Велигденско послание

† ПЕТАР

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ,

НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И

ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО

ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА ЕПАРХИЈА,

ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО

НАЈТОРЖЕСТВЕНИОТ  ПОЗДРАВ

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!


     

„…Не плашете се; знам дека Го барате Исуса распнатиот, не е овде, воскресна, како што беше рекол…“  Матеј (28, 5-6)

Христос воскресе – и смртта е поразена!

Христос воскресе – и гробот остана празен!

Христос воскресе – животот царува!

Возљубени чеда на Светлината Христова!

Денес каменот е оттурнат не само од Гробот Господов, туку и од срцата човечки. Денес тишината на смртта е разбиена од громогласниот повик на Животот. Денес, во оваа света ноќ, кога смртта и Животот се среќаваат во Новиот Ерусалимски Гроб, кога Рајот се отвора и ја прима Божјата светлина, ние стоиме пред тајната на Вечниот Живот.

Христос веќе не е во гробот! Он воскресна! Зар не гледаш дека таму каде што мирисаше на распаѓање, сега мириса на нетление? Зар не слушаш дека таму каде што плачеа мироносиците, сега се разлева радосниот глас: „Не е овде, воскресна!“ И кој може сега да очајува кога Гробот е празен?! Кој може да не се радува кога смртта е победена?! Кој може да не се насладува  на овој Господов дар, дарот на воскресение и живот вечен?!

Голем е овој ден, браќа и сестри, Велик е ден, Велигден е! Зашто Бог не го остави човекот во власта на темнината и безнадежноста, туку му даде вечно светло, вечно живо Евангелие, коешто не може да се изгасне.

Возљубени наследници на Христовиот мир!

Воскресението Христово не е само спомен, ниту само настан од минатото; тоа е оган што гори во сегашноста и светилник што го осветлува патот кон вечноста. Христос не воскресна за Себе, туку за нас; не за да нè восхити со чудо, туку за да нè ослободи од гревот, смртта и адот. Гревот, тој невидлив оков, беше скршен; смртта, тој древен тиранин, беше симната од престолот; адот, таа мрачна бездна, беше исполнета од Светлината.

Воскреснатиот Господ им се јави на Своите ученици со зборовите: „Мир вам!“ Тој мир не е мир на овој свет, туку мир што извира од победата над смртта, од надежта во слаткиот Рај, од дарот на Животот Вечен. Тоа е мир што не можат да го срушат никакви војни, ниту е мир што можат да го донесат разни светски организации. Тоа е мир што доаѓа од длабочината на богољубивото човечко срце и од живата и непоколеблива вера во Христа Воскреснатиот.

Заради таквиот мир, денес Црквата ликува како невеста украсена за својот Жених. Денес, секој храм е сведоштво дека гробот не е последната станица; секоја запалена свеќа е симбол дека темнината нема власт над светлината. Заради дарот на тој мир, денес секое човечко срце е опсипано со надземска радост.

Возљубени во Победителот на смртта и Воскреснатиот!

Првиот човек, следејќи ја својата слободна волја – згреши; и со гревот ја отвори вратата на смртта. Во рајот не падна само еден човек, туку падна човештвото во него. Адам не згреши како поединец, туку како корен; и кога коренот се отру, отровот потече низ сите гранки.

Гревот не беше само престап на заповед, туку прекин на заедницата. Човекот се отргна од Изворот на животот, и затоа животот во него почна да се суши. Така, смртта не дојде како казна за непослушноста, туку како природна последица на одвоеноста од Оној Кој е Живот по природа.

И немаше спас за човекот од самиот човек. Пророците пророкуваа, Законот поучуваше, жртви се принесуваа… но, раната остануваше. Човечката природа беше неповратно падната. И Кој ќе ја подигне таквата падната природа? Кој ќе ја победи смртта, кога сите беа под нејзина власт?

Затоа дојде Вториот Адам – Христос. Он го прими нашето тело за да ја исцели нашата природа. Влезе во истата борба во која падна првиот Адам – но остана  послушен до смрт. Пострада, за да го земе врз Себе бремето на гревот. Умре, за да влезе таму каде што човекот беше заробен. Но смртта, која ги држеше сите, не можеше да Го задржи Животодавецот. Како што темнината не може да ја проголта светлината, така ни распадливоста не можеше да Го задржи Нетлениот. Таа Го прими како човек и беше поразена од Него како Бог.

Христос Воскресна за да ја победи смртта одвнатре. Он не ја уништи како одмаздољубив, лут непријател, туку влезе во неа како Лекар во болница. Слезе во адот не како заробеник, туку како Цар. Со Својата душа ја осветли темнината, а со Своето тело ја разруши распадливоста. Смртта Го проголта како човек, но таа беше проголтана од Него како Бог.

Христос Воскресна  за да покаже дека гревот е победен, смртта е разоружана, и човекот повторно е повикан во заедница со Бога. Го врати човекот таму од каде што падна, но не само во изгубениот рај, туку во слава поголема – во живот вечен. Воскресението е одговорот на љубовта Божја кон трагедијата човечка. На Крстот најпрво се покажа таа љубов, а со Воскресението – конечно се запечати.

Возљубени чеда во Христа Животодавецот!

„Јас сум Воскресението и Животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11, 25). Со овие зборови Господ наш Исус Христос ја открива крајната вистина на човечкото постоење – дека животот не завршува со смртта, дека гробот не е последната станица, и дека ниту една темнина не е посилна од Неговата светлина.

Но, возљубени, токму во деновите кога се подготвуваме да ја примиме оваа радост, сведоци сме на страшна трагедија што го потресе нашето општество – трагедија во која мајка, притисната од тежината на животот, го одзеде својот и животот на своето дете. Да се посегне по својот живот, на своето дете, или по било чиј, е трагичен крик на душата која ја изгубила надежта. Овој болен настан, кој современиот јазик го именува како суицид и филицид, не смее да остане само вест што ќе ја заборавиме, туку треба да стане повик на будење за сите нас.

Оваа трагедија сведочи дека многу луѓе живеат во тишина на болка, во страв, во срам, во безизлезност, често оставени сами на себе. Таа нè потсетува дека семејното насилство, психичкиот товар и очајот не се само лични проблеми, туку рани на целото општество.

Секој човек претставува икона Божја. Секој човечки живот е свет, бесценет и неповторлив. Тој е Божји дар, и никој нема право да го уништи и одземи,  но исто така, никој не смее да биде оттурнат до таа бездна на очај каде што животот ќе изгледа како товар.

„Дојдете при Мене сите изморени и обременети, и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11, 28). Сведочејќи ги овие зборови на Воскреснатиот наш Господ, ние, Црквата Негова, на сите што страдаат, сите што трпат, но и на оние што се склони кон насилство, сите што се во очај, страв и срам, што мислат дека нема излез – ви велиме: не се затворајте во својата болка, другите – во својот гнев; не сте сами. Црквата е ваш дом. Христос Воскреснатиот е ваш Спасител. Вратата е отворена. Во молитвата има сила, во исповедта има ослободување и опростување, во заедницата има љубов што лекува.

Истовремено, ова е особено сериозен повик до надлежните институции, но и до секој член на општеството. Не смееме да дозволиме човечкиот живот да стане бројка во извештај, случај во архива или тема за краткотрајна расправа. Да не ги игнорираме знаците на страдање, да не ги премолчуваме случаите на насилство, да не дозволиме човек да биде оттурнат до работ на бездната.  Ова е повик за одговорност – сериозна, будна и навремена.

Да бидеме народ и Црква што прегрнува, што утешува, што љуби, што спасува.

Воскреснатиот Христос нека им даде сила и надеж на страдалниците и безнадежните, покајание и преумување на насилниците; и нека ги просветли умовите и срцата на сите нас, за да го чуваме и цениме дарот на животот.

Возљубени браќа и сестри во Христа Воскреснатиот!

Христос воскресе – и човекот повторно се роди за бесмртност! Во светот што често го заборава Бога, да бидеме живи сведоци дека гробот го нема последниот збор, дека гревот и смртта ја немаат веќе власта, и дека Љубовта – распната, но воскресната – царува во вековите.

Мирот на Воскреснатиот Христос, оној тивок поздрав: „Мир вам“, слезе врз нашите домови, врз нашите души и срца, и врз нашите немири.

Светлината на Празниот Гроб нека ја разбуди нашата заспана совест и нека ги осветли темните агли на нашите срца, нека ја растера секоја темнина во нашите души и во нашето општество.

Радоста на Воскресението да не згасне со оваа ноќ, туку да стане оган што постојано ќе гори во нашите срца, во сите денови од нашиот живот; и се пренесе во Вечноста, во Царството на Христос нашиот Бог и Спасител! Амин!Top of Form

Христос Воскресна! Навистина Воскресна!

Ваш постојанен молитвеник пред Христа Воскреснатиот,

Митрополит Преспанско-пелагониски

  † Петар

          Велигден, 2026