдеме начини да се променеме на подобро; мораме да се справиме со стариот (гревовниот) човек во нас, со нашите постапки, гревови и страсти.

Некој можеби ќе падне во искушение па ќе рече „јас за тоа имам време!“ Се лажеш Христов војнику! Нема време. Самиот Христос нè опоменува: „Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение“ (Мат. 26, 41), да бдееме над себеси, согледувајќи го и анализирајќи го нашето однесување, како кон Бога, така и кон ближните.

Во секој момент, Бог може да нè повика на времен суд пред Него, но тогаш какви ќе излеземе пред Неговото лице? Радосни? Бидејќи сме ја извршиле Неговата Света волја и сме се обиделе на земјата да го изградиме Царството Божјо? Или тажни и вознемирени: бидејќи сме го промашиле својот живот, правејќи им зло на ближните и не исполнувајќи ги Божјите Заповеди?

Не е препорачливо да се пазариме и поигруваме со Бога, мислејќи дека Он е љубов, милосрден и милостив и поради тоа, најверојатно ќе ни прости. Да, навистина ќе ни прости, но само доколку се покаеме од длабочините на нашата душа; доколку се преобратиме, духовно се преродиме и ги отфлиме сите дела на темнината, на сметка на добродетелите, кои единствено водат кон вечен живот.

Возљубени чеда во Христа Воскреснатиот!

Во овие моменти на целосна радост, не е можно да се заобиколи една многу актуелна тема, која сериозно ја уништува целовитоста на нашата Татковина. Тоа е таканаречената „бела чума“ иселувањето. Нашите млади, квалификувани и неквалификувани кадри ја напуштаат нашата Татковина Македонија, во потрага по подобар живот. Ова, слободно може да се нарече егзодус на еден народ.

Причините за оваа масовна преселба се различни; од научнички и социјални до помодарски и авантуристички. Наши иселеници ширум светот го прославуваат Воскресението на Христа Спасителот во Македонските цркви, таму каде што ги има, но во длабочините на нивните души постојат искри на копнеж, на патриотизам, но и на заборав и сеќавање на родното огниште, коешто ниедна сила не може да го избрише.

Да не зборуваме, браќа и сестри, за опасностите што демнеат во тој „западен“ и „модерен“ свет. Модерниот свет сѐ повеќе е свет на блуд, свет на разврат, на целосна изопаченост – сатанизам, хазардерство, свет на саможивост, лукавост, либерализам, кој е рамен на крајно екстремен атеизам. За жал, факт е дека овој модерен свет веќе на голема врата влегува и во нашава, Библиска и света земја.

Спротивните закони, на Божјите Закони и Заповеди, на овој таканаречен „современ свет“ ние Православните не смееме да ги прифатиме по никоја цена, зашто во Светото Писмо се вели: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела 5, 29).

Нечестивиот со отворена уста чека да придобие и проголта некој од овие млади души, што тргнале во потрага по подобар живот, или нас што сме сеуште тука физички, но со умот, душата и чувствата, сме веќе негов плен.

Па така доколку сакаме да живееме според основните животни потреби, а не според незаситните желби, нема да ја напуштиме Татковината.

Статистичките податоци на оваа тема, покажуваат навистина фрапантни бројки за Македонското население, кое се иселува од државата, па ова нека биде еден апел до сите нас, но и до сите релевантни институции, да поработат на оваа проблематика. Ние како Црква, вкоренета во зародишот на ова мало парче земја, што ни остана,  да се впрегнеме и извршиме коренита преродба на духовен план, односно постојано да укажуваме и апелираме на превреднување на духовните вредности. Но должни сме да се молиме на Бога, и од Него да просиме просветлување на умовите и срцата на сите нас, а особено на властодршците, да превземат радикални мерки за подобра иднина на нашата младина, Црква и Татковина.

Воскреснатиот Христос нека ги преуми мноштвото семејства, кои трчаат кон „убавините на туѓината, оставајќи ги зад себе, Татковината и скршените срцата на родителите и немиот плач зад себе“.

Христос Воскресе од мртвите, со смртта смрта ја победи, и на оние во гробовите живот им дарува.

Христос Воскресе! Навистина Воскресе!