На 01.06.2025 година, во Седмата недела по Пасха (Недела на Светите Отци на Првиот Вселенски Собор), Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Навистина, Бог, Кој е во правда, го испрати Својот Единороден Син, браќа и сестри, Христос – нашиот Бог и Спасител.
Пред да пострада, Христос се молеше во Гетсиманската градина, молејќи чашата на страдањето да го одмине, бидејќи, иако Син Божји и предвечен од Отецот, стана човек во сè еднаков на нас луѓето по природа, освен во гревот. Заради љубовта кон човечкиот род, Отецот Го испрати Својот Единороден Син, Господ наш Исус Христос, да дојде во овој свет. Зашто, веруваме во Светото Писмо, како што ни е објавено.
Оваа тајна ја изразил и Свети Андреј Рубљов во XIV век во својата икона на Света Троица – Три Ангели седнати на трпеза, кои со своите положби ги изразуваат Отецот, Синот и Светиот Дух. Во средината е Синот, Ангелот што ја претставува најголемата Тајна – Тајната на Сите Тајни: Причесната, Телото и Крвта Христови.
Кога зборуваме за Путирот – за Телото и Крвта Христови – зборуваме за она поради што Христос дојде во светот: за спасение на човечкиот род. Тоа не беше возможно поинаку, освен ако доброволно не прифати да пострада. Да биде неправедно осуден, да ја пролее Својата Света Крв – тоа е делото на нашето спасение.
Црквата Божја, браќа и сестри, не е ништо друго освен Божја заедница – народот Божји собран во храмот, како што сте вие денес. Но не се сите што протестираат надвор од храмот – ни пред резиденцијата на Блаженејшиот во Охрид, ни во Скопје – дел од таа заедница. Тие велат дека имаат старец. Па каде е тој старец, зошто не застанува со нив? Ако е вистински пастир, нека се покаже! Но бидејќи е лажен пастир, крадец на души, затоа се крие.
Секоја душа на православен верник припаѓа на заедницата наречена парохија, предводена од својот парохиски свештеник. Таа е првата црковна заедница. А најмалата заедница е домашната Црква – семејството, со таткото како глава, заедно со мајката и децата. Сите парохии, пак, собрани околу својот епископ, ја сочинуваат целата Црква. Зашто полнотата на Црквата се изразува преку епископот.
Не преку викарни епископи, кои се помошници на надлежниот архиереј. Не преку самонаречени старци кои шират духовна заблуда. Ги собираат околу себе луѓето како гуруа и создаваат култ, а тоа не е од Духот Божји.
Немаме право да молчиме! Погледнете што зборуваат по социјалните мрежи! Протестираат и се обидуваат да го рушат црковниот поредок. Сакаа и тука, во петок, да направат „собор“. Благодарение на вашата верност, тоа не успеа. Тие што се собираат таму, се главно луѓе некогаш зависни – од дрога, алкохол – кои биле заведени, а сега се заробени со нова зависност: духовна заблуда.
Ниту еден духовник од манастир нема право да собира верници околу себе и да се претставува како нивен пастир. Тој може да биде духовник само на монасите или монахињите од својот манастир, според уставот на Црквата и каноните. Сè друго е заблуда и кражба на туѓи души.
Ако тие „духовници“ навистина имаат духовни чеда, нека дојдат со своето братство, нека ги покажат. Но тие немаат. И сега дури сакаат да изберат свој владика. Тоа не е нивно право. Во Православната Црква епископи избира Синодот, а за архиепископ – тоа е посебно тело со свештени лица и мирјани.
Никој не може да ја узурпира Црквата. Главата на Црквата е Христос! Не Папата во Рим, не Патријархот во Цариград, не епископот Петар, не било кој друг. Христос е Главата на Црквата. А ние, ако личиме на Него, ако сме верни, тогаш сме Негови служители.
Без Светата Причест, без Телото и Крвта Христови, нема Црква. Кога се причестуваме, ако сме се подготвиле – со покајание и простување – тогаш навистина сме во заедница со Христа.
Ако некој се смета за најголем, најсвет, а притоа гордо се издига – тој е лажен пастир. Вистинскиот пастир оди пред овците, и тие го следат. А тие што сега кружат низ Охрид, Скопје и на други места, се како овци без пастир – заведени и изгубени.
Ако некој сака да биде излажан, ќе биде. И ќе заврши како Јуда, кој го предаде Христа, па се покаја, но не се спаси. Тоа е трагичен крај.
Во такви времиња, апостолите собирале собори. На Првиот Вселенски Собор, чие споменување денес го празнуваме, 318 Свети Отци го осудија лажното учење на Ариј, кој тврдеше дека Христос не е еднаков со Отецот. Но ние веруваме: „Јас и Отецот едно сме“, како што рекол Христос. Исто се Отецот, Синот и Светиот Дух по Божество.
Света Троица – Отецот создава преку Синот во содејство со Светиот Дух. И човекот е создаден по Божјиот образ – со ум, разум и волја – и според подобие, т.е. можноста да се усовршува според Божјото совршенство.
Не можеме да бидеме Богови по суштина, но можеме да бидеме обожени по благодат. Благодатта Божја ја добиваме преку Светите Тајни: од Крштението до Причеста, која е врвната Света Тајна.
Затоа нека не нè залажуваат! И нека не ја заменуваат Причеста со нафора. Нафората е благословен леб, но не е Причест. Таа не може да ја замени Телото и Крвта Христови!
Исто така, да внимаваме на лажните собори, како оној што го осуди Свети Јован Златоуст по наредба на царицата Евдокија. Тој бил прогонет, но Црквата го прослави како светител. Неговата литургија ја служиме речиси секој ден. Тоа е доказ на вистината!
Догмите на нашата вера се содржани во Символот на верата. И ништо не може да се додаде или одземе од него. Ако некој проповеда поинаку од тоа што било решено на Вселенските или Поместните Собори – нека биде анатема.
Верата не е дадена на поединци, туку на Црквата, соборно. Да ја чуваме така како што ни е предадена. Амин!