Успение на Пресвета Богородица – Света Архиерејска Литургија во Јанковец

На 28.08.2019 г., кога го празнуваме Успението на Мајката Божја, Пресвета Богородица, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на игуменот Спиридон (Поповски), протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, во Јанковец.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи. Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе” (Лука 10, 41-42).

Денеска, браќа и сестри, нашата Света Православна Црква, го празнува овој голем и спасоносен празник, односно Успението на Мајката Божја, Пресвета Богородица, кој е еден од најголемите светителски празници на Црквата Божја.

Овој празник, говори за успивањето, односно за преминувањето или претставувањето на Мајката Божја, Пресвета Богородица, од овој, во оној свет.

Преминувањето на Мајката Божја, е поразлично од преминувањето на нас луѓето, кои сме смртни. Ниту едно суштество на земјата, не било толку свето, како што била Пресвета Богородица, и токму заради тоа, таа се удостоила во нејзината Света утроба, да го смести и всели, Синот Божји, Кој е несместлив, и Кого не може целиот свет да го опфати.

Ете, Мајката Божја, Него, Синот Божји, по благоволението на Отецот, и по согласноста на Синот Божји, рекла нека биде волјата Божја, и го примила во својата Света утроба, Спасителот наш Господ Исус Христос.

Бидејќи Мајката Божја, Пресвета Богородица, во утробата го носела Светиот над Светите, односно Спасителот наш Господ Исус Христос, Он не дозволил нејзиното Свето тело да  доживее распаѓање и гниење.

Мајката Божја, кога била под Крстот, каде Христос нашиот Бог и Спасител, ги искажал Своите последните зборови, Он и се обратил и нејзе и ѝ рекол: „Мајко, еве ти син!“ (сп. Јован, 19, 26), покажувајќи на Свети Јован Богослов, кој бил Неговиот возљубен ученик, а нему му рекол: „Синко, ете ти мајка!” (сп. Јован 19, 27). Од овој момент, Свети Јован Богослов, ја примил Мајката Божја, во својот дом на Сион, каде Пресвета Богородица и се претставила.

По Христовото Воскресение од мртвите, Пресвета Богородица, ни покажала вистински пример како треба и ние да ги чествуваме светите места, каде што Спасителот наш Господ Исус Христос се движел, и каде што биле Неговите нозе, кога се молел во Гетсиманската градина, каде што лекувал од секакви болести и воскреснивал мртви,  каде што нахранил пет илјади луѓе, а при друга прилика и четири илјади луѓе, и каде што доброволно пострадал, односно каде што бил биен, шамаран, тепан, плукан, каде што му ставиле трнов венец на главата, и каде што неправедно бил распнат и ја пролеал Својата Света Крв, со која нè очисти и нè откупи нас грешните и недостојните.

Ете, Мајката Божја, ни покажала прекрасен пример, дека како што таа ги посетувала Светите места, каде што Спасителот Господ Исус Христос, живеел, творел, правел чуда и страдал, и ние сме должни да ги посетуваме, браќа и сестри.

Жалосно е, ако некој од православните христијани, барем еднаш во својот живот, не отиде во Ерусалим, да ги посети светите места, на Спасителот наш Господ Исус Христос.

Кога веќе зборуваме за овој празник, кој укажува на тоа, дека Мајката Божја, Пресвета Богородица, заспала, односно за нејзиното Успение, кое значи заспивање или преминување од овој во оној свет, истото треба и нас да не потсетува на нашата смрт, на нас грешните и недостојните.

Браќа и сестри, кога ние ќе размислиме сериозно како најразумни суштества од сè создадено на светот, за тоа, која е нашата цел и назначување на земјата, и како треба да го живееме нашиот живот, тогаш ние треба да дојдеме до заклучок, дека нашиот живот треба да го живееме, онака како што го живеела Мајката Божја, односно во согласност со Божјите заповеди, и така да ги учиме и  воспитуваме и своите деца.

За тоа, како бил воспитуван Спасителот наш Господ Исус Христос, како човек, прекрасен пример ни покажала Мајката Божја, Пресвета Богородица, која постојано се грижела за Христа, сè до последниот миг од Неговото страдање на Крстот.

Браќа и сестри, ако сериозно погледнеме како завршува нашиот живот тука на земјата, ќе видиме дека ние во младоста сме полни со енергија и желби, за успх, подвизи и богатство, но исто така, свесни сме и за тоа, дека луѓето овој свет го нашуштаат,  не само во староста, туку и во малдоста, односно, дека умираат и младенци, и момчиња и девојчиња, а исто така умираат,  и средовечни, и стари  луѓе.

Често се случува, овој свет, ненедејно да го напуштат млади луѓе, и нивната смрт, е една од најлошите, бидејќи не успеале да се подготват за истата. Во Светото Писмо е кажано: „Онака како што ќе ве затекне смртта, така ќе ви се суди“. Многу подобра е смртта на оние кои боледуваат и кои поради болеста успеваат да се подготват за смртта и достојно да ја предадат својата душа на Бога.

Многу учени луѓе, размислувајќи за смртта, велат и укажуваат на тоа, дека човекот, како што вели Свети апостол Павле „еднаш мора да умре“. Никој, од оние што се родиле на овој свет, нема да премине на оној свет, ако претходно не умре.

Досега не умреле, само Светите: пророк Илија и Енох, но и тие ќе умрат при Второто Христово доаѓање, кога Христос ќе им суди на сите луѓе.

Ако умрел Спасителот наш Господ Исус Христос, заради нас и заради нашето спасение, и ако од овој, во оној свет, преминала Мајката Божја, Пресвета Богородица, тогаш секој од нас, треба да знае дека ќе умре, и дека ќе треба да даде одговор пред Бога, за својот живот на земјата.

