Од Епархиското собрание на Македонската Православна Црква, Епархија за Австралија и Нов Зеланд
Под претседателство на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, на 12.01.2026 г., во 12.00 часот напладне, се одржа Епархиско собрание (ЕС) на Македонската Православна Црква, Епархија за Австралија и Нов Зеланд (МПЦЕАНЗ) во просториите на манастирот Свети Прохор Пчински во Донибрук.
Седницата на ЕС започна по отслужената Божествена Златоустова Литургија и одржаниот Молебен со призив на Светиот Дух, во манастирскиот храм Свети Прохор Пчински во Донибрук.
Во својата вдахновена проповед, на Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, се обрати до учесниците на Собранието укажувајќи им дека тие како претставници на Црковните општини (ЦО-и), манастири и парохии, се повикани да донесат одлуки, ставови, резолуции и заклучови, благопријатни и душеполезни решенија, кои ќе бидат за доброто на верниците во целата Епархија и пошироко.
На Собранието присуствуваа 32 делегати од вкупно поканети 41, од 14 црковни општини. Откако беше утврден кворум за работа, претседателот на Епархиското собрание, Митрополитот г. Петар, официјално го прогласи Епархиското собрание за отворено и беше усвоен предложениот Дневен ред.
Собранието го ислуша Извештајот на Надлежниот Архиереј за 2024–2025 година, кој се однесуваше за работата на Митрополитот, телата и органите на Епархијата.
Извештајот беше усвоен, без коментар и дискусија и едногласно прифатен од страна на присутните членови. Исто така, беа прифатени и потврдени сите досега донесени Одлуки од минатите Епархиските собранија, кои остануваат во сила.
На собранието беа извршени избори на нови членови на телата и органите на Епархијата и тоа:
Членови на ЕУО:
1.Митрополит Петар, Претседател, (по функција),
2.Г-дин Марјанчо Колески, потпретседател, (по избор),
3.Протоереј – ставрофор Љупчо Каревски, секретар, (по функција),
4.Протоереј – ставрофор Тоне Гулев, благајник, (по функција),
5.Протоереј – ставрофор Јовица Симоновски, претставник на Манастирите, (по функција),
6.Протоереј Трајко Мојсов, член, (по избор),
7.Г-дин Пеце Јовевски, член (по избор),
8.Г-дин Мартин Мрмачовски, член (по избор).
Заменици:
1. Ереј Александар Николовски, (по избор),
2. Протоереј Мирко Пешовски, (по избор),
3. Г-дин Крсте Даскаловски, (по избор),
4. Ѓакон Мајкл Павлевски, (по избор),
5. Г-ѓа Марија Банабакис, (по избор).
Членови на АЦНС:
1.Митрополит Петар, (по функција, или неговиот заменик);
2.Г-дин Марјанчо Колески (по функција, потпретседател на ЕУО);
3.Протоереј – ставрофор Љупчо Каревски, (секретар во ЕУО по функција);
4.Протоереј – ставрофор Тоне Гулев, (по избор);
5.Г-ѓа Марија Банабакис, (по избор);
6.Г-дин Мартин Мрмачовски, (по избор);
Заменици на членовите на АЦНС:
1.Протоереј – ставрофор Јовица Симоновски,
2.Ѓакон Мајкл Павлевски,
3.Г-дин Пецо Лековски,
4.Веле Ѓорѓиевски.
