Сретение Господово – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Кирил и Методиј“, во Прилеп

На 15.02.2026 г., кога го празнувавме празникот Сретение Господово, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на Епископот Велички Никола, протоереј-ставрофорите Влатко Ристески Златко Костовски, Кирил Трајковски, Илчо Смилевски, протоерејот Емилијан Зелнички, протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски и ѓаконот Димитар Поп Атанасов, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј – Параклис“ во Прилеп.

На Светата Божествена Литургија,  верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

После Литургијата, беше одржано годишно Свештеничко собрание.

Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!

Со зборовите на праведниот Симеон Богопримецот – „Сега го отпушташ, Владико, Твојот слуга, според зборовите Твои“ – ја приведуваме оваа молитвена воведна мисла кон мир и тишина.

Денешниот ден е неделата која Црквата ја именува Месопусна, бидејќи од утрешниот ден започнува постепеното воздржување од месо, како вовед во подвигот на Великиот пост, кој ќе нè води кон Великиот и Свет ден на Воскресението Христово, при што оваа телесна воздржаност не е цел сама по себе, туку средство за духовно будење и трезвеност.

Во оваа недела го слушаме и воскресното евангелско четиво кое нè потсетува на крајот на светот и на Страшниот суд, каде што секој човек ќе застане пред лицето Божјо не со оправдувања, туку со својот живот, своите дела и својата љубов или рамнодушност кон ближниот.

Промислително, токму денес се совпаднува и големиот и спасоносен празник Сретение Господово, кој нè потсетува на настанот кога Пресветата Богородица, во четириесеттиот ден по раѓањето на Својот Син и наш Спасител Исус Христос, Го донела во храмот за да Го принесе на Бога, исполнувајќи го законот, но и откривајќи ја тајната на средбата меѓу Стариот и Новиот Завет.

Во ликот на праведниот Симеон Богопримецот ја гледаме целата човечка историја на очекување и надеж, зашто нему му било ветено од Бога дека нема да ја вкуси смртта сè додека не Го види Христос, Синот Божји, Кој како Богомладенец доаѓа да ја победи смртта и да му подари на светот вечен живот.

Затоа, во овој ден кога се соединуваат неделата Месопусна и празникот Сретение Господово, ние како свештенство во нашата епархија се стремиме да се собереме заедно и заеднички да го прославиме овој голем и спасителен празник, иако поради неделните обврски во своите парохии не сите можат да присуствуваат, туку доаѓаат оние кои во овој момент се послободни – архиерејските намесници и старешините на храмовите.

Ќе се задржиме и на двете евангелски четива кои денеска беа прочитани, возљубени браќа и сестри, а кои се однесуваат на оној велик и страшен ден што Апостолите и Светите Отци го именуваат како Ден на Судот, односно Денот на Страшниот Суд, ден кој никој нема да може да го избегне, зашто самиот наш Спасител, Господ Исус Христос, јасно ни сведочи дека тогаш, од сите краишта на светот, ќе бидат испратени ангелите Божји, кои ќе затрубат со своите труби, и Христос ќе се јави во слава и ќе седне на Својот престол како Праведен Судија на живите и мртвите.

Истиот Оној Христос, Кој првиот пат дојде во светот по тело, смирено и тивко, како Богомладенец, роден во пештера и положен во јасли, Кој поживеа меѓу луѓето, Кој им ја проповедаше Светата Православна Вера во Троичниот Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух, Кој исцелуваше секакви болести и немоќи, Кој твореше чуда за спасение на човечкиот род и Кој дури и мртви воскреснуваше, истиот Тој Христос, заради нас и заради нашето спасение, доброволно се предаде на страдање.

Он беше тепан, шамаран и плукан по лицето, беше крунисан со трнов венец, беше неправедно осуден т.е. осуден со најстрашната смртна казна во тоа време – распнување на Крст, Крст кој Самиот го носеше кон Голгота, паѓајќи под тежината на товарот, сè додека на него не беше распнат.

Од Крстот, во последните моменти од Својот земен живот, Христос ја повика Пресветата Своја Мајка и, покажувајќи кон Својот возљубен ученик и богослов Јован, рече: „Еве ти син“, а потоа нему му рече: „Еве ти мајка“, по што Светиот апостол и евангелист Јован ја зеде Пресветата Богородица кај себе и се грижеше за неа до крајот на нејзиниот земен живот.

