СВЕТА ГОРА – ПУСТИНА КОЈА РАЃА ЖИВОТ – патување во Градината на Пресвета Богородица

…Света Гора е царство без круна,

држава без војска,

земја без жена,

богатство без пари,

мудрост без школо,

кујна без месо,

молитва без престан,

врска со Небесата без прекин,

славење на Христос без замор

смрт без жалење….

          img_20161118_140535  Според преданието, Пресвета Богородица пловела заедно со Св. Јован Богослов од Јопа во Кипар, во посета на Св. Лазар Четвородневниот. Кога бродот со кој пловеле бил истуркан од бурата надвор од курсот, на тогаш паганскиот Атос, тие биле присилени да допрат близу пристаништето Клемент, во близина на денешниот манастир Ивирон. Богородица излегла на брегот, и воодушевена од убавината на природата која ја видела таму, ја благословила и го замолила Господ да ја претвори во Нејзина градина. Така, според Преданието се чул глас, кој рекол: „Нека ова место биде твое наследство и твоја градина, рај и небо на спасението за сите оние кои го бараат!“ Од тој момент планината е посветена на Мајката Божја, како Нејзина градина, во која не е дозволено да стапне ниту една друга жена.

Кога зборуваме за Света Гора Атонска, не можеме и не смееме да занемариме дека зборуваме за парче земја на Небесата или Небо и Божествен рај на земјата. Парче земја кое е преполно со благодат, лествица  надвисната врз световниот амбис, земја во која нема телесно раѓање, туку само духовно, како сакате именувајте ја, но не заборавајте дека е, и Силоам и Витезда за светот, посебно за оние кои што таму живеат и се спасуваат.

Света Гора, како манастирска заедница, формално била основана во 963 година, кога монахот Атанасиј го основал манастирот Голема Лавра, најзначајниот манастир до ден денес. Манастирите можеме да ги делиме на групи во зависност од нивната хиерархиска поставеност, но и во зависност од нивната географска положба. Според статутот од 1924 год. хиерархискиот редослед на светогорските манастири е следниов:

  1. Велика Лавра,

    athosmap_med
    Мапа на манастири на Света Гора (преземи во подобра резолуција)
  2. Ватопед,
  3. Ивирон,
  4. Хилендар,
  5. Дионисијат,
  6. Кутлумуш,
  7. Пантократор,
  8. Ксиропотам,
  9. Зограф,
  10. Дохијар,
  11. Каракал,
  12. Филотеј,
  13. Симонопетра,
  14. Свети Павле,
  15. Ставроникита,
  16. Ксенофонт,
  17. Григоријат,
  18. Есфигмен,
  19. Свети Пантелејмон и
  20. Констамонит. 

Во почетокот сите манастири биле општежителни (киновиски), но во текот на XIV в. со развојот на исихазмот, се појавува нов начин на монашко живеење, со кој му се дава предност на пустинскиот, осамениот начин на монашко живеење (идиоритмија). Иако цариградските патријарси биле против ваквиот монашки начин на живеење, сепак, тој на Света Гора се проширил, така што кон крајот на XVII в. сите светогорски манастири станале идиоритмички (неопштежителни). Подоцна ќе се појави обратен процес – постепено преминување од идиоритмија кон киновиски начин на живеење, при што имало како општежителни, така и неопштежителни манастири. Денес сите светогорски манастири се општежителни и се управуваат од игумен, додека при идиоритмијата, манастирите се управувале од собор на старци, кој избирал извршен орган од два епитропа за период од една година. Кај нив власта на игуменот е скоро симболична.

Што се однесува до манастирските скитови, денес на Света Гора има 12 скитови, коишто се наоѓаат под административна управа на некој од дванаесетте светогорски манастири. Под административна управа на Великата Лавра се наоѓаат три скита: „Свети Јован Крстител”- Продромос, „Света Ана” и „Капсокаливија” („Света Троица”); под управа на манастирот „Свети Павле” има два скита – Новиот скит „Св. Богородица” и скитот „Св. Димитриј-Лаку”, а два скита припаѓаат и кон манастирот Ватопед – „Свети Димитриј” и „Свети Андреј”. Неколку други манастири имаат во своја надлежност по еден, скитот „Св. Богородица – Ксилург” или наречен „Сеј Рај“ и  му припаѓа на рускиот манастир „Св. Пантелејмон”, скитот „Св. Илија” – на манастирот Пантократор, скитот „Св. Јован Претеча” – на Ивирон, скитот „Св. Пантелејмон” – Панагуда на Кутлумуш и скитот „Св. Благовештение” – на Ксенофонт.

dscn8725 img_20161118_120749

Според прописите на последниот (Григориев) типик Света Гора била управувана сè до 1924 год., кога е донесен нов статут на Света Гора, кој е во функција до денешни денови. Според овој статут Света Гора се прогласува за автономна територија во рамките на грчката држава. Грчкиот државен суверенитет над Света Гора се изразува преку специјален политички гувернер, со седиште во главниот град на монашката република Кареја и назначуван од страна на грчкото министерство за надворешни работи. Инаку, канонски и духовно Света Гора припаѓа под јурисдикција на Вселенската патријаршија во Цариград. Во светогорскиот главен град Кареја се сместени управните органи на светогорската монашка заедница: свештениот собор во чијашто надлежност е законодавната власт, свештената општина – надлежна за управната власт, и свештената епистасија, којашто ја реализира извршната власт. Свештениот собор има 20 членови – по еден претставник (игумен или проигумен) од секој манастир. Се состанува двапати годишно во Кареја и донесува канонски одлуки во согласност со статутот. Во исклучително важни случаи се состанува двоен собор – по два претставника од секој манастир. Свештената општина, исто така, има дваесет членови – по еден претставник од секој манастир, има едногодишен мандат, одржува седница двапати неделно и нејзините решенија се задолжителни за сите манастири. Со свештената општина претседателствува претставникот на Великата Лавра, при што на седниците присуствува и протоепистатот, но без право на глас. Свештената епистасија, којашто е извршен орган на свештената општина, има четири члена. Во неа периодично членуваат сите манастири, во согласност со системот од пет групи по четири манастири:

  1. Велика Лавра, Дохијар, Ксенофонт, Есфигмен
  2. Ватопед, Кутлумуш, Каракал, Ставроникита
  3. Ивирон, Пантократор, Филотеј, Симонопетра
  4. Хилендар, Ксиропотам, Св. Павле, Григоријат
  5. Дионисијат, Зограф, Св. Пантелејмон, Констамонит

Секоја од овие четири групи ја презема епистасијата (извршниот орган) за една година, со тоа што претставниците на првите манастири од групите ја носат титулата „протоепистат” и раководат со седниците на епистасијата. Свештената епистасија ги извршува одлуките на свештената општина, управува со финансиите, издава визи за престој на поклоници на Света Гора и сл. На Света Гора владее Јулијанскиот календар и византиското време, според кое новото деноноќие започнува со заоѓањето на сонцето. Само Иверскиот манастир го почитува халдејското пресметување на времето, според кое денот почнува со изгревот на сонцето. Државните служби на Света Гора се раководат според световниот календар т.е. според Григоријанскиот календар, а новиот ден за нив започнува по полноќ. Официјално во Света Гора нe се употребува месо. Основна храна за монашката заедница се лебот, маслото, виното, маслинките, зеленчукот, овошјето и рибата. Монасите, обично јадат двапати дневно – наутро и навечер, со исклучок на понеделник, среда и петок и за време на посниот период, кога утринскиот оброк се заменува со чај и леб. Тоа би било накратко, за да се запознаеме со Света Гора – Атонска градината на Пресвета Богородица, која мене ми остави траен впечаток и чувство на превознес „до третото небо со тело ли или без тело – не знам Бог знае“. (2 Кор. 12, 2)

dscn8557
Емилијан Зелнички

Идејата за посета на оваа жива и плодотворна пустина се роди спонтано по Божјо благоволение и нормално со благословот на Пресветата и Пречиста Приснодева. Јас и моите двајца браќа Горан и Владимир (инаку тие двајца родени браќа) со несебичната помош на  братот Златко ги подготвивме потребните документи и побаравме дозвола (диамонитирион) за влез во градината на Пресвета Богородица. Благословот го побаравме од Славјанобугарскиот манастир Зограф, посветен на Светиот Великомаченик Георгиј. Наречен „Савјано“ зашто е еден од трите словенски манастири на Света Гора, покрај Хиландар (српски) и Св. Пантелејмон (руски), наспроти 17 грчки манастири. Не го добивме потребниот благослов во посакуваниот период за посета, туку добивме  благослов за посета и истовремено покана за 15 ноември на нивната втора храмова слава, да присуствуваме на сеноќното бдение, по повод  Обновувањето на Храмот на Свети Георгиј во Лида, познат кај нас како Ѓурѓиц, кој се празнува  на 16 ноември.

На 15 ноември во 7 часот по грчко локално време веќе бевме во градот Уранополис од каде што ги подигнавме визите (диамонитирион) и спокојно чекавме на пристаништето да пристигне бродот кој ќе отплови до таа Света и Свештена Гора – Атон. Уранополис е прекрасно гратче, не затоа што е распослан на брегот од егејското море, туку најмногу зашто е –  како што вели мојот професор по догматика – граница меѓу светот и оние што “умреа за светот”. По претходната контрола на царинската служба и полиција на Света Гора пред самиот влез на бродот, звукот од сирената го објави нашето одвојување од светот и подготовка за она со што ќе бидеме подоцна во допир.

dscn8511
На пат до пристаништето на Зографскиот манастир

По 45 минутно возење стигнавме до првото пристаниште од светогорските манастири, а тоа е Јованица, пристаништето на манастирот Хиландар. Веднаш на наредното Арсана Зографу или пристаниште на манастирот Зограф се симнавме и скоро цел брод се испразни, зашто во Зограф, оваа вечер имаше прекрасно и величенствено торжество. Манастирските  коли веќе беа наредени да помогнат и да однесат некои од поклониците до манастирот. Ние одлучивме пеш (одење околу 1 час) да се упатиме кон светата обител, само почекавме малку, ако е возможно да ги ставиме нашите торби и ранци во некои од колите да не би ги носеле со нас, зашто патот беше на угорнина. Само што тргнавме да излеземе од пристаништето, една кола застана и го изговори моето име на што уште  без да се завртам, веќе почувствував радост. Тоа беше еден брат нашинец со кого се немавме видено од скоро, а тој веќе бил искушеник и архондарик (гостоприемник) во манастирот Зограф – нè качи во колата и први нè однесе пред свештената обител, а пред манастирот стоеше проигуменот и тој побара благослов да нè смести и прошета низ манастирот. Во архондарната соба, која се наоѓаше на третиот кат од стариот конак буквално вриеше од народ, кој беше дојден за сеноќното бдение, нè почестија според светогорскиот обичај со кафе и узо и веднаш нè сместија. Во манастирот Зограф биле замонашени најмногу македонци, Анатолиј, Калистрат и многу други, а некои од нив биле и игумени. За нас, најблизок е архимандритот Калистрат Зографски, стружанец по потекло и извонреден псалт, незамисливи биле светите чествувања на празниците, а да не бидат обоени од неговиот ангелски глас, па дури и кога имало свечени празнувања, соборно од сите манастири во Кареја во соборниот храм на Света Гора Атонска – Протатонот, тој бил главниот протопсалт.

dscn8530
Зографски манастир на „Св. Георгиј Победоносец“
dscn8534
Скитот Свети Кирил и Методиј при Зографскиот Манастир

Манастирот Св. Вмч. Георгиј – Зограф е основан во 919 година од тројцата браќа од Охрид Мојсеј, Арон и Јован, браќата на цар Самоил. Но, браќата не  можеле да се одлучат кој да биде покровител на манастирот, т.е. на кого да го посветат, и почнале да се препираат. Едниот сакал на Св. Никола, другиот на Св. Климент Охридски т.е. на нивниот домашен закрилник и патрон и најпосле решиле одлуката да ја препуштат на Бога. Тие подготвиле даска која ја оставиле во Црквата и додека длабоко во ноќта се молеле, повикувајќи го Господ да им го открие името на светителот, необична светлина се разлеала од новоподигнатиот храм. Кога влегле во храмот, браќата виделе дека на даската бил саможивописан ликот на Св. Вмч. Георгиј – Победоносец. Оттаму тие го нарекле „Зограф“ или „иконописец“.

Бдението започна во 19 часот и траеше до наредниот ден, до околу 10  часот, нешто повеќе од 12 часа, по што следеше и свечена литија. На литургијата чиноначалствуваше викарниот епископ на бугарскиот Патријарх, епископот Браницки Григориј, игуменот на светата зографска обител, схиархимандритот Амвросиј со 27 свештеномонаси и свештеници и двајца ѓакони од кои едниот – наш прилепчанец. На десната певница беа псалти од манастирот и останати гости собрани околу ероѓаконот Јустин, кој е инзвонреден познавач на источното црковно пеење и на левата певница софискиот хор „Св. Наум Охридски“ со протопсалтот Андреј Касабов. Тоа беше торжество и радост што со збор не се искажува. Низ разнишаните запалени полиелеи се покажа ангелското присуство. Благите и восочни светлосни зраци го осветлуваа ликот од самозографисаната иконата на Победоносецот, а пријатната миризба од моштите на св. Георгиј Победоносец, положени во сребрена рака, не престануваше да го исполнува храмот со благухание. После завршувањето на литургијата останавме да се поклониме и да ги целиваме моштите на светиот Победоносец Георгиј, главата на св. Јован Владимир, главата на светата и  преподобна Матрона, и моштите на светите: евангелистот Матеј,  Климент, архиѓакон Стефан, Кир и Јоан, Теодор Стратилат, Никита, Нестор, Трифун, Харалампиј, Игнатиј – Богоносец, дел од Чесниот и Животворен Крст Господов и уште многу кои не успеав да ги запомнам, а дел од нив и не умеев да ги дочитам, зашто беа ставени во два големи кивоти, поклопени со стакло, и не смеевме да се задржуваме долго зашто имаше цела редица од поклоници кои чекаа ред. Не можевме да останеме на празничната трпеза во манастирот, зашто времето си врвеше, а денот беше краток и решивме да поитаме кон манастирот Хиландар. Еден монах грузиец, мама Гавриил (мама на грузиски е татко = отец),  со кого најмногу се спријателив и изнамуабетив, ни го покажа пократкиот и пострмниот пат, низ длабоката шума кој е долг некаде околу 13 километри  и низ шега ни покажа во однос на неговиот ведар и пргав дух, дека ако одиме брзо ни се потребни еден и пол час, а ако сме побрзи два часа, а ние стигнавме за три часа.

dscn8542
Со отец Гаврил Грузиски
dscn8546
„Кон пештерата на свети Козма Зографски“
dscn8547
Брат Горан и брат Владимир

Искачувајќи ја не многу стрмната патека и насладувајќи се на Божјата убавина на Атон стигнавме во близина на пештерата на светиот Козма Зографски, и упатувајќи се со прилично добро темпо, излеговме од шумата. Глетката беше прекрасна. Сонцето беше првото што нè пречека, а потоа и големото, сино море. Веќе бевме излезени на широкиот тампониран пат и се движевме по него, се колебавме дали е вистинскиот, зашто ни беше малку чудно, но смело продолживме да слегуваме од самото брдо и пред нас се појави едно сино комбе кое го запрев и го прашав возачот дали е тоа патот за манастирот Хиландар, на што еден отец од задното седиште ја подаде својата глава и ми кажа дека сме на 10 минути од манастирот. Продолживме и пред нас во огромната провалија која се наоѓаше под патот, блесна светата, славна  и царска лавра – Хиландар, или како ја нарекуваат задужбина или оставштина на благочестивите српски кралеви и цареви.

Опколен од сите страни со огромни конаци, а над него надвиснати два големи градежни крана, зашто во 2004 год. скоро сите конаци изгореа, но денес се веќе скоро сите обновени. Хиландар е посветен на Воведението на Пресвета Богородица – Пречиста. После манастирот Зограф овдека, најмногу македонци се замонашени. Би го издвоил: о. Кирил Пејчиновиќ. Дури и на надгробниот епитаф во манастирот во Лешок стои:  „Теарце му негово рождение – Пречиста и Хиландар пострижение – Лешок му е негоо воспитание – Под плочава негоо почивание.“ Во Хиландар, собрат исто така бил и возообновителот на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, Архиепископот Доситеј.

dscn8561
Манастир „Воведение на Пресвета Богородица во храмот“ – Хиландар

dscn8563

Стигнавме пред манастирските порти и веднаш влеговме во собата за најавување и посета, зашто јас успеав уште пред да тргнеме од дома, да стапам во контакт со  сите манастири кои ни беа планирани за посета. Но и покрај мојата најава, добивме негативен одговор, зашто во манастирот пред два дена излегол еден проблем и морале да го дезинфицираат манастирот, па и монасите, поголемиот дел биле испратени на неколку дена по другите манастири. Искушеникот ни го отвори храмот и се поклонивме пред светата и чудотворна Богородична икона – Троеручица, се понудија монасите што беа тука да нè однесат до половина пат и да се вратиме во Зограф. Ја разгледавме мапата што ја купивме од Уранополис и видовме дека најблиску ни е манастирот Есфигмен – и одлучивме да го смениме правецот и одиме во зилотскиот манастир. Само требаше да поитаме зашто денот загинуваше, а на зајдисонце сите манастири се затвораат.

За гостопримството на зилотите нема потреба од зборување, она што и ние го видовме не се опишува со зборови. Никакво најавување претходно од наша страна немаше,  т.е. не ни беше ни во план неговата посета. Просто, при самиот влез во манастирот, нè пресретна еден монах и првото прашање што ни го постави е: Дали сте православни и колку сакате да останете во посета на манастирот? Подоцна кога ги евоциравме спомените, сеуште не можевме да сфатиме дека најдобро бевме примени од монасите – зилоти.

Есфигмен е прекрасен манастир, посветен на Вознесението Христово, а основан од царот Теодосиј Помладиот и неговата сестра Пулхерија со нејзиниот маж Марцијан. Распослан на североисточната страна на Света Гора, покрај морскиот брег и опколен со огромни ѕидини и неколку кули во сооднос на ѕидините, а врз нив – огромно црно знаме на кое се испишани зборовите „Православие или Смрт“. Многумина различно си ги толкуваат овие зборови, па дури одат до таму да констатираат дека зилотите се екстремисти или радикал-структури. Вистината е сосем поразлична. Овие зборови го означуваат нивниот живот, проследен од основањето па до денес, тие се спремни да умрат за верата. Во манастирот има повеќе од 100 монаси, од различни националности, иако повеќето се грци, а и манастирот е грчки. Света Гора нема струја, сите манастири имаат агрегати во однос на нивните потреби, а Есфигмен го нема ни тоа. Од кога е основан до денес се трудат да ја задржат традицијата, нема топла вода, нема светилки, сеуште го користат светлото од газиените ламби и навистина е чуден моментот кога гледате монах по зајдисонце како се искачува на дрвена скала и ги пали газиените ламби што се провиснати на сводовите од ѕидините на манастирот. Таму се запознавме со една мала група на грци и руси и еден србин, со кои ја делевме собата. Сите бевме пристигнати денес, освен србинот кој бил неколку дена. Според типикот на манастирот, затоа што беше среда, оброкот им бил само еден и тоа утрото, но за нас ја поставија трпезата која ни излезе во пресрет зашто бевме премалени и од пат и од глад, ни запалија оган во собата и нè известија да си легнеме веднаш, а беше некаде околу 17 часот по грчко локално време, зашто службата започнува во 1.00 часот по полноќ.

dscn8569
Манастир „Вознесение Христово“ – Есфигмен
dscn8584
Архондарикот во манастирот Есфигмен

Службата беше прекрасна и траеше некаде до 7.00 часот (имајте предвид дека е секојдневна, т.е. не беше никаков посебен празник), по богослужбата сите пристапивме да земеме света нафора и агиазма (осветена вода) и потоа, еден љубезен монах, зашто знаеше дека сме Македонци се обиде половина на руски половина на англиски, да ми каже дека сака да ме одведе да се поклонам на чудотворната икона „Пресвета Богородица – Ружа Неовенлива“. Која има многу интересна историја. Имено, претходниот игумен Ефтимиј ја имал оваа икона во својата келија и постојано се молел на неа, и таа уште тогаш ја покажала својата чудотворност. Пред да почине во 1999 год. им благословил на братјата во манастирот да ја стават на неговиот гроб. Така и се случило, но манастирските пчели кога оделе да собираат мед, наместо во сандаците да  прават саќе, тие тоа го правеле врз иконата од гробот, само пазејќи да не го покријат ликот на Пресветата и на Христа. Подоцна монасите внимателно ја отстраниле и иконата и ја ставиле во олтарот. Иста таква копија е направела и ставена во внатрешноста на храмот, исто така чудотворна, на која монасите со длабока побожност и пристапуваат и целиваат.

x15334358106524219872-1
Чудотворната икона на Пресвета Богородица

Пред заминување, во манастирската продавница беше мојата средба со игуменот Методиј. Уште пред да пристапам да земам благослов, кога ме виде ме прегрна и на руски јазик ми рече: „Храните Веру Православнују“- (Чувајте ја Верата Православна). Се потрудивме за сите манастири да носиме по еден пар икони од Св. Климент и Св. Наум.  Монасите премногу се израдуваа на нашиот подарок, а тоа ни беше многу мило. Заминувајќи од манастирот, сеуште не можевме да поверуваме за зилотското Богољубие и братољубие кое го покажаа кон нас – Нека Бог си спомне за нив, и да им помогне  искушенијата кои ги имаат да ги поднесат што полесно.

dscn8580
Пристаништето во манастирот Есфигмен

 

dscn8583
Соборната црква при манастирот Есфигмен
023_esfigmen_09
Во позадина, може да се види знамето на манастирот „Ορθοδοξία η θάνατος“ („Православие или смрт“)

За еден час стигнавме повторно во Хиландар, зашто хиландарците имаат бесплатен комби превоз до пристаништето кое е оддалечено околу 4-5 часа пеш. На патот кон Хиландар, минувајќи низ лозјето хиландарско, кое плени со својата убавина, имаше недогледливи површини и површини под лозови пењушки. По земјениот пат од десната страна распослано лозјето, а од левата кипарисите (еден вид на бор, кој е многу висок, а тенок т.е. не разгранет, еден вид како нашите тополи) кои монасите ги саделе при секое замонашување на нов брат и ако ги броите може да видете колку монаси биле во Хиландар  од своето основање, од времето на Стефан Немања – Свети Симеон Мироточив, па до денес. Пред Хиландар влеговме во комбито и за половина час бевме на другата страна од Света Гора на хиландарското пристаниште Јованица.

dscn8590

dscn8598

dscn8621
Манастир на Светите Архангели – Дохијар
dscn8624
Манастир „Св. Георгиј Победоносец“ – Ксенофонт

dscn8639 Пристигна бродот и се упативме кон рускиот манастир „Св. Пантелејмон“. По патот им се насладувавме на убавините од манастирите Дохијар и Ксенофонт, кои се распослани крај брегот. Средбата очи во очи со руската красота „Свети Пантелејмон“ беше навистина пленувачка. Манастир, а во суштина цел град. Дисциплина, строгост, ред и поредок каков никаде не забележавме. Сите имаат архондарни соби (гостоприемници), овие – огромна зграда на 4 ката со капацитет од 1000 души. Веднаш се упативме да се запишеме и да нè сместат, а потоа влеговме  во еден параклис, во кој се положени само мошти од светители. Св. Јован Претеча, Јосиф Обручникот, Св. Козма и Дамјан, главата на св. Пантелејмон и евангелистот Лука, стапалото од св. апостол Јаков, апостолите: Петар, Андреј, Филип, Вартоломеј и Варнава, св. Исакиј, св. Дионисиј Аеропагит, св. Марина – Огнена Марија и многу други; да целивате во треба половина час, а притоа по 30 секунди до минута да се задржите на сите – буквално една цела црква полна со мошти.  Во собата каде што бевме сместени имаше околу 30 души од сите краишта на светот: од американци, руси, канаѓани, британци, пољаци до бугари, срби и што уште не. Од 14 до 16 часот имаше вечерна богослужба, па трпеза и веднаш: повечерие со канон и акатист на Пресветата. Службата утредента започна во 2 и 30 по полноќ до 7 часот, каде се изнасладивме од пеењето на двата манастирски хорови исткаени во четиригласно пение. Милина за очи и уво, буквално по мој вкус, „достојна песна на Бога“. Монасите скоро сите што беа во храмот посветен на „ Покровот Богородичен“ држеа во рацете цели регистратори испишани со имиња кои ги спомнуваа за нивно здравје и спасение, а кога заврши Литургијата, се поклонивме на чудотворната икона на Св. Пантелејмон, која има долга историја и многу перипетии како е стигната до манастирот. Манастирските трпези обилни и во потполна тишина исполнети, а украсени од гласот на монахот кој го читаше житието на светителот кој се празнуваше тој ден. На крајот љубезно нè замолија да им помогнеме околу чистењето на манастирската трпезарија, на што со голема радост си го извршивме нашето т.н. послушание. Во 12 часот пристигнуваше бродот за враќање назад „во светот“, на што со тага ни се враќаа нозете. Овие 4 дена беа како еден миг. И најпосле повторно во Уранополис и назад дома. Така исполнети и озарени од „ невечерната светлина“, со Божја помош и молитвеното застапништво на Пресветата, Преблагословена и Приснодева се вративме дома со цел да „растеме по мерата Христова“(Ефес.4,13).

dscn8643
Манастир „Св. Пантелејмон“

  dscn8681

            Навистина моите зборови се исцрпени или можеби не се, но веќе ги немам, а имам само чувство кое се обидов да го споделам барем 30 насто од она што е во мене и моите браќа. Текстот е подолг но навистина сакав да ве запознаам со сè она што јас сум сакал да го прочитам и почувствувам.  Слава и Вечна Пофалба на Творецот.

dscn8712

dscn8740
Пристаништето во Уранополис

 

Користена литература:

Атанасије Ангелопулос, Монашка заједница Свете Горе, Манастир Хиландар, 1997
Владимир Ћоровић, Света Гора и Хиландар, Београд, 1985, .
Ѓорѓи Поп Атанасов, Света Гора, Скопје, 2007,
Подготви: Емилијан Зелнички