Членови на Црковно-просветен совет:
1.Митрополит Петар,
2.Протоереј – ставрофор Љупчо Каревски, (секретар)
3.Протоереј – ставрофор Тоне Гулев, (по избор)
4.Протоереј Мирко Пешовски, (по избор)
Митрополитот Петар посвети особено внимание на значењето на Траст Корпорацијата на Епархијата, која е основана со цел: заштита и правилно управување со црковниот имот, во интерес на Црквата и верниците. Митрополитот нагласи дека имотот на Епархијата, црквите и манастирите, пред сè е Божји имот, и дека со него мора да се постапува одговорно, согласно со Св. Канони, Уставот на МПЦ-ОА и прописите што од него произлегуваат. За жал, се констатира во минатото дека се направени огромни материјални штети на Епархијата и на МПЦ-ОА во целина, со злоупотребата на имотите, како и отуѓувањето и продавањето и на цркви и на црковни имоти, кои биле организирани уште од почетокот за мисија на Црквата, како што е случајот со црквите: Свети Димитриј во Квинбијан, која што им ја зеле Грците на нашите Македонци, што ја изградиле; црквата Свети Наум во Њу Кастел во 1962 година, што им ја зела расколничката Дионисиева т.н. Слободна Српска Православна Црква; црквата Свети Кирил и Методиј на Хај Стрит во Мелбурн, која преку судска расправа, во времето на Митрополитот Тимотеј ја зела Бугарската Правоскавна Црква; градежното земјиште на ЦО Успение на Пресвета Богородица во Сент Албанс, што го продала управата на црквата; имотот за манастир на црквата Рождество на Пресвета Богородица во Њу Фарм, во Бризбен, што пред извесно време го продала Црковната управа; имотите на црквата Света Петка Рокдаел: Детската градинка и 6-те станови, што ги продала Управата на Црквата, а сега се води судска расправа помеѓу Црковната Управа и Игор Александров, кој наводно од неговата Команија (Православна заедница) им позајмил $80.000, за судскиот спор што го водеше МПЦЕАНЗ со Инкорпорираната црква Света Петка Рокдаел, за најверојатно со камати да му исплатат можеби околу $500.000, кој исто така ги обвинува како одговорни за продажбата на Детската градинка и 6-те станови на црквата Св. Петка.
На Собранието се донесе едногласна одлука, секоја Црква, Парохија и Манастир, да го префрли имотот во Траст (доверителство) на Корпорацијата на МПЦЕАНЗ, со цел заштита на имотот од непредвидени судски постапки и злоупотреби.
Во врска, пак, со пласираните лаги, измислици, невистини во изминатиот период, сè до ден денес, дека Митрополитот Петар, дошол во Австралија со цел да ги присвојува црквите, манастирите и црковните имоти, тој категорично изјави дека куќата (резиденцијата) во која престојува, а која и со Одлука на САС на МПЦ, му беше доделена како надомест за повеќе од 8 години непримени лични средства (плата), доброволно да ја предаде на Епархијата и истата да биде префрлена во Траст на Корпорацијата.
Додека, пак, преостанатите лични средства, додека бил Епархиски Архиереј, да бидат внесени во фондација (во Корпорацијата), која ќе се формира за потребите на кадри, кои ќе се образуваат во Богословијата и на факултети, за потребите на оваа Епархија, но кадри кои се исклучиво од и за оваа Епархија. Овој предлог беше ставен на гласање и едногласно прифатен.
По завршување на гласањето, Митрополитот Петар им се обрати на присутните со порака дека тој не е дојден да ги одзема имотите, туку да ги заштити, за тие да бидат на Црквата. Притоа исто така истакна дека монасите (значи и Архиереите), ги прифатиле заветите: безбрачност, сиромаштво и послушност кон Црквата, целосно посветувајќи се во служба на Бога и Црквата.
Епархиското собрание едногласно ги разгледа и усвои Извештаите за донесените измени и дополнувања на Статутот на МПЦЕАНЗ и на Еднообразните правилници на МПЦО-и во МПЦЕАНЗ; Извештаите на ЦО-и за материјално-финансиското работење во изминатата година, како и Извештајот на Епархијата (МПЦЕАНЗ).
