Малечки сведоци на големи ужаси – Војната во дневниците на децата / 9 Мај

Во 2015 г., неделникот „Аргументи и факти“ објави уникатен зборник „Детска книга за војната. Дневници 1941-1945 г“, во кого се собрани дневници од децата, кои се нашле во гетата и логорите на Ленинградската блокада, во окупацијата и на фронтот.

9 Мај – Ден на Победата, и по тој повод, избравме неколку извадоци од дневниците од таа книга. Прочитајте ги.

 

БЛОКАДА. ДНЕВНИК НА МАРУСЈА ЈЕРЕМИНА

Тетратка од 48 страници, без корица – така, дневникот на 14 годишната блокадница Марусја Јеремина, tild3134-3164-4834-b135-363864643266__book_of_war149ученичка во ленинградскиот градежен техникум, во средината на минатиот век, бил предаден во рацете на жител на Архангелск, Валентин Верховцев. Тој го зачувал до денеска и одговарајќи на повикот, ја предаде тетратката во редакцијата. Верховцев, сиот живот работел на градење на патишта, и во пензија, се фатил за перото, користејќи го дневникот на непознатото девојче во една од своите книги… „За мене, тоа што го прочитав во тетратката беше вистински потрес: сè, што знаев за блокадата дотогаш, исчезна пред редовите на Марусја“.

„Ќе го видам ли домот, ќе се вратам ли во родното село?“ – за Марусја во Ленинград под блокада постоел свој образ на рајот – селото Сосновка, од каде таа дошла во Северната престолнина да учи: прибежиште, каде што се насочуваат мислите, предмет на носталгија. Благодарение на Тамара Кнутова, школска ученичка на Верховцев, која му го предала дневникот, го наоѓаме одговорот на тоа прашање. Тамара ја нашла тетратката во собата на Марусја, во која седела под кирија во домот на Кнутови. Самата Марусја раскажува, дека во јануари, 1942 г., после еден месец од уписот, нејзиниот техникум го евакуирале во Томск, но таа не заминала таму, туку се вратила дома во саканата Сосновка. Завршила педагошки факултет, работела како наставничка во школо. Каде е сега Марусја Јеремина, не знае ни Кнутов, ни Верховцев, а уште помалку ние…

 

Ленинград, 20 Октомври 1941 г. Сабота

Лежејќи во кревет, во 6 часот наутро слушнавме очајнички продорен крик. Хистерично плачеше тета Шура Фрулова, таа живее преку една соба од нас – утрото и ги украле сите картички за прехрана, а таа имаше 3 или 4 деца, баба и маж. Едно дете цицалче, и сега сите останаа без ништо. И без тоа, тие беа потечени и веќе не знаеја што ќе прават. Картичките – сега се сè. Иако со нив ништо не може да се купи, зашто во продавниците ништо нема. Но сепак, барем 125 грама леб, и тоа секој ден. Ноќе спиеме лошо, ќе се разбудиш и го чекаш утрото, да купиш леб и побргу да каснеш. По леб денеска беше Тања Д, а јас и Тања за тоа време сваривме шчи, Тања Д. Кафе, и утрото доручавме – толку сол изедов со тие 125 гр.леб, што на училиште, се подув од вода од кранот, иако знам дека тоа сега е најштетно. Техникумот сега не се загрева, рацете не ги чувствувам, но седам и чкртам во дневникот. (…)

tass

Умирале илјадници луѓе, повеќето од нив веќе немало кој да ги погребе, затоа нивните тела ги предавале во братските гробници. Повеќето ленинградци се закопани на Пискарјовските гробишта (повеќе од 500 000 луѓе), но речиси на сите гробишта во градот има погребани од блокадата (и тука – на гробиштата Волково, 1942 год). Дел од починатите биле изгорени во крематориуми.

Вода, исто како и храна и затоплување, за блокадниот град било раскош. По неа, луѓето ослабени од глад оделе до водоводните цевки или до Нева.

voda

22 Ноември, 1941 г., Сабота.

Точно пред 5 месеци трае војната со германските завојувачи. Ленинград е за конец до пропаста. Ти се чини, уште малку и ќе се оствари планот на Хитлер: заземањето на Ленинград со прегладнување. Нормата во војска е намалена, од 600 гр, красноармејците почнаа да добиваат по 300 на ден, а со 300 гр нема да се изнавојуваш. Ох! Не можам ни да замислам, колку не сакам да им се паднеме во раце на германците, зашто тоа не е живот, туку смрт. Наскоро, нашата судбина треба да се реши. Добро не чекам, сега веќе воопшто немам надеж, дека некогаш ќе се отворат патиштата: од весниците и расказите на ранетите, кои лежат во болниците, познати ни се сите невозможни тешкотии во борбите за патот. Тешко дека нашите војници ќе успеат да го скршат прстенот на блокадата, и изгледа, ќе нè заземат со премалување. Ефективноста на трудот се намалува на сите обиди, а победата за патот уште не се гледа. За дома веќе не ни размислувам, секако е бесполезно, само ќе се разочарам. Да! За сите свои капризи, достојно сум казнета од бога. (…)

 

Дневникот на Маша Рољникајте

masha rolnikayteТаа не го пишувала овој страшен дневник – на 14 години, таа го учела напамет. Во келијата од гетото, во салите на концентрационите логори, лице во лице со смртта. „Што ќе се случи со мене – тоа ќе се случи и со овие записи“, – ѝ велела на Маша мајка ѝ. И Маша повторувала, збор по збор. Смртта ја одминала, но ги однела мајка ѝ и помалите брат и сестра, кои изгореле – под претпоставка, дури и местото на нивната смрт не е познато ! – во Освенцките печки. Однела уште многу херои од нејзините забелешки, кои морала да ги крие од фашистите во најбезбедното место – сопствената меморија.

За вчерашниот ужас ми е страв и да си спомнувам, а не можам да го заборавам. Вечерта, кога работниците од градилиштето се враќаа од работа, на влезот детално ги претресоа: конвоерот соопшти дека видел, како некој случаен минувач му дал некому леб. Лебот го нашле кај двајца мажи – кај секого по едно парче. За време на вечерната проверка, за тоа му соопштија на унтершарфјурерот.

И проверката заврши. Наместо да се разотидат, унтершарфјурерот им нареди на двајцата „престапници“ да излезат напред, да застанат пред стројот и да се соблечат. Тие забавуваат – снег, ладно. Но ударите од камшикот ги принудуваат да се потчинат. Нам не ни дозволуваат да се свртиме. Мораме да гледаме, за да извлечеме лекција за во иднина.

Од кујната донесоа две ведра со топла вода и им истурија врз главата. Бедните луѓе се тресат, чкртаат со заби, ја тријат облеката од која излегува пареа, но залудно – војниците носат уште две ведра топла вода. И повторно ги истураат на главите на несреќните. Тие почнуваат да скокаат, а војниците и унтершарфјурерот само се смеат од тоа.

Екзекуцијата се повторува секои две минути. Тие едвај се држеа на нозе. Веќе не личеа на луѓе – ќелавата глава на постариот се покри со тенка кора мраз, а од косата на помладиот,  која тој страдајќи, ја корне и влече, стрчат мразулци. Вешот сосема замрзнал, а нозете им беа смртно бели. Чуварите се тркалаат од смеа. Се радуваат на таа божиќна „забава“. Секој советува, како да се истура водата. „Во пантолоните!“ – вика еден. „Главата потопи им ја!“ – вреска друг.

 

Измачуваните се обидуваат да се завртат, да отскокнат, но ги ловат, како затруени ѕверови и ги враќаат на место. А ако малку вода протече настрана, наместо „залудно“ истурените неколку капки, носат цело ведро. Несреќните само ги креваат нозете, да не им замрзнат на снегот.

Не можам да издржам! Ќе полудам! Што прават!

Конечно, им здосади на хитлеровците. Наредија да се разотидеме. На Ханс му наредија, другиот ден, тие двајца да не ги ослободува од работа, дури и ако температурата биде – 40 степени.

Постариот умре денес. Падна покрај вагонот и повеќе не стана. Вториот работеше, едвај држејќи се на нозе, и бладаше од треска. Кога конвоерите не гледаа, другарите се обидуваа да му помогнат некако да се додржи до крајот на работата. Инаку, стрелањето не му бегаше. (…)

 

(Во војната нема победници… заб.прев.)

Извор: http://www.pravmir.ru/creative/malenkie-svideteli-bolshogo-uzhasa-ili-voyna-v-dnevnikah-detey/

Превел: Златко Дивјаковски