Постои ли православна младина?

— Што претставува за вас православната младина?

— Не знам, не сум го сретнал тоа. Јас ги познавам Тања, Васко, Диме. Тие сите се еднакви.

А сериозно, веројатно е тешко – да се биде православен и млад. Затоа што тоа значи да се оди против – против двојно течение.
Да се биде православен – значи да се оди против модата на своето световно друштво. А да се биде млад во парохија, треба да се оди против парохиските суеверија. Во едниот случај владеачкото течение е антиправославно, а во другиот – антимладинско.
Кај нас во храмовите, главно владее психологијата на бабите. А секоја возраст по свое ја доживува верата. По свое ја доживуваат младенците, кои го бакнуваат Дедо Боже. По свое ја доживуваат децата, тинејџерите, возрасните и старите. Но, бидејќи во нашите храмови има повеќе старци, нивното доживување на православието завршува како единствено, нормативно, наметливо, па затоа – и осакатливо за младите луѓе.
Која е разликата во психологијата? Новитетите го радуваат младиот човек и го плашат постариот. Младиот човек секаде гледа можност, а возрасниот – опасност. Младиот си го поставува прашањето: „Што можам јас да направам?“. Постариот прашува: „Што можат со мене да направат, што од тоа може да ме загрози мене и мојот секојдневен начин на живот?“. Човек оди низ градот и неочекувано сретнува премин. Реакцијата на младиот човек е поактивна: „Интересно, што има таму? Ќе одам да погледнам, ми се откри ново пространство кое што можам да го истражам и да го потчинам на себеси“. Реакцијата на постариот човек: „Подобро ќе преминам на другата страна на улицата, којзнае што може да ми се сруши од тука“. Младиот човек пред секоја кривина мисли: „А да отидам ваму?“ – возрасниот пак е претпазлив: „Што може од тука да ми излета?..“. Истото е и во црковната средина. Наместо младата мисионерска смелост – старечките стравови: „Ништо не смее!!!“.
Во таа смисла, за мене посебно е очигледна разликата меѓу евангелскиот почеток на христијанството, и да речеме, историски сложениот начин на православен живот. Евангелската симболика ја остава светињата во калта, со надеж дека калта ќе се освети, а не плашејќи се од тоа, дека таа ќе се оскверни. Царството Божјо прилега на квасец, кој се става во тесто, зрно – фрлено во земја, богатство закопано во поле . Во мрежата се фаќаат и скапоцени и ситни риби, и на истото црковно поле ќе расте и пченица и плевел. То ест, нешто свето, чисто и добро, се фрла во безвредно место, и се закопува во калта. Но затоа, таа кал се преобразува.
Човек, кој не се рабира од агрономија, може да се соблазни од глетката на сеидбата: изгледа како добрите и вкусни работи селанецот да ги расфрла, ги закопува во кал, и ги осудува на гниење… Христос дошол во светот, за кој претходно знаел дека повеќето во него ќе се радуваат на Неговото распнување, и само малкубројни, ништожно малцинство ќе ги слушне Неговите зборови. А апостолите Христос ги испраќа во непријателскиот свет, како овци меѓу волци .
Сите параболи за Царството Небесно се поврзани со тоа, што нешто светло влегува во темнината за да ја победи. Светлината во темнина свети . Словото Божјо дошло кај проститутките и цариниците (така на јазикот на денешната реалност би звучеле црковнословенските и од тоа повишени формули „блудници и митари“).
А пак во историскиот развиток на Православието завладеала спротивната тенденција: Да се зема светињата од светскиот контекст, да се пребира светлината од темнината и да се става на чување во познатен ковчег. Колку подалеку, толку повеќе растела потребата да се сокрие светињата од „нечистите раце“. Иконостасите стануваат сè повисоки. Патот до црковните Таинства станува посложен (доаѓањето до нив да биде ретко, задолжително да се запази некоја вештина, пред да се допреме до нив). Најмногу, таа промена се гледа на многу икони, каде што светителот, да речеме, не го држи евангелието со раце, туку користи платно. Излегува дека не смееме дирекно да се допреме до Евангелието, задолжително ни треба некаков посредник. Значи, човекот (дури ракоположен, па дури и свет) се прима како изворн на профанација, искажување. Ти не си оној, кој имаш потреба светињата да дојде кај тебе, онаков каков што си, – валкан и црн. Не, напротив. Ти си тој, кој ја загрозуваш светињата. Човекот се гледа како извор на скверност. Тој ја загрозува светињата и нејзе треба да ја спасуваме од него. Тоа секако, е радикална антимисионерска состојба, зашто евангелскиот патос е сосема поинаков – светињата доаѓа, за да ме спаси.
Тоа се сосема различни состојби: светињата како лекарство за болните – и болниот како закана за лекарствата. Но, имено последната психологија владее во нашите парохии.
Прашајте ги денеска нашите парохијани, може ли свештеникот да оди во градска бања, можат ли да си замислат дека апостолите се миеле во општи бањи. Вие ќе добиете збунет, одречен одговор: Бањата – е блудно и скверно мести, и не смее светињата да се меша со калта… Но, древната црковна историја знае за друго поимање на бањата – како место на средба со луѓе. Свештеномаченикот Иринеј Лионски во средината на II век слушнал од свештеномаченикот Поликарп Смирнски, личниот ученик на апостол Јован, дека апостолот, кога дошол да се измие во бањата, дознал дека тука се наоѓа и еретик – гностикот Керинф. Тогаш Јован скокнал од местото и избегал надвор, велејќи им на своите сопатници: „Да бегаме, да не падне бањата, затоа што во неа е непријателот на вистината, Керинф“ . За чистиот навистина – сè е чисто, а свињата секаде ќе најде кал.
Дури потоа, мисионерскиот дух се сменил со стражарски. Добро е, што тој дух се појавил. Неговата појава значела дека има што да се чува и пази. Богатство кое не постои, не го чуваат. Лошо е што тој дух станал речиси единствен, нормативно-православен. Лошо е, што мисионерското однесување почна да се оценува (не во официјалните документи, туку на ниво на парохиски и манастирски предрасуди) како „девиантно поведение“, како нешто што дава повод на сомнежи и бунтови.
Лошо е што и прицрковните чиновници го усвоиле тој дух, притоа мешајќи го конзерватизмот со конзерви. На пример, во март, 2003 година, во Тамбов имаше собир на православната младина, и еден државен чиновник од локалната управа одржа говор, каде што имаше фраза, која мене едноставно ме шокира: „Нашата Православна Црква секогаш го циментирала нашиот народ“. Господи, каков начин е тоа, сè живо со цемент да се полие! Јас секогаш сметав дека со циментирање на народот се занимава сицилијанската мафија. Христос не ја уподобувал Црквата на цемент, туку на квасец, кој го прави тестото да кисне, да дише! Таа – е револуционерен елемент, елемент на ферментирање, квасец кој се става во тесто.
Така што, тешко е да се биде православен млад човек.

Ѓакон Андреј Кураев
Извадок од книгата „Одговори на младите“ (се подготвува за печат)