Осветен манастирскиот храм на светите 40 маченици од Севастија

ОСВЕТЕН МАНАСТИРСКИОТ ХРАМ НА СВЕТИТЕ 40 МАЧЕНИЦИ ОД СЕВАСТИЈА И СВЕТИТЕ 40 ПРЕПОДОБНОМАЧЕНИЦИ БИТОЛСКИ

Четириесет Христови божествени маченици, како најголеми yвезди на чесното црковно небо непрестајно светите, и верните ги озарувате.

(Служба на светите четириесет маченици од Севастија; седален, глас 4)

Светата Православна Цркава на 13/26 октомври го слави споменот на светата маченичка од нашиот род Злата Мегленска, и токму на тој ден Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски Господин Петар благоволи да се освети манастирскиот храм во месноста Крккардаш (Четириесет браќа) во Битола. Пред повеќе од две децении кога беше осветен камен-темелникот за изградба на храмот во повелбата стоеше дека ќе биде посветен на светите четириесет маченици од Севастија, но по Божја промисла одолжувањето на градбата на овој велелепен храм овозможи истиот да биде посветен и на новоканонизираните четириесет Битолски преподобномаченици, со кои се закитија и градот Битола и Македонија. Да се потсетиме дека канонизацијата беше извршена на 15/28. октомври 2012 година на Божествена литургија во Соборниот храм „Св. вмч. Димитриј” во Битола, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски, во сослужение со членовите на САС на МПЦ, така што и овој ден заедно со 9/22 март (Младенци), е одреден како ден на кој се слави нивниот свет спомен. Оттука и благословот кој Нашиот Митрополит го даде на старешината протоерејот Димитар Михајловски, храмот да биде подготвен за чинот големо осветување пред храмовата слава. Вредните битолски мајстори талантот Божји го умножија, па сега храмот го красат резбите на Гоце Крстески од Ателјето Пердика на иконостасот, а плод на рацете на Злате Крстески и Јане Крстески од Ателјето Маке се архиерејскиот трон, певницата и целивалната, сето тоа во духот на старите македонски мајстори на резбата. Она што го крунисува ова дело е живописот на Славчо Петковски кој ги изработи фреските во олтарот и го изобрази Ликот на Пантократорот. Секако голема заслуга има и архитектот Крстин Павловски кој своевремено го подари на Црквата проектот за храмот, а успешноста на истиот проект се покажа преку неговата примена за градбата и на манастирите Рождество на Пресвета Богородица во Новаци Света Петка во Лениште, за кои порано сме пишувале. Осветувањето со полагање на мошти од свети маченици во престолот го изврши Митрополитот Петар, со кого сослужуваа Архиерејскиот заменик протоерејот- ставрофор Никола Грамбозов, Архиерејските намесници од Битола и Ресен, како и свештениците и ѓаконите од Преспанско – пелагониската епархија. Чест за нас беше доаѓањето и сослужувањето на Нивните Високопреподобија Архимандритот Партениј и Архимандритот Никола, кои заедно со нашиот свет Владика беа како жива икона која потсетуваше на преподобномачениците кои со својата крв го осветиле камениот врз кој е изграден овој храм. Секако Богослужбата ја направија поторжествена ангелските гласови на сестрите од Рајчица, како и псалтите од Соборниот храм „Св. вмч. Димитриј”. Месното население беше најемотивно, имаше и солзи радосници, оти дојде денот кога нивниот храм, кој како да лебди над нивните домови високо на Баирот, конечно е осветен. Свети Битолски преподобномаченици молете се за нив и за нас.

протѓакон Горан Кутлешовски

[nggallery id=42]