На 29.03.2026 г., во Петтата Недела од Великиот Пост (Недела на Света Марија Египетска), кога го празнуваме споменот на Светиот апостол Аристовул, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Барате и не добивате, зашто не знаете што барате.“
Браќа и сестри, во денешното Свето литургиско Евангелие, слушнавме како му се обратија на Господа Исуса Христа двајца од Неговите дванаесет ученици и апостоли, Јаков и Јован, со зборовите: „Господи, дозволи ни во славата Твоја да седнеме, едниот од Твојата десна, а другиот од Твојата лева страна.“ А Господ им одговори: „Барате, а не знаете што барате.“
Во суштина, браќа и сестри, Христос нè поучува дека најнапред треба да го бараме Царството Небесно и Неговата правда, а сè друго ќе ни се додаде. Зашто ние, во нашите молитви и во нашите барања кон Бога, најчесто бараме земни, материјални и преодни нешта.
Тоа се работи кои не придонесуваат за спасението на нашите души и тела, ниту за вечниот живот во Царството Небесно. Затоа и на Своите ученици Господ им рече: „Барате, а не знаете што барате.“
Ако тие го разбираа прашањето за седење од Неговата десна и од Неговата лева страна во смисла на Крстот — каде што Христос беше распнат меѓу двајца разбојници, едниот од десната, а другиот од левата страна — тогаш, браќа и сестри, тие не би барале такво место.
Затоа Господ Исус Христос им вели понатаму: „Можете ли да се крстите со крштението со кое Јас се крштавам, и да ја испиете чашата што Јас ја испив?“ Тоа се страдањата што Христос ги поднесе за спасението на човечкиот род. Но додава: „Да се седи од Мојата десна или од левата страна во славата Моја — тоа не е Мое да го дадам, туку им е подготвено на оние за кои е приготвено.“
Оваа Петта недела од Великиот Пост, браќа и сестри, е посветена на Света Марија Египетска, која како што знаеме е позната како голема грешница и блудница, која со својот живот им била соблазна на сите. Но во еден миг во неа се родила желба да оди во Светата Земја. Така тргнала со група поклоници и, патувајќи со брод, стигнала во Ерусалим, сакајќи да му се поклони и да го целива Чесниот Крст Христов.
Не ѝ било дозволено да влезе во храмот и да се поклони пред Крстот Христов. Заради нејзината грешност, заради нејзиниот блуден живот, таа била запрена. Но таа со солзи се помолила на Мајката Божја, Пресвета Богородица, да измоли од Својот Син и наш Спасител да ѝ се дозволи да се поклони на Неговиот Чесен Крст и да го целива. И ветила дека ќе се откаже од својот грешен живот и дека целиот свој живот ќе го посвети на Христос, нашиот Бог. И ѝ било дозволено.
Паднала ничкум, се поклонила пред Чесниот Крст Христов, го целивала со солзи и покајание. Потоа зела три леба, ја преминала реката Јордан и заминала во пустината. И таму, цели 47 години, во пост, молитва и подвиг го поминала својот живот.
Нејзиното некогашно развратно тело, кое ги соблазнувало луѓето, станало како скелет — само кожа и коски. Затоа и Светата Марија Египетска, на иконите во храмовите, обично се изобразува на крајот од храмот, од десната или од левата страна, како голема испосничка — исушена, но исполнета со благодат. Таа целиот свој живот го поминала во пост, молитва, солзи и длабоко покајание.
За неа сведочи Светиот Зосима, еден подвижник кој ја сретнал во пустината. Откако ја замолил, таа му го раскажала целиот свој живот. Посакала да се причести, и следната година Светиот Зосима дошол и ја причестил.
Тој бил сведок и на чудата: кога се молела, таа не стоела на земјата; ја преминала реката Јордан без да стапне во водата; а растојанијата кои другите ги минувале за три дена, таа ги поминувала за неколку часа. И истиот ден кога се причестила, таа се упокоила во Господа. Кога повторно дошол Светиот Зосима да ја посети, ја нашол упокоена и чесно ја погребал.
А нејзиното житие го запишал Светиот Софрониј, патријарх Ерусалимски.
И токму преку овој светол пример на длабоко и вистинско покајание, Црквата нè повикува и нас да се вразумиме и да го промениме нашиот живот.
Свети Јован Крстител им се обраќаше на луѓето при својата прва проповед на реката Јордан со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно.“ И доаѓаа луѓе од сите краишта и се крштеваа со покајно крштение. А Свети Јован им велеше: „По мене доаѓа Оној Кој е поголем од мене; Јас не сум достоен ни ременот од обувките Негови да го одврзам. Тој ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.“ Со тоа укажуваше на Светото Крштение со кое се крсти Христос, и со кое и ние се крштеваме, браќа и сестри. Без покајание нема спасение.
Адам и Ева, нашите прародители, беа создадени за вечен живот, а не за смрт. Сè додека во своите мисли, во својот ум и во своето срце ги имаа Божјите зборови — „во кој ден ќе вкусите, ќе умрете“ — тие живееја во заедница со Бога.