Потоа, Епархиското собрание едногласно ги усвои донесените Одлуки на САС на МПЦ-ОА и на Епархиското собрание, кои се од витално значење на МПЦЕАНЗ:
Одлука САС бр. 142 од 05.10.2015, која е во сила, а се однесува на Црквата Св. Димитриј – Вулонгонг, за неисплатен долг кон МПЦЕАНЗ, донесена едногласно од страна на САС во полн состав, при разграничување на Црковните општини во Епархиите во Австралија, беше утврден долг во износ од $92,000, со рок за враќање од 6 месеци. Бидејќи не беше вратен, а црквата и понатаму дејствува како дел од Австралиско-сиднејската епархија, Епархиското собрание едногласно бара долгот со камата да биде вратен во целост, во спротивно, црквата треба да премине во состав на МПЦЕАНЗ, како и обврските за извршени треби кон МПЦЕАНЗ до денот на исплаќањето на долгот.
Епархиското собрание бара сите Одлуки кои се донесени, од страна на САС на МПЦ и АЦНС, во врска со новата Епархија, Австралиско-сиднејска, кои се извршни, да се спроведат на дело, во рок од 3 месеци, по нивното излагање на САС, во пленарен состав и доставување.
Исто така, ЕС бара црковните одборници, при црквата Св. Петка Рокдаел, наплатите од извршените треби (крштевки, венчавки и погреби) од денот кога насилно е одземена црквата од МПЦЕАНЗ и приклучена кон Австралиско сиднејската Епархија, па сѐ до денот на нејзиното враќање во состав на МПЦЕАНЗ, да ги надоместат со камати, црквата или Австралиско-сиднејската Епархија.
САС на МПЦ-ОА на ден 07/02/2013, донесе Одлука бр. 14, со која МПЦО Св. Петка – Рокдаел, беше ставена во состав на МПЦЕАНЗ, бидејќи Врховниот суд на НЈВ донел пресуда дека црквата Св. Петка – Рокдаел, со имотот е во Траст на МПЦ-ОА, преку МПЦЕАНЗ, како составен дел на МПЦ-ОА. Оваа Одлука на САС е во сила и треба неодложно да се спроведе.
МПЦО Св. Илија – Силванија и МПЦ Св. Троица – Сатерланд, се обединуваат во една (заедничка) Црковна општина (ЦО), која ќе функционира со две парохии. Заради нивното нормално функционирање, секоја од црковните општини ќе бидат независни, односно ќе имаат свој буџет, како и досега, ќе има своја регистрација пред Департментот за добротворни организации, а и понатаму ќе функционираат со посебни банкарски и сметководствени сметки.
Поради прекршување и непочитување на Актот (Став) на САС на МПЦ-ОА бр. 164 од 2015 г., којшто се однесува за отстранување на расчиниетите свештеници на МПЦ-ОА, беше истакнато дека сите расчиниетите свештеници и свештено-монашки лица, кои не се жалеле на Пресудите од првостепените (Епархиските црковни судови), како и црковните обвинители, кои не ги обжалиле Пресудите пред Апелациониот суд, тогаш пресудите се правосилни, и за нив важи латинската девиза, res judicata, пресудена работа, и таа не може да биде предмет на помилување.
Епархиското собрание бара САС да донесе одлука со која сите расчиниети лица да бидат третирани исклучиво како мирски лица, а екскомуницираните мирски лица: Ицо Најдовски и Игор Аврамовски, само како неверници, и ним да не им се дозволува прием и комуникација со Архиереите и свештените лица на МПЦ-ОА.
Исто така, Епархиското собрание бара САС на МПЦ-ОА, целосно да ги спроведе своите донесени Одлуки и Ставови за извршените треби од расчиниетите свештеници, кои се невалидни, при што се дава рок од 6 месеци за верниците да се обратат кај легитимните свештеници, за повторно извршување на требите, но со соодветна такса, согласно таксеникот за треби.
Епархиското собрание се заврши со молитвата: „Тебе Бога хвалим“, благодарејќи Му на Бога за Неговата помош, благослов и за сѐ што беше остварено за доброто на Црквата.
Од канцеларијата на ЕУО на МПЦЕАНЗ



