Недела на Православието – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола

На 01.03.2026 г., во Првата Недела од Великиот Пост (Недела на Православието), Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Кирил Трајковски, протоерејот Зоран Димовски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Браќа и сестри, денес е првата недела од Великиот пост. Оваа недела се нарекува Недела на Православието, односно Недела на Православната Црква, затоа што токму во оваа недела се случил еден голем и значаен настан: во 842 година Црквата свечено ја прославила победата на Православието над сите дотогашни погрешни учења, над ересите и расколите, над сè она што било опасно за спасението на човечките души.

Зашто, браќа и сестри, нема спасение за верните во Христос Спасителот ако верата не е чиста, ако верата не е онаква каква што ни ја предал Самиот Христос – нашиот Бог и Спасител. Таа вера Тој им ја открил на Своите свети ученици и апостоли, а потоа ги испратил во светот со зборовите:

„Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, и научете ги да пазат сè што сум ви заповедал.“

Тоа значи дека Христос лично им ја открил верата на Светите Апостоли и ги испратил во светот – двајца по двајца – да го проповедаат Словото Божјо, Светата Православна Вера, и да пазат сè што Тој им заповедал: ништо да не одземат од она што го примиле како вистинска вера, ниту пак нешто да додаваат на неа.

А за да ги испрати Своите Свети ученици и апостоли, како што слушнавме денес од Светото Евангелие на Божествената Литургија, Господ најнапред ги повикал. Првиот повикан бил Светиот апостол Андреј, братот на Светиот апостол Петар, а потоа и Филип. Ним им било откриено дека Тој е Месијата, дека Тој е Спасителот на светот.

Светиот Јован Претеча и Крстител, кој го објави доаѓањето на Христос во светот, тоа го направи по Христовото Крштение во реката Јордан. Иако претходно не Го познавал, бидејќи израснал во пустината и не бил заедно со Него до моментот на Крштението, тогаш јасно укажа на Него и рече: „Ете Го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот.“

И тогаш, браќа и сестри, Светите апостоли Андреј и Филип Му пријдоа на Христос, разговараа со Него и Го најдоа како гостин во една куќа. Таму Христос Спасителот им објасни сè што беше напишано за Него во Стариот Завет: дека Тој е Јагнето Божјо Кое ги зема гревовите на светот.

Како што преку јагнето заклано во Египет беа спасени првородените на Израилот, со помазувањето на вратниците од нивните домови со крвта на јагнето, така и Христос – вистинското Јагне Божјо – со Својата Крв ги спасува луѓето од духовната смрт. Зашто ангелот на смртта ги погуби првородените во домовите што не беа обележани, а тоа беше праобраз и навестување на спасителното Христово дело.

Исто така, во Стариот Завет се колеле јагниња за прошка на гревовите на луѓето и се принесувале многу крвни жртви. Но сите тие крвни жртви, а особено јагнешката жртва, која беше праобраз на Јагнето Божјо – Христос Спасителот – се исполнија целосно и дословно во Христос, нашиот Бог и Спасител. Зошто?

Затоа што совршенството е во Новиот Завет, совршенството е во Христос – нашиот Бог и Спасител. Тој е вистинската и единствена жртва, однапред навестена во Стариот Завет преку сите крвни жртви. Зашто Христос е Оној Кој Самиот се жртвуваше за нас и за нашето спасение, и Неговата Крв е вистинската Крв на Јагнето Божјо, Која ги зема гревовите на светот.

Како што слушнавме и во денешното Свето Евангелие: откако го повика Андреј, Првоповиканиот, Христос го повика и апостолот Филип. А Филип му рече на Натанаил – кој всушност е апостолот Вартоломеј, што значи „син на Толомеј“ – дека Го нашле Месијата за Кого пишува во Светото Писмо.

Но Натанаил рече: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“

А Филип му одговори: „Дојди и види.“

Кога Натанаил го виде Христос Спасителот, Господ рече за него: „Еве вистински Израилец, во кого нема лукавство.“

А Натанаил Го праша: „Од каде ме познаваш?“

Тогаш Христос му одговори: „Уште кога беше под смоквата, те видов.“

А таму, под смоквата, Вартоломеј се молеше – се молеше за доаѓањето на Христос, за доаѓањето на Месијата. И тогаш тој исповеда и рече:

„Ти си Христос, Синот на живиот Бог, Ти си Царот Израилев.“

Така Христос Спасителот ги повика и апостолот Петар, и синовите Зеведееви – Јаков и Јован; ги повика и другите апостоли: Матеј, кој беше митник, Јаков Алфеев, Левиј наречен Тадеј, Симон Кананит. И, секако, меѓу нив беше и Јуда Искариотски – оној што Го предаде Христа, нашиот жив Бог и Спасител.

Нашата Света Православна Вера, браќа и сестри, не е нешто ново, туку е најавувана и предобјавувана уште во Стариот Завет – преку Светите пророци, старозаветните патријарси, судиите и сите Свети Божји луѓе за кои читаме во Светото Писмо. Како што вели Светото Писмо, научени од Светиот Дух, зборуваа Божјите луѓе.

Но спасението не се состои само во надворешно исповедање, ниту само во исповедање на гревовите, ниту пак само во правење добри дела спротивни на гревовите, ниту во пролевање солзи за своите гревови – иако сето тоа е потребно и спасително. Таков пример ни дава и Светиот апостол Петар, кој со горчливи солзи се покаја за своето одрекување.

И затоа, браќа и сестри, не можеме да кажеме дека Црквата страдала само од оние што биле надвор од неа. Напротив – најголемите искушенија и погрешни учења произлегле од оние што формално биле внатре во Црквата. Меѓу нив имало и свештени лица, па дури и епископи, кои станале најголеми расколници и проповедници на погрешна вера.

Такви биле еретиците како Ариј, а по него и многу други, кои погрешно учеле за нашата света православна вера. Но, и покрај тоа, Црквата останала борбена – и ќе остане борбена до крајот на светот. Таа постојано се бори со сите погрешни учења, со сите искривувања на верата и со сите што погрешно проповедаат и веруваат.

И така, низ историјата, Црквата ги победила сите ереси и заблуди: уште во раната Црква, во времето на таканаречениот „златен период“, преку борбата против аријанството, несторијанството, монотелитството, и особено против иконоборството – тоа страшно погрешно учење за светите икони, кое беше конечно осудено и надминато на Седмиот Вселенски Собор, одржан во 787 година.

И така, во 842 година, конечно беше завршена борбата против сите погрешни учења во врска со нашата Света Православна Вера. Тогаш, за време на благочестивата царица Теодора и нејзиниот син, цар Михаил, Православната вера беше свечено прогласена за вистинска вера, која ги победи сите дотогашни заблуди и ереси.

Оттогаш, нашата Света Црква секоја година овој ден го прославува како торжествен празник – Неделата на Православието, празник на победата на вистинската вера над сите погрешни учења и искривувања.

А што се однесува до светите икони, денес постојат оние што се нарекуваат христијани, но под влијание на протестантските учења тврдат дека иконите се идоли. Но ние, браќа и сестри, не им се поклонуваме на иконите како на идоли, туку ги почитуваме иконите на кои се изобразени Господовите празници, Пресвета Богородица и светителите – икони кои се правилно насликани, осветени и пред кои се молиме и правиме поклони.

Како што пееме и во денешниот тропар: почитта што ѝ ја оддаваме на иконата преминува на оригиналот. Ако на иконата е изобразен Христос, нашиот Бог и Спасител, ние не се поклонуваме на дрвото или боите, туку Му се поклонуваме на Самиот Христос. Зашто, преку иконата, почитта се воздигнува кон Оној Кој е изобразен – кон живиот Христос, нашиот Спасител.

Истото важи и за иконите на Пресвета Богородица, на свети Јован Крстител, на светите Ангели и на сите светии во нашата Света Православна Црква.

И така, до денешен ден, останува вистината дека спасението на човечкиот род се наоѓа единствено во Црквата Христова, кај оние што ја запазиле верата онаква каква што ја проповедале светите Апостоли – токму онака како што Христос им заповедал, а не поинаку.

Затоа, браќа и сестри, Црквата Христова е место на заедница и општење со Бога. Тоа е суштината на нашата вера.

Црквата е Апостолска – што значи дека ние сме повикани да ја прифатиме, да ја почитуваме, да ја славиме и да ја исповедаме Црквата токму онаква каква што ја проповедале светите Апостоли, а не според човечки измислици и новотарии.

Но Црквата е и Соборна. А што значи тоа?

Соборна значи дека уште од Апостолскиот собор во 51 година, кога се појавиле различни мислења околу обрезанието, Апостолите се собрале и едногласно и еднодушно донеле одлука по која Црквата ќе се раководи.

И така било и понатаму – на сите Вселенски и Помесни собори. Сè што е донесено како догма и вистинско учење за верата не е плод на човечка волја, туку на Божјата волја, откриена преку дејството на Светиот Дух.

Затоа и се вели: „И ако ние, или ангел од небото, ви благовести нешто поинаку од она што ви го благовестивме – анатема да биде.“

Зашто, ако некое учење е спротивно на она што е донесено на Вселенските и Помесните собори, тоа не е од Бога.

На тие собори, браќа и сестри, дејствувал Светиот Дух, и Божјата волја била изразена преку светите Отци, кои едногласно и еднодушно ги утврдиле правилата на верата.

Да се помолиме, браќа и сестри, на Пресвета Богородица и на сите светии – особено на Светите Отци од Вселенските и Помесните собори – кои го утврдија вистинското учење на нашата Света Православна вера и ги победија сите ереси и расколи во Црквата.

По нивните свети молитви, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нè и спаси нè нас грешните. Амин!