Велики Четврток – Света Архиерејска Василиева Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола

На 25.04.2019 г., во Четвртокот од Страсната седмица, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Зоран Димовски и Атанас Лажовски и протоѓаконот Драган  Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

По завршувањето на Литургијата, Митрополитот заедно со свештенството  ја отслужи Светата Тајна Елеосвештение, која соборно се служи секоја година на Велики Четврток.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Браќа и сестри, денес е Велики Четврток, еден од големите и спасоносни празници на нашата Света Православна Црквата. На Велики Четврток, си спомнуваме за миењето на нозете на апостолите, за Тајната вечера, за свештената молитва и Јудиното предавство.

Спасителот наш Господ Исус Христос, пред четири дена беше пречекан од Јудеите во Ерусалим како цар, но не како духовен цар, туку како политички, кој што ќе создаде Еврејска држава, и ќе владее со неа, и ќе го покори целиот свет, заборавајќи на Христовите зборови: „Царството мое не е од овој свет“. Царството на Христа нашиот Бог и Спасител е: „Царството Небесно!“

Ете Христос нашиот Бог и Спасител, за да не спаси од гревот и смртта, дошол во светот, излегол од прегратките на Отецот, се понижил себеси, станувајќи човек еднаков на нас луѓето во сè, освен во гревот, се воплотил од Пресвета Богородица и примил човечко тело. Христос нашиот Спасител, не дошол во овој свет да му служат, туку за да послужи, а тоа го покажал со својот личен пример.

Браќа и сестри, ние кога го празнуваме овој празник, и сите овие празници во оваа седмица наречена „Страсна седмица“, односно седмица на Страдањата на Спасителот наш Господ Исус Христос. Овие празници не треба да ги доживуваме само како некаков спомен од настаните што се случиле, бидејќи овие настани постојано се случуваат. Христос нашиот Бог и Спасител, заради нас дошол во светот, и затоа во овие празнични денови, ние треба целосно да се предадеме на празничните богослужби, и сè што слушаме, од она што се пее и чита, да се потрудиме да го доживееме, ако сакаме вистински да ги прославиме Страдањата на Христа нашиот Бог и Спасител, и Неговата Крсна жртва, односно смртта на Крстот, со која нас не откупи од гревот и смртта, и не врати повторно во единство со Троичниот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, со Мајката Божја и сите свети.

Од Светото Евангелие, слушнавме дека Спасителот наш Господ Исус Христос, им откри на Светите апостоли за сè она што ќе се случи, односно им укажа на тоа дека ќе биде поразен пастирот, а овците, односно апостолите ќе се разбегаат. Спасителот им укажа, дека  сè она, за кое Светите пророци претскажале, ќе се исполни. Затоа Спасителот им говори дека се приближува времето на Неговото Страдање, и дека еден од Неговите ученици ќе го предаде за триесет сребреници, како што претскажал старозаветниот пророк, и токму затоа Господ ги повикува Светите Апостоли, на заедничката Тајна Вечера, на која ја востановил Светата Тајна Евхаристија, односно Причесната, Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител.

И ете, кога биле заедно на Тајната Вечета, Господ Исус Христос на Светите Апостоли им рекол дека еден од нив ќе го предаде, а тие почнале да се прашуваат да не сум јас Господи, а кога Јуда дошол на ред, Господ му рекол: „Ти рече!“

Браќа и сестри, тешко на оној што ќе го предаде Синот Божји, нему подобро би му било да не се родел. Господ Исус Христос иако до последно го опоменува Јуда да не го предава, тој упорно останува во својата одлука и грев, и кога го прашале, кој е знакот на оној што ќе го предаде, Христос одговорил дека оној што мака со Мене во чинијата, тој е.

Браќа и сестри, всушност Јуда, откако ја примил Светата Причест, не ја примил за прошка на гревовите, туку за суд и за осуда, бидејќи влегол во него сатаната, и Јуда  отишол кај првосвештениците, како што било претходно договорено, и парите што ги зел од нив ги фрлил во храмот, и отишол и направил јамка на една врба, и се обесил. Така, браќа и сестри, завршил предавникот на Христа нашиот Бог и Спасител.

Овие настани што му се случуваат на Христа нашиот Бог и Спасител, во оваа страдална седмица, браќа и сестри, ние треба длабоко да ги доживуваме, треба да си спомнеме дека Христос нашиот Бог и Спасител не беше човек како обичните луѓе, туку беше совршен човек кој немаше грев, односно во се беше еднаков на нас луѓето, освен во гревот.

Спасителот наш Господ Исус Христос, својата човечка природа, посебно ја искажа пред Своите страдањата, кога беше во Гетсиманската градина на молитва, и се молеше, и кога капки пот како крв, паѓаа од Неговото чело.

Во овој ден, браќа и сестри, се случил најголемиот настан, односно Тајната Вечера, кога Господ Исус Христос ги причестил Своите Апостолите.  И ние на секоја Божествена Литургија сме присутни на Тајната Вечера, бидејќи на овој Свет Престол, кој ја претставува Светата Трпеза, Христос ја создал Светата Тајна Евхаристија, односно Причесната. Тогаш бил поставен лебот на кој покажал Христос и рекол: „Примете, јадете, ова е Моето тело” (Мат. 26, 26).  Потоа покажал на Чашата со вино, ја благословил и рекол: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за вас и за мнозина, за опростување на гревовите“ (Мат. 26, 28). На овој начин Христос нашиот Спасител  ја востановил Светата Тајна Евхаристија.

Бидејќи завршила Неговата мисија на земјата како Богочовек, Спасителот им ветува на Своите ученици и апостоли, дека ќе им испрати друг Утешител, односно Духот на Вистината, Кој од Отецот излегува.

Ете, Христос, сега се наоѓа во најтешките страдања! Слушнавме од Светото Евангелие, дека е доведен во домот на Првосвештеникот Кајафа, каде беше осуден без вина, при двајца лажни сведоци, кои сведочеа против Него дека рекол оти ќе го разурне Спломоновиот храмот, и дека за три дена ќе го подигне. Но Христос, не рекол за тој храм, туку рекол за храмот, односно за Своето Тело, дека по три дена откако ќе биде распнат, ќе го воскресне, и дека потоа ќе го вознесе на небесата.

Страдањата Негови, браќа и сестри, се големи. Светото Евангелие ни сведочи дека учениците Негови се разбегале од страв од Јудеите. Свети апостол Петар, кој прв го исповедал Христа, три пати од Него се одрекува, но на погледот Христов, си спомнува на зборовите Христови дека: „Уште додека петел не пропее, трипати ќе се одречеш од Мене“ (Лука 22, 61). Заради ова, Свети апостол Петар плаче, и не само тогаш, туку според сведоштвото на Свети Климент, папа Римски, целиот свој живот кога ќе слушнел петел да пее, плачел за своето одрекување од Христа.

По мачењето, тепањето по плеќите, исмејувањето, наметнувањето на лажна наметка, плукањето, ставањето на трнов венец на главата на Спасителот, водењето пред Пилата од страна на војниците и на оние кои пред четири дена викаа: „Осана на Давидовиот Син!“, а сега „Распни го, распни“, Спасителот е распнат со најсрамната и најлошата во тоа време смрт на Крст.

Кога Христос е распнат меѓу двајца разбојници, се моли за оние што го распнуваат со зборовите: „Отче, прости им, оти не знаат што прават!” (Лука 23, 34). Голготската жртва на Христа нашиот Спасител – е заокружување на сите старозаветни жртви, кои претскажувале и укажувале, токму на оваа жртва, на жртвата љубовна, на Христа нашиот Бог и Спасител.

Небесниот Отец, за Христа нашиот Спасител сведочи: „Овој е мојот возљубен Син, во кого е мојата волја; него послушајте го!“ (Мат. 17, 5). „Зашто Бог толку го возљуби светот, што го даде и Својот Единореден Син, за ниеден кој верува во него да не загине, туку да има живот вечен” (Јован 3, 16). Старозаветниот пророк, Исаија, за Страдањата Христови вели: „А Он беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме“ (Иса. 53, 5).

Браќа и сестри, преку Христа ние се излекувавме од најголемата гревовна рана, што ја направија нашите прародители Адам и Ева со своето непослушание.  Но еве сега го имаме Вториот Адам, Христос нашиот Бог и Спасител, и ја имаме новата Ева, Пресвета Богородица, која покажува совршена послушност, кога архангелот Божји и соопштува дека ќе го роди Синот Божји, а таа вели нека ми биде според волјата Божја.

Еве и Христос се моли во Гетсиманската градина, а Неговите молитви како на човек, се да го одмине чашата на Стадањето. Но Христос нашиот Бог и Спасител, сепак својата молитва ја завршува со зборовите: „Но нека не биде Мојата волја, туку Твојата!“ (Лука 22, 42). Со овие зборови Христос се согласува доброволно да страда на Крст да биде распнат за, со распнувањето да не ослободи од гревовната смрт, сите нас кои преку Адама и Ева згрешивме. Па ете имајќи го предвид сето ова што го слушнавме од Светото Евангелие, и што сега еве на некој начин го повторуваме, да не заборавиме дека продолжуваат страдањата на Спасителот наш Господ  Исус Христос.

Вечер ќе биде распнувањето на Христа нашиот Бог и Спасител, ќе биде носењето на Крстот, кое е симбол на она што се случи, кога Христос го носеше Крстот на Голгота. Поставувањето тука на Крстот во храмот, го претставува распнувањето на Христа нашиот Бог и Спасител.

Сите овие настани што се случиле, ако сме вистински христијани, должни сме длабоко да ги доживееме во себе, и да сострадаме со Христа. Ако заради нас Христос, доброволно пострада на Крстот, ние треба да возвратиме со малку поголема љубов, за да можеме и ние да се ослободиме од наша гревовна состојба, и да се вратиме во заедница со Бога.

Па така, браќа и сестри, и ние, имајќи ги пред себе сите овие настани, запишани во Светото Евангелие, да размислуваме, за сè што ќе слушнеме во Црквата од свештенослужителите за време на богослужбите, сè да примиме (како Богородица) во своите срца, и да сострадаме со Христа, за Христос тоа да ни го прими како награда во Царството Небесно. Амин!