Триесет и седма недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Битола

На 10.02.2019 г., во Триесет и седмата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Преподобниот Ефрем СиринПреподобниот Исаак СиринПреподобниот Ефрем Печерски и Преподобниот Паладиј, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар,  во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоереј Зоран Димовски и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Господи, еве половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам” (сп. Лука 19, 8).

Во оваа Триесет и седма недела по Педесетница, браќа и сестри, го слушнавме Светото Литургиско Евангелие за цариникот Закхеј, која не потсетува на почетокот на велигденскиот пост. Христос нашиот Бог и Спасител, а пред Него и Свети Јован Крстител, ги објавуваат своите проповеди со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!” (сп. Мат. 4, 17).

Спасителот наш, Господ Исус Христос, кога минувал низ градот Ерихон многу народ се туркал за да го видат одблизу, а меѓу нив бил и Закхеј, кој не можел да помине низ народот, за одблизу да го види, бидејќи бил низок по раст. Закхеј затоа истрчал напред по патот, каде што требало да помине Христос Спасителот, и се качил на една смоква и низ гранките и лисјата, ѕиркал што подобро да го види лицето на Спасителот. Тој си велел во себе: „Kога ќе го видам тоа Свето и прекрасно Лице, ќе се изменам и променам и ќе станам друг човек“.

А Господ, Кој ги знае и гледа нашите души и срца, погледанл длабоко на Закхеја, како некогаш кога го видел Натанаил под смоквата, се приближил и му рекол: „Закхеј слизи побргу,  зашто денес треба да бидам во твојот дом“ (сп. Лука 19, 5).

Еве, Спасителот наш Господ Исус Хростос, не чека Закхеј да го покани во неговиот дом, туку Господ се нуди да влезе во неговиот дом, а Закхеј со радост истрчал и го примил Спасителот во својот дом. А оние луѓе кои негодувале поради тоа, биле фарисеите, за кои Господ Исус Христос велел дека се варосани гробови, кои однадвор изгледаат фино, прекрасно и чисто, а внатре се исполнети со смрдеа, коски и меса, што се распаѓаат. Така ги опишувал фарисеите, браќа и сестри, Спасителот наш.

И Свети Јован Крстител, кога проповедал во Јорданската пустина на реката Јордан, кога ги повикувал луѓето да се покајат, тој тогаш им се обраќал и на фарисеите и им велел: „Породи змиини и аспидини, кој ви кажа да бегате од гневот што иде на вас? Покајте се, и донесете достоен плод на покајание“ (сп. Мат. 3, 7-8).

Еве, фарисеите ни сега, кога Христос влегол во домот на Закхеј, не сакаат да се покајат за своите гревови, не сакаат да ја видат гредата во нивните очи, но затоа ја гледаат раската во окото на Закхеј, кој  бил богат човек и еден од началниците на цариниците.

Цариниците или митниците во Еврејскиот народ биле најомразените луѓе, зашто тие го собирале данокот на нивните поробувачи римјаните, и токму заради тоа, тие честопати несправедливо повеќе наплатувале данок, од кој потоа се богателе. И еве, сега се случува нешто необично, бидејќи имаме луѓе кои му се противат на Господа Исуса Христа и му велат дека отишол во куќата на грешен човек. А Спасителот, не криел дека оди во куќите на грешниците и дека се дружи со нив. Спасителот Христос одел во нивните домови со цел да ги преобрази, односно од грешни да ги направи свети, од нечисти чисти, од недостојни достојни. Токму заради тоа Лекарот, односно, Христос нашиот Бог и Спасител дошол кај болните, не заради праведниците, туку за да ги излекува и спаси гршниците.

Браќа и сестри, кој од нас, кои сме крстени  и се именуваме православни христијани, ќе го даде половината од својот имот на сиромаси, за да се спаси себеси? Скоро никој! А Закхеј и другата половина не ја задржал за себе, туку ја задржал за оние на кои им рекол: „ако несправедливо сум зел нешто, четворно ќе го вратам“ (сп. Лика 19. 8). Што значи, сè што имал во тој момент, сè дал на сиромаси и сираци, на вдовици и болни, односно, на оние кои имале потреба од тоа и на оние, на кои несправедливо им зел, кога го собирал данокот од нивните имоти.

Овој доброволен дар на овој грешен човек, цариникот Закхеј, покажува дека кај него се појавило покајанието, а покајанието е света работа. Покајанието значи, дека тој јавно признал пред сите што биле присутни, а и пред оние што велеле дека е најгрешен човек од сите луѓе, дека на луѓето им земал данок повеќе од потребното.

Закхеј, браќа и сестри, преку покајанието  се преобразил и станал нов човек, кој нема повеќе приврзаност кон богатството, туку истото го користи само за да го задобие Царството Небесно. Закхеј, не бил прилепен кон богатството како оној млад законик што пристапил кон Господа Исуса Христа и му рекол: „Што да направам за да добијам живот вечен?“ (сп. Мат, 19, 16). Нему Христос му рекол: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот, дај го на сиромаси и врви по Мене“ (сп. Мат. 19, 21). Срцето на овој младич, било прилепено кон богатството, односно не можел да се откаже од тоа, па затоа се натажил и си заминал. За него и за неговото име, не знаеме ништо што се случило понатаму, но најверојатен е фактот дека не ја спасил својата душа, а Закхеј, ја спасил душата уште тука на самото место, бидејќи Спасителот Христос му рекол: „Денес дојде спасението на овој дом, зашто и тој е син Авраамов“ (сп. Лука 19, 9), зашто Синот Божји, дојде да го побара и спаси загубеното.

Христос нашиот Бог и Спасител дошол за грешните и загубените, а тоа го знаеме од параболата за оној човек, кој сиот свој имот што го имал го продал за да го купи најскапоцен бисер. И Закхеј, браќа и сестри, сиот свој имот што го имал го дал, за да го спечали најскапоцениот бисер, Царството Небесно, и го спечалил, а потврда за тоа се зборовите Христови: „Денес дојде спасението на овој дом“ (сп. Лука 19, 9).

Браќа и сестри, Спасителот наш Господ Исус Христос, ја кажал и онаа прекрасна прарабола за загубената овца и за загубената драхма. Ете, за загубената овца, овчарот ги оставил деведесет и деветте овци, за да ја спаси загубената. Господ дошол не за праведниците, туку дошол за грешниците, како што бил Закхеј. И сега се поставува прашањето, каков бил односот на фарисеите кон Закхеја и кон Господа Исуса Христа, а каков бил пак односот на Закхеј кон богатството и кон сите останати? Ете, слушнавме дека фарисеите прво го прекоруваат Господа Исуса Христа и велат: „Отиде во куќата на грешен човек” (сп. Лука 19, 7), сметајќи се себеси за праведни, заборавајќи дека никој не е безгрешен на овој свет, освен единствениот безгрешен наш Спасител Господ Исус Христос.

Понатаму, Господ на фарисеите им кажува дека тие се лицемери, односно ги опишува нивните постапки и дела. Ете, кога се случува ова чудо со преобразбата на Закхеј, тука меѓу луѓето е присутен Вартимеј, кој бил слеп од раѓање, а како што знаеме, Господ го излекувал давајќи му прво телесен вид.  Еве, тука го имаме Закхеј, кој прогледал духовно, а Вартимеј, прво прогледал телесно, а потоа и духовно. А овде го имаме Закхеја, кој имал телесно очи, но во тој момент духовно прогледал и ги видел сите свои грешни желби, грешни однесувања и постапки, и токму заради тоа, Закхеј барал прошка за своите гревови и ја добил, браќа и сестри.

Па затоа, денес кога го празнуваме овој празник, споменот на Закхеј, според литургиското Еввангелие, кога ги празнуваме Светите Отци, кои го следеле Христа нашиот Бог и Спасител,  преподобните Ефрем и Исак Сириски, Ефрем Печерски и Паладиј Антиохиски, ние, браќа и сестри, треба да видиме, каде сега сме ние, во споредба со Закхеј, и споменатите преподобни отци.

Не сме подалеку од Закхеја пред да се покае, бидејќи ние се наоѓаме во полоша состојба. Цариникот Закхеј се откажал од сиот свој имот и од сè што илал и според преданието станал Христов Апостол, најверојатно бил еден од Седумдесетте Апостоли.

Од Светото Евангелие ние знаеме, дека Христос избрал за апостол и еден друг цариник во Капернаум, а тоа е цариникот Матеј, кој е еден од четворицата Евангелисти и апостоли. И конечно Спасителот, Кој дошол не за праведниците, туку за грешниците, се дружи со грешници и ги преродува, односно ги прави од недостојни достојни и од грешни свети.

Истото тоа го правел и Светиот апостол Павле, кој велел: „Угледајте се на мене, како што и јас се угледав на Христа“ (сп. 1. Кор. 11, 1), зашто навистина Светиот апостол Павле, од сите Свети Апостоли, станал најревносен и се угледал на Христа преку благодатта што дошла на него. А и при оваа прилика, благодатта Божја, била онаа што слегнала и влегла во душата на Закхеј и го преродила од грешен цариник да стане свет човек, односно да стане свет апостол.

По неговите молитви, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè нас грешните и спаси нè. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар