Осма недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Света Недела“, во Битола

На 11.08.2019 г., во Осмата недела по Педесетница, кога го празнуваме Преносот на моштите на Свети Климент Охридски и споменот на Светиот маченик КалиникСветата маченичка Теодотија и Светиот маченик Евстатиј Мцхетски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на  протоерејот Стеван Здравески, ѓаконот Александар Маргулевски и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченица Недела, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„А тие беа пет илјади луѓе освен жените и децата, и јадеа и се наситија“(сп. Мат. 14, 20-21).

Овие зборови, браќа и сестри, од денешното Свето Евангелие, се однесуваат на големиот настан, односно на чудото што Господ го направи во едно пусто место. Кога Господ Исус Христос сакал да се оддалечи од вревата и од мноштвото народ, со своите Свети Апостоли отишол на едно пусто место за да се помоли.

Кога народот слушнал дека во тоа пусто место се оддалечил Господ, масовно тргнал да отиде таму, за да побара лек за своите души. Многумина болни во народот, кои барале лек за болестите, тргнале кон тоа место за да се сретнат со Господа Исуса Христа, Кој цело време проповедал.

Кога денот преминал и било веќе мрачно, апостолите му рекле на Господа Исуса Христа: „Отпушти го народот да отиде во ближните села, за да си купи нешто за јадење, оти немаат што да јадат“ (сп. Мат. 14, 15). А Господ им рекол: „Зошто да одат, дајте им вие!“ (сп. Мат. 14, 16). А тие знаејќи дека немаат храна рекле: „Ние имаме само пет лебови и две риби” (Мат. 14, 17). Тогаш Господ им рекол: „Донесете Ми ги тука!” (Мат. 14, 17), а потоа откако се помолил и ги подигнал рацете кон небесата, кон Својот Отец Небесен, ги благословил лебовите и рибите, и тие се умножиле. И така апостолите, им дале на сите присутни да јадат, и тие јаделе и се наситиле.

Браќа и сестри, и денес е постојано присутна желбата кај луѓето за храната, но за жал повеќе е присутна желбата за телесната храна, отколку желбата за духовната храна. Телесната храна е потребна за да се одржи телото, но уште попотребна е духовната храна, за да опстои душата и да не умре.

Душата, браќа и сестри, не се храни со леб и со други телесни јадења, туку се храни со Словото Божјо и Божјата Наука, и токму затоа овие луѓе, од кои пет илјади биле само мажи, а имало и жени и деца, што значи дека не биле помалку од дваесет илјади луѓе, тие заборавиле на телесната храна, бидејќи цел ден го слушале Господа Исуса Христа, и целосно заборавиле дека ништо немаат јадено. Господ вели дека ние најнапред треба да го бараме „Царството Небесно и Неговата правда, а останатото ќе ни се даде“ (сп. Мат. 6, 33).

Ние денеска постојано трчаме по телесната храна и не се задоволуваме со малку, туку сакаме што повеќе и повеќе да јадеме и да пиеме, односно да се прејадуваме и опиваме. Нашата македонска поговорка вели: „Кога ни е најслатко јадењето и пиењето да престанеме“, а ние правиме сè обратно, односно тогаш ѓаволот не тера што повеќе и повеќе да јадеме, за да се прејадеме, и што повеќе и повеќе да пиеме, за да се опиеме.

Дека ни е потребна телесната храна, воопшто не е непознато. Самиот наш Спасител Господ Исус Христос, кога отишол во пустината и постел четириесет дена и четириесет ноќи, односно ништо не јадел, тогаш кон Него пристапил сатаната и почнал да го искушува велејќи Му, дека сите камења ќе ги направи лебови и дека ќе му даде да јаде. Господ му рекол: „Човекот не живее само од лебот, туку и од Словото Божјо“ (сп. Мат. 4, 4), а Словото Божјо е Христовата Наука, браќа и сестри!

Ако ѓаволот се осмелил, Христа нашиот Бог да го искуша, кога бил гладен, уште повеќе тој нас не искушува. Но ние освен Христа нашиот Бог и Спасител, имаме примери кај многу други светители, кои ништо не јаделе и не пиеле некои до четириесет дена, како доказ дека ако во човечката природа е Светиот Дух, односно благодатта на Светиот Дух, тогаш таа може да издржи четириесет дена.

Сетителите покажале и докажале дека храната на човекот е потребна за опстој на неговото тело, но далеку побитна е духовната храната, односно Словото Божјо, браќа и сестри.

Како ние ќе се нахраниме духовно? Ние духовно ќе се нахраниме, ако го читаме Светото Писмо, ако ги читаме Божествените книги, што ги издава Православната Црква, и ако доаѓаме на Божествените Литургии. Но факт е дека на Божествените Литургии не нè има ни еден насто, од вкупниот број православни.

Тука сигурно живеат околу пет илјади луѓе, а во храмот сме присутни околу стотина или сто и дваесет верници. Без духовна храна, браќа и сестри, не се стигнува во Царството Небесно.

Без Божествената Литургија, никој не може да се спаси. Ние секоја недела и секој празник, кој во календарчето е забележан со црвени букви, треба да одиме во храмот и да присуствуваме на Божествените Литургии.