Христос умре на Крстот, ја пролеа Својата Света и животворна Крв, преку која Бог го спаси човечкиот род, и со Својата смрт ја уништи смртта, воскреснувајќи во третиот ден, а по Своето Воскресение им се јавуваше на Апостолите, ги утврдуваше во верата и ги испрати по целиот свет да го проповедаат Словото Божјо, велејќи им: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, и учете ги да пазат сè што сум ви заповедал“.

Потоа, по Своето славно Воскресение, Христос, нашиот Спасител, во четириесеттиот ден, пред очите на Своите Апостоли, на Пресветата Мајка Божја и на присутниот народ, се вознесе на Небесата со Своето свето и прославено Тело, со што не само што ја вознесе Својата човечка природа, туку и нашата човечка природа ја воздигна и ја постави оддесно на Бога Отецот, отворајќи ни го патот кон небесното достоинство и вечниот живот.

И кога Христос се вознесуваше на Небесата, ангелите Божји им говореа на Апостолите со зборовите: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој се вознесе од вас на небото, ќе дојде пак на ист начин како што Го видовте да се вознесува“, со што уште тогаш јасно беше откриено дека Неговото повторно доаѓање ќе биде неизбежно и сигурно.

Зашто Христос Спасителот, Кој првиот пат дојде во светот како смирен Слуга и Спасител, вториот пат ќе дојде во слава и моќ, не како Богомладенец, туку како Праведен Судија, за да им суди на живите и на мртвите и секому да му возврати според неговите дела.

Токму за тоа второ и страшно Негово доаѓање ни говори и денешното Свето Евангелие, во кое Христос јасно им порачува на луѓето дека оние кои не ги нахраниле гладните, не ги напоиле жедните, не ги облекле голите, не ги посетиле болните и затворениците, нема да го наследат Царството Небесно.

И кога тие ќе прашаат: „Господи, кога Те видовме гладен и не Те нахранивме, кога Те видовме жеден и не Те напоивме, кога Те видовме гол и не Те облековме, кога Те видовме болен или во затвор и не Те посетивме?“, Христос ќе им одговори со страшните и потресни зборови: „Вистина ви велам, кога тоа не го направивте на еден од овие најмали браќа Мои, ни Мене не Ми го направивте“.

Но, на оние кои со љубов и милосрдие ги нахраниле гладните, ги напоиле жедните, ги облекле необлечените и босите, ги посетиле болните во болниците и затворениците во затворите, Христос ќе им рече: „Дојдете, благословени од Мојот Отец, наследете го Царството кое ви е приготвено од создавањето на светот“.

Ете, возљубени браќа и сестри, токму за ова ни говори и денешното Свето Евангелие, а истовремено токму во ова се открива и длабоката суштина на празникот Сретение Господово, за кој денес спомнавме, празникот во кој праведниот Симеон Богопримецот, еден од оние седумдесетмина старци кои го преведувале Светото Писмо од еврејски на грчки јазик, во преводот познат како Септуагинта, станува жив сведок на исполнувањето на старозаветните пророштва.

Имено, кога праведниот Симеон дошол да го преведува стихот од пророкот Исаија во кој се вели дека „Девојка ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го даде името Емануил“, што значи „Со нас е Бог“, тој во својата човечка логика се посомневал како е можно девојка да роди, па сакал да го измени зборот и наместо „девојка“ да напише „жена“, но во тој миг ангел Божји ја задржал неговата рака и му било објавено дека нема да ја вкуси смртта сè додека со свои очи не Го види Христа Господа.

И токму на овој празник, кога Пресветата Богородица, по исполнувањето на законот, Го донела Богомладенецот во храмот и Му Го предала во прегратките на праведниот Симеон, тој Го зел Христос Спасителот во своите раце и пророчки изговорил дека Овој Младенец е поставен за пад и за воскресение на многумина, и дека против Него ќе се говори и ќе се крева отпор.

Истовремено, обраќајќи ѝ се на Пресветата Мајка Божја, праведниот Симеон ѝ прорекол: „И тебе самата меч ќе ти ја прободе душата“, укажувајќи на страдањата што ќе ги претрпи нејзиниот Син и на распнувањето Христово, зашто нема поголема болка за една мајка од тоа да гледа како нејзиното чедо неправедно страда и умира.

Откако се исполнило ветувањето Божјо и откако праведниот Симеон со свои очи Го видел Спасителот на светот, тој ги изговорил оние длабоко трогателни и молитвени зборови: „Сега го отпушташ, Владико, Твојот слуга, според зборовите Твои, зашто моите очи го видоа Твоето спасение, кое си го приготвил пред лицето на сите народи, светлина за просветување на незнабошците и слава на Твојот народ Израил“.

Ете, браќа и сестри, тоа е празникот Сретение Господово, тоа е неговата длабока духовна суштина и тоа е значењето на овој свет ден, на кој денеска сите ние се собравме, за да Го сретнеме Христа не само во храмот, туку и во нашите срца, подготвувајќи се со вера, покајание и љубов за Неговото второ и славно доаѓање.

Тука, возљубени браќа и сестри, денеска сме се собрале за да го прославиме големиот и спасоносен празник – празникот Сретение Господово, поради што и свештениците, заедно со својот архијереј, со Владиката, и заедно со вас, верниот народ, се среќаваме во храмот Божји, но треба да знаеме дека суштината на ова собирање не е само нашата меѓусебна средба, туку пред сè и над сè нашата средба со Христа, нашиот Бог и Спасител.

 

А каква треба да биде таа вистинска и спасоносна средба со Христа, браќа и сестри, ако не онаа во која човекот го отвора своето срце, за Христос Спасителот да влезе во него, зашто Тој постојано стои пред вратата на нашето срце и тропа, очекувајќи од нас слободно и љубовно да Му ја отвориме вратата, а од нас зависи дали ќе Го примиме или ќе Го отфрлиме.

Зашто, за жал, многупати во нашиот живот постапуваме слично на гадаринците, кои откако Христос направи големо чудо и ги изгони легионите нечисти духови од еден бесомачен човек, наместо да Му заблагодарат на Бога за спасението на човекот, повеќе се загрижија за загубата на своите свињи и за својата материјална корист, па Му рекоа на Христа: „Оди си од нашите краишта“, ставајќи го богатството и среброљубието над човечкото спасение.

Наспроти нив стојат Самаријаните, кои откако жената Самаријанка им посведочи дека го сретнала Спасителот, Го примија Христа и Го поканија да остане меѓу нив, покажувајќи дека срцето кое е отворено за вистината, без оглед на потеклото и минатото, станува место на Божјото присуство.

И зарем и ние, браќа и сестри, со нашите грешни постапки, со нашите навики, со нашите тешки и смртни гревови, многупати не Му велиме на Христа: „Оди си од нас, Господи“, не со зборови, туку со начинот на живот, со рамнодушноста и со отфрлањето на Неговите заповеди?

Но поинаков беше односот на светите апостоли, кои иако се сметаа себеси за грешни, никогаш не Го отфрлија Христа од гордост или од љубов кон богатството, туку од длабока свест за сопствената недостојност, како светиот апостол Петар, кој по чудесниот улов на риби Му рече на Господа: „Излези од мене, зашто сум човек грешен“, не заради среброљубие, туку од смирение и од чувство на сопствената немоќ пред светоста Божја.

И затоа, браќа и сестри, треба накратко да кажеме збор и за нашата заедничка одговорност – за улогата на епископите, архијереите и свештениците, но исто така и за улогата на вас, верниот народ, зашто сите заедно го сочинуваме Телото Христово.

Зашто Црквата Божја, како што нè поучуваат светите отци, а особено свети Игнатиј Богоносец, не е зграда од камен, туку собранието на Божјиот народ – православните христијани, свештенството и монаштвото, собрани околу својот епископ на светата Божествена Литургија, и токму таму, во тоа евхаристиско собрание, се открива и се живее вистинската и жива Црква Христова.

И токму според оваа жива Црква, според верниот народ, свештенството и монаштвото собрани околу својот архијереј, ние ја препознаваме и ја исповедаме Црквата како живо тело, во кое Христос е Глава, а сите ние сме повикани да бидеме живи и одговорни членови.

Затоа и овој материјален храм, изграден со човечки раце, во кој денеска се собираме, не е нешто што сами сме го измислиле или создале, туку е дар што го примивме од Црквата, зашто храмот постои заради Црквата, а не Црквата заради храмот.

 

И што значи тоа, браќа и сестри, ако не јасното и недвосмислено сведоштво дека спасението на човечкиот род не постои надвор од Црквата, не постои надвор од светата православна вера и не постои без учество во светата Божествена Литургија, во која се повторува и се живее целокупната историја на нашето спасение, започната и остварена од Христа, нашиот Бог и Спасител, Јагнето Божјо, Кое се принесува за животот на светот.

И зарем не се повторува целата света црковна историја во Божествената Литургија, кога уште од проскомидијата се спомнува создавањето на светот, животот и домостројот на Христа Спасителот, Пресветата Богородица, кога Агнецот Божјо се вади и се принесува, кога оддесно од Него се поставува Пресветата Богородица, а одлево честичките во чест на светите Ангели, на свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, на светите Апостоли, Пророците и на сите Светии, но и честичките за живите – почнувајќи од архијерејот, епископот на Црквата, свештенослужителите и целиот верен народ, како и за оние што се преселиле од овој свет, зашто Црквата не ја сочинуваме само ние земните, туку уште повеќе и небесните браќа и сестри, кои живеат во вечноста.

И затоа, браќа и сестри, ние сме должни да се трудиме да живееме правилно и црковно, зашто спасение нема без Божествената Литургија, спасение нема без Божествената Литургија и спасение нема без Божествената Литургија.

Зашто токму на Божествената Литургија се случува најголемото чудо – тајната на светата Евхаристија, кога по силата на Светиот Дух благословениот леб се претвора во вистинското Тело Христово, а благословеното вино во Неговата чесна и животворна Крв, и не поради светоста или грешноста на свештеникот, туку поради Божјата благодат и ветувањето Христово, зашто не свештениците го претвораат лебот и виното, туку Бог е Оној Кој ја држи Црквата во Своите раце, зашто Главата на Црквата е Христос Спасителот, а Црквата е Неговото Тело, кое се изедначува со Телото и Крвта Христови, односно со светата Причест.

И затоа светите отци нè поучуваат дека додека постои благочестиво свештенство и благочестиви архиереи, ќе постои и светот, а кога тоа ќе исчезне, тогаш и светот ќе исчезне, зашто знаеме дека имало цркви кои некогаш биле славни, а подоцна станале духовно мртви, како што сведочи и примерот со црквата во Сард, за која Господ преку ангелот вели: „Иако си жив по име, знам дека си мртов“, укажувајќи дека и архиереи, и свештеници, и верници можат духовно да умрат ако не живеат според учењето на светата Црква.

Истото предупредување се однесува и на Лаодикиската црква, каде што без покајание нема влез во Царството Небесно.

Затоа, браќа и сестри, владиката не е полицаец кој треба да гони и казнува, туку е повикан со својот живот да биде пример за свештенството, а свештенството со својот живот да биде пример за верниот народ, зашто спасението нема да дојде ако не живееме согласно со Светото Писмо, Светото Предание, учењето на светите отци и одлуките на вселенските и помесните собори, бидејќи спасението доаѓа од Христа, нашиот Бог и Спасител.

И затоа ве молам, браќа и сестри, не судете брзоплето, но и не премолчувајте кога ќе видите отстапување од вистината, зашто ако јас, како архиереј, со моето учење, проповед или живот не живеам согласно со учењето на Црквата, ваша должност е со љубов да ми укажете дека грешам, а моја должност е да се покајам, зашто без покајание нема место во Црквата.

Зашто измамата не доаѓа од Бога, туку од сатаната, како што и Адам и Ева не згрешија затоа што беа прашани од Бога, туку затоа што не сакаа да се покајат, туку ја префрлија вината еден на друг, и затоа го изгубија рајот, сè додека Христос Спасителот не слезе во адот и преку Крстот и Воскресението не ги ослободи од гревот и смртта. Амин!