На 01.02.2026 г., во Неделата на митарот и фарисејот, кога го празнуваме Свети Марко, архиепископ Ефески, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереи ставрофорите Влатко Ристески, Илчо Смилески, игуменот Мојсеј (Тодоровски), протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и ѓаконот Миле Маџароски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свето Благовештение“, во Прилеп.На Божествената Литургија, Митрополитот Петар, благоволи да го ракопроизведе во чин чтец, богословот Владимир Зероски.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Секој што ќе се воздигне себеси, ќе биде понижен, а секој што ќе се понижи себеси, ќе биде воздигнат.“
Браќа и сестри, ова е првата од трите подготвителни седмици кои ни ги дава Светата Православна Црква како духовна подготовка за големиот и свет Великденски пост. Преку овој пост, ние треба да ги очистиме нашите души и срца, но и телата наши, подготвувајќи се за најголемиот празник – Празникот над празниците, Христовото Воскресение.
Токму затоа Црквата во оваа седмица, наречена Недела на Митарот и Фарисејот, ни зборува преку една Христова парабола. Христос, нашиот Бог и Спасител, ни кажува дека двајца луѓе влегле во храмот да се помолат: едниот фарисеј, а другиот митар, односно цариник.
Фарисеите биле луѓе кои строго го пазеле законот и сакале секогаш да седат на првите места. И во храмовите сакале да бидат што е можно поблиску до најсветото место.
Така и овој фарисеј застанал на видно и почесно место во храмот. Во исто време, таму бил и митарот т.е. цариникот. Но, каква разлика имало меѓу нив!
Фарисејот стоел напред, а митарот – далеку од светото место, некаде на крајот од храмот, паднат на колена.
Фарисејот почнал да се моли вака: „Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе, грабливци, неправедни, прељубници, ниту како овој митар. Јас постам двапати во седмицата и давам десеток од сè што заработувам.“
А митарот, браќа и сестри, стоел далеку, немал ни храброст да ги подигне очите свои кон небото. Удирајќи се во градите, со скрушено срце говорел: „Боже, биди милостив кон мене, грешниот!“
И Спасителот ни кажува дека токму овој митар т.е. цариникот, си отишол оправдан во својот дом, а не фарисејот.
Зошто, браќа и сестри, Господ ни ја кажува оваа парабола токму пред почетокот на Великиот пост?
За да нè поттикне на размислување и да направиме споредба – меѓу оној што се моли горделиво и оној што се моли со смирение.
Горделивата молитва нè потсетува на падот на Деницата, на Сатаната – најубавиот и најблискиот ангел до Бога, кој поради својата убавина се возгордеал, заборавил дека е Божјо создание и посакал да се изедначи со Бога, велејќи: „Ќе го издигнам престолот свој над ѕвездите небесни и ќе бидам еднаков со Севишниот… (Иса. 13, 14)“.
Во тој миг, браќа и сестри, се случил падот – биле урнати височините од поднебесните простори на земјата.
Така од светот бил изгонет горделивиот, духот на самолубието, кој се кренал против Бога. Но, тој на ист начин успеал да ги прелаже нашите прародители, Адам и Ева.
Иако тие биле во Рајот, биле богови по благодат Божја, а не по природа, во нив била вметната мислата дека треба да станат богови сами по себе. И така згрешиле.
Како што вели светиот апостол Павле: „Преку еден човек влезе гревот во светот, а преку гревот – смртта.“
Адам згреши и умре, и поради него, вели апостолот, и ние, носејќи го прародителскиот грев, грешиме и умираме.
Но заради тоа дојде Вториот Адам – Христос, нашиот Бог и Спасител, Кој во сè беше еднаков со нас луѓето, освен по гревот, Кој заради нас стана човек, понизен слуга, за да нè избави од гревот и смртта, и повторно да нè врати во заедница со Бога.
И така, браќа и сестри, размислувајќи за митарот и фарисејот, се запрашуваме како се молел фарисејот?
Тој, во вистинска смисла, и не се молел. Со други зборови, тој се воздигнувал самиот себеси, се гордеел со себе, бил исполнет со самолубие. Сакал да биде над сите, сакал власт, сакал признание. Тој ги понижувал другите луѓе, затоа и велел дека не е грабливец, неправеден, ајдук, прељубник, ниту, пак, како оној митар – цариникот, кого го сметале за грешен човек, заради неговиот начин на живот, заради неправдите и злоупотребите врз сиромашните.
Но, браќа и сестри, Господ наш Исус Христос дојде заради нас и заради нашето спасение.
А пред Неговото доаѓање, Бог ни го испрати Свети Јован – Пророкот, Претечата и Крстителот на Христа, нашиот Бог и Спасител. Тој дојде за да ги подготви патиштата за доаѓањето на Спасителот.
Свети Јован, кога излезе од пустината, сведочеше за себе дека е „гласот што вика во пустината“. На реката Јордан со силен глас извикуваше: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“
Народот масовно се собираше на реката Јордан, и тој ги крштаваше со покајно крштение, велејќи им дека по него ќе дојде Посилниот, Кој ќе ги крштава со Дух Свети и со оган.
Свети Јован Крстител сведочи за себе дека не е достоен ни ремчињата од обувките на Христа да Му ги одврзе.
А Господ Иисус Христос не само што го прими крштението од него, туку и за него рече: „Меѓу родените од жена не се појавил поголем од Јован Крстителот.“
Гледате, браќа и сестри, колку понизно, колку смирено се чувствувал свети Јован Крстителот, кој вели: „Не сум достоен да ти ги одврзам ремчињата на обувките, а камоли да Те крстам.“
Слично на Свети Јован Крстител, постапил и Светиот апостол Петар, кој кога по Христова заповед ги фрлил мрежите и уловиле многу риби, тогаш Свети Петар, чувствувајќи се себеси многу грешен, Му рекол на нашиот Господ и Спасител: „Оди си од мене, Господи, зашто сум грешен човек.“
А Христос му одговорил: „Не плаши се; отсега ќе ловиш луѓе.“
И Светиот апостол Павле, браќа и сестри, кој пред да стане христијанин ги гонел христијаните, поради тоа се чувствувал недостоен да се нарече Христов ученик и апостол на Божјата Црква, самиот вели: „Не сум достоен да се наречам апостол, зашто ја гонев Црквата Божја.“ Но потоа сведочи дека од сите апостоли, најмногу се потрудил и најмногу се жртвувал за Црквата. И веднаш додава: „Но не јас, туку благодатта Божја која е во мене.“
И така, браќа и сестри, доаѓаме до заклучокот. Што се случи со фарисејот, а што со цариникот – митарот?
Фарисејот, затоа што се гордееше, како што се возгордеа и Сатаната, не ја прими Божјата благодат. Ако и ја имал, таа му беше одземена, бидејќи Бог на оние со скрушено срце, им ја дава Својата благодат.
И токму затоа, не фарисејот, туку цариникот ја прими благодатта Божја.
Поради неговото смирение, поради неговата скрушеност, поради неговата понизност, Бог го издигна и го оправда.
И денес, браќа и сестри, се поставува прашањето: каде сме ние?
Дали сме како фарисејот – постојано да се гордееме, да зборуваме дека сите други луѓе се нечесни, грабливци, прељубодејци, неморални, а себеси да се поставуваме над сите?
Тоа е најголемиот грев, најдлабоката духовна болест на човекот – кога сака да прави споредби, да ги понижува другите, сите да ги смета за понедостојни од себе, а себеси да се издигне.
Всушност човекот треба да се споредува со светите луѓе, за да ја види својата ништожност, да ја согледа својата грешност и недостојност. Тоа е разликата, браќа и сестри.
Ако не се споредуваме со светите апостоли, со светите отци на Црквата, со блажените, со пустиножителите, со мачениците кои го положија својот живот за православната вера, и со преподобните,тогаш никогаш нема вистински да ја видиме својата состојба.
А кога ќе се споредиме со нив, ќе сфатиме дека сме најгрешни и најнедостојни, и дека секој што не се смирува себеси, не може да биде воздигнат од Бога.
Така, како што Светиот апостол Павле зборува за себе, дека е првиот меѓу грешниците, односно најгрешниот, дека не е достоен да се нарече Христов ученик, па дури ни христијанин.
Само таквите луѓе, браќа и сестри, кои себеси се сметаат за најгрешни и најнедостојни – и тоа не формално, не со зборови, туку од длабочината на својата душа и срце – само кај нив можеме да очекуваме нешто добро, чесно и спасоносно.
И уште неколку зборови за тоа: кога ние грешиме, браќа и сестри, особено кога правиме тешки, големи, смртни гревови, ние умираме – умира нашата душа.
Душата што живее во тешки и смртни гревови е мртва за Бога. Таа може да го одржува телото да живее, да се движи, да функционира, но духовно таа не е жива за Бога.
Бог го создаде човекот не за смрт, туку за живот. Но поради гревот умреа нашите прародители, и поради нашите лични гревови умираме и ние. И особено кога душата е оптоварена со тешки, смртни гревови, таа е духовно мртва.
А кога човекот ќе се ослободи од гревовите, особено од тешките гревови, тогаш душата повторно оживува, се враќа во заедница и единство со Бога.
Затоа и нашата должност е, по примерот на митарот кој стоеше на крајот од храмот, да се однесуваме со смирение и покајание.
И уште еден важен збор, браќа и сестри. Денес, за жал, има луѓе – па дури и свештени и монашки лица – кои себеси се сметаат за нешто повеќе од другите, било во свештената, било во монашката, било во христијанската заедница. Таквите тешко грешат.
Секој свештеник или монашко лице што би ви рекол: „Јас ги земам твоите гревови“
или „прави што сакаш, јас одговарам за тебе“, тој не е од Бога.
Само Христос ги зема гревовите на целиот човечки род. Никој човек не може да ги земе гревовите на друг.
Човек може да стане соучесник во туѓ грев, само ако со својот недостоен живот го соблазнува братот, ако го наведува на грев, ако на било кој начин придонесува за туѓо паѓање.
И ако денес слушаме – преку социјалните мрежи, преку медиумите – дека треба да имаме љубов кон грешните луѓе, тоа е точно.
И Господ имаше љубов кон грешниците. Но само ако тие се каат. Ако нема покајание,
тогаш љубовта не значи попуштање, туку постојано разобличување на гревот.
Како што Свети Јован Крстител ги разобличуваше книжниците и фарисеите, нарекувајќи ги „породи змиини“, велејќи им да бегаат од гневот што доаѓа. „Секирата веќе лежи при коренот на дрвото, и секое дрво што не носи добар плод ќе биде отсечено и фрлено во оган“. Така е и со секој човек што не носи плодови на покајание.
Затоа, браќа и сестри, треба да се каеме колку што е можно побрзо.
Најнапред – да не ја криеме нашата гревовна состојба, туку да одиме кај духовник, кај свештеник, да се исповедаме, да ја примиме поуката и да се потрудиме да не го повторуваме истиот грев.
Ниту еден грев нема да биде простен, ако не се направи спротивно дело.
Ако сме краделе – да го вратиме украденото. Да дадеме на оние што имаат потреба: на сиромаси, сирачиња, вдовици и на храмот Божји.
И колку побрзо се каеме, толку полесно се пали свеќата.
Ако веднаш ја запалиме, таа гори. Но ако помине време и се излади, тешко се пали.
Така и ние –да се потрудиме што побрзо да се покаеме за нашите гревови.
Како што нè учи свети Исак Сирин во молитвата што ја читаме во постот:
„Господи и Владико на мојот живот, не давај ми дух на мрзливост, униние, властољубие и празнословие.
Дај ми дух на целомудрие, дух на смирение, дух на трпение и љубов.
Господи, дај ми да ги гледам моите гревови и да не го осудувам братот свој, зашто си благословен во вечни векови. Амин!“








