Четврта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“ во Довлеџик

На 05.07.2020 г., во Четвртата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот свештеномаченик Евсевиј, епископ Самосатски, Светите маченици Зинон и Зина и споменот на Светиот маченик Албан, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Благој Стефановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на отецот и Синот и Светиот Дух!

„Вистина ви велам: ни во Израилот не видов толку голема вера“ (сп. Мат. 8, 10).

Вака вели Спасителот наш Господ Исус Христос во денешното Свето Литургиско Евангелие, браќа и сестри, кога кај Него пристапил еден стотник, односно еден римски управник, кој управувал со една чета од сто војници.

Овој стотник дошол пред Господа Исуса Христа, со цел да Го замоли Спасителот да го излекува неговиот слуга од тешката болест. Кога овој стотник пристапил кон Господа Исуса Христа, Го молел да го излекува Неговиот слуга, а меѓу другото Му рекол на Христа дека не е достоен Он да дојде под покривот од неговиот дом, и му вели: „Господи Ти кажи само збор и слугата мој ќе оздрави; зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: Оди! и тој оди; на другиот: Дојди! и тој доаѓа; и на слугата: Направи тоа! и тој прави“. Затоа Господи, – рекол стотникот, – јас кој не сум достоен да влезеш под покривот на мојот дом, Ти кажи само еден збор и мојот слуга ќе оздрави. Тогаш Господ на присутните им рекол: „Вистина ви велам: ни во Израилот не најдов толку голема вера“, и му рекол на стотникот: „Нека ти биде според твојата вера, и во тој момент оздравел слугата негов од тешката болест“ (сп. Мат 8, 13).

Овој стотник, браќа и сестри, бил припадник на Римската војска, а во тоа време Јудеја била поробена земја и Римјаните управувале како господари со таа земја. Овој човек иако бил многубожец, т.е. не припаѓал на Еврејската вера, и покрај тоа, сепак, многу добро се однесувал кон Јудеите – Евреите, на кои дури им изградил и молитвен дом (синагога). Исто така во тоа време, односот на Господарите кон слугите бил страшен. Имено, слугите немале никакви права, немале права дури ни на своите деца, туку како што производите што се произведуваат, така како производи или како предмети биле и децата на тогашните слуги, во однос на новните господари. Но овој човек имал прекрасно, чисто и богоугодно срце, па одтаму имал и голема љубов кон својот слуга.

Замислете, браќа и сестри, кога овој стотник слушнал за Господа Исуса Христа дека Он лекува од секакви болести, го остава домот и слугата, бидејќи длабоко поверувал дека Господ може да го излекува неговиот слуга, па дошол да Го замолил Господа, да го излекувал неговиот слуга.

Се поставува прашањето, браќа и сестри, какви добри дела или добродетели поседвал овој стотник, овој римски капетан, т.е. стотник? Пред сè тој покажал дека има многу силна вера, а таа  негова силна вера Господ ја пофалил и рекол: „Вистина ви велам: таква голема вера не видов ни во Израилот“ (сп. Мат. 8, 10).

Овој човек покажал дека има и огромна љубов, и тоа не само кон своите најблиски, кон жената, децата, роднините и пријателите, туку и кон подчинетиот еврејски народ. Ете, затоа изградил и молитвен дом или синагога, но исто така покажал силна и голема љубов, и кон својот слуга, со тоа што се понижил, ако може така да се рече, како управител на една чета да доаѓа и да Го бара Христа нашиот Бог и Спасител и да Го моли да го излекува неговиот слуга, кој тој многу го возљубил.

Во што е, пак,  неговото смирение? Неговото смирение е во тоа што тој Му рекол  на Господа: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави“ (сп. Мат. 8, 8). Ете, каква силна вера покажал овој човек, а ние денес што правиме, браќа и сестри? Малку од малку некој од нас да се подразболи или да се разболи некој близок или било кој, ние наместо при Господа да пристапиме, наместо во храмот Божји да дојдеме и да се исповедаме кај свештеникот, и да му се направи Голем маслосвет на болниот, да се исповеди и причестил, за Господ да го подигне од неговата болесничка постела, ние веднаш одиме кај бајачите, гатачите или кај таканаречените видовити луѓе, кои се слуги на ѓаволот,  иако знаеме дека нема друг лекар кој може да ги лекува болните, односно болести, освен Самиот Спасител Господ Исус Христос.

Слушнавме исто така, возљубени, и за тоа дека овој стотник, кој бил управник на една чета од сто војници дека покажал голема љубов. Имено, неговата љубов кон неговиот слуга била многу силна, а ние денеска се прашуваме каква е нашата љубов  кон нашите најблиски? Честопати кога ќе видиме некој болен во семејството или пријател или било кој и да е во нашето опкружување, ние наместо да станеме сочувствителни и сострадателни, сме ладнокрвно. Да се биде, пак, сострадателен, значи болката на оној што страда да ја прифатиш како своја болка. Тоа е вистинското сострадание. Оној, кој што не ја прифати болката на ближниот, а ближен ни е секој човек, тој всушност нема вистинска љубов кон него и кон луѓето што страдаат. Само тогаш кога ние целосно ќе ја прифатиме нивната болка, нивното страдање, нивните маки, нивните искушенија како свои, тогаш ние покажуваме дека навистина сме сострадалници со нив и сочувствуваме со сите нивни болести и страдања, но и со нивните радости. Браќа и сестри, се појавува и една сосема друга спротивна вистина, кога луѓето ќе видат дека некој во својот живот има извесни успеси или постигнал некакви резултати во животот или направил нешто корисно или се здобил со некакво богатство, преку трудот на своите раце, па наместо да се зарадуваме со него, ние почнуваме да му завидуваме. Тоа е силно присутно кај нас Македонците, односно  е силно изразена таа желба да не му се радуваме на ближниот кога има радости и успеси во животот, туку да му позавидиме според народната поговорка: „Што сакаш да му се случи на комшијата, на блискиот? Ние велиме да му умре (пцојса) козата“. А кога го прашале завидливецот каква полза имаш ти од тоа, тој вели: „Јас немам полза, ама тој ќе има штета“. Тоа е изразот на нашата завидливост, кон блиските, роднините и кон сите.

Денеска има таква завидливост, брат на брата, син на татко, мајка на ќерка, да завидува. Најблиските наместо да се радуваат, тие дури и за ситни работи, за имотот од родителите, што останал во наследство, на судови одат и ќе се потрошат повеќе пари за тоа, отколку што честопати чини наследството.

Но да не заборавиме, браќа и сестри, за пораката од денешното Светото Евангелие, односно за големото смирение на стотникот. Како овој човек покажал смирение? Неговото смирение било во тоа што тој кажал дека не е достоен Христос да влезе во неговиот дум. И ние, денес треба да се потрудиме да покажеме такво смирение.

Имено, кога ние сме на Божествената Литургија и се молиме, кога ќе дојде времето да се причестиме ако сме се подготвиле, тогаш пред Причесната се читаат молитвите пред Причест, и во една оти тие молитви се вели: „Господи не сум достоен да влезеш под покривот на мојата душа“, што значи кога човек ќе рече дека не е достоен Господ да влезе во нашата душа, тогаш покажува смерност, покажува понизност, покажува дека не е достоен, а веднаш кога ќе почувствува и ќе каже дека не е недостоен,  тогаш може да пристапи кон Причесната. Зошто? Затоа што не е горделив, и обратно, ако некој пристапува да се причести, сметајќи се себеси за достоен, да не пристапува, зашто го обзела гордоста, како што го обзела и Јуда, а и сатаната, кој од гордост отпаднал од Бога, браќа и сестри.

Па така, да не заборавиме дека ние како што овој стотник покажал големо смирение и Му рекол на Господа дека не е достоен да влезе во неговиот дом, туку само еден збор да каже и ќе оздрави неговиот слуга, така и ние да пристапуваме кон Причесната како нејнедостојни според зборовите на Светиот апостол Павле, кој рекол: „Не сум достоен Господи, бидејќи сум најгрешен од сите луѓе“.

Свети апостол Павле вели: „Не сум достоен да се наречам Христов апостол, оти ја гонев Црквата Божја“ (сп. Кор. 15, 9-10), а тоа било кога не бил уште христијанин, но потоа тој кажува дека од сите Апостоли повеќе се потрудил и покажал поголема ревност од сите, но за да не се разбере дека тој тоа го говори од гордост, појаснува: „Не јас Господи, туку благодатта Божја“, која е сила Божја, Божествени енергии, кои нам ни се даваат преку Светите Тајни: Крштение, Миропомазание, Покајание и Исповед, Големиот Маслосвет, Светата Тајна Свештенство (на оние што примат свештени чинови), преку Светата Тајна Венчание (на оние што се венчаваат), и преку Тајната над сите Тајни, Евхаристијата или Причесната.

Па така, пристапувајќи кон Светата Тајна Причест, ние да пристапуваме како што рекол и самиот стотник дека не е достоен Господ да влезе во неговиот дом.

Да се помолиме на Господа и ние да се удостоиме со онаа љубов што ја имал овој стотник, кој  покажал љубов кон својот слуга и кон еврејскиот народ со тоа што му изградил молитвен дом. И ние да направиме нешто за молитвениот дом во кој доаѓаме, се молиме, се исповедаме и од Бога бараме прошка за нашите гревови.

Возљубени, да не заборавиме дека сè што ни се случува во животот не е ништо случајно,  туку сè е по Божја волја и промисла. Ако има болест, одма да размислиме дали сме ние причинителите за таа болест, ако сме се ожалостиле да размислиме дали можеби ние сме причината за да бидеме жалосни и ние и целото семејство. Ако удри непогода како оваа сега во Преспа, да размислиме дали сме ние виновни за тоа и дали сме направивме некој грав, за сето ова што ни се случи. Пак ќе повториме, немојте да заборавите дека ништо во животот не е случајно, туку сè е по Божја волја. Како се однесуваме во животот, така и ќе примиме. „Кој сее ветар, вели Господ, бура ќе пожнее“. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар