Ова е дел од извештајот за сите Автокефални Цркви, направен од Архиепископот Јован за Вториот Собор на целата дијаспора на Руската Задгранична Црква, одржан во 1938 г, кој дава историска позадина на денешната состојба на Цариградскиот Патријархат.
„ПРВЕНСТВОТОТО меѓу Православните Цркви го има Црквата на Новиот Рим, Константинопол, кое го возглавува Патријарх, чија титула е Вселенски, па затоа се нарекува Вселенска Патријаршија, која кулминацијата на нејзината територијална распространетост ја имала на крајот на 18-от век. Во тоа време, во нејзиниот состав влегувала цела Мала Азија, цел Балкански полуостров (освен Црна Гора), заедно со островите, бидејќи останатите независни Цркви на Балканскиот Полуостров биле укинати и станале дел од Вселенската Патријаршија. Вселенскиот Патријарх ја добил од Турскиот Султан, уште пред Константинопол да падне под Турците, титулата Милет Баш, што значи глава на луѓето, и се сметал за глава на целото Православно население во Турската Империја. Но тоа, сепак не ја попречило Турската влада да ги сменува патријарсите за било каква причина и да свикуваат нови избори, истовремено собирајќи голема такса од новоизбраниот патријарх. Очигледно, последниве околности имале големо значење во сменувањето на патријарсите од Турците, па затоа, често се случувало да дозволат на патријаршискиот трон да дојде патријарх, кого претходно го отстраниле, после смртта на еден или неколку негови наследници. Така, многу патријарси ја држеле таа позиција неколку пати, и секое возведување било придружувано со земање на посебен данок од нив од страна на Турците.
За да ја надомести сумата што ја плаќал за возведувањето на Патријаршискиот трон, патријархот собирал средства од митрополитите кои му биле потчинети, а тие, од своја страна, собирале од клирот кој им бил потчинет ним. Овој начин на надоместување на средствата оставил впечаток врз целиот поредок на животот во Патријаршијата. Во Патријаршијата, секогаш била присутна грчката „Голема идеја“ за возобновување на Византија, најпрвин во културна, но подоцна и во политичка смисла. И најмногу од оваа причина, позициите им биле доделувани на луѓе лојални на оваа идеја, и најмногу на Грци од Цариградската област наречена Фанар, каде што се наоѓала и Патријаршијата. Речиси секогаш, епископските седишта биле пополнети со грци, иако воглавно на Балканскиот полуостров населението било Словенско.
На почетокот на 19-от век, започнало движење за ослободување меѓу луѓето на Балканот, кои се бореле да се ослободат од власта на Турците. Таму се појавиле државите на Србија, Грција, Романија и Бугарија, најпрвин како полу-независни, а потоа и целосно се одделиле од Турција. Паралелно со ова, продолжило исто и формирањето на нови локални цркви одделно од Вселенската Патријаршија. И иако неволно, под присила на околностите, Вселенските Патријарси ја дозволиле автономијата на Црквите во нивните вазални покраини, и подоцна ја признале целосната независност на Црквите во Србија, Грција и Романија. Само Бугарското било комплицирано, од една страна, поради нетрпеливоста на Бугарите, кои сеуште немале добиено политичка независност, а од друга – благодарение на непопустливоста на Грците. Самоволното прогласување на автокефалија, основана на ферман од Султанот не било признато од Патријаршијата, и во некои епархии била воспоставена паралелна ерархија.
Границите на новоформираните Цркви се совпаѓале со границите на новите држави, кои растеле цело време на штета на Турција, истовремено добивајќи нови епархии од Патријаршијата. Сепак, во 1912 г., кога започнале Балканските војни, Вселенската Патријаршија имала околу 70 митрополии и неколку епископии. Војната од 1912-13 г, одвоила од Турција голем дел од Балканскиот Полуостров, со големи духовни центри како Солун и Света Гора. Големата војна, од 1914-18 г., со тек на време ја лишила Турција од цела Тракија и Мала Азија со градот Смирна, кој подоцна бил изгубен од Грција, во 1922 година, после неуспешниот марш на Грците кон Константинопол.
Тука, Вселенскиот Патријарх не можел толку лесно да се откаже од неговиот авторитет над дијацезите, кои биле одземени од Турција, како што правел претходно. Веќе имало разговор околу некои места, кои од порано биле под духовен авторитет на Цариград. Сепак, Вселенскиот Патријарх во 1922 г., ја признава јурисдикцијата на Српската Црква над сите места во границите на Југославија; се согласил да се додадат на Грчката црква одредени епархии во Грчката држава, истовремено задржувајќи ја својата јурисдикција над Света Гора; и во 1937 г., ја призна дури и автокефалноста на малата Албанска Црква, која најпрвин не ја признавал.
Границите на Вселенската Патријаршија и бројот на нејзините епархии значително се намалил. Истовремено, Вселенската Патријаршија всушност ја изгубила Мала Азија исто така, иако останала под нејзина јурисдикција. Според мировниот договор меѓу Грција и Турција во 1923 г., била извршена размена на населението помеѓу овие сили, така што целото грчко население од Мала Азија било преселено во Грција. Древните градови, кои некогаш биле од големо значење за црковните работи и славно во црковната историја, останале без ниту еден православен жител. Истовремено, Вселенскиот патријарх го изгубил неговото политичко значење во Турција, откако Кемал Паша му ја одзел титулата како глава на народот. Фактички, денес, под Вселенската Патријаршија има пет епархии во границите на Турција, вклучувајќи ја Свеета Гора со околните места во Грција. Патријархот е спречен во реализирањето, дури и на неговите неоспорни права во управувањето на црквата во границите на Турција, каде што е третиран како обичен потчинет Турски чиновник, под надлежност на владата. Турската влада, која се вмешувала во секој аспект од животот на граѓаните, како посебна привилегија му дозволиле нему, и на Ерменскиот патријарх, да носат долга коса и клерикални одежди (подрасник), забранувајќи на останатиот дел од клирот. Патријархот нема право на слободен излез од Турција, а во последно време, владата сè повеќе инсистира да се премести неговото седиште во Анкара (древната Анкара), каде што сега нема воопшто Православни Христијани, но каде што е сконцентрирана администрацијата на сите гранки од државниот живот.
Ваквото надворешно непочитување на ерархот на Константинопол, кој порано беше престолнина на вселената, не предизвика да биде разнишана почитта кон него, меѓу православните христијани, кои го почитуваа Седиштето на светите Јован Златоуст и Григориј Богослов. Од висината на ова гледиште, наследникот на св. Јован и Григориј, можел духовно да го води целиот Православен свет, само да ја поседувал нивната цврстина во бранењето на вистината и правдата и широчината на погледите на претходниот Патријарх Јоаким III. Како и да е, после општиот пад на Вселенската Патријаршија, нејзината активност повторно се зголемува после Втората светска војна. Вселенската Патријаршија посакува да си ги надомести изгубените епархии, кои ја напуштиле нејзината јурисдикција, како и изгубеното политичко значење во границите на Турција, со тоа што почнала да вклучува во себе места, во кои порано немало Православна ерархија, и Црквите на оние држави, чија влада не е Православна. Така, на 5 Април, 1922, Патријархот Мелетиј назначил Егзарх за Западна и Централна Европа со титулата Митрополит Тиатирски, со резиденција во Лондон; на 4 март, 1923 г., истиот патријарх го ракоположил чешкиот архимандрит Сава, во Архиепископ на Прага и цела Чехословачка; на 15 април, 1924 г., Митрополијата на Унгарија и цела Централна Европа беше основана со седиште во Будимпешта, иако веќе имало таму српски епископ. Во Америја, беше основана Архиепскопија под Вселенската Патријаршија, потоа во 1924 г., беше основана Епархија во Австралија со седиште во Сиднеј. Во 1938 г, Индија беше потчинета на Архиепископот на Австралија.
Истовремено, започнал процес на потчинување на одделни делови од Руската Православна Црква, која беше отцепена од Русија. Така, на 9 јуни, 1923 г., Вселенскиот Патријарх ја прифати под своја јурисдикција Епархијата во Финска, како автономна Финска Црква; на 23 август, 1923 г., Естонската Црква беше основана на истиот начин, на 13 ноември, 1924 г., Патријархот Григориј VII ја призна автокефалијата на Полската Црква под надзор на Вселенската Патријаршија – што повеќе личи на автономија. Во март, 1936 г., Вселенската Патријаршија ја прифаќа Латвија под своја јурисдикција. Не ограничувајќи се на прифаќањето под своја јурисдикција на цркви во местата кои излегле од границите на Русија, Патријархот Фотиј го прифатил под своја јурисдикција Митрополитот Евлогиј од Западна Европа, заедно со парохиите потчинети нему, и на 28 февруари, 1937 г., Архиепископ од јурисдикција на Вселенската Патријаршија во Америка, го ракоположи Владиката Теодор-Богдан Шпилко за Украинската Црква во Северна Америка.
На овој начин, Вселенската Патријаршија всушност стана „вселенска“ (универзална) на распространета на територијата која теоретски ѝ се потчинува нејзе. Речиси целата земјина топка, освен неколку мали територии на трите Патријархати и територијата на Советска Русија, според идеите на водачите на Патријаршијата, влегуваат во состав на Вселенската Патријаршија. Зголемувајќи ги, без граници, нивните желби да потчинат под себе делови од Русија, Константинополските Патријарси дури и започнаа да покажуваат претензии на каноничноста на возведувањето на Киев во Московска Патријаршија, и да изјавуваат дека претходно постоечката јужна Руска Митрополија во Киев, требало да се потчини на Цариградскиот Престол. Ваквата гледна точка, не само што е јасно изразена во Томосот од 13 Ноември, 1924 г., поврзано со поделувањето на Полската Црква, но исто така е доста темелно промовирано од Патријарсите. Така, Викарот на Митрополитот Евлогиј во Париз, кој беше ракоположен со дозвола на Вселенскиот Патријарх, ја присвои титулата Херсонески; што кажува, дека Херсонес, кој сега е на територијата на Русија, е потчинет на Вселенскиот Патријарх. Следниот логичен чекор на Вселенската Патријаршија би бил, да ја прогласи цела Русија, како потчинета на јурисдикцијата на Константинопол.
Како и да е, вистинската духовна моќ, па дури и вистинските граници на авторитетот до сега не соодветствуваат со ваквото само-воздигнување на Константинопол. Да не го спомнуваме фактот, дека речиси секаде, авторитетот на Патријархот е речиси илузорен и се состои најмногу во потврдување на епископите кои биле избрани за одредени места, или нивно испраќање од Константинопол; многу земји кои Константинопол ги смета за потчинети под себе, немаат воопшто паства под нивна јурисдикција.
Моралниот авторитет на Константинополските Патријарси исто така падна многу ниско, заради нивната екстремна нестабилност во еклисиолошките работи. Така, Патријархот Мелетиј IV организира „Сеправославен Собор“, со претставници од неколку цркви, кои изгласаа декрет за воведување на Новиот Календар. Овој декрет, прифатен само од дел од Црквата, направи страшна шизма меѓу православните христијани. Патријархот Григориј VII го призна декретот на соборот на Живата Црква (обновленците) околу симнувањето од престолот на Патријархот Тихон, кого неодамна пред тоа, Синодот на Константинопол го прогласи за „исповедник“, и потоа влезе во заедница со „Обновленците“ во Русија, што трае и до денеска.
Во целост, Вселенската Патријаршија, која теоретски ја опфаќа речиси целата вселена, а всушност го протега својот авторитет само на неколку епархии, а на другите места има само повисока вештачка надзорност и добива одредени приходи за тоа, гонета од владата во родната земја, и неподдржана од никоја влада во странство: го изгуби нејзиното значење како столб на вистината и самата стана извор на поделби, истовремено опседната од прекумерна љубов за моќ – претставува една жалосна глетка, која потсетува на најлошите периоди во историјата на Константинополскиот Престол.
Од списанието: Orthodox Word, vol. 8, no. 4 (45), July-August 1972, pp. 166-168, 174-175.
Откако свети Јован го напиша ова, ги имавме:
Венијамин I (1936-1946)
Максим V (1946-1948)
Атинагора I (1948-1972)
Димитриј I (1972-1991)
Вартоломеј I (1991 – до сега)
И ништо не се промени. Максим, Атинагора, Димитриј???
Свети Јован го сумираше тоа многу добро – исто како да го напишал денес, а не пред 70 години.
Михаил Вуд
Извор: https://www.facebook.com/Hieromonk.Michael/posts/1119726954735656