Четврток од Првата недела во Великиот

На 14.03.2019 г., во Четвртокот од Првата недела во Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар го отслужи Големото повечерие и читањето на последниот дел од Канонот на Свети Андреј Критски, во храмот „Пресвета Богородица“, во Битола.

Ирмос: Повикав со сето срце свое кон милосрдниот Бог и ме слушна од адот најдолен, па го изведе од пропадливост животот мој.

Помилуј ме, Боже, помилуј ме!

Јас сум, Спасе, царската драхма која некогаш ја загуби. Затоа Ти, Слове Божји, запали го светилникот, – Претечата Твој, побарај ме и најди ме мене, – образот Твој.

Помилуј ме, Боже, помилуј ме!

Стани и телесните страсти победи ги, како Исус Амалика, и како Гаваонците, победувајќи ги секогаш лажливите помисли.

Преподобна мајко, Марие, моли Го Бога за нас!

За да го изгаснеш пламенот на страстите, секогаш солзи лееше, Марие, со душа распламтена. Благодатта нивна дај ми ја и мене, слугата твој.

Преподобна мајко, Марие, моли Го Бога за нас!

Небесна бестрасност стекна, мајко, со живот возвишен на земјата. Затоа моли се за оние кои те слават, избавени да бидат од секоја страст, по молитвите твои.

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

 „Троица сум проста и неразделна, во Лица разделена, и Единица сум по природа соединета!“,- говори Отецот, и Синот и Духот Божествен.

И сега и секогаш и во сите векови. Амин!

Утробата Твоја Бога ни Го роди, со образ нам подобен. Него, како Создател на се, моли Го, Богородице, да се оправдаме по молитвите Твои.

Душо моја, душо моја, разбуди се, зошто спиеш? Крајот се приближува, ќе се исплашиш. Сепни се, за да те поштеди Христос Бог, Кој секаде е и се исполнува. (Кондак, глас 6-ти)

(Од Покајниот канон на Свети Андреј Критски)