Недела на Митарот и Фарисејот – Св. Теофилакт Охридски

А на оние, што беа уверени во себе дека се праведни, и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола: Два човека влегоа во храм да се помолат; едниот фарисеј, а другиот митник.Кога застана, фарисејот вака се молеше во себе: »Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој митник. Постам двапати во седмицата, давам десеток од сè што придобивам.« А митникот стоеше оддалеку; не смееше дури (н)и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: »Боже, биди милостив спрема мене грешниот!« Ви велам: дека тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат.” (Лк. 18, 9, 14)

Господ не престанува да ја истребува страста на високомерноста од најсили причини. Бидејќи таа, повеќе од сите страсти го помрачува умот на луѓето, затоа Господ и поучува за неа толку често и толку многу. Така и сега, Тој ја лекува нејзината најлоша пројава. Зашто многу гранки има самољубието. Од него се раѓаат: високото мислење за себеси, суетата, пофалбата, и најпогубното од сите – високомерноста. Високомерноста е одрекување на Бога. Зашто кога некој, совршенството не Му го припишува на Бога, туку себеси, тој што прави, ако не Го одрекува Бога и не се крева против Него? Затоа, оваа богопротивна страст, против која Господ се вооружува како непријател против непријател, Господ ветува дека ќе ја излекува со оваа приказна. Зашто Тој им ја кажува токму на оние, кои биле уверени во себеси и не Му припишувале сè на Бога, па затоа и други уништувале, и покажува дека праведноста, дури и да заслужува восхит во другите односи и да го приближува човекот кон Бога, ако таа ја допушти до себе високомерноста, го фрла човекот на најнизок степен и го уподобува на бесот, кој некогаш посакал да стане еднаков со Бога.
Почетните зборови на фарисејот се слични на признателен човек: зашто тој вели: Ти благодарам, Боже! Но, следната негова реченица е исполнета со решително безумство. Зашто тој не рекол: Ти благодарам, што ме оддалечи од неправди, грабежи, туку? – што јас не сум „таков“. Совршенството си го препишал на себеси и на својата сопствена сила. А да ги осудува другите, како е тоа својствено на човекот, кој знае дека сè што се случува, тој го добива од Бога? Зашто ако е уверен, дека по благодатта поседува туѓи блага, тогаш несомнено нема да почне да ги понижува другите, имајќи претстава во себе, дека и тој, во однос на неговата сила е еднакво гол како и другите, а по милоста Божја, е со дар облечен. Затоа, фарисејот, припишувајќи совршени дела на својата сила, е високомерен, и оттука дошол до осудување на другите.
Господ ја означува високомерноста и отсуството на смиреномудреноста во фарисејот со зборот: „застана“. Зашто на смирениот и изгледот му е смирен, а фарисејот и во надворешното поведение пројавувал суета. Навистина, и за митарот е кажано: „стоејќи“, но гледај, што е додадено: „не смееше дури ни очите да ги подигне кон небото“. Затоа неговото стоење било истовремено и преклонување, а на фарисејот и очите и срцето се кревале кон небото.
Погледни и на поредокот, кој е претставен во молитвата на фарисејот. Најпрвин тој кажал каков не е, а потоа го набројал и тоа, каков е. Кажувајќи, јас не сум таков, како другите луѓе, тој набројува разни добродетели: постам двапати во неделата, давам десеток од сè што заработувам. Зашто не треба само да се оддалечуваме од злото, туку да правиме и добро (Пс. 33, 15). И претходно треба да се оддалечиме од злото, па дури потоа да пристапиме кон добродетелите, исто како што, ако сакаш од матен извор да нацрпиш чиста вода, најнапред треба да ја очистиш нечистотијата, па дури потоа можеш да нацрпиш чиста вода.
Забележи го и тоа, што фарисејот не кажал во еднина: „јас не сум крадец, прељубодеј, како останатите“. Тој не дозволил ни со збор да се возвелича само себеси, туку ги споменал и останатите. Велејќи, јас не сум како останатите, тој го додал и ова: „постам двапати во неделата“, то ест, два дена во неделата. Зборовите на фарисејот можеле да имаат длабока смисла. Наспроти страста на прељубата, тој се фали со пост. Зашто похотта се раѓа од сетилното пренаситување. Така, тој, воспитувајќи го телото со пост, бил многу далечен од ваквите страсти. А фарисеите навистина постеле во вториот и петтиот ден од неделата. На крадците и угнетувачите, фарисејот го противопоставил и тоа, што дава десеттина од сè што заработувал. Грабежот, – вели тој, – и нанесувањето навреди толку ми се одбивни, што го давам дури моето. Според мислењето на некои, Законот засекогаш ја заповеда десеттината, а оние, кои подлабоко го истражуваат, наоѓаат дека тој препишува десетина од троен вид. За тоа подробно ќе дознаеш од Повторени Закони (гл. 12 и 14), ако обратиш внимание. Така се однесувал фарисејот.
А митарот се однесувал сосема поинаку. Тој застанал оддалеку, и бил многу далеку од фарисејот не само по растојание, туку и во облеката, зборовите и скрушеноста на срцето. Тој се срамел да ги подигне очите свои кон небото, сметајќи ги за недостојни за гледање на горните предмети, зато тие сакале да гледаат земни богатства и да се користат со нив. Тој се удирал во градите, како да го бие срцето за лукавите совети и да го пробудува од сон кон свесност, и ништо друго не велел, освен: „Боже, биди милостив кон мене грешниот“.
За сето тоа, митарот си заминал пооправдан од фарисејот. Зашто нечист е пред Господа секој кој се потсмева, и Господ на гордите се противи, а на смирените им дава благодат. (Изреки 3, 34).
Некој, можеби ќе се зачуди, зошто фарисејот, иако кажал неколку зборови со високомерност, сепак е осуден, а Јов, кој многу големи работи кажал за себе, сепак добил венец? Тоа е затоа што, фарисејот почнал да пустослови и да се фали себеси, тогаш кога никој не го принудувал, и ги осудувал другите кога за тоа немало никаква полза. А Јов бил принуден да ги наброи своите совршенства, со тоа што го притискале пријателите, го нападнале потешко од самата несреќа, велејќи дека тој страда заради гревовите – ги набројувал своите добри дела за слава Божја и за тоа, луѓето да не ослабуваат на патот на добродетелите. Зашто ако луѓето дошле до убедување, дека делата кои ги правел Јов, биле грешни и тој страда за нив, тогаш би почнале да се оддалечуваат од правењето на истите дела и со тоа наместо гостољубиви, би станале негостопримливи, наместо милосрдни и праведни – немилосрдни и угнетувачи. Зашто такви биле делата на Јов.
И така, Јов ги набројува своите добри дела за многумина да не претрпат штета. Такви биле причините на Јов. А да не зборуваме за тоа, дека во неговите зборови, навидум велеречиви, се пројавува совршено смиреномудрие. Зашто „кога би бил, – вели, – како во изминатите месеци, како во тие дни, кога ме чуваше Бога“ (Јов. 29, 2). Гледаш ли, тој сè полага на Бога и не ги осудува другите, туку побрзо самиот трпи осудување од пријателите.
А на фарисејот, кој сè припишува на себе, а не на Бога, и без потреба ги осудува другите, справедливо добива осуда. Зашто секој кој се возвишува, ќе биде понизен, како осуден од Бога, а кој се понижува преку самоосудување ќе се воздигне, како оправдан од Бога. Така е и речено? „Спомни ме: ќе се судиме; говори, за да се оправдаш“. (Ис. 43, 26)

Свети Теофилакт Охридски

[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=Ykty0qB76Sw[/youtube]