Еден збор, рајски врати отвора

Ох браќа, кој е плодот на гордоста? Ох, гледате ли што може да направи смирението? Која беше потребата за сето ова страдање? Зошто, ако уште од почетокот Човекот се смиреше, Го слушаше Бог, и ги држеше заповедите немаше да падне. Повторно, после неговиот пад, Бог му даде прилика да се покае и да добие милост, но тој ја држеше својата глава високо. Бог дојде кај него и рече: „Адаме, Каде си?“, наместо да рече „Каква слава ли напушти и на какво обесчестување дојде?“

После тоа го праша „ Зошто згреши? Зошто ја прекрши заповедта?“ Со тоа што ги постави овие прашања, сакаше да му даде можност да рече, „Прости ми“. Сепак, Човекот не побара прошка. Немаше смирение, немаше покајание, туку спротивното. Тој одговори: „ Жената која што ми ја даде Ти“ ( Битие 3:9-12), тој не рече, „ жената ме измами“, но „ Жената која што ми ја даде Ти“, како да сакаше да каже: „ Оваа катастрофа дојде врз мене поради Тебе“. Затоа браќа, кога човекот не е навикнат да се обвини себеси, тој нема да се двоуми да размисли, дека дури Бог е причината за злото. Потоа Бог дојде кај жената и ѝ рече: „Зошто не ја зачува заповедта?“ како да сакаше да рече, „Барем ти, речи прости ми, за да ја смириш својата душа и да добиеш милост“. Пак, немаше барање на прошка. И таа исто така одговори, „Змијата ме измами“ (Битие 3:13), како да сакаше да каже, „Ако змијата згреши, која е мојата грешка?“ Зошто вака правите, кутри луѓе? Покајте се, препознајте ја својата грешка, бидете нажалени за вашата голотија. Ниеден од нив не можеше да се обвини себеси, ниеден од нив немаше ни малку смирение.

Св. Доротеј од Газа

Превод: Дамјан Божиновски