Но кога, по измамата на сатаната, посакаа да станат богови, верувајќи во полувистината, тогаш паднаа во грев. А кога Господ им се јави и му рече на Адам: „Адаме, каде си?“ Тој одговори: „Се сокрив, зашто сум гол.“ И Господ му рече:
„Кој ти кажа дека си гол? Да не јадеше од дрвото од кое ти заповедав да не јадеш?“ Адам не се покаја, туку рече: „Жената што ми ја даде, таа ми даде, и јас јадев.“
И така, браќа и сестри, секој од нас кога се оправдува и ја префрла вината на друг, не се оправдува, туку уште повеќе паѓа. Лажеше Адам, лажеше Ева, лажеше и сатаната. Затоа тие беа избркани од рајот и веќе не можеа да се вратат во него. И змијата, која беше прекрасно создание, бидејќи ѝ дозволи на сатаната да го употреби нејзиниот лик, беше проколната да се влече по земјата и да јаде прав.
Браќа и сестри, Адам и Ева умреа не само затоа што беа измамени, туку затоа што не се покајаа. Ако се покаеја, немаше да бидат избркани од рајот.
И ние, ако се покаеме за нашите гревови, нема да бидеме лишени од Царството Небесно. Покајанието на човекот се состои во тоа искрено да ги признае своите гревови, и не само тоа, туку и да реши и да вети дека повеќе нема да греши. Треба да прави спротивно од гревот: ако лажел — да ја говори вистината; ако крадел — да не краде; ако мразел — да љуби.
Исто така, само оние што ќе пролеат многу солзи на покајание, како што тоа го направи Светиот апостол Петар, можат да се исправат. Тој не се откажа од Христа по своја волја, туку од слабост човечка, сакајќи да види како ќе заврши судот кај Ана и Кајафа. Но кога Христос го погледна, по тој суд, Петар се покаја длабоко и горко заплака. Од тој миг го исправи својот живот. Иако веќе му беше простен гревот, на Генисаретското Езеро, по трикратното исповедување на љубовта кон Христа, кога Господ го праша: „Ме љубиш ли?“ — и му рече: „Паси ги јагнињата Мои, паси ги овците Мои“ — и тој до крајот на својот живот остана во покајание и верност. И му беше претскажано дека ќе пострада, како што пострада и Христос.
Затоа Светиот апостол Петар, кога требаше да биде распнат, побара да биде распнат со главата надолу, велејќи дека не е достоен да пострада на ист начин како неговиот Спасител.
Браќа и сестри, подобар пример на покајание од денешната светителка, света Марија Египетска, ние немаме.
Замислете — од жена која со својот грешен живот соблазнувала многумина, станала голема светителка, која живеела како ангел во тело. Нејзиното тело се исушило, останале само кожа и коски, но душата ѝ се очистила и се исполнила со благодат.
Тоа е примерот што ни е даден нам, грешните — како треба да се каеме за своите гревови. И не случајно Светата Црква токму во оваа пета седмица од Великиот пост ни го покажува овој пример, посветувајќи ја оваа недела на света Марија Египетска. Зашто се приближува времето на Страсната седмица — времето на Христовите страдања. Кога ќе се сетиме дека Христос, Спасителот наш, пострада заради нас — не за праведниците, туку за грешниците — тогаш треба да се запрашаме за нашиот живот. И кога апостолите Го прашаа кој е најголем, Господ им рече: „Кој сака да биде најголем, нека ви биде слуга на сите.“ Тоа е вистинското покајание, браќа и сестри.
Зашто Господ вели: „Не дојдов во овој свет за да Ми служат, туку да послужам.“ И само следејќи го Неговиот вистински пример на слуга можеме да се спасиме.
И не случајно, на Велики Четврток, Господ се препаша и им ги изми нозете на Своите ученици. А Петар рече: „Никогаш нема да дозволам да ми ги измиеш нозете!“
Но Христос му одговори: „Ако не ти ги измијам нозете, нема да имаш дел со Мене.“
Ете, ни го покажува вистинскиот пример — како треба да се каеме, браќа и сестри; како треба да си служиме еден на друг; и дека нема спасение поинаку, освен преку љубовта кон ближниот. Служејќи му на нашиот ближен како на свој брат, ние вистински Му служиме на Бога.
Затоа, имајќи го предвид денешниот ден — Петтата недела од Великиот пост, посветена на Света Марија Египетска — и ние да се повлечеме во себе и, барем донекаде, да го усогласиме нашиот живот со нејзиниот покајнички пример.
Како што таа ги созна своите гревови, така и ние да ги сознаеме нашите; како што таа се откажа од грешниот живот, така и ние да се откажеме од нашите гревови и лоши постапки; и како што таа ветила дека ќе живее живот достоен пред Бога, така и ние да ветиме дека ќе живееме во пост, молитва и покајание.
По нејзините Свети молитви, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нè и спаси нè нас, грешните, и удостој нè, недостојните, да бидеме вистински следбеници на нејзиниот покајнички живот. Амин!












