Последната ноќ на Светиот цар Јустинијан

На 10.12.2019 и на 11.12.2019 год, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, присувстуваше на монодрамскиот спев „Последната ноќ на Светиот цар Јустинијан“, во изведба на доајенот на македонската театарска сцена Петар Темелковски, кој се одржа во Центарот за Култура во Битола, и во црковната трпезарија при храмот „Свето Благовештение“, во Прилеп.

По завршувањето на монодрамскиот спев, Митрополитот г. Петар, се обрати со пригодна беседа за животот и делото на Светиот цар Јустинијан.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Единороден Сине и Слове Божјо, бесмртен си, Ти Кој си благоволил заради нас и заради нашето спасение да се воплотиш од Пресвета Богородица и Присно Дева Марија. Си станал човек непроменливо Христе Боже, си бил распнат на Крст, со смртта смрта ја победи, прославуван си како Еден од Светата Троица, со Отецот и Светиот Дух, спаси нè.

Оваа песна „Единороден Сине“, браќа и сестри, која ја напишал Светиот цар Јустинијан, се пее на Божествените Литургии меѓу првите песни.

Светиот цар Јустинијан,  е од нашиот Македонски род, роден во селото Таор, скопско, кој живеел во втората половина, односно последната четвртина на V век и првата половина на VI век, и е еден од познатите, а може да се рече и најпознатите цареви, кои биле на престолот на Ромејската држава, подоцна именувана како Византија.

Светиот цар Јустинијан, е еден од најпознатите законодавци во тоа време, т.е.  и на државното законодавство и право, и на црковното. Во поново време т.е. во последниве децении, може да се рече дека неговата теологија и управувањето со Ромејската држава, го окарактеризираат како цар, кој сакал да ја подчини Црквата на државата, односно го вовел цезаропапизмот, а тоа значи цар кој сака да ја управува и Црквата, што најновите истражувања го покажуваат спротивното, дека никогаш Светиот цар Јустинијан такво нешто ни не помислувал, туку напротив сакал Православната Црква, во тоа време, да го има она достоинство, па дури и поголемо достоинство од она кое го имала за време на Светите цареви  Константин и Елена. Ете, токму во тој дух сакал да воспостави единство во државата, но знаејќи дека единство не може да се воспостави ако нема единство во верата, почнал да ги прогонува сите тогашни еретици на познатите еретички учења, како што биле Ариј, Несториј, Савелиј, Север, Манихејците, и многи други еретици, кои го искривувале учењето на Православната Црква.

Неговата епоха на владеење може да се окарактеризира како цар кој сакал да ги врати старите граници на тогашната Ромејска држава, односно на поранешната Римска држава, но исто така сакал и како цар, теолог и богослов, на Црквата да и даде место и простор, за да има единство меѓу луѓето во неговата Империја.

Токму поради тоа, царот Јустинијан е оној, кој што се поставил страствено на својот престол, така страствено ја востоличил на неговиот трон и теологијата или учењето за Бога, како што некогаш Марко Аврелие, ја востоличил философијата за време на неговото царување со Римската Империја.

Светиот цар Јустинијан бил прекрасен поет, кој составувал прекрасни химни, а една од тие е ова песна, која ја спомнавме на почетокот „Единороден Сине“. Како теолог и богослов, пишувал многу богословски и догматски трактати и писма. Познат е и по тоа што го свикал Петиот Вселенски Собор, на кој се расправало токму за проглемите во тогашната држава, кои биле потикнати поради погрешните учења (ересите), а една од најпознатите ереси во тоа време, била ереста на монофизитите, која се појавила како последица на ереста на Несториј, кој на Господа Исуса Христа, Му припишувал дека има и две природи и дека се двајца Христоси, а исто така дека има и две суштини и.т.н. Од таму сакајќи на тоа да се спротивстават монофизитите, отишле во друга крајност, односно друга ерес и востановиле дека во Госпда Исуса Христа има една природа.

Имено, познато е дека кога станува збор за Бога, ставот на Православната Црква и на православното учење е Бог е еден, и затоа секаде по прашањето дека Бог е Еден, односно дека Бог по суштина (природа) е еден т.е. едно Божество, но делува во Три Лица (Ипостаси), Отец, и Син, и Дух Свети, и дека овие Три Лица се еднакви по Божество. Нема поголем или помал, бидејќи се вечни и едно е Нивното Божество. Но Второто Лице на Светата Троица, Божествениот Логос, Синот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот по суштина, по благоволението на Отецот, добороволно прифатил да стане човек, како што слушнавме во црковната песна „Единороден Сине“, да се воплоти од Пресвета Богородица заради нас и заради нашето спасение, да се понижи Себеси т.е. од совршени Дух да стане човек, притоа не губејќи ништо како Бог, и да прими и човечко тело во утробата на Пресвета Богородица.

Синот Божји, кога Го прима телото со зачнувањето од Пресвета Богородица, како што се вели во црковните песни и во Светото Писмо,  на Пресвета Богородица, Ангелот Божји, Светиот Архангел Гаврил, и ја соопштува радосната вест, и во моментот на соопштувањето на радосната или благата вест, за раѓањето или зачнувањето на Синот Божји, Второто Лице на Света Троица, истовремено Синот Божји се воплотува во Светата утроба на Пресвета Богородица.

Пресвета Богородица се согласила Синот Божји да прими тело од нејзината Света утроба. Светиот цар Јустинијан вели: „Не беше на друг начин зачнат Спасителот, туку на Божествен начин, не од човек, не од човечко семе, туку од Светиот Дух“, па затоа Господ Исус Христос со Своето Тело, во сè е еднаков на нас луѓето освен во гервот“. Токму затоа Спасителот Господ Исус Христос не можел да згреши, како што грешат другите луѓе кои се  подложни на грев, по паѓањето во првородниот грев на нашите прародители Адам и Ева, кој првороден грев го носела и Пресвета Богородица, како наследство од прародителите и родителите, сè до радосната вест на Благовест, кога и било кажано дека таа ќе Го роди Синот Божји, Спасителот наш Господа Исуса Христа.

И сега да кажеме нешто за она што е многу битно, за Светиот цар Јустинијан, кој бил врвен теолог во тоа време. Тој не само што ја знаел теологијата, тој ја живеел нашата Света Православна Вера, повеќе од сите. Читаме во житијата на Светите за него дека за време на Велигденскиот пост не јадел ништо, туку постел на вода. Во текот на деновите премногу одговорно ја извршувал својата улога како цар, а ноќе ја изучувал теологијата и го читал Светото Писмо. Со него секогаш биле најпознатите и најучени свештени лица (епископи), кои во себе ја носеле чистата вера, во време кога беснееле ересите, односно погрешните учења.

Кога се зборува за неговите богословски дела, т.е. станува збор за писма, кои тој ги испраќал до различни лица. Така, на папата Ормизд му испратил десет писма, потоа писма праќал и до папата Јован, до архиепископот Јован на Јустиниапол, до синодите на Црквата и.т.н. Светиот цар Јустинијан исто така напишал и многу теолошки трактати.

Во времето кога го свикал Петиот Вселенски Собор во 553 година, а пред тоа издал неколку едикти, почнуваќи од Едиктот во 533 година, каде што се говори за она познатото учење во Египет, каде монасите почнале да говорат дека еден од Светата Троица пострада телесно, т.ее каде почнуваат да се мешаат Двете Природи на Господа Исуса Христа, во смисла на Божествената Природа да и се препишуваат својства, што и припаѓа на човечката природа на Христа, и обратно. Тоа е познато во Светото Писмо, иако изгледа контрадикторно, за да се покаже единството на Спасителот наш Господа Исуса Христа, како ипостас и личност, дека во Него се присутни Две Природи, и Божествена, и човечка природа. Но тие две природи не се слиени, како што учеле некои од еретиците, но исто така не се потполно разделени за да има два Христоса, како што учел Несторие. Тука во Света Троица има Една Суштина, како што пееме во црковните песни: Една, Света, Едносушна, Животворна и Неразделна Троица. И така ставот на Црквата е дека Бог по Божество е Еден. Хростос е Еден од Ипостасите, од Личностите на Светата Троица, во Кого се инкорпорирани две природи. Божествената природа на Христа не претрпела ништо, кога Он ја примил човечката природа, во утробата на Мајката Божја, Пресвета Богородица.

За сите овие нешта, Светиот цар Јустинија, многу добро знаел, па така на Петтиот Вселенски Собор било расправано за овие теми. На Петтиот Вселенски Собор се вели дека не се донел Символ на Верата, како што бил донесен привиот дел од Символот на Верата на Првиот Вселенски Собор, но  таму се потврдени учењата на Третиот Вселенски Собор во 431 година, а потоа и на Халкидонскиот во 451 година, така што се говори, и за едниот, и за другиот Собор. Во одлуките на Петиот Вселенски Собор практично се говори за тоа Кој е Спасителот наш Господ Исус Хрстос, т.е. дека Он е Еден од Света Троица, дека во Него има Две Природи, како и за трите поглавја, кои се осудени и.т.н.

Кога се зборува за теологијата на Светиот Јустинијан, сакам да нагласам дека тој ништо не земал од другите, браќа и сестри. Ништо ново не дал, ама ги разјаснил на свој начин некои работи што не биле доволно јасни во тоа време. Светиот цар Јустинијан, сè што пишувал, како извори за своето пишување ги користел: Светото Писмо, Светото Предание, учењето на Светите Отци на Вселенските Собори, заклучно со Петтиот Вселенски Собор, кој бил свикан лично од него.

Исто така за Пресвета Богородица кажува и ја нарекува Теотокос, односно Мајка Божја, со сета почит, онака како што доликува. Дека неговото Православно учење било исправно потврдува и еден од најпознатите и најучените патријарси на Цариградската Патријаршија Фотиј, кој вели дека неговото богословие целосно се поклопува со богословското учење на Православната Црквата. Што значи, Светиот цар Јустинијан, ништо не додал и ништо не одзел, но црпејќи ги тие извори од Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци, ја изразил својата теологија на свој начин, како што тој умеел тоа да го направи, како еден врвен познат теолог на Православната Црква.

И најпосле исто така ќе укажеме на тоа, браќа и сестри, дека тој е еден од многу почитуваните светители цареви, бидејќи еден добар дел од царевите говореле за него и велеле дека тој е најнабожниот православен цар што постоел. Други велеле: „Оној што живееше вистински набожен живот“, а трети велеле „тој набожно го заврши својот живот“ Папата Агата од Рим, браќа и сестри, пишувајќи едно посмо до тогашната Цариградска Црква, меѓу другото за Светиот цар Јустинијан вели: „Тој е најславниот цар, чие што учење е вистинито и во согласност со учењето на Светите Апостоли“. Меѓу другото, Светиот цар Јустинијан,  сите народи него го почитуваат како вистински богослов на Црквата Христова.

А некои, пак, на следниот Собор, кој бил одржан во (675 до 685 година), за времето на Константин, Константин почнале да го нарекуваат дека е вториот Јустинијан.

Исто така, Теофилакт Охридски, житиеписецот на житието на Свети Климент, кој иако не ги сакал нашите Македонците во тоа време, кои биле прост и недоволно образован народ, затоа што им се проповедало на туѓ, неразбирлив грчки јазик, сепак и покрај тоа, со најубави зборови говорел за Свети Климент велејќи: „Тој е воториот апостол Павле“, а овде Константин е вториот Јустинијан. Ете, можете да замислите каква споредба е тука направена и затоа каков бил Светиот цар Јустинија, кое е еден од прекрасните цареви на Православната Црква, браќа и сестри,

Светиот цар Јустијани е прогласен за светител во времето на Цариградскиот патријарх Јован IX во (1111 / 1134) година, а за тоа говори Никифор Калист од XIV век, кој е познат теолог на Православната Црква. Амин!

Ете, накусо сакавме да дадеме една претстава за личноста, за која вечерва сме собрани тука, за кое нешто ќе биде говорено преку монодрамата на нашиот познат артист Петар Темелковски. Ви благодарам за вниманието.

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар