Бога и светот

Денес е светскиот ден на планетата земја. Надвор од реторичката измислица присутна во јавноста за природата како двигател на се’ што постои, Свети Григориј Богослов во дијалогот со незнабошците кои негуваа хеленско наследство и перцепција која потпрена на дијалектика и логички заклучоци не прифаќа создавање, се потпира на Божјото Откривање во светот и историјата според сведоштвото на светите боговидци на Црквата од создавањето на светот, правејќи ја разликата според природа помеѓу двете реалности: Битието и небитието, Бога и светот (природата, човекот). За Црквата самопостоечка реалност е исклучиво Троичниот Бог, додека за науката самопостоечка реалност е исклучиво светот. Од каде било и да се тргне: дали од светот како создаден или несоздаден, друга можност не постои. Затоа, ниту Црквата ниту науката можат да го објаснат начинот на постоењето на самопостоечката реалност: Црквата – Бога, а науката -светот. Оттука, и двете зборуваат исклучиво за податоците од истите, и на тој начин не ја надминуваат логиката. Црквата толкувајќи го Божјото Откривање во светот и историјата ги коментира и опишува податоците од истото. Согласно забележаното сведоштво и живот на црковната заедница на Стариот и Новиот Израил, и согласно толкувачкото предание на Богоносните Отци на Црквата, Бога се открива како непристапен по природа и различен по природа од своето создание. Природата која како создание е подложна на промена, го добива својот развој, својства и постоење од Троичниот Бог зашто Он е извор на постоењето и животот, и Он има живот во себе: Се’ стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана, и во Него беше животот, согласно Свети Јован Богослов кој е очевидец на Троичниот Бог преку Вочовечениот Логос. Јн. 1, 3 – 4. – (оние кои се’ уште не знаат кој е Христос, советувам под итно да го прочитаат Прологот во Евангелието според Свети Јован Богослов, од 1 – 18 стих). Веднаш откако светот започнува да биде создаван, започнува и неговата временост. Светот не произлегува од Божјата природа, туку е резултат на Божјата волна енергија која е несоздадена. Надвор од суштинодавната и животодавната енергија на Троичниот Бог, светот не може да постои. Во толкувањето на Свети Григориј Богослов светот и историјата се големи и чудесни Божји созданија, со кои се οткрива Троичниот Бог во тишина проповедан. Види, Αγίου Γρηγορίου Θεολόγου, Λογ. ςʹ, ΙΔ’ PG 35, 740D. Нека е честит денот, со желба и труд да го подобриме нашиот однос кон Бога, а тоа значи и без недолични шеги кон Бога кои секако се на наша штета, и преку тој однос ќе го подобриме и односот кон природата како наше „второ тело“. Христос Воскресна!

Асс. М-р Борче Грамбозов, Православен Богословски факултет, Скопје