Светите Отци укажуваат на тоа, дека ќе дојде времето, кога секој од нас ќе треба да даде одговор за својот живот тука на земјата.

Кога зборуваме за смртта, веднаш кај нас се јавува страшно чувство, заборавајќи дека, покрај овој, постои и друг свет, а тој свет е вечниот живот, Царството Небесно.

За жал луѓето, повеќе мислат за животот тука на земјата, отколку за вечниот живот. Таа мисла, не е нивна мисла, туку доаѓа од сатаната, кој ни ја внушува во нашите умови, души и срца, и на тој начин, ние почнуваме да мислиме само за земниот живот, за материјалното богатство, односно за преодното и за распадливото.

Кога некој човек ќе умре, секој сака од него колку е можно побргу да се ослободи, па дури и најблиските. Кога ќе умре родителот, децата сакаат што побргу да се ослободат од неговото тело и да го погребат.

Што станува со телото на луѓето кога ќе умрат? Еден дел, станува храна на црвите, друг дел во вид на пареа се воздигнува горе на небото, а третиот дел од нашето тело се претвора во земја, и токму затоа е речено: „од земја си, и во земја ќе се вратиш“ (сп. 1. Мој, 3, 19).

Од таа земја, потоа се ѓубрат нивите, на кои растат растенија, а од тие растенија се хранат животните, а исто така и ние луѓето.

Светиот апостол Павле вели: „Се сее тело безживотно, а се раѓа тело животно; се сее во немоќ, а се раѓа во сила; се сее во нечесност, а се раѓа во торжество; се сее тело телесно и душевно, а воскреснува тело духовно.“ (сп. 1. Кор. 15. 42-44).

Конечно, телата на луѓето ќе бидат, како што вели Светиот апостол Павле „духовни“, односно, телата ќе бидат онакви, какво што било Телото на Спасителот наш Господ Исус Христос, по Воскресението, за кое не важел законот за непробојноста, бидејќи Христос минал низ затворените врати, кога Светиот апостол Тома, рекол дека нема да поверува, сè додека не го види Христа нашиот Бог  Спасител, односно не го стави прстот во Неговите рани од клинците, и не ја стави раката своја во ребрата Негови.

Христос кога влегол во Сионската Горница, низ заклучените врати, му рекол на Светиот апостол Тома: „Дојди и дај го прстот свој овде и види ги раните од рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив, но верлив!” (сп. Јован 20, 27).

Еве, браќа и сестри, ние денес го  празнуваме Успението на Мајката Божја, Пресвета Богородица, кое е сосема спротивно на она, за кое ние до сега говоревме, односно за смртта, и за распаѓањето на телото.

Познатиот писател Бајрон во неговото дело „Чајлд Харолд“ во кое говори за еден учен и паметен човек, во чии ум биле сместени прекрасни идеи и мисли, на крајот, односно по смртта на тој човек, констатира дека останал само еден череп и ништо повеќе.

Затоа, кога ние ќе видиме мртов човек, се разжалостуваме, браќа и сестри, и смртта ја доживуваме како траума и страдање.

Но овој празник, односно Успението на Пресвета Богородица, ние го доживуваме поинаку, односно како радост. Зошто? Затоа што, Мајката Божја, немала свои гревови. Таа била очистена од првородниот грев, кога и била соопштена радоста, дека ќе го роди Спасителот наш Господ Исус Христос.

Нашиот Спасител, не дозволил, телото на Неговата Мајка, да биде распадливо, и затоа во ирмосот пееме: „Украсена со Божествена слава, свештената и славна твоја памет Дево, сите нас верните не собра за веселба“.

На друго место, исто така се вели, „Дојдете да се радуваме, гледајќи ја на Сион Мајката Божја, зашто нејзе, како Своја Мајка, Христос ја пренесува, од овој свет, во подобро Божествено живеалиште“.

Во црковните пресни, исто така се вели, дека ангелите се радуваат и торжествуваат на празникот на Мајката Божја, Пресвета Богородица. Тие небески Свети Ангели, нас земните нè повикуваат на заедничка радост, заради нејзиното претставување.

Ете, затоа овој празник не е празник на жалост, туку е празник на радост.

Ние, браќа и сестри, треба да знаеме дека, кога се преселуваме од овој свет, во оној свет, таму нам ни се подготвува, како што вели Светиoт апостол Павле: „Она што око човечко не виде, што уво човечко не слушна, што до срцето и до умот на човека не дојде, тоа Господ го подготви за оние што го љубат и што ги исполнуваат Неговите заповеди“ (сп.1. Кор. 2, 9).

Ете, кон тоа ние треба да се стремиме, и за тоа треба да се подготвуваме!

Најтажно од сè е, кога луѓето како најпаметни суштества на светот, забораваат дека не се создадени за умирање, туку дека се создадени за живот вечен.

Ние, браќа и сестри, треба да се подготвуваме за вечниот живот, бидејќи е кажано дека има два патишта, едниот кој води во живот вечен, каде што е Бог,  Отецот, и Синот и Светиот Дух, Мајката Божја, Светите Ангели и Сите Свети, а другиот, кој води, таму каде што е таткото на лагата, односно сатаната со неговите ангели, каде што ќе има вечна тага, вечна жалост и вечни страдања. Страдањата во адот, ќе бидат духовни, душевни и телесни, бидејќи и во рајот, и во пеколот, луѓето ќе бидат и со телата и со душите.

Да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и нам Господ да ни ги просветли умовите, за да можеме и ние да речеме, како што рекла Мајката Божја, кога дошло нејзиното Свето Успение: „Прими го Боже мој и Сине мој, духот мој“. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар