На 25.01.2026 година, во Триесет и третата недела по Педесетница (Недела по Богојавление), кога го празнуваме споменот Светата маченичка Татијана, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофорот Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светот Дух!
„Синот Човечки дојде да го побара и да го спаси загубеното.“
Браќа и сестри, го слушнавме денешното Свето Евангелие, кое е посветено на Неделата на Закхеј, цариникот, односно митникот. Оваа недела е особено значајна, зашто таа стои на самиот праг на подготвителниот период за Великиот пост, а истовремено е духовно поврзана и со празникот Богојавление.
Во тој контекст треба да ги разбереме празниците и целото спасително дело Божјо – јавувањето на Света Троица: Отецот, Синот и Светиот Дух на празникот Богојавление, кој во народот е познат како Водици. Зашто тогаш, на реката Јордан, Христос Спасителот се крсти од раката на Свети Јован Крстител.
Свети Јован самиот сведочи за Христа и вели дека не е достоен да Му ги одврзе ремчињата на Неговите обувки, и затоа не сакал да Го крсти. Но Христос Спасителот му вели:
„Остави сега, зашто така ни прилега да ја исполниме секоја правда.“
Свети Јован, пророкот и Крстителот, дојде да го најави и да го подготви јавувањето на Христос, нашиот Бог и Спасител. Неговото крштавање беше крштавање на покајание. А Христос, нашиот Спасител, дојде да крштава со Светиот Дух и со оган, да го обнови човекот и да му го врати изгубениот лик.
Христос дојде да ги исцели скршените по срце, да ги преврзе нивните рани, да ги ослободи заробените, да им даде светлина на оние што се во темнина и да им подари спасение на сите што со вера Му пристапуваат.
Зашто Христос не дојде во овој свет за да го осуди човекот, туку за да го спаси. Затоа и небесата се радуваат за еден грешник што ќе се покае, зашто човекот е создаден за живот, а не за умирање.
Без вистинско покајание нема спасение, браќа и сестри.
И во другите евангелски настани гледаме дека кога Господ исцелува болести, најнапред бара цврста и жива вера, вера дека Тој е вистински Бог и вистински Спасител.
Еден од оние што Го следеа Христа беше и еден човек по име Закхеј. Тој беше мал по раст и беше цариник. Во тоа време цариниците имаа висока положба, бидејќи го собираа данокот за Римската империја. Но многумина од нив неправедно го угнетуваа народот, земаа повеќе отколку што требаше и така се збогатуваа.
Империјата ги штитеше оние што без милост му го земаа и последниот залак на народот.
И Закхеј, кој долго време живеел во неправда, немал мир во својата душа. Совеста му се разбудила и посакала мир во срцето свое. Слушајќи дека Христос простува и исцелува, поверувал дека ако се покае и ако Му се приближи, може да добие прошка.
Но сметал дека не е достоен јавно да застане пред Христа. Затоа, бидејќи бил мал по раст, истрчал напред и се искачил на една смоква, сакајќи барем оддалеку да Го види Христа, нашиот Бог и Спасител.
Но Оној Кој ги гледа срцата и душите на луѓето, го виде и Закхеј скриен меѓу гранките. И Христос му вели:
„Закхеј, слези брзо, зашто денес треба да бидам во твојот дом.“
Господ не дојде кај него поради неговата праведност, туку поради неговата грешност – за да го спаси и преобрази.
Во домот на Закхеј се случува вистинско чудо. Тој јавно исповеда, не тајно, туку пред сите, и вели:
„Еве, половината од мојот имот им ја давам на сиромасите, и ако сум зел нешто неправедно од некого, четворократно ќе вратам.“
Гревот беше затајување и незаконско земање на она што не било спечалено со пот и труд. А покајанието не беше само враќање на неправедно земеното, туку и доброволна жртва од сопствениот имот.
Ова покајание, браќа и сестри, не е формално, не е покајание само со зборови, туку покајание на дело. Зашто гревот се лекува со спротивно добро дело.
Кога се бара прошка, таа мора да биде искрена. Бог е милостив и простува, но прошката не смее да се одложува. Да не велиме: „Ќе се покаам подоцна – по една недела, по еден месец, по една година“. Зашто многумина, чекајќи, ги затекнува ненадејна смрт.
Господ нè учи дека нема да ни се суди според нашите намери, туку според состојбата во која ќе нè затекне смртта. По смртта нема покајание.
Покајанието е возможно додека сме живи. По смртта следува личниот, привремен суд, а како што вели светиот апостол Павле:
„На човекот му е определено еднаш да умре, а потоа суд.“
Затоа не е случајно што Црквата Божја токму оваа недела ја определила како почеток на покајанието.
Неделата на Закхеј го отвора подготвителниот период пред Великиот пост. Таа ни покажува како треба да се подготвуваме. Нашето покајание најсилно се изразува токму во текот на Великиот пост, кога повторно ја проживуваме целата свештена историја – од Стариот до Новиот Завет.
Во древната Црква, сите што сакале да се крстат, морале да поминат низ Великиот пост. Тоа ни покажува дека покајанието е начин на живеење во Црквата, а не само збор или чувство.
Затоа и сите недели што следуваат – Неделата на Митарот и Фарисејот, Неделата на Блудниот син и другите – нè воведуваат постепено во духовниот и литургискиот живот на Црквата.
И денес, браќа и сестри, да се помолиме и ние да ги чуеме Христовите зборови упатени до Закхеј: „Денес дојде спасение во овој дом“, зашто Синот Човечки дојде да го побара и да го спаси загубеното. Амин!