Голем број верници и интелектуалци во нашата Црква, не зборувам за оние кои се декларираат како неверници или атеисти, воопшто не доаѓаат во Црква на Света Литургија. Кој е проблемот што тие не доаѓаат во Црква?

Некои од нив сметаат дека се многу учени и паметни, и не им е добро да бидат со некои попрости луѓе што доаѓаат во Црква, и токму заради својата гордост, тие не доаѓаат во Црква. Но во Црквата имаме и учени луѓе, што доаѓаат, како на пример: доктори на науки, инжинери, лекари и.т.н, но за жал, и тие ни еден насто не се присутни во Црквата, или едвај еден насто се присутни.

Во нас, постојано е присутна желбата за телесната храна, а за духовната храна воопшто не размислуваме.

Браќа и сестри, слушавте како пее овој прекрасен хор, заедно со дечињата кои се тука. Има ли поубава духовна храна од таа? Нема! Многумина би копнееле по ваква храна и би посакувале секогаш да ги слушаат овие ангелски песни, што се пеат во Црквата на Божествената Литургија. Но повеќето, браќа и сестри, гледаат кон земјата, и не сакаат да погледнат кон небесата. Луѓето размислуваат само за земните работи, а не за небесните.

Нема друго решение, браќа и сестри, во однос на тоа, што треба да се направи за човекот, духовно да се нахрани, освен ако самиот не осознае дека тој по своето назначување е создаден да живее вечно. Човекот не бил создаден на земјата да живее неколку часови, денови, месеци или години, но поради гревот умира. Многумина мислат дека убавината на животот се состои во долгите години проживеани тука на земјата. Не, браќа и сестри, ние тука живееме за да го здобиеме Царството Небесно.

Ете гледате како во денешното Свето Евангелие се вели дека имало пет илјади мажи кои сами дошле кај Христа неповикани, а денеска секоја недела и секој голем празник, бие камбаната, што значи го повикува православниот народ на Божествената Литургија. Никој не се одзива на Божествената Литургија, односно кога велам никој, сакам да кажам, дека малкумина одлучуваат да дојдат и да земат учество на Божествената Литургија. Повеќето од верниците наутро спијат, односно ќе го проспијат овој век и нема да го наследат Царството небесно. Се знае која е разликата помеѓу оние кои ќе бидат во Царството Небесно и оние што ќе бидат со сатаната во пеколот.

Сите пеколот  го замислуваат како некоја антропомофна состојба, односно дека таму луѓето ќе горат во катран или во огин. Не станува збор за телесно горење, туку станува збор за духовен оган кој духовно ќе ги гори. Зарем честопати не си велиме, кога ќе направиме некој голем грев, дека душата ми е во пеколот. Велиме и многупати се наоѓаме во таква состојба, браќа и сестри, кога ќе згрешиме со некој тежок грев.

На Страшниот Суд, сите наши гревови кои сме ги направиле, а не сме ги исповедале, ќе бидат јавно покажани пред сите луѓе. Пресудата на Страшниот Суд ќе биде правична, а не како на денешните судови, каде човек и да не згрешил, може да добие пресуда и да одлежи во затвор, и обратно, ако некој е виновен, адвокатите ќе се заложат за него и ќе го оправдаат, и тој нема да ја добие заслужената казна.

На овдешните судови, браќа и сестри, можеме сите да се спасиме, но на Божјиот Суд нема да се спасиме, ако тука на земјата не се покаеме, туку ќе дадеме вистински одговор на Страшниот Суд, за тоа како сме го живееле животот. Ете, тоа е суштината на нашиот живот на земјата.

Ние, браќа и сестри, треба да се потрудиме да го здобиеме Царството Небесно.

Ќе споделам еден пример за тоа како некои луѓе се жалеле кај владиката, за нивниот свештеник, бидејќи тој Светата Литургија ја служел долго. Владиката им рекол: „Што се буните, зарем не знаете дека свештеникот ве подготвува за Царството Небесно. Зарем не знаете дека Царството Небесно ќе биде вечна Литургија. Таму постојано ќе се пее Божествената Литургија“.

Гледате, ли дека нам денеска не ни беше тешко и здодевно на Божествената Литургија, бидејќи со душите и срцата се внесовме во Литургијата и ја почувствувавме Божјата благодат. Ние во една песна на Божествената Литургијата пееме: „Иже херувими, тајно образујуште“, односно, дека ние луѓето, Херувимите, Ангелите Божји, тајно ги претставуваме (на Литургијата). Денеска многумина од луѓето гледаат на часовникот или прашуваат, кога ќе заврши Светата Литургија, бидејќи се брзаат да одат некаде.

Во раната Црква Христова, верниците секој ден оделе на Света Литургија и не им било досадно, бидејќи ја знаеле смислата на Божествената Литургија и изобилно ја примале Божјата благодат.

Да се помолиме Спасителот наш Господ Исус Христос да ги просветли нашите умови, да ги очисти нашите души од секакви грешни дела, похоти и страсти, а умовите да ни ги заштити од внесуваме на грешни мисли, помисли и фантазии, просветлувајќи нè за Царството Небесно. Амин!

Митрополит преспанско-пелагониски г. Петар