Недела на Сите Свети – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик

На 14.06.2020 г, во Неделата посветена на Сите Свети, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослушение на протоерејот Благој Стефановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Кој ќе Ме признае Мене пред луѓето,  и Јас ќе го признаам него пред Мојот Отец небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен“ (сп. Мат. 10, 32-33).

Овие зборови, браќа и сестри, што Спасителот Господ Исус Христос ги изрекол во Светото Евангелие, кое денес го слушнавме, се многу значајни. Имено, денеска го славиме празникот на Сите Светители, а Сите Светители се Сите Свети луѓе, почнувајќи од првиот маченик Авел, убиен од раката на неговиот брат Каин и понатаму сите старозаветни праведници, како што се: патријарсите, пророците, судиите и другите, а меѓу нив е и последниот пророкот, пророкот над пророците, Светиот Јова Крстител, кој Го подготвил патот за доаѓањето на Месијата, на Спасителот наш Господа Исуса Христа, за кој Спасителот рекол дека е најголем човек роден од жена.

Понатаму, браќа и сестри, од Новиот Завет, ние знаеме дека први кои пострадале за верата Христова, се четиринаесетте илјади маченици и деца, кои биле убиени заради Христа нашиот Бог и Спасител. Денес Црквата ги слави и сите други маченици, исповедници, преподобни и Сите Свети, кои нашата Света Православна Црква ги канонизирала и прогласила за Свети, но секако меѓу нив има и многу други Свети, за кои Црквата сеуште не се искажала за нивната светост, но пред Господа се Свети, бидејќи живееле свет и праведен живот.

Кога зборуваме да светителите, да си спомнеме на зборовите на Спасителот Господ Исус Христос, Кој вели: „Кој ќе Ме признае Мене пред луѓето,  и Јас ќе го признаам него пред Мојот Отец небесен“ (сп. Мат. 10, 32). Тоа значи дека Христос нашиот Бог и Спасител, за да биде признаен пред луѓето, прво и основно е ние да веруваме во Него како во Син Божји т.е. како во Месија и Спасител, Кој дошол на земјата заради нас и заради нашето спасение, излегувајќи од прегратките на Отецот, за да го спаси човечкиот род и повторно да го врати во заедница со Бога.

И ете, браќа и сестри, токму за тоа и се вели дека ние Го признаваме или поточно Го исповедаме Бога, тогаш кога ние јавно ќе кажеме и со зборови, и со мисли, и со чувства, и со дела дека веруваме во Христа Воскреснатиот, за Кого Свети апостол Павле вели дека Он за Јудеите, односно за Евреите е соблазна, а за Елините т.е. за Грците, безумие (сп. 1. Кор. 1, 23). И така понатаму Светиот апостол Павле укажува дека ние треба Христа да Го почитуваме како наш Бог и Спасител.

Кога Спасителот Господ Исус Христос ги прашал Апостолите за кого Го сметаат Него, едни рекле: народот мисли дека си некој од пророците, односно за Илија или Еремија, или за некој од пророците, а Господ прашува, а вие за кого Ме мислите, на што Светиот апостол Петар од името на сите Апостоли рекол: „Ти си Хростос, Син на Живиот Бог“ (сп. Мат. 16, 16). Така, Светиот апостол Петар Го исповедал Христа за вистински Бог.

Браќа и сестри, ние христијаните не треба само да го носиме името христијани, туку во секое време, на секое место и во секоја прилика, треба да тврдиме, покажуваме, докажуваме и сведочиме дека сме вистински христијани. Погледнете како другите ги сведочат своите вери и религии што луѓе ги измислиле, а не им ги открил Бог, како што е богооткриена нашата Света Православна Вера.

Браќа и сестри, ние секогаш и во секое време гледаме, а сум гледал и јас лично во авионите, како муслиманите стануваат од седиштаата во дванаесет часот и се клањаат, а ние православните се срамиме на одредени јавни места, кога ќе бие камбаната, да се прекрстиме. Се срамиме наутро да покажеме дека сме христијани и не ги читаме утринските молитви. Напладне исто така, не ја кажуваме молитвата „Отче наш“ и трисветото, а исто така ретки се оние што доаѓаат на светите богослужби т.е. на утринските и вечерни богослужби и на Божествената Литургија. Ако погледнеме колку е бројот на оние што доаѓаат во црвите од крстените и миропомазаниет, ќе видиме дека не сме ни еден насто наспроти другите, кои масовно ја исповедуваат својата вера, иако не им е од Бога откриена, туку од човек измислена.

Ете, браќа и сестри, токму тука е нашиот христијански проблем, бидејќи ние православните забораваме дека треба да имаме хрстоцентрична вера и однос. Нашиот пат, нашиот живот и нашиот однос треба да биде секогаш упатен кон Христа нашиот Бог и Спасител. Ние, само на таков начин можеме да покажеме јавно дека Го исповедаме Христа, како што Го исповедале вистинските христијани т.е. оние Свети луѓе од Стариот Завет, кои јавно Го исповедале Бога, а особено мачениците, и во Стариот и во Новиот Завет, кои биле мачени од гонителите на Црквата Христова. Светите маченици не криеле дека се христијани, туку напротив, на заплашувањата дека ќе бидат убиени, заради Христа нашиот Бог и Спасител, откако претходно ќе им ветелие многу големи богатства, тие се одрекувале од тоа и со песни и псалми пеејќи по улиците, со радост оделе да го докажат своето верување во Христа нашиот Бог и Спасител. Што значи, Христа Го исповедаме или поточно Христа Го признаваме пред луѓато. Ете, ние само на таков начин, а не само со зборови, туку и со чувства, постапки,  живот и делата, можеме да Го потврдиме нашето верување во Христа нашиот Бог и Спасител.

Од вториот пасус на Евангелието, ние ги слушнавме зборовите: „Кој сака повеќе, татко или мајка, браќа или сестри, жена или деца, куќи, ниви или било какво богатство, не е достоен за Мене“ (сп. Мат. 10, 37). Не значи тоа, браќа и сестри, дека не треба да ги сакаме родителите, туку напротив, Свети апостол Павле вели: „Оној што не се грижи за своите, за домашните, тој е полош од неверниците“. Тогаш што значат зборовите: „Кој сака повеќе татко или мајка, браќа или сестри, жена или деца, не е достоен за Мене?“ Ако нашите блиски и најблиски родители и другите бараат од нас ние да се откажеме од Христа или нè наведуваат на работи што се спротивни на верата, спротивни на Евангелието, спротивни на Православието, ние тогаш треба да се откажеме и од татко, и од мајка, и од браќа, и од сестри, и од сите роднини и пријатели, зашто без Христа, нашиот живот не е живот, туку постепено умирање, зашто оној што не е со Христа, тој е мртов. Самиот Бог, му рекол на ангелот на една апокалиптична Црква: „Иако си жив (телесно), знам дека си мртов, бидејќи ги знам твоите дека“(сп. Откр. 3, 1), а неговите дела не биле христијански, не биле согласно со Евангелието и нашата Света Православна Вера. Тоа значи дека кој сака повеќе татко или мајка, или повеќе им служи на блиските, кои не се залагаат за нашата Света Православна Вера, нема да го наследи Царството Небесно.

Светиот апостол Петар, пак, Му рекол на Господа Исуса Христа: „Еве Господи, ние оставивме и жени и деца, и браќа и сестри, и татковци и мајки, и ниви и куќи, што ќе биде со нас? Спасителот Господ Исус Христос му одговара: „Сите оние што ќе остават татко или мајка, браќа или сестри, жени или деца, односно сите оние што нема да ги ставаат пред Бога таткото и мајката, браќата и сестрите, жените и децата“, нивите, куќите и имотите, туку пред сè и над сè ќе го стават Бога, Христа нашиот Спасител, тие ќе се спасат.

Ете, тоа Го вели Спасителот Господ Исус Христос, дека тие ќе го наследат Царството Небесно, а на Апостолите им вели:: „Ќе седнете на дванаесетте престоли и ќе им судите на луѓето од тие престоли“, на народите, на племињата, според нивните постапки и дела и.т.н.

Ние, браќа и сестри, од денешниот Свет апостол слушнавме дека Светите биле: гладни, жедни, боси и голи, дека скитале по пустини и понори и на секаде на разни места, и дека биле гонети. Господ преку устата на Светиот апостол Павле вели: „Кога нè гонеа, ние ги благословувавме, кога нè тепаа и нè малтретираа, ние се молевме за светот, а тоа значи за народот, кој не е со Црквата, тоа е светот.

Кога во Светото Писмо ќе се рече светот, тоа го означува народ, кој со својот живот и со своите постапки не е црковен, туку живее надвор од Црквата. Токму затоа апостол Павле вели дека „на тој свет и народ, ние му станавме смет“, односно измет и губре. Зошто? Затоа што ние веруваме во Христа, а тие живеат по советите на ѓаволот. Ние за нив сме смет и ѓубре, но вистината е сосема спротивна од тоа, зашто Господ Исус Христос вели, бидете свети како што е Свет вашиот Отец Небесен.

Ние христијаните сме повикани не да бидеме обични луѓе, вакви или такви, туку да бидеме свети. Ниту еден христијанин не е повикан да биде било каков човек или христијанин, туку да биде свет, а тоа значи дека треба да живее согласно со Светото Писмо, со Светото Предание, со учењето на Светите Отци на нашата Света Црква. Значи ние сме повикани на светост, а за да ја стигнеме светоста, пред сè е потребно, да ги очистиме нашите души и срца од секакви грешни желби, чувства, похоти и страсти и од грешни дела, и нашите умови да ги просветлиме, а тоа значи да отфрламе секакви грешни мисли и помисли што ни доаѓаат,, а тоа значи мисли со слики за некои грешни и неубави работи, и секакви фантазии што ги правиме ние.

Сето тоа треба да го отфрламе за да не влезат во нашиот ум, зашто штом ќе влезат тие грешни мисли, помислии, и фантазии, ние веќе сме згрешиле со тие нешта, а штом истите се спуштат од умот во срцето, тогаш сме згрешиле, и со желбите, чувствата, похотите и страстите.

Па така, браќа и сестри, оние што ги очистиле срцата, како што вели петтото блаженство „Блажени се оние што имаат чисти срца, зашто тие  ќе Го видат Бога“ (сп. Мат. 5, 8), а тоа значи дека кога ќе ги просветлиме нашите умови, тогаш ние веќе сме на правиот пат за она за кое сме повикамни, а повикани сме да бидеме Свети, како што се сите Свети, кои денеска ги прославуваме и славиме.

Господ не случајно дозволил тие да бидат свети и нивните тела по нивното умирање, да бидат нераспадливи, зашто е кажано од псалмоипевецот: „Нема да дозволиш Твојот Светец, Твојот светител да види распаѓање, односно трулежнист“ (Псал. 15, 10). Овие зборови се однесуваат пред сè на Христа и на сите Свети, што Го следат Христа, нашиот Бог и Спасител, а за тоа се доказ нивните Свети Мошти.

Преку нивните Свети тела, а исто така и преку честичките (деловите) од нивините Свети тела,  ние, преку поклонувањето на нив, всушност Му се поклонуваме Христа нашиот Бог и Спасител, Кој е најголемиот Светител, Светиот над Светите, најголемиот маченик, Маченикот над сите маченици, односно образецот на светоста и мачеништвото.

Затоа нашата Света Црква, оваа недела по Педесетница или Духовден, ја посветила на Сите Свети.

По нивините молитви, Господи Исус